Соопштенија
1
Предавање на акредитвни писма од страна на новоименуваниот aмбасадор на Кралството Норвешка за Република Македонија
Среда, 02 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот aмбасадор на Кралството Норвешка за Република Македонија, Н.Е. г. Арне Санес Бјорнстад.

На свечената церемонија, претседателот Иванов на амбасадорот Бјорнстад му посака успешно извршување на дипломатските должности во земјата, истакнувајќи дека Република Македонија придава исклучителна важност на развојот и унапредување на севкупните односи со Кралствтото Норвешка, кои ги поврзуваат традиционалното пријателство и меѓусебното почитување.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашна поддршка од Кралството Норвешка на патот на нашата евроатлантска интеграција, како и за помошта преку голем број проекти и програми во сите сфери на општеството.

„Овие денови, за жал, не само нашата држава и регион, туку и Европа, и целиот свет се соочува со сериозни предизвици. Бегалската и мигрантската криза, тероризмот и безбедносните ризици, растечката нетолерантност и непочитување на различностите, непочитувањето на меѓународното право, итн, се само дел од предизвиците, кои бараат тесна соработка и глобални одговори", истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање, додавајќи дека Република Македонија е подготвена за тесна соработка со меѓународната заедница, и секако со Кралството Норвешка на овој план.

Потврдувајќи дека норвешката влада е силно посветена на интеграцијата и соработката во Европа, амбасадорот Бјорнстад се заложи за натамошна поддршка и блиска соработка за македонската евроатлантската интеграција.

Амбасадорот посочи дека Норвешка е импресионирана од постигнатото во Република Македонија од нашата независност, но дека сеуште постојат домашни предизвици. „Неодамнешниот договор со опозицијата и планираните избори во април дава надеж за помалку конфликтни односи меѓу партиите и етнички групи. Трансформацијата не е лесна, но вие имате големи амбиции. Потребни се компромиси, но искуството покажува дека Македонија има одговорни лидери, кои имаат волја да го направат потребниот избор во корист не само за граѓаните на Македонија, но и за луѓето од остатокот на Европа", истакна во обраќањето амбасадорот Арне Санес Бјорнстад.

На средбата со амбасадорот на Кралството Норвешка, двајцата соговорници изразија уверување за продолжување на севкупната соработката меѓу двете земји, и го нагласија интересот за интензивирање на политичкиот дијалог и унапредување на економската соработка.

IVANOV_ZANIER_1
Средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер
Вторник, 01 Декември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер.

На средбата, претседателот Иванов посочи дека Република Mакедонија ја цени соработката и поддршката што ОБСЕ ја дава во повеќе области, особено во владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот. Во таа насока, беше разговарано за исполнувањето на политичкиот договор од Јуни/Јули и тековните активности кои се преземаат за организирање на престојните предвремени парламентарни избори, при што од особено значење е и улогата на ОБСЕ во обезбедувањето на фер и демократски слободни избори.

Во однос на актуелните предизвици со мигрантската и бегалската криза, македонскиот претседател истакна дека дозвола за влез и транзит низ Република Македонија добиваат само лица на кои им е потребна меѓународна заштита, бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан. Претседателот Иванов нагласи дека за навремено и адекватно справување со заканата од илегална миграција е потребно распоредување на ФРОНТЕКС на грчко - македонската граница, како и интензивирање на координацијата и комуникацијата со грчката полиција и служба.

Македонскиот претседател и Генералниот секретар на ОБСЕ разменија и мислења во врска со безбедносната состојба во земјава и регионот. Во врска со справувањето со безбедносните предизвици, клучен проблем оцени претседателот Иванов, претставува недоволната размена на податоци, недоволната координација и соработка меѓу безбедносните служби во регионот.

bankari3x4
Средба на претседателот Иванов со раководствата на банкарскиот сектор во Република Македонија
Четврток, 26 Ноември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов и со раководните структури на банкарскиот сектор во Република Македонија.

На средбата, беа разменети мислења и информации околу актуелните случувања во економијата, претприемништвото и банкарскиот сектор. Соговорниците разменија мислења и околу импликациите на светската економска криза врз стабилноста на банкарскиот систем, како и за влијанието на внатре - политичката состојба, бегалската и мигрантската криза врз севкупната економска политика во Република Македонија.

bankari
Посочувајќи ја улогата и значењето на банкарскиот систем за економскиот раст на земјата, претседателот Иванов истакна дека единствено стабилниот финансиски систем може да доведе до јакнење на довербата на економските субјекти. Во таа насока, македонскиот претседател ги поздрави мерките преземени од Народната банка, како и севкупната банкарска регулативна мерка, која придонесе банките успешно да се справат со ризиците во периодот на кризата.

Раководните структури на банките го информираа претседателот Иванов за нивните активности, за можностите за натамошно олеснување на пристапот до кредити, како и за постигнатите резултати и придонесот во конкурентноста на македонската економија.

Покрај условите за кредитирање, македонскиот претседател им порача на претставниците на банкарскиот сектор, дека не смеат да го запостават и штедењето на населението како значаен извор на финансирање на банките. Претседателот Иванов, посочи дека банкарскиот сектор мора да изнајде начин за натамошна поддршка на стопанството, особено на иновативните идеи и „start up" бизниси на младите претприемачи.

Претставниците на банкарскиот систем изразија задоволство од средбата со претседателот Иванов, како и од континуираната поддршка на македонскиот претседател на бизнис заедницата во Република Македонија, а со цел унапредување на севкупната економска состојба во земјата.

Соговорниците ја поздравија економската дипломатија на претседателот Иванов во рамки на неговите посети на странски држави, а со цел афирмација на економските поволности во Република Македонија и привлекување на странски инвестиции, како и редовните средби на македонскиот претседател со претставници на стопанските комори и бизнис заедниците, со цел поттикнување на домашните економски и инвестициски потенцијали.

rotatortusk
Изјава на претседателот Иванов по средбата со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск
Недела, 22 Ноември 2015


TUSK_1Почитувани претставници на медиумите,

Со претседателот на Европскиот совет разговаравме за предизвиците од мигрантската, бегалската, безбедносната криза, но и за состојбата со евроинтеграцијата на Република Македонија.

Сакам јасно да порачам дека единствениот начин, Македонија да го продолжи интегративниот процес и да се стави крај на континуираните политички кризи, кои во голема мера се резултат токму на статус-кво состојбите во интеграциите, е Македонија да ги почне преговорите со Унијата.

6 години ја имаме поддршката од Европскиот парламент, од Европската комисија. Но, проблемот, односно блокадата е во Европскиот Совет.

Во повеќе наврати разговарав со претходниот претседател на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпуј, и на сите средби барав поголема решителност, повизионерски и поодговорен пристап на Европскиот совет, кој 6 години не може да изнајде сила да се справи со една земја членка, која ги блокира пошироките интереси на Унијата, како и интересите на нашиот регион.

Истото денеска го побарав и од Претседателот Туск.

Сведоци сме на солидарноста на Европскиот совет на земјите-членки покажана во соочувањето со економската криза на нашиот јужен сосед, но од друга страна не видовме да се возврати солидарноста од нашиот сосед кон интересите на другите држави членки, кои го поддржуваа интегративниот процес на Република Македонија.
Зарем требаше да дојдат кризи и предизвици за Европа, за да излезе на виделина цената од нерешителноста на Советот, од бавното темпо во интеграциите на балканските држави.
TUSK_2

Затоа, г-дине Туск, ја цениме Вашата посета. Граѓаните на Република Македонија кои се веќе заморени од чекањето, од постојаните политички кризи, ваквото внимание го гледаат како задоцнето. Како и да е, барам од името на граѓаните, како претседател на Советот да се ангажирате во оваа насока, проширувањето да не го третирате како техничко прашање, да работите со земјите членки и да не дозволите Советот да ги повтори досегашните грешки.

Република Македонија стана школски пример, за тоа како не треба да се постапува со земја кандидат за членство во Европската унија.

Почитувани,

Оваа посета е од исклучителна важност и поради актуелните случувања и тешката состојба во која се наоѓа цела Европа.

Прво, поради кризниот менаџмент на ЕУ и на Македонија за справување со мигрантската криза.

Второ, поради постојаната и директна закана од терористички напади кои доаѓаат од радикалниот и насилниот екстремизам, со кои се соочивме и ние во месец мај оваа година, при кумановските настани.

TUSK_4Тогаш, спречивме извршување на координирани терористички напади низ повеќе градови во Македонија. И трето, поради блокадата на македонската европска интеграција, токму во Европскиот совет.

Справувањето и превенцијата со бегалската и мигрантската криза ги открија слабостите на ЕУ.

Македонија се наоѓа на Балканскиот коридор, и е првата држава во Европа која не е членка на Унијата, а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција која доаѓа од територија на Унијата.

Македонија ги сноси последиците од:

а) нефункционален механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земји-членки на Унијата со таканаречени квоти,

б) неспроведување на регистрација на бегалци и мигранти во земја членка на Унијата и

в) носење на еднострани национални одлуки во земји членки на Унијата кои го ограничија протокот на лицата без претходно да не информираат

TUSK_5Од почетокот на јануари оваа година до сега низ Македонија транзитирале половина милион бегалци и мигранти.

И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од Европската Унија, во однос на мигрантската и бегалска криза.

Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо.

Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега сме потрошиле повеќе од 10 милиони евра.
Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и ризиците по националната безбедност.

Поминаа 28 дена од вонредниот самит во Брисел. На тој состанок предупредив дека нашите анализи и истражувања констатираат дека коридорот кој го отворија бегалците станува мигрантски коридор.
Учествувавме со интервенции на текстот со цел да добиеме права за да одговориме на обврските кои ни се наметнуваат од Унијата.

Баравме размена на податоци, заедничко оперативно работење, заеднички интервентни тимови на делот на заедничката граница со Унијата каде имаме проток и контролни пунктови за регистрација.

Баравме пристап до базите на институциите на Унијата за соработка за институциите кои ги спроведуваат законите, за листите со членови на ИСИЛ и други терористички мрежи, за фалсификувани документи и пасоши.

Баравме и ќе бараме пристап заради безбедноста на нашите граѓани и за одбрана на нашата територија.
Баравме и ќе бараме пристап заради Европската безбедност.

Сега имаме нова реалност. Земјите од Унијата донесоа одлука да го ограничат протокот на бегалци и извршија категоризација на таканаречени "економски мигранти".
Контролниот пункт кај Гевгелија станува "тесно грло" за влез на мигранти и бегалци. Се зголемуваат безбедносните ризици.

Ризикот од можен конфликт меѓу бегалците и мигрантите, меѓу мигрантите со Полицијата и Армијата, но и мигрантите со домашното население е оценет како висок.

Во овие 24 часа 1000 мигранти блокираа 3000 бегалци да влезат на контролниот пункт на граничниот камен 59. Исто така, веќе неколку дена е блокиран железничкиот транспортен и меѓународниот железнички сообраќај.

Очекуваме повеќе инциденти на државната граница поради зголеменото користење на илегални патишта од страна на мигрантите или бегалците кои нема да се пропуштаат, односно кои сакаат да избегнат регистрација.

Се уште нема распоредено мисија на Фронтекс на надворешната граница на Унијата од Грчката територија за да прави излезни проверки на нерегистрираните лица и да ги споделува информациите со нас.. Тоа беше македонското барање од состанокот во Брисел.
За 28 дена имаме во просек проток и влез на 5.200 лица во Македонија или вкупно 145.600 лица од кои 40% се "економски мигранти".

Балканскиот коридор започнува во земја членка на Унијата и оттаму се уште продолжува приливот на мигранти, кои ниту целосно се регистрираат, а со нас не се разменуваат податоци за ризиците и опасностите кои доаѓаат во протокот на мигранти.

TUSK_7Француското обвинителство веќе потврди дека Балканскиот коридор е искористен за влез на неколку извршители на терористичките напади во Париз.

Го информирав Претседателот Туск за нашите заклучоци од Советот за безбедност.Ние дејствувавме и ќе дејствуваме проактивно а не реактивно. Оставивме можност за примена на мерки во крајна нужда. Армијата е овластена да ги превземе мерките.

Мерките и активностите со кои согласно пропишана постапка во закон со прогласена кризна состојба, вклучувајќи и поставување бариери за насочување на бегалци и мигранти на едниствениот контролен пункт за регистрација на нашата јужна граница. Временските услови веќе влијаат врз протокот на мигранти и бегалци.

Република Македонија, на состанокот во Брисел декларираше капацитети од 2000 лица во нашите привремени транзитни центри.

Секое зголемување на овие бројки ќе значи зголемување на постојаните и директни закани и ризици, во и кон Македонија.
Ќе се соочиме со активности насочени кон загрозување на националната безбедност на Македонија.

Уште еднаш го реафирмирав нашиот став дека Македонија ќе постапи согласно мерките кои ќе ги преземат земјите-членки на ЕУ и државите кои се дел од балканскиот коридор.

Европа е под постојана и директна закана од терористички напади. Терористичкиот напад во Париз е основа за промени во безбедносните политики. Унијата како и со мигрантската криза не смее повторно да реагира реактивно.

Унијата мора да се менува со цел да ја обезбеди сигурноста на граѓаните и да ги заштити своите надворешни и внатрешни граници.

Балканот, и Македонија се дел од Европа. Балканот и Македонија мора да се интегрирааат во безбедносната архитектура на Унијата. Балканот е портата и коридорот кон Унијата.
Портата мора да се заштити.Коридорот мора да се обезбеди.Време е за промени.И тоа брзи промени.Времето истекува.

Бегалската и мигрантската криза се покажаа како стрес тест за многу работи во однос на функционирањето на Унијата, но истовремено покажаа дека доколку Балканот беше навреме интегриран во ЕУ, справувањето и превенцијата со бегалската и мигрантска криза ќе беше проактивно и шенген-гранциите ќе беа заштитени.

Сметам дека бегалската и мигрантска криза, како и терористичките напади во Париз, се докази кои сведочат колку ни е неопходна интеграцијата, регионалната соработка и размената на податоци во сферата на безбедноста, разузнавањето и антитероризмот.

Досегашниот пристап на Европската унија кон Република Македонија за жал не даде резултати. Напротив, имаше поинакво влијание на политичкиот амбиент во земјата.

Затоа, уште еднаш барам да заврши блокадата на евроинтеграцискиот процес и Република Македонија да го добие заслуженото, членство во ЕУ.

Ви благодарам.
TUSK_8

PRM
Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на албанската азбука
Недела, 22 Ноември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука упати честитка која интегрално ја пренесуваме.

Почитувани сограѓани,

22 Ноември го одбележуваме како ден на кој е усвоено современото и единствено албанско писмо. На конгресот во Битола одржан во далечната 1908 година е унифицирана и e усвоена азбуката која денеска се користи како единствено писмо на сите Албанци.

Албанскиот јазик е нераскинлив дел од јазичното и културно богатство на Република Македонија. Негувајќи ја културната и етничка разноликост го осознаваме значењето на писмото и јазичниот диверзитет преку кој го јакнеме општеството. Велат јазикот е душата на еден народ, но тој се идентификува преку своето писмо. Азбуката претставува ризница на културата која нè поврзува со минатото и е инспирација за идните генерации.

Културната историја на Република Македонија памети многу датуми, датуми за настани кои нè поврзуваат и датуми преку кои учиме едни за други. На Битолскиот конгрес, албанските интелектуалци испратиле порака на заедништво, пријателство, доверба и разбирање, кое заеднички го шириме и денеска.

Почитувани,

На припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија им го честитам Денот на албанската азбука, а на сите граѓани сакам да им порачам дека негувајќи го јазикот и писмото даваме личен придонес кон воздигнувањето на вредностите и особеностите на јазичната култура меѓу народите во светот.

д-р Ѓорге Иванов

sb14112015rotator
Седница на Советот за безбедност
Недела, 15 Ноември 2015


sb14112015Советот за безбедност на 14 ноември 2015 година одржа седница, која беше свикана од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов поради безбедносната состојба поврзана со терористичките напади во Париз и предизвиците од мигрантската криза.

Советот за безбедност изрази најостра осуда за терористичките напади во Париз и длабоко и искрено сочувство до граѓаните на Француската Република.

Во врска со заканите од насилниот екстремизам и странските терористички борци, констатирано е дека институциите редовно преземаат мерки и информираат.

Безбедносните служби реферираа за сите предизвици и потенцијални закани со кои се соочува регионот, како и мерките што нашите институции, во соработка со партнерските служби ги преземаат за нивно спречување.

Утврдено е дека во однос на мигрантската криза надлежните институции во Република Македонија постапуваат во согласност со Законот за управување со кризи.

Заклучено е Армијата на Република Македонија и Управувачкиот комитет да ги преземат сите потребни мерки во случај на промена на ситуацијата на теренот, во смисла на можни ограничувања на протокот на мигранти во другите држави во Европа, кон кои тие се упатуваат.

Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно.

Советот за безбедност ја задолжи АРМ веднаш да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално и можно поставување ограда.

Советот за безбедност потенцира дека поставувањето на оградата не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и ограничување на протокот, во согласност со бројот на мигранти што ќе го прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат.

Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 55 од 175