Соопштенија
PRMportret2
Честитка по повод Националниот празник на Република Бугарија
Четврток, 03 Март 2016

Почитуван господине Претседателe,

Ми преставува особена чест и задоволство од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Република Бугарија.

Дозволете ми во оваа свечена пригода, да го изразам моето задоволство од одличните пријателски односи меѓу нашите две земји, како и моето уверување дека со заемен ангажман ќе придонесеме за нивно понатамошно унапредување во сите полиња од заеднички интерес.

Истовремено, дозволете ми да ја истакнам посветеноста на Република Македонија во градењето добрососедски односи и во тој дух да го изразам очекувањето за скорешно усогласување на текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Воедно, би сакал да ја искористам оваа свечена пригода и да ја реафирмирам поканата за ваша официјална посета на Република Македонија, што би претставувало можност за внесување на нов импулс во македонско – бугарските односи и соработка.

Верувам дека Република Бугарија и натаму силно ќе ја поддржува Република Македонија во исполнувањето на нејзините стратешки цели – членство во Европската унија и НАТО.

Дозволете ми, господине Претседателе, да ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

HOJT_LI_1
Средба со заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, г. Хојт Брајан Ји
Четврток, 03 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, за состојбите со европската и евроатлантската перспектива на нашата земја, за актуелностите во однос на бегалската и мигрантската криза, како и за внатрешните политички предизвици во Македонија.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската Унија, притоа изразувајќи очекување од одлучна американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава во јули 2016 година.

Во контекст на бегалската и мигрантската криза, македонскиот претседател го информираше соговорникот за активностите што ги превзема Република Македонија во справување со оваа криза, притоа потврдувајќи го ставот дека нашата земја се залага за сеопшто европско решение. „До решение може да се дојде само во соработка со Грција и Турција. Тоа е и во интерес на Македонија", нагласи претседателот Иванов.

Во однос на внатрешните политички предизвици, претседателот Иванов подвлече дека политичките лидери во Македонија преземаа одговорност за справување со политичката криза и потпишаа договор што мора да се реализира. „Целосно спроведување на обврските од договорот е клучно за одржување фер, слободни и демократски избори. Неопходно е да се почитува договорот за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со сите предизвици", истакна македонскиот претседател.

На средбата  беше реафирмиран интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатерална соработка. Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за состојбите во регионот.
HOJT_LI_2 

TUSK_11
Средба со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск
Среда, 02 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, кој е во посета на Република Македонија.

На средбата беше дискутирано за напорите за постигнување на заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза.

Претседателот Иванов го информираше г. Туск за најновите состојби, како и за мерките и активностите што ги превзема Република Македонија во справување со бегалската криза.

Во таа насока, македонскиот претседател го реафирмираше ставот дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза.

„Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Република Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза", истакна претседателот Иванов.

На средбата со г. Туск, Претседателот предупреди дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС,  како и  насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.

Претседателот Иванов беше дециден дека во случај на затворање на балканскиот мигрантски коридор, Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман на мигрантите кои транзитираат, како и за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.

„Република Македонија досега покажа дека е подготвена на сите сценарија и нема да дозволиме зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза", порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов уште еднаш потврди дека на територијата на Република Македонија нема да се дозволи изградба на бегалски кампови.

Во таа насока, соговорниците се согласија дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави и усогласено сеевропско решение.
TUSK2 

brazil1
Новоименуваните амбасадори на ФР Бразил, Р Ангола, Р Гана и на Р Того ги предадоа акредитивните писма
Петок, 26 Февруари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Федеративна Република Бразил, Република Ангола, Република Гана и на Република Того.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил за Република Македонија, со седиште во Белград, Н.Е. г-ѓа Ана Марија Фернандеш, македонскиот претседател истакна дека постои заедничка желба и голем потенцијал за унапредување на меѓусебните односи помеѓу двете земји, а во тој правец е и отворањето на првата македонска амбасада во оваа земја, којашто воедно е и прва македонска амбасада на целиот јужноамерикански континент, изразувајќи уверување дека во блиска иднина ќе следи и отворање на Амбасада на пријателската Федеративна Република Бразил во Република Македонија.

„Сигурен сум дека отворањето на Амбасадата во Бразилија ќе даде нов импулс за продлабочување на нашите односи. Постои исклучително голем простор за подобрување на соработката, особено во економијата, за што е потребно да се постави правната рамка. Се надевам дека за време на Вашиот мандат соработката ќе се подигне на многу повисоко ниво, за што прв чекор може да биде завршувањето на постапката за целосна либерализација на меѓусебниот визен режим", истакна претседателот Иванов.

Во контекст на унапредувањето на билатералните односи помеѓу двете земји, новоименуваниот амбасадор за Ф.Р.Бразил, г-ѓа Фернандеш подвлече дека нејзиниот ангажман ќе биде во насока на продлабочување на взаемните дипломатски односи, меѓу кои е и воспоставувањето на неформален механизам за политички консултации со можности за дискутирање на теми од заеднички интерес на билатералната и меѓународната агенда.

„Понатаму, исто така очекувам да ги завршиме преговорите за билатералниот инструмент за визно ослободување, како што предложи Бразил во 2014 година и да започнеме со преговори кои се однесуваат на културниот билатерален договор, неодамна предложен од министерството за култура на Македонија", истакна амбасадорката г-ѓа Фернандеш.

angola1Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Ангола за Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. г. Жозе Жоао Мануел, ја истакна подготвеноста на нашата земја за унапредување на билатералните односи и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, особено со збогатување на нормативно-правната рамка за нивно уредување.

На средбата беа разменети и мислења зa утврдување на конкретни форми на соработка за што дополнителен импулс би дало взаемното именување на почесни конзули во Ангола и Македонија, можностите за воспоставување на економска соработка со оглед на фактот дека Ангола е една од земјите со најбрз економски раст во Африка, а студентите од Ангола би можеле да ја искористат можноста за студирање во нашата земја преку стипендиите за странски студенти кои ги доделува Владата на Република Македонија.

Подготвени сме и искрено се надеваме дека ни претстои интензивирање на политичкиот дијалог, порача претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Гана за Република Македонија со седиште во Прага, г-ѓа Сабах Зита Окаикои, и истакна дека и покрај географската оддалеченост и двете земји негуваат пријателски односи и имаат потенцијал за нови форми на соработка.

gana1Амбасадорката Окаикои истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи, досега се зацврстија односите помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво и изрази уверување дека во блиска иднина ќе се развие соработката во областа на образованието, здравството, трговијата, инвестициите, науката и технологијата.

Македонскиот претседател на свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Република Того за Република Македонија со седиште во Берлин, г. Квами Кристоф Дикену, рече дека прв пат од воспоставувањето на дипломатските односи, Република Того назначува нерезидентен амбасадор за Република Македонија што претставува значаен момент во односите меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.
togo1

rucek_visegradska_grupa_3
Традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите од Вишеградската група
Четврток, 25 Февруари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Чешката Република,  Н.E. г. Мирослав Рамеш, амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски, амбасадорот на Словачка Република, Н.Е. д-р Мартин Безак, и амбасадорот на Унгарија, Н.Е.Јожеф Бенце.

Претседателот Иванов за заблагодари за личниот ангажман и посветеност на амбасадорите во унапредување на односите со Република Македонија. Македонскиот претседател го честиташе 25 годишниот јубилеј од формирањето на Вишеградската група и ја поздрави конструктивната улога на В4 како позитивен пример за успешно регионално партнерство и соработка.

На средбата беа разменети мислења околу можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, за европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија,  како и за последните случувања во регионот и Европа, односно за предизвиците во контекст на бегалската криза.

Македонскиот претседател ја поздрави политиката на В4 за отворени врати на НАТО, нивната континуирана поддршка на европската интеграција на Р. Македонија, како и поддршката во справувањето со мигрантската криза. Во таа насока претседателот Иванов ја поздрави усвоената декларација на самитот во Прага во која беше истакната целосна поддршка за заедничко европско решение на мигрантската криза.

Амбасадорите упатувајќи честитки за начинот на кој Република Македонија се справува со бегалската криза, истакнаа дека Вишеградската група и во иднина ќе биде посветена на односите со Република Македонија и ќе ги поддржува напорите за европската и евроатлантската интеграција, особено во текот на словачкото претседавање со Советот на ЕУ.

Nikolic
Писмо со сочувство до претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ
Понеделник, 22 Февруари 2016
 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 51 од 175