Соопштенија
Hajndl07062016
Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Јоханес Хајндл
Вторник, 07 Јуни 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Јоханес Хајндл, личен претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

На средбата претседателот Иванов и амбасадорот Хајндл разменија мислења за актуелните случувања на политички план во Република Македонија, како и за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.

Амбасадорот Хајндл ја поздрави и упати честитки за одлуката на претседателот Иванов за поништување на одлуките за помилување - ослободување од гонење без спроведување на постапка, со што се отвори можност за фокусирање кон обврските од договорот од Пржино.

На средбата претседателот Иванов изрази очекување дека неговата одлука ќе придонесе за надминување на политичката криза.

Во таа насока, двајцата соговорници се согласија за потребата за спроведување на обврските од договорот од Пржино, како и неопходните реформи, кои се единствениот начин за излез од политичката криза.

„Нема повеќе место за алиби, изговори и избегнување на обврските од договорот од Пржино. Политичките чинители треба да покажат конструктивност, одговорност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата", рече претседателот Иванов на средбата.

Двајцата соговорници разменија мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со истата.

PRM_pomiluvanja
Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Понеделник, 06 Јуни 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Изминаа десет дена откако донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за вкупно дваесет и двајца политички експонирани лица.

Оттогаш, сите други лица, согласно законските измени, имаа можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување.

Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно - политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април.

На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод почетокот на рамазанските пости
Понеделник, 06 Јуни 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван Реис-ул-Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да ви упатам честитки по повод почетокот на Рамазанските пости.

Рамазан е најсветлиот месец во исламот, месец на пост, молитва, солидарност и милост. Деновите на постот се можност да се покаже великодушноста и да им се помогне на сиромавите, со надеж за милост, бериќет и проштевање на гревовите пред портите на рајот.

Во месецот кој го слави духовното и телесното прочистување, посакувам сите верници од исламска вероисповед преку својата вера, посветеност и молитва да се присетат на благословите на големиот светец и да ги споделат со семејството и блиските.

Длабоко се надевам дека преку искушенијата на постот, верниците од исламска вероисповед ќе се поведат по највозвишените вредности - трпеливоста, воздржаноста, дисциплината и мудроста.

Во духот на празникот Ви посакувам лесни Рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и проштевање.

д-р Ѓорге Иванов

PRM
Честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј
Вторник, 24 Мај 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми да Ви го честитам државниот празник, 24 Мај, денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Одбележувајќи го големиот празник 24 мај, ја славиме историската и епохална мисија на солунските браќа. Големите просветители ја составија првата словенска азбука - глаголицата. Со помош на глаголицата тие ја препеаа Библијата на старословенски насочувајќи дека секој народ има право на проповед за делата Божји на својот мајчин јазик. Преку писмото, на идните генерации на автентичен начин им го пренесуваме она што сме го наследиле од нашите предци. Делата на светите браќа не учат дека сите луѓе се еднакви пред Бога, а јазикот на кој се молат на Бога му е еднакво мил.

Република Македонија ја слави цивилизаторската мисија на големите сесловенските апостоли кои прифаќајќи ја светлината на знаењето на верата придонесоа кон втемелување на правото на еднаквост, јазик и култура.

Сржта на просветителската мисија на сесловенските апостоли е во просветителскиот континуитет што се докажа преку продолжувачите на нивната поука и знаење, големите словенски дејци свети Климент и свети Наум.

За многу години празникот.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_portret
Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите
Понеделник, 23 Мај 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Ја користам оваа свечена пригода да ви упатам искрени честитки по повод прославувањето на 23 Мај - Националниот ден на Власите.

Во годината кога треба да прославуваме четврт век од независноста на Република Македонија, нашата заедничка татковина минува низ сериозни предизвици. Но, има едно нешто што ни дава храброст и истрајност на нашиот пат, а тоа е македонската традиција на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Тоа е увереноста дека Македонија е татковина на сите нејзини граѓани, независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност. Влашкиот народ е нераскинлив дел од минатото, сегашноста и иднината на Македонија.

Прославувајќи го денот кога, пред повеќе од еден век Власите биле признаени како посебен народ, со право да се образуваат, да публикуваат и да богослужат на својот мајчин Влашки јазик, ние денес го празнуваме соживотот и заедништвото. Почитувајќи го етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на Власите, ние го почитуваме достоинството на нашите сограѓани.

Како лојални и посветени граѓани кои се успешни на сите општествени полиња, Власите активно придонесуваат кон градењето на заедничкиот дом, што го наследивме од предците и што ќе го оставиме на нашите потомци.

Како и досега, така и во иднина, лично ќе се залагам за понатамошно негување и ширење на влашката традиција и култура во земјава.

Нека е за многу години празникот.

д-р Ѓорге Иванов

Prm_Hajndl1
Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Јоханес Хајндл
Четврток, 19 Мај 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Јоханес Хајндл, личен претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Претседателот Иванов и амбасадорот Хајндл разговараа за актуелните случувања на политички план во Република Македонија и беа разменети информации и мислења за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.

На средбата се разменија мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со истата.

Двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија е неопходно да има функционални државни институции кои ќе можат професионално, навремено и ефикасно да одговорат во справувањето и превенцијата со заканите. Во таа насока, соговорниците истакнаа дека сите политички чинители треба да покажат одговорност, конструктивност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека како и досега, така и во иднина ќе постапува единствено според Уставот и Законите на Република Македонија и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 48 од 175