Соопштенија
cestitka8septemvri
Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Oктомври – Денот на народното востание
Сабота, 10 Октомври 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на државниот празник 11 Oктомври – Денот на народното востание.

Почитувани,

На сите граѓани на Република Македонија им го честитам празникот 11 Oктомври – Денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, значаен ден за македонската државност.

Одбележувајќи го овој значаен датум од македонската понова историја им оддаваме почит на сите учесници во Народноослободителната борба која го симболизира македонскиот непокор и вековитиот стремеж за слобода.

Во Прилеп и Куманово започна борбата на нашите дедовци и татковци, продолжувачи на делото на славните илинденци, кои со своите дела ни оставија обврска и аманет за зачувување на независноста и самостојноста на Република Македонија натопена во крвта на паднатите херои.

Затоа ќе истраеме сплотени и обединети, бранејќи ги највисоките македонски интереси пред кои сме соочени денес. Предизвиците ќе ги совладаме како и во минатото, еден до друг, сите етнички заедници во земјава, Македонци и Албанци, Турци, Срби, Бoшњаци, Власи и Роми. Нашата традиција за соживот е нашето најдобро оружје во борбата за успешна и просперитетна држава.

Затоа ве повикувам сите заедно, сплотени, да ја градиме Република Македонија како дел од големото европско и светско цивилизациско семејство на кое природно припаѓаме и каде ја гледаме нашата иднина.

Нека ни е вечен Денот на народното востание!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

prostalna_vietnam
Проштална средба со амбасадорот на Социјалистичка Република Виетнам во Република Македонија, Н.Е. г. Ле Дук Луу
Вторник, 06 Октомври 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Социјалистичка Република Виетнам во Република Македонија, Н.Е. г. Ле Дук Луу.

На средбата беше повторен интересот и подготвеноста за развивање на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји. Во тој контекст, соговорниците истакнаа дека е неопходно да се пристапи кон уредување на правната рамка, меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам.

Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот, и од неговиот придонес и ангажман во унапредување на билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и С.Р. Виетнам.

Амбасадорот на С.Р. Виетнам, г.Ле Дук Луу, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат и изрази задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.

1
Средба со членовите на владиниот тим за странски инвестиции
Понеделник, 05 Октомври 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции.

На средбата присуствуваа заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г. Владимир Пешевски, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции, г. Џери Наумоф, г. Горан Мицковски, г. Веле Самак и г. Фуркан Чако, и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, г. Виктор Мизо.

Соговорниците разменија идеи, мислења и иницијативи, со цел во рамките на дипломатските активности на претседателот Иванов да се засили економската агенда, односно да се координираат активностите и агендите на македонскиот претседател со активностите, агендите, потребите и приоритетите на владиниот економски тим.

Ресорните министри од Владата, пред македонскиот претседател ја претставија стратегијата за обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции по земји, региони, и пазари, како и чекори од стратегиите за промоција на извозот на Република Македонија.

Во таа насока, беа одредени таргет - државите кои би требало да се посетат во наредниот период, со цел меѓусебно интензивирање на контактите и унапредување на правната рамка, создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.

Претседателот Иванов изрази подготвеност за поддршка и помош на владиниот тим во насока на воспоставување на контакти со одредени земји кои се потенцијални инвеститори во Република Македонија, обезбедување на информации за пристап до меѓународните пазари и олеснување на извозно ориентирани компании во наоѓање на странски деловни партери.

Македонскиот претседател информираше дека средба со иста цел ќе биде остварена и со претставниците на македонската бизнис заедница чии компании се извозно ориентирани со цел да ги слушне и нивните потреби и интереси, по што Кабинетот на Претседателот ќе пристапи во реализација на договореното, со подготовка на посети на држави кои се одредени како приоритетни.

Досегашна практика на претседателот Иванов е на маргините на сите негови официјални и работни посети на странски држави да се организираат бизнис форуми, на кои се презентираат бизнис можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија.

Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства, за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов, се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и стопанските комори.

china_us
Честитка до Претседателот на НР Кина г. Си Џинпинг, по повод Националниот Празник на НР Кина
Четврток, 01 Октомври 2015


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Си Џинпинг, претседател на Народна Република Кина, по повод одбележувањето на Националниот празник на Народна Република Кина.

Почитуван господине Претседател,

По повод Националниот празник на Народна Република Кина, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, Ви упатувам срдечни честитки и желби за натамошен просперитет на Вашата држава и народ.

Дозволете да го искажам моето длабоко почитување кон мирољубивата политика на Народна Република Кина, која се залага за изградба на мултиполарен свет, заснован врз принципите на толеранција и мирољубива коегзистенција, втемелена на основните вредности и принципи од Повелбата на Обединетите нации.

Република Македонија придава највисоко можно внимание во развојот и во унапредувањето на традиционалните пријателски односи со Народна Република Кина. Во тој контекст, би сакал да ја изразам мојата подготвеност за натамошна тесна соработка во насока на сестрано унапредување на односите што се негуваат меѓу нашите народи. Подготвени сме и за соработка во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Почитуван господине Претседателе, би сакал уште еднаш, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Cuba
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Куба, Венецуела и Лаос
Среда, 30 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Куба, на Боливарска Република Венецуела и на Народна Демократска Република Лаос.

На свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Република Куба за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г. Педро Пабло Сан Хорге Родригез, претседателот Иванов истакна дека постои интерес билатералните односи да се развиваат на повисоко ниво од досегашното, нагласувајќи дека Република Македонија придава исклучително значење на успешниот развоен тренд на односите со државите од Централна и Латинска Америка, а особено на натамошното унапредување на сèвкупните односи со пријателска Куба, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Ја користам оваа пригода да го поздравам повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, чин што го отвора патот за натамошен развој, просперитет и благосостојба за кубанскиот народ, поради што и наиде на огромна поддршка од меѓународната заедница, изјави претседателот Иванов.

venzuela1Новоименуваниот амбасадор на Куба изрази уверување дека во наредниот период ќе работи на потпишување договор за политички консултации кој овозможува посети помеѓу официјални претставници од двете земји за да се евалуира напредокот во билатералните односи на систематски начин, како и да се истражат можностите за соработка кои потенцијално постојат во областа на образованието, културата, здравството, фармацевтската индустрија и други области, рече г. Родригез.

На свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Боливарска Република Венецуела за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Ориета Капони, претседателот Иванов изрази надеж дека во наредниот период ќе следат конкретни активности во повеќе области од заемен интерес во зајакнувањето на пријателските односи меѓу двете држави. Длабоко сум уверен дека пред нашите две земји, со големо културно и историско наследство, претстојат можности за унапредување на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план, рече претседателот Иванов.

LaosНовоименуваниот амбасадор на Венецуела, г-ѓа Ориета Капони, истакна дека од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји во 2002 година, таа е првиот назначен амбасадор. Токму заради тоа, моја примарна цел е развивањето и негувањето на пријателски односи и соработка од областа на политиката, економијата, трговијата, техничкото образование и културата врз основа на заедничките интереси на двете земји, истакна г-ѓа Капони.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Лаос за Република Македонија, со седиште во Виена, Н.Е. г. Поукао Помавонгса, се констатираше дека постојат можности за изнаоѓање нови форми и содржини кои ќе ги збогатат односите и соработката меѓу двете држави.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.


PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Недела, 27 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците упати честитка до припадниците на Бошњачката заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија ви упатувам срдечни честитки по повод празникот со желба за натамошно успешно негување и развивање на бошњачката култура во земјава.

Спецификите и богатата бошњачка традиција сочувана до денес имаат исклучително значење во негувањето на меѓусебните односи кои се вредно наследство и за идните поколенија. Почитувањето на културните особености и различности ни овозможува подобро меѓусебно разбирање и развој на целокупните општествени односи.

Во оваа пригода сакам да ја истакнам личната поддршка во афирмирањето на културните вредности и негувањето на јазикот на припадниците на Бошњачката заедница, кои несомнено даваат исклучителен придонес во општествениот живот и во културната разноликост во нашата држава.

Почитувајќи ја вашата посебност и лојалност кон државата ви го честитам празникот со желби за благодат и заеднички развој.

Нека ви е честит големиот празник.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 58 од 175