Соопштенија
PRMportret
Честитка по повод Денот на наставата на турски јазик - 21 декември
Понеделник, 21 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми до сите претставници на турската заедница во Република Македонија да упатам срдечни честитки по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик.

Честитајќи ви го денешниот празник, сакам да го истакнам значењето на образувањето на мајчиниот јазик, кое е важно во негувањето на основните обележја на еден народ. Тоа го јакне и го зачувува националниот и културен идентитет, овозможувајќи им на нашите сограѓани да ги негуваат своите културни и верски традиции. Република Македонија претставува раскошен мозаик во кој живеат различни народи кои зборуваат на различни јазици и живеат различни култури. Живееме заедно, градејќи заедничка иднина на соживот, еднаквост и почит.

Во оваа пригода би сакал да истакнам дека високо го цениме придонесот кој турската заедница го дава за развојот на земјава. Несомнено најдобрите амбасадори се токму луѓето кои години наназад живеат и работат како лојални граѓани на Република Македонија. Турската заедница е значаен дел од македонското мултиетничко општество кое се темели на доверба и заедништво. Република Македонија гледа голем пријател и сојузник во Република Турција. Отворената и постојана политичка поддршка меѓу двете земји влијае на развојот на добрите културни и економски односи. Затоа сведочат голем број реализирани проекти и инвестиции во различни области.

Честитајќи ви го одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, сакам да ви порачам дека заеднички ќе продолжиме да придонесуваме во продлабочувањето на добрите односи меѓу двете пријателски земји, градејќи просперитетна иднина за сите граѓани на Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

sostanok_upravuvacki_komitet
Состанок со членовите на Управувачкиот комитет
Сабота, 19 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа состанок со членовите на Управувачкиот комитет, тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи, и со припадници на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, во врска со справувањето со бегалската и мигрантската криза.

Состанокот се одржа со цел претседателот Иванов да ги запознае членовите на комитетот за неодамнешната средба со претседателот на Европскиот совет г. Доналд Туск, комесарот за проширување г. Јоханес Хан, извршниот директор на Фронтекс г. Фабрис Легери и со претседателот на Република Србија г. Томислав Николиќ, на која беа разменети информации за моменталните состојби, за нашите предлози и за мерките и активностите на ЕУ за менаџирање на мигрантската и бегалската криза.

Претседателот Иванов искажа задоволство од одговорниот пристап кон кризата од страна на претседателот Туск, како и задоволство што предлозите, кои се однесуваат на намалување на безбедносните ризици кои македонскиот претседател ги изнесе на состанокот, беа прифатени и влегоа во заклучоците на Европскиот совет, со акцент на помош од ЕУ за Република Македонија во вршење на регистрација на мигрантите и бегалците, во согласност со стандардите на Европската унија.

Претседателот Иванов побара од Управувачкиот комитет и од сите вклучени институции во справувањето со мигрантската и бегалската криза, и понатаму со максимална посветеност да продолжат со своите мерки и активности, со цел заштита на државната граница, контрола врз мигрантите и намалување на безбедносните ризици за обезбедување и остварување на сигурноста на граѓаните на Република Македонија и нивниот имот.
sostanok_upravuvacki_komitet_1

BiH
Средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, г. Драган Мектиќ
Вторник, 15 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, г. Драган Мектиќ.

Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на билатералната соработка во сферата на безбедноста, бегалската и мигрантската криза, како и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот.

Двајцата соговорници изразија целосна подготвеност за тесна соработка во борбата против терористичките закани и борбата против сите форми на организирани криминални активности.

Посочувајќи дека странските борци ја користат балканската бегалска рута, претседателот Иванов и министерот Мектиќ, укажаа на потребата од поинтензивна регионална соработка и воспоставување на подобра комуникација и координација меѓу безбедносните служби во регионот.

На средбата беа разменети мислења и за соработката, размена на искуства и заеднички настап пред меѓународните организации, со цел имплементација на мерките за де-радикализација и контра-радикализација.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Св. Климент Охридски
Вторник, 08 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архиjерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник посветен на свети Климент Охридски.

Свети Климент е основоположник на Охридската книжевна школа, чии ученици станаа учители на словенскиот свет. Од тогаш, па сè до денес, неговото дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Просветлувајќи нè, тој ни даде голема творечка и духовна слобода и ни остави богато духовно и културно наследство со кое ретко кој народ може да се пофали.

Учејќи нè на универзалните вредности и принципи на солидарност и хуманост, св. Климент нè повикува „да се обновиме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани".

Наредната 2016-та година треба да мине во знакот на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски. Сеќавајќи се на нашиот голем народен светител и учител, треба да останеме достојни на неговото наследство. А тоа ќе го постигнеме ако, во сè што правиме се престигнуваме во добрина.

Како чувар на споменот и наследството на св. Климент Охридски, Македонската православна црква - Охридска архиепископија има постојана задача да биде глас на мирот и добрата мисла, утехата и надежта во Република Македонија.

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

PRMHanuka
Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Ханука
Недела, 06 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејски празник Ханука, упати честитка до г-ѓа Берта Романо Николиќ, Претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам претстојниот празник Ханука.

На овој голем еврејски празник ви посакувам светлината на Ханука, која ја симболизира слободата и посветеноста кон верата, да ви донесе мир и благосостојба и да биде поттик за натамошен напредок и разбирање.

Во деновите на празникот на светлината, одбележувајќи го триумфот над насилството и поробувањето, се присетуваме на важноста на Еврејската заедница во земјава, која е длабоко вкоренета во македонската историја, традиција и култура. Евреите се неразделив дел од македонскиот модел за соживот делејќи ја судбината на македонскиот народ, придонесувајќи кон севкупниот живот во Македонија.

Честитајќи го празникот Ханука ви посакувам радост во вашите домови и пријатни празнични денови.

„Хаг Ханука Самеах".

д-р Ѓорге Иванов

HAMACHEK_1
Средба со претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, г. Јан Хамачек
Петок, 04 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, г. Јан Хамачек, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете држави, за надворешно – политичките приоритети на Република Македонија, како и за актуелните случувања во регионот и Европа во однос на мигрантската и бегалската криза и новонастанатата безбедносна состојба.

Двајцата соговорници изразија задоволство од континуираниот и стабилен политички дијалог на највисоко ниво, од меѓусебното пријателство и поддршка на билатерален и мултилатерален план, како и цврста подготвеност за јакнење на економските односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов ја поздрави меѓупарламентарната соработка, оценувајќи дека истата е особено значајна во насока на продлабочување на пријателските односи и градењето на меѓусебната доверба.

Во однос на македонското членство во ЕУ и НАТО, македонскиот претседател изрази благодарност за јасната и недвосмислена поддршка и изрази очекување дека и на претстојниот НАТО самит во Варшава Чешката Република со несмален интензитет ќе ги подржи напорите за деблокада на македонските интеграции и прием на земјата во НАТО.

Во таа насока, претседателот Иванов потенцираше дека интеграцијата на Република Македонија како во Алијансата, така и во ЕУ, е од особено значење за стабилноста и безбедноста на регионот.

Со цел успешно менаџирање и справување со мигрантската и бегалската криза, двајцата соговорници се согласија дека е неопходна засилена регионална соработка и размена на податоци во сферата на безбедноста. Воедно, беше констатирано дека е потребна заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на предизвикот.

Претседателот Иванов посочи дека иако Македонија е силно погодена од кризата и има преоптоварени капацитети успешно ја менаџира состојбата и ги почитува сите меѓународни обврски во третманот на мигрантите. Во таа насока македонскиот претседател изрази благодарност за добиената помош од Чешката Република.

На средбата беа разменети мислења околу актуелните случувања во регионот на Југоисточна и Централна Европа. Имајќи ја предвид зголемена опасност од терористички напади, двајцата соговорници се согласија дека е потребна поширока меѓународна соработка и воспоставување на подобра комуникација и координација меѓу сите земји во борбата против тероризмот.
HAMACHEK_2 

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 54 од 175