Соопштенија
PRMportret2
Честитка по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Вторник, 19 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед:

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, до Вас лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архиjерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици.

Одбележувајќи го денот, на кој според преданијата Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, го славиме крштевањето како една од светите тајни на христијанството.

Чествувајќи го празникот на осветувањето на македонските води ја славиме традицијата на нашите предци која во себе ја содржи тајната која ни упатува дека преку покајание, љубов и добрина ја зацврстуваме верата. Симболиката на чистината на водата и повторното духовно раѓање претставува повторно живеење во верата.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите македонски граѓани кои го прославуваат празникот сакам да им порачам дека верата се потврдува со дела и преку љубов кон сите луѓе.

За многу години празникот!

PRM_portret
Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Недела, 17 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, повторно ги повикува лидерите на политичките партии да покажат одговорност кон граѓаните на Република Македонија, кон нивните и интересите на државата и да стават крај на политичката криза која предолго не оптеретува. Политичкиот договор кој беше постигнат за таа цел има јасни рокови и обврски. Крајно време е доследно, без натамошно одолговлекување, да го спроведат политичкиот договор од Пржино.

Претседателот Иванов оценува дека е недозволиво несериозното однесување и немањето чувство за одговорност и државност. Не може да се избегнуваат обврските од договорот, а со тоа да се доведe во прашање европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и просперитетот на граѓаните на Република Македонија.

Република Македонија, нашиот регион и Европа се соочуваат со сериозни предизвици. Она што најмалку ни е потребно денес е продлабочување на политичката криза.

Претседателот Иванов изразува благодарност за севкупниот ангажман на меѓународната заедница, особено на еврокомесарот Јоханес Хан со цел спроведување на политичкиот договор, и ја поздравува подготвеноста на ЕУ за обезбедување на целосна поддршка и гарантирање на слободни и фер избори.

Граѓаните на Република Македонија им ја дале довербата на политичките партии, не за да бидат заложници на нивните интереси и заложници на политички блокади, туку затоа што очекуваат партиите свесно и совесно да работат во интерес на државата. Граѓаните на Република Македонија очекуваат резултати, одржливи решенија и крај на оваа политичка криза.

PRMportret
Честитка по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ
Среда, 06 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, до Вас лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архиjерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Божиќ.

Големиот христијански празник кога го славиме раѓањето на Синот Божји, нека нè исполни со добра мисла, мир и единство. Радоста на овој празник нека биде поттик да бидеме солидарни и хумани. Во духот на нашата традиција, посакувам како што сме сплотени за време на празниците, така да бидеме заедно и во текот на целата година. Меѓу себе да бидеме човечни, да си помагаме и да се почитуваме.

Овие празнични денови да ги поминеме во кругот на семејството и ближните, исполнети со радост и веселба. На првиот ден на Божиќ да се помолиме за духовен мир и за сила за предизвиците во годината која ни претстои.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите граѓани кои го прославуваат празникот, сакам да им порачам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата според која живееме.

Христос се роди!

д-р Ѓорге Иванов

n2016
Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 31 Декември 2015

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Новата година отсекогаш ги буди најискрените чувства и очекувања кај секој од нас.

Затоа сите ние со нетрпение очекуваме старото што побргу да пројде, за новото да дојде и со себе да донесе нова надеж. Надеж дека во годината што доаѓа ќе имаме здравје, ќе шириме љубов и милост, ќе живееме во радост и во среќа. Надеж дека таа радост ќе можеме да ја споделиме со нашите ближни.

Затоа, да им посветиме љубов и внимание на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели.

Да бидеме солидарни кон болните, немоќните и кон секој што има потреба од наша поддршка и помош.

Да бидеме благодарни кон храбрите чувари на нашата безбедност поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува.

Драги сограѓани,

Имаме историска одговорност пред нашите потомци да им ја оставиме Македонија посилна и поуспешна, отколку што ја наследивме од нашите предци.

Затоа, сплотени, со чувство за државност и за сувереност да продолжиме да ја градиме Македонија според највисоките европски вредности, стандарди, критериуми.

Да продолжиме да градиме праведно општество втемелено врз мирот, вистината и слободата.

Да си простуваме и да се почитуваме.

Да бидеме и упорни и трпеливи.

И, во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина.

Празниците што ни доаѓаат во секој наш дом нека донесат семејна радост, љубов и среќа. Да имаме мир, напредок и успех насекаде и за секого.

Ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2016-та година!

д-р Ѓорге Иванов

PRM_portret
Честитка до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар
Четврток, 24 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Ми претставува задоволство во овие празнични денови на сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар да им го честитам претстојниот празник на Раѓањето Христово.

Празнувањето на Божиќ секогаш нè навраќа на Светото предание кое започнува со Витлеемската sвезда, раѓањето на Синот Божји кој ја прими човечката природа и стана човек. Чествувајќи го Божиќ ги славиме љубовта, победата над предрасудите и разликите. Божиќната порака за вистината за верата, за човечноста и за хуманоста е глас кој треба да го продолжиме.

Божиќ е празник на семејството, ден кога се молиме за добро здравје, среќа и радост. Нека Бадниковата вечер и Божиќ внесат топлина во домот, а семејството и ближните нека ги исполнат со добра мисла, добрина и благослов. Овој голем христијански празник нè учи да бидеме солидарни, затоа да споделуваме со оние кои имаат помалку, да им помогнеме на немоќните и на обесхрабрените.

На сите граѓани, кои го прославуваат празникот според грегоријанскиот календар, им посакувам радост и среќа во текот на целата година со традиционалниот христијански поздрав - Христос се роди!

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 53 од 175