Соопштенија
erdogan1010
Писмо со сочуство до претседателот на Република Турција г. Реџеп Таип Ердоган
Четврток, 18 Февруари 2016

По повод терористичките напади во Анкара и Дијарбакир, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати сочувство до претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, со следната содржина:

Почитуван господине Претседателe,

Со шок и огорченост ја примив веста за последните терористички напади во Анкара и Дијарбакир.

Во овие моменти на длабока тага во Република Турција, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да изразам искрено сочувство.

Најостро ги осудуваме овие насилни варварски напади, во време кога се прават напори за да се постигнат заеднички и сеопфатни решенија за предизвиците со кои се соочува Европа и поширокиот регион.

Ве уверувам дека во овие тешки моменти Република Македонија е солидарна со Република Турција и Ве охрабрувам одлучно да се соочите со заканата од тероризмот во заштита на слободата, безбедноста и вредностите на Вашите граѓани и поредокот на Вашата држава.

Госдопине Претседателе, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите.

д-р Ѓорге Иванов

nl
Средба со г. Берт Коендерс, министер за надворешни работи на Кралството Холандија
Недела, 14 Февруари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, г. Берт Коендерс.

На средбата претседателот Иванов и министерот Коендерс разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, како и актуелните состојби со мигрантската криза.

Република Македонија, рече претседателот Иванов, останува посветена на заложбата за почеток на пристапни преговори со ЕУ и зачленување во НАТО, како највисок стратешки приоритет, порачувајќи дека статус-кво состојбата не смее да продолжи.

Во контекст на мигрантската криза, претседателот Иванов рече дека земјата се залага за сеопфатно европско решение, за заеднички критериуми за редуцирање на нелегалниот наплив на мигранти, за намалување на безбедносните ризици и промена на законите за заштита на ‎границите.

Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата, одговорно ги спроведува заклучоците на Европскиот совет во поглед на регистрацијата ‎на мигрантите и бегалците согласно европските стандарди‎,‎ и го повтори ставот дека Република Македонија останува транзитна земја за мигрантите.‎

zaoralek
Средба со министерот за надворешни работи на Чешката Република, г. Лубомир Заоралек
Среда, 10 Февруари 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за надворешни работи на Чешката Република, г. Лубомир Заоралек.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што беше изразено задоволство од успешниот и позитивен развоен тренд во соработката, како и од континуираниот политички дијалог на сите нивоа.

Претседателот Иванов и министерот Заоралек разменија мислења за соработката меѓу двете земји во поглед на напорите за интеграција на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, како и во однос на актуелната мигрантска и бегалска криза.

Во тој контекст, претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната и активна поддршка од страна на Чешката Република за европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Европските интеграции, нагласи македонскиот претседател, се од круцијално значење за Република Македонија, и оцени дека на земјата и е есенцијално неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес. Во однос на аспирациите за членство во НАТО, претседателот Иванов побара поддршка од Чешката Република за прием на Република Македонија на претстојниот самит на алијансата во Варшава.

Во однос на мигрантската криза, претседателот Иванов посочи дека Република Македонија се залага за сеoпфатно европско решение, за заеднички критериуми за справување со миграциската криза, намалување на безбедносните ризици и поддржува измена на закони за заштита на границите. Претседателот Иванов искажа задоволство за можноста Република Македонија на претстојниот Самит на В4 Групата да ги истакне своите ставови и позиции, својата загриженост од можните правци на развој на кризата, кои се надева дека ќе бидат земени во предвид и на претстојниот Европски Совет.

Македонскиот претседател посочи на предлогот за воспоставување на стандардизација на регистрација на мигрантите со јасни заеднички критериуми, кои мигрантите треба да ги исполнуваат за нивно транзитирање низ балканскиот мигрантски коридор, преку употреба на унифицирани системи за регистрација и размена на податоци меѓу европските држави за барателите за азил, лицата кои се спречени на илегални патишта во намера да остварат влез надвор од контролните пунктови за регистрација и користењето на фалсификувани документи за транзитирање и регистрација.

Македонскиот претседател истакна дека земјата ја цени помошта од Чешката Република во менаџирањето на миграциската криза и го поздрави ангажирањето на чешки полициски службеници на јужната гранична линија, кои во координација со македонската гранична полиција, се вклучени во регулирањето на протокот на мигранти.

PRMportret2
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Среда, 27 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до претставниците на српската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми, во мое име и во името на сите граѓани во Република Македонија, да ви го честитам големиот празник Свети Сава.

На 27 јануари српската заедница во Република Македонија го слави денот посветен на Свети Сава - српски светец, просветител и државник.

Одбележувањето на денот на првиот српски архиепископ значи почитување на неговото дело и на неговата мисла, како трајни вредности кои ги надминуваат етничките рамки, давајќи пример за сите кои живеат на овие простори. Неговото дело и учење нè обединуваат во заложбата за создавање подобра иднина. Јакнејќи ги економските и културните односи меѓу двете земји создадовме отворена и постојана политичка поддршка која влијае на приклучувањето на нашите држави во големото европско семејство на народи.

Убеден сум дека двете заедници, македонската заедница во Република Србија и српската заедница во Република Македонија, се повеќе од мост на поврзување. Меѓусебната доверба, меѓусебната соработка и разбирање се темелат врз почитување и врз негување на традициите на сите граѓани преку развивање и промовирање на етничкото, јазичното и културното наследство. Наша цел и во иднина ќе биде да градиме мостови на пријателства меѓу двете земји, притоа градејќи ги иднината и просперитетот на нашиот регион.

За многу години празникот.

д-р Ѓорге Иванов

NZ02
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на ДНР Кореја
Четврток, 21 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на Демократска Народна Република Кореја.

На свеченоста на предавањето на акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. г. Патрик Џон Рата, претседателот Иванов истакна дека повеќе од две децении двете земји развиваат односи во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и взаемното почитување и дека со заеднички ангажман во периодот што следи, со јакнење на политичкиот дијалог, со унапредување на правната рамка и со јакнење на економската соработка, ќе се придонесе кон нивно продлабочување во многу сфери од заеднички интерес.

Македонскиот претседател посочи дека иако двете земји географски се многу оддалечени, сепак заедничка нишка е значајниот број на државјани на Нов Зеланд со потекло од Република Македонија.

„Република Македонија е горда на нивниот придонес и на нивното учество во социјалниот и економскиот живот на Нов Зеланд и верувам дека нивната улога на мост меѓу двете земји ќе ни помогне во остварувањето на нашите заеднички цели", порача претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија г. Патрик Џон Рата, истакна дека Нов Зеланд сака да ги зацврсти односите меѓу двете земји особено во областа на политиката, економијата, трговијата и културата и изрази уверување за успешна соработка, и покрај географската далечина, бидејќи и двете земји делат слични аспирации и демократски цели за своите народи.

„Изминатите две децении покажавте дека сте кредибилен партнер во меѓународната заедница и земја подготвена да ја одигра својата улога за стабилизирање на регионот на Југоисточна Европа. Ние ве охрабруваме да продолжите со соработката и конструктивниот пристап во односите со регионот", порача амбасадорот Рата.

DNRK02Новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Демократска Народна Република Кореја за Република Македонија со седиште во Софија, г. Ча Кон Ил, изрази уверување дека ќе се ангажира за развој на односите помеѓу двете земји за време на неговиот амбасадорски мандат.

На средбата беа разменети информации за актуелните состојби во Корејскиот полуостров, како и за состојбите во регионот на ЈИЕ. Претседателот Иванов беше информиран за видувањата на раководството на ДНР Кореја за политичките тензии во регионот и начинот на нивното надминување. Нагласувајќи ја важноста на дијалогот, претседателот Иванов изрази надеж дека со дијалог и мирољубиви средства ќе се изнајде решение за спорните прашања на Корејскиот полуостров во интерес на мирот, благосостојбата и просперитетот на корејскиот народ.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

01finska
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, на Швајцарската Конфедерација, на Република Естонија и на Ирска
Среда, 20 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Швајцарската Конфедерација, Република Естонија и на Ирска.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Финска, Н.Е. г. Перти Иконен, македонскиот претседател ја истакна можноста за интензивирање на македонско-финските односи како на билатерален, така и на меѓународен план, изразувајќи надеж за продлабочување на соработката меѓу двете земји, особено во сферата на економијата. Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка од Република Финска за нашите аспирации за членство во НАТО и Европската унија, претседателот Иванов изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

„За нас од особено значење беше споделувањето на финските искуства во различни области што беше реализирано во рамките на финската развојна помош и твининг проектите. Се надевам дека и во наредниот значаен период ќе можеме да сметаме на финската поддршка. Тоа е особено значајно денес, кога Европа се соочува со сериозни предизвици. Искрено се надевам дека во наредниот период и Алијансата и Унијата ќе ги имаат предвид интересите на Република Македонија, на нашиот Регион, и со поголема решителност во носењето на одлуки, ќе придонесат за натамошна консолидација, стабилност и просперитет во регионот на Југоисточна Европа", истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Иконен истакна дека Финска секогаш е подготвена да ги споделува своите искуства и најдобри практики со своите партнери, а таков е случајот и со Македонија - фински експерти сега работат во Скопје во рамките на два твининг проекти финансирани од Европската унија со цел постигнување на добри резултати во неколку области.

„Македонија ги зацврстува своите односи со Европската унија и ве уверувам дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ", подвлече амбасадорот Иконен упатувајќи честитки за постигнатиот досегашен напредок и уверувајќи дека Финска е конструктивен пријател на земјава во нејзините континуирани напори да ги исполни критериумите за проширување, за што е подготвена да ги сподели своите знаења и експертиза како помош да стане земја-членка на ЕУ.

02SvajcarijaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската конфедерација, Н.Е. г-ѓа Сибил Зутер Техада, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји во изминатиов период.

„Дозволете ми да се заблагодарам за сета досегашна помош и поддршка од Швајцарската Конфедерација. Благодарение на развојната поддршка од швајцарската Влада, која трае години наназад, во Македонија реализирани се бројни проекти во разни области, кои придонесоа за подобро функционирање на одредени институции и за подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните во одредени региони", порача претседателот Иванов.

Амбасадорката Зутер Техада истакна дека повеќе од две децении двете земји негуваат пријателски односи , а главен елемент на билатералните односи е Швајцарската програма за соработка со Македонија.

Во таа насока, амбасадорката Зутер Техада најави дека нејзината земја и во следните четири години ќе ја продолжи програмата за соработка со Македонија, за што ќе бидат одвоени 71 милиони швајцарски франци.

„Денес, Швајцарија е најголемиот билатерален донатор во Македонија. Нашата програма за соработка се фокусира на демократско владеење и децентрализација, економски развој и вода. Дизајнирана е да даде поддршка на приоритетите на македонската Влада и прогресивната интеграција на земјата во европските структури", порача амбасадорката Зутер Техада.

03EstonijaДосегашните македонско-естонски односи бележат успешен развој, рече претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Естонија, Н.Е г. Даниел Ерик Шаер и изрази уверување дека со заеднички напори, пријателството и соработката меѓу двете земји ќе продолжи со јакнење и збогатување како на билатерален, така и на мултилатерален план.

„Република Македонија недвосмислено опстојува на зацртаните стратешки цели, членство во НАТО и во Европската унија. Високо ја цениме и сме благодарни за поддршката од пријателска Естонија во остварувањето на нашите стратешки цели", порача македонскиот претседател.

Амбасадорот Шаер, истакнувајќи ја силната поддршка на Република Естонија во нејзините евроатлански аспирации рече дека Европската унија заедно со Естонија ги препознава потешкотиите со кои се соочува Македонија како резултат на мигрантската криза и предизвиците за изнаоѓање на дологорочни решенија за олеснување на кризата во регионот.

„Една од моите цели ќе биде да се зголемат бизнис контактите од заеднички интерес помеѓу двете земји. Верувам дека, исто така, треба да се максимизира користењето на расположливите алатки за да и се помогне на Естонија да ги споделува своите искуства во формирање на ефективни институции и динамична економија со Македонија", порача амбасадорот Шаер.

04IrskaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Ирска, Н.Е г. Дерек Фили, претседателот Иванов изрази задоволство од стабилните политички односи базирани на взаемна почит, меѓусебно разбирање и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области меѓу двете земји и изрази благодарност за континуираната поддршка од Ирска која што и понатаму ќе биде значаен поттик за Република Македонија на патот кон нејзиното интегрирање во Европската унија.

„Истовремено, би сакал да го истакнам и своето убедување дека меѓу нашите две земји сѐ уште постои неискористен потенцијал и простор за натамошно продлабочување на соработката, и во таа насока, убеден сум дека Вашиот ангажман ќе биде од големо значење. Притоа, посебно би сакал да го потенцирам нашиот интерес за интензивирање на економската соработка, како и нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на меѓусебните односи", истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Фили посочи дека Ирска ги цени постигнувањата на Република Македонија на економски план, и во наредниот период ќе се фокусира на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на должноста и изрази очекување дека нивните ангажмани ќе придонесат во унапредување на билатералните односи.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 52 од 175