Соопштенија
PRM
Честитка до сите христијански верници кои ги прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Недела, 27 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и апостолски егзарх, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам христијанскиот празник - Велигден.

Празнувајќи го големиот празник - Велигден, ја славиме победата над смртта и триумфот на љубовта и надежта. Христовата жртва е завет за генерациите кои ја продолжуваат пораката за соживот и слога, за разбирање и мир. Христовото воскресение нè учи дека вербата и надежта нè прават човечни. Затоа, да останеме и понатаму обединети во духот на промовирањето на вистинските вредности кои ќе придонесат во зацврстувањето на меѓусебната доверба и почит, како основа за просперитетна иднина на нашата земја.

Со овие мисли, почитуван Бискуп скопски и апостолски егзарх, дозволете ми уште еднаш, Вам и на сите верници да Ви посакам велигденските денови да ги поминете во духовен мир, радост и благосостојба.

Нека е за многу години големиот христијански празник!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

SUDAN
Новоименуваните амбасадори на Судан, Виетнам и Индонезија ги предадоа акредитивните писма
Петок, 25 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Судан, на Социјалистичка Република Виетнам и на Република Индонезија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Судан со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Илхам Ибрахим Мохамед Ахмед, беше изразена волја за продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји , како на билатерален така и на мултилатерален план.

"Верувам дека со Вашиот ангажман и професионално искуство, ќе придонесете кон изнаоѓање на нови форми за збогатување на билатералната соработка, која до овој период е незначителна и скромна" истакна претседателот Иванов.

VIETNAMНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Нгујен Ти Хонг Оан, претседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените пријателски односи и соработката меѓу двете држави во сите области од заемен интерес, за што потврда е и официјалната посета на Република Македонија на потпретседателот на Виетнам, Н.Е. г-ѓа Нгујен Ти Доан, во декември 2014 година за време на која се потпишаа и два значајни договора кои придонесоа во воспоставувањето на солидна правна рамка за соработка на двете земји.

Новоименуваниот виетнамски амбасадор, г-ѓа Оан ја потврди заложбата на Виетнам за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на економијата, културата и образованието изразувајќи ја подготвеноста на нејзината земја за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.

На средбата со новиот амбасадор на Република Индонезија со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Сри Астари Расџид, двајцата соговорници изразија задоволство од заемната желба за сестран развој на пријателските односи и за соработката во сите области од заемен интерес.

„Сакам да Ве уверам дека Република Македонија е подготвена за интензивирање на односите и соработката, и тоа не само на билатерален, туку и на мултилатерален план. Особено во системот на Обединетите нации и Алијансата на цивилизациите, каде нашите две држави можат да дадат голем придонес", порача претседателот Иванов.

Новоименуваниот индонезиски амбасадор, г-ѓа Расџид изрази уверување дека во блиска иднина меѓусебното разбирање и доверба ќе резултираат со разновидна соработка особено во областа на економијата, јакнењето на трговската размена и можностите за инвестиции, образованието, туризмот и културата.

INDONEZIJAПретседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

angela_merkel
Телефонски разговор на претседателот Иванов со германската канцеларка Ангела Меркел
Среда, 23 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари телефонски разговор со Канцеларот на Сојузна Република Германија, г-ѓа Ангела Меркел.

Двајцата соговорници разменија мислења околу последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза по одлуката за затворање на Балканскиот коридор.

Претседателот Иванов ја информираше германската канцеларка за инцидентот што се случи на 14 март 2016 година на јужната гранична линија и обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија.

Двајцата соговорници го осудија инцидентот, при што канцеларката Меркел изрази поддршка на борбата против илегална миграција и се согласи дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп во Идомени. Во тој контекст, Меркел истакна дека мора да престанат обидите за илегално минување на границата, како и поттикнувањето на илегалната миграција.

Претседателот Иванов ја информираше канцеларката Меркел дека македонските безбедносни сили спроведоа навремена, успешна и одговорна реакција без употреба на сила и побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија доследно ќе ја почитува одлуката за затворање на балканскиот коридорот за илегални премини и дека македонските безбедносни институции и во иднина ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците. Во тој контекст македонскиот претседател повторно упати покана до Германската федерална гранична полиција да биде дел од полицискиот контингент на ЕУ на јужната и северната граница на Македонија.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за да превенира евентуални повторни обиди за илегален влез.

Со цел успешно справување со заканите од илегална миграција, претседателот Иванов го реафирмираше барањето за поголема политичка поддршка од ЕУ, за поголема логистичка помош од Европската комисија, како и барањето на опрема за заштита на границата и за регистрација на мигранти. Воедно, македонскиот претседател ја истакна потребата од зголемување на заедничката соработка меѓу разузнавачките служби за заканите и ризиците, преку дозволен пристап на земјите кои се дел од транзитниот коридор до збирките на податоци на телата на Унијата.

Во разговорите беа разменети мислења околу можните решенија за мигрантите и бегалците кои во моментов се затекнати на територијата на Република Македонија и другите земји од Балканскиот коридор, како и за можностите за воспоставување на механизам за легална миграција помеѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан.

Во телефонскиот разговор соговорниците го поздравија договорот меѓу ЕУ и Турција и изразија надеж дека истиот ќе биде доследно спроведен и ќе даде позитивни резултати во справување со мигрантската криза.

filip
Писмо со сочувство до кралот на Белгијците Н.В. Филип
Вторник, 22 Март 2016
PRM_Parolin_01
Средба со Државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин
Петок, 18 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол, како и за тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка.

Претседателот Иванов изрази задоволство од реализирањето на посетата на кардиналот Паролин на Република Македонија, во годината кога одбележуваме значаен јубилеј, 1100 години од упокојувањето на големиот ученик на Светите Кирил и Методиј, македонскиот патрон Св. Климент Охридски.

„Вашата посета, не само што ми овозможува да ви го возвратам извонредното гостопримство, кое ми беше укажано за време на мојата официјална посета на Ватикан минатата година, туку претставува и своевидна потврда за силната поврзаност, меѓусебното почитување и искреното пријателство меѓу Република Македонија и Светиот Престол", истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател ја поздрави одлуката на Ватикан за прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, нагласувајќи дека овој чин е од особена културна и историска важност за Република Македонија и истакна дека нашата земја ќе се вклучи во одбележувањето на Канонизацијата на Мајка Тереза со повеќе активности. Воедно, претседателот Иванов изрази благодарност за поддршката од ватиканските власти во успешната реализација за поставување на спомен-плочата во чест на Светите Кирил и Методиј, во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.

Посочувајќи дека нашата држава има длабока традиција на почитување на различните верски чувства, претседателот Иванов ја истакна плодната соработка со Католичката црква и нејзината конструктивна улога како столб на меѓунационалната и меѓурелигиска коегзистенција.

Македонскиот претседател изрази задоволство од соработката меѓу Државниот Архив на Македонија и Тајниот Архив на Ватикан, како и од можноста за проучување на архивските збирки на Светиот Престол, а поврзани со историјата на нашата држава.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Папата Франциск ќе ја прифати поканата за посета на Македонија, што би било од огромно значење за унапредувањето на билатералните односи, за католичката заедница во Република Македонија и воопшто за сите христијански верници.
PRM_Parolin_2

PRM_razgovor
Телефонски разговори за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи на 14 март 2016 година
Четврток, 17 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, согласно заклучокот од последната седница на Советот за безбедност, во текот на вчерашниот и денешниот ден оствари телефонски разговори со повеќе претседатели и премиери од земјите-членки на Европската унија и земјите долж балканскиот коридор, со претседателот на Европскиот совет и со претседавачот на Европскиот совет, за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи на 14 март 2016 година на јужната гранична линија.

Во телефонските разговори со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, со претседателите на Република Србија и на Република Хрватска, г. Томислав Николиќ и г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ, премиерите на Република Словенија, на Чешката Република, на Република Австрија, на Република Полска, на Унгарија и на Република Бугарија, г. Миро Церар, г. Бохуслав Соботка, г. Вернер Фајман, г-ѓа Беата Шидло, г. Виктор Орбан и г. Бојко Борисов, како и министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, г. Берт Коендерс, во својство на претседавач со Советот на ЕУ, претседателот Иванов ги запозна соговорниците со случувањата на јужната граница и деталите за инцидентот од 14 март 2016 година, обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија и ја истакна загриженоста од можноста за повторување на слични инциденти.

Претседателот Иванов информираше за навремената, успешна и одговорна реакција на македонските безбедносни сили, без употреба на сила.

Македонскиот претседател побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија. Претседателот Иванов рече дека балканскиот коридорот за илегални премини е затворен.

Република Македонија, порача претседателот Иванов во телефонските разговори, ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедноста, а македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја в предвид обврската за хуман третман на бегалците.

Дополнително, претседателот Иванов искажа голема благодарност до земјите што имаат свои полициски сили на јужната гранична линија, особено до оние кои учествуваа во надминувањето на инцидентот.

Претседателот Иванов информираше дека земјата и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволи илегален влез на мигранти во Република Македонија.

Сите соговорници го осудија инцидетот од 14 март 2016 година и истакнаа дека вакви инциденти не смеат да се повторат. Истовремено, соговорниците изразија почит и поддршка за начинот на кој Република Македонија се справува со мигрантската криза.

Во телефонските разговори претседателот Иванов побара политичка поддршка од Европската унија, логистичка помош од Европската комисија за институциите на системот за управување со криза за да се намалат безбедносните ризици и да се заштити границата, одговор и реализација на нашите барања за добивање на опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти и побара пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор.

Соговорниците се согласија дека ваквата пракса на комуникација и координација во пресрет на состаноците на Европскиот совет, но и по потреба, мора да продолжи и во иднина, затоа што Република Македонија е рамноправен партнер што настојува да се изнајде единствен европски одговор на мигрантската криза.

Во текот на оваа и следната недела претседателот Иванов ќе оствари телефонски разговори и со други лидери од Европската унија, земjите од балканскиот коридор и останатите засегнати држави.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 50 од 175