Соопштенија
PRM_Erdogan_3
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Р. Турција, г.Реџеп Таип Ердоган
Петок, 25 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска престојува во работна посета на Република Турција, каде во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, од високиот степен на политички дијалог и доверба, и отсуството на отворени прашања.

Заеднички беа констатирани традиционално пријателските односи меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка. Брзиот и динамичен раст на турската економија отвора сериозни инвестициски можности во Република Македонија, што е во интерес на двете земји, беше посочено на средбата.

Во разговорите, претседателите разменија мислења и информации за повеќе прашања: актуелните политички состојби, надворешно – политичките цели и приоритети на двете земји и состојбите со мигрантската криза.

Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.„Доколку Алијансата не успее да изгради консензус за преиспитување на заклучоците од Букурешт и покрај пресудата од Хаг, и не ја поправи грешката и неправдата од Букурешт, тогаш очекуваме да биде креативна и да смисли начин како да ја помести оваа статус - кво состојба, која не е во прилог ниту на Република Македонија, ниту на регионот, ниту на Алијансата", истакна претседателот Иванов.

Двајцата претседатели разменија информации за најновите случувања околу бегалската криза, како најголем предизвик со кој се соочува регионот, Европската унија и Европа во моментов. Македонскиот претседател го информираше претседателот Ердоган за мерките и активностите кои ги спроведува и презема Република Македонија за справување со кризата, како и за потребите од поголема техничка и финансиска помош. Претседателот Иванов посочи дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од илегалната миграција. Во тој контекст, двајцата претседатели истакнаа дека сите држави се засегнати од бегалската криза и мора да ја споделат одговорноста и да ги почитуваат заедничките политики за справување со кризата, истовремено штитејќи ја својата националната безбедност.

Повод за посетата на претседателот Иванов на Истанбул е присуството на погребната церемонија на г. Ибрахим Џевахир, турски бизнисмен и сопственик на компанијата „Џевахир Холдинг", голем пријател на Република Македонија и инвеститор во нашата држава.

Cavkov1
Средба со министерот за внатрешни работи, г. Митко Чавков
Четврток, 24 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за внатрешни работи на Република Македонија, м-р Митко Чавков.

На средбата, што се реализира по донесените заклучоци од одржаниот состанок на челниците на ЕУ во Брисел, беше разговарано за мерките и за активностите што се преземаат за превенција и за справување со влез на илегални мигранти во регионите зафатени со кризната состојба и нивното движење низ територијата на Република Македонија.

На средбата беше констатирано дека сите субјекти кои учествуваат во системот за управување со криза функционираат со зголемени активности и се соочуваат со недостиг на капацитети во материјална, кадровска, техничка опременост и превозни средства.

Министерот Чавков информираше дека Министерството за внатрешни работи побара помош и асистенција од ЕУ во остварување на системот за превенција за дополнување на потребните капацитети. Република Македонија како транзит територија на Балканскиот мигрантски коридор се соочува со последиците од однесувањето на земји-членки на Унијата, рече министерот Чавков. Една земја-членка со организирани институционални капацитети ги наведува мигрантите кон нашата јужна граница, додека други земји-членки го попречуваат нивното движење кон посакуваната држава во Унијата. Тој додаде дека Балканскиот мигрантски коридор во изминатите десетина дена во неколку наврати е прекинуван.

Министерството за внатрешни работи констатира дневен влез на 6000 до 7000 странски државјани, а информациите и анализите говорат за зголемување на бранот на мигранти во месеците кои доаѓаат. Полициските сили кои имаат поддршка од единици на Армијата ќе се соочат со работа во крајно сложена активност. Доколку се прекине коридорот и се затворат границите, но и поради временските прилики, Македонија ќе биде принудена да примени планови со соодветен одговор за да ја заштити својата национална безбедност, рече министерот за внатрешни работи.

Во наредниот период, информира министерот Чавков, Министерството за внатрешни работи ќе се соочи со дополнителен предизвик во остварување на својата надлежност во системот за јавна и државна безбедност за употреба на своите капацитети потребни и за обезбедување на изборниот процес и избирачките места на територијата на Република Македонија.

Претседателот Иванов побара развој на програми за постојано информирање и поддигнување на свеста кај граѓаните и општеството за заканата и ризиците од илегалната миграција со која се соочува Република Македонија.

PRMbajram
Честитка од претседателот Иванов по повод верскиот празник Курбан-бајрам
Среда, 23 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам празникот Курбан-бајрам.

Овој празник е познат и како „празник на жртвата", кој го симболизира приближувањето на човекот кон Бога. Курбан-бајрам го слави Ибрахим и неговата подготвеност да го жртвува својот син, а жртвеното јагне ја претставува покорноста кон Бога. Курбан-бајрам е празник на милоста, но и на споделувањето со фамилијата, пријателите и сиромасите.

Празниците нè учат да не ги заборавиме основните човекови вредности, да простуваме, да имаме разбирање, да веруваме. На тоа нè учи и вековната традиција, помагајќи си едни на други ги јакнеме соживотот и почитта меѓу граѓаните на Република Македонија.

Дозволете, уште еднаш, Вам и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви го честитам празникот Курбан-бајрам и да Ви посакам пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет.

д-р Ѓорге Иванов

BIH
Средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина г. Игор Црнадак
Среда, 23 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина г. Игор Црнадак, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за традиционално добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, за регионалната соработка и иницијативи, како и за европските и евроатлантските интеграции на двете земји.

Претседателот Иванов и министерот Црнадак изразија заеднички интерес за јакнење и продлабочување на билатерална соработка, која се одвива успешно и без отворени прашања. Во тој контекст, претседателот Иванов, истакна дека е потребно динамизирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, и оттука, посетата на министерот Црнадак, претставува конкретна потврда на заемните заложби во таа насока.

Во однос на економската соработка, соговорниците констатираа дека заостанува зад политичката соработка и не кореспондира со објективните можности и капацитети на двете економии, и притоа, изразија заемен интерес за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување.

Претседателот Иванов и министерот Црнадак се согласија дека ЕУ и НАТО интеграцијата на државите од Западен Балкан, се потребни не само заради зголемена соработка во сите сфери од интерес на државите од регионот, туку и заради силната поддршка која ја имаат во реформските процеси во нашите општества, и затоа мора да се забрзаат. Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е подготвена за поблиска соработка меѓу двете земји во контекст на ЕУ пристапниот процес.

На средбата беа разменети мислења и информации во врска со моменталните предизвици поврзани со мигрантската криза.

OBSE_001
Средба со амбасадорот, г-ѓа Нина Суомалаинен, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија
Понеделник, 21 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Нина Суомалаинен, новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери - владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка во области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживотот, во сферата на медиумите и слободата на изразување.

Во тој контекст, македонскиот претседател додаде дека Република Македонија, ќе ја продолжи заедничката работа со ОБСЕ во поддржувањето на реформите во различни области, поттикнати од агендата за европска интеграција на земјата.

Претседателот Иванов ја информираше амбасадорката Суомалаинен, дека за Република Македонија и натаму останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во европските и евроатлантските интеграции.

Амбасадорката Суомалаинен, ги истакна нејзините очекувања и приоритети како Шеф на мисијата на ОБСЕ, и го запозна претседателот Иванов со нивните претстојни активности поврзани со изборите и изборниот процес.

На средбата, беше разговарано и за актуелната политичка состојба во земјава, како и за моменталните предизвици поврзани со мигрантската криза.

Воедно, претседателот Иванов, упати честитки до амбасадорот Суомалаинен за нејзиното поставување на должноста, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, посакувајќи и успех во работата.
OBSE_NOV_AMBASADOR_1 

Kabinet
РЕАКЦИЈА од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија по повод написот „Потписот на Ѓоле вреди 6.000 евра“ во дневниот весник „Вест“
Петок, 18 Септември 2015

Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, по повод написот „Потписот на Ѓоле вреди 6.000 евра", објавен во дневниот весник „Вест" на 17 септември 2015 година.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, во однос на написот „Потписот на Ѓоле вреди 6.000 евра", објавен на 17 септември 2015 година во дневниот весник „Вест" може да го констатира следното:

Главниот и одговорен уредник на погоре споменатиот медиум по кој знае кој пат продолжува грубо да ја лаже, манипулира и дезинформира македонската јавност во однос на работата на Претседателот на Република Македонија. И во овој напис тој повторно е во заблуда.

Наместо да ја објави вистинската цена на летот, главниот и одговорен уредник несвесно си ја објави висината на својата месечна плата од 6.000 евра.

Цената на летот кон и од Црна Гора, според официјалната документација на Службата за општи и заеднички работи, што може лесно да се провери, изнесува вкупно 969 евра.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 59 од 175