Соопштенија
prm_prostalna_sholengul_1
Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Р. Турција, Н.Е. г. Омур Шолендил
Вторник, 18 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Н.Е г. Омур Шолендил.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во двете земји и во регионот, како и за актуелните предизвици од мигрантската и безбедносната криза.

Претседателот Иванов изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Шолендил  за одличните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Република Турција кои се на ниво на стратешко партнерство , како и за интензивирање и продлабочување на соработката во економијата, туризмот, културата, образованието и во други области од заемен интерес.

Македонскиот претседател истакна дека високо го цениме фактот што Република Турција е еден од најгласните промотори за интеграција на  Република Македонија во НАТО и изрази уверување дека блиските и пријателски односи, како и политичкиот дијалог на сите нивоа, ќе продолжат да се унапредуваат и во иднина.

Амбасадорот Шолендил изрази благодарност за поддршката од македонските институции во вршењето на неговата дипломатска дејност истакнувајќи дека двете земји ги поврзуваат заедничка историја и култура кои се одлична основа билатералната и мултилатерална соработка  да бидат на едно привилегирано ниво и постојано да се интензивираат.

MO_Ceska_1
Средба со Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република
Среда, 12 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Чешката Република, при што го нагласи континуираниот политички дијалог и плодната соработка во сите сфери од заемен интерес. Македонскиот претседател беше информиран за предлозите за развој на меѓусебната воена соработка и размена на искуство во справување со заканите.

Во тој контекст, претседателот Иванов ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка помеѓу двете земји.

Во однос на македонските стратешки цели, членствата во НАТО и во Европската Унија, македонскиот претседател го истакна значењето на досегашната отворена и принципиелна поддршка која нашата држава ги добива од Чешката Република, и изрази очекување дека истата ќе продолжи и во иднина.

Претседателот Иванов и министерот Стропницки разменија мислења и информации околу развојот и актуелните случувања во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за предизвиците поврзани со безбедноста и сигурноста.

Македонскиот претседател се заблагодари за целокупната поддршка и помош која Чешката Република и ја дава на нашата држава во справувањето со мигрантската криза, преку присуство на сили и опрема, со цел поефикасна заштита и надзор на границата и намалување на безбедносните ризици во подрачјето зафатено со криза.

Претседателот Иванов истакна дека во интерес на идната рамка за Европската безбедност е потребна ревизија на законите за идната улога на Армиите во поддршка на цивилните авторитети во справување со мигрантската криза, во заштитата на границите, контратероризмот и природни непогоди и несреќи.

Двајцата соговорници се согласија дека од заеднички интерес е интензивирањето на соработката помеѓу двете армии и безбедносните служби, и воспоставување на поголема динамика во областа на одбраната преку размена на искуства и иницијативи и реализација на заеднички воени вежби и учества во мировни мисии.

PRMportret2
Честитка по повод 11 Октомври - Денот на народното востание
Вторник, 11 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Ако постои една идеја што како светилник нè водела низ бурите на историјата, тоа е идејата за слобода на Македонија. Благодарение на таа идеја, ние сме наоѓале сила да се помириме и да ги надминеме поделбите.

Минаа 75 години од 11 Октомври 1941-та, од денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор. Следуваа најтешките години исполнети со многу борби, жртви и искушенија. Иако соочени со многупати посилен и подобро вооружен непријател, борците во Народноослободителната борба не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народ на Македонија храбро маршираа кон слободата. На 2 август 1944-та, на нашиот втор Илинден, тие се изборија за државотворниот АСНОМ. Нивното дело го продолжија основоположниците на независна Република Македонија. На 8 септември 1991-та, пред 25 години, го остваривме нашиот трет победоносен Илинден.

11 Октомври беше возможен поради свежите сеќавања за илинденската епопеја. Но, без 11 Октомври 1941-та ние ќе го немавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомври, се изборивме и за слобода, и за државност и за независност.

Нишката што ги поврзува сите наши Илиндени е идејата за слобода на Македонија која ги надминувала и порамнувала сите разлики. Оваа година на двоен јубилеј нè затекна меѓусебно поделени и раскарани. Премногу долго, длабоката политичка криза ја исцрпува енергијата на нашето општество и економија и им ја одзема перспективата на нашите млади. Неопходно е разрешување и надминување на кризата. 11 Октомври и 8 Септември треба да бидат потсетување дека само ако се помириме, ако си простиме и се сплотиме, ќе можеме да ја зачуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата заедничка татковина – Република Македонија.

Како што се изборивме за слободата, државноста и независноста, така денес треба да се бориме за чување на придобивките и градење просперитетна иднина за нашите потомци.

Треба да им бидеме благодарни на сите кои учествуваа во остварувањето на стремежот за слобода, државност и независност. Нам ни останува да го чуваме сето тоа што го имаме.

Нека ни е за многу години 11 Октомври, Денот на народното востание!
Да живее Република Македонија!

PRMportret
Писмо со сочувство по повод смртта на г. Михал Ковач, прв демократски избран претседател на Словачката Република
Петок, 07 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на г. Михал Ковач, прв демократски избран претседател на Словачката Република и еден од основачите на Движењето за демократска Словачка, упати писмо со сочувство до г. Андреј Киска, Претседател на Словачката Република.

Почитуван господине Претседател,

Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на еден од основачите на Движењето за демократска Словачка и прв демократски избран претседател на Словачката Република, г. Михал Ковач.

Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за словачкиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да упатам изрази на искрено сочувство. Во мугрите на независноста на Словачката Република, претседателот Ковач придонесе за демократизација на државата и нејзините европски и евроатлантски интеграции. Благодарение и на неговите заложби, Словачката Република денес е значајна и почитувана земја-членка на Европската Унија и НАТО.

Токму во негово време, Република Македонија и Словачката Република воспоставија дипломатски односи, кои се надоврзуваат на длабоките корени на македонско-словачкото пријателство.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот словачки народ и до семејството Ковач.

д-р Ѓорге Иванов

prm-ivanik1
Средба со г. Младен Иваниќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина
Четврток, 06 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Младен Иваниќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

Двајцата соговорници констатираа добра билатерална соработка меѓу двете земји, без отворени прашања, и изразија заемен интерес за јакнење и продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот, во контекст на актуелните предизвици и неговите евроатлански перспективи. Членот на Претседателството, г. Иваниќ, го запозна претседателот Иванов со актуелните политичко-економски состојби во Босна и Херцеговина и со клучните предизвици на земјата во наредниот период. Во таа насока, беа реафирмирани заложбите за натамошна меѓусебна помош, поддршка и соработка, со цел побрзо исполнување на стратешките цели на двете земји.

Соговорниците разменија информации за престојаните состаноци на регионалните иницијативи во која учествуваат двете земји, како и предлог-идеи за унапредување на регионалната и соработката на мултилатерален план. Притоа, беше изразена загриженост од одредени ретроградни процеси, кои во актуелниот момент, кога Европа и регионот се соочуваат со сериозни безбедносни предизвици, можат дополнително да ги влошат состојбите и односите во регионот.

Претседателот Иванов ја нагласи подготвеноста на Република Македонија за натамошно унапредување на односите со Босна и Херцеговина и за продлабочување на соработката особено во областа на економијата и безбедноста. Економската соработка, констатираа двајцата соговорници, не го следи нивото на политичките односи меѓу двете земји, ниту пак соодветствува со реалните можности и капацитети.

Заемен е заклучокот дека е неопходно низ дијалог и забрзана интеграција, како и со фокусираност на крупни инфраструктурни поврзувања, да се дојде до политичка, економска и безбедносна консолидација во регионот на југоисточна Европа. Воедно, претседателот Иванов го реафирмираше интересот за официјална посета на тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина на Република Македонија.
prm-ivanik2

katik
Средба со г-а Андреја Катиќ, министер за одбрана на Република Словенија
Вторник, 04 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-а Андреја Катиќ, министер за одбрана на Република Словенија, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од севкупните билатерални односи меѓу двете земји и ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка помеѓу Република Македонија и Република Словенија.

Македонскиот претседател изрази благодарност од досегашната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија во однос на македонските аспирации за членство во НАТО и промовирањето на нашата кандидатура, како и за досегашната принципиелна поддршка во процесот на европската интеграција на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења околу развојот на случувањата во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за безбедносните предизвици на земјите од Југоисточна Европа. Македонскиот претседател изрази задоволство од интензивните контакти помеѓу министерствата, армиите и другите надлежни служби на двете земји, со цел превенција и менаџирање со мигрантската криза и преземање на заеднички мерки во услови на евентуален нов мигрантски бран на Балканската рута. Воедно, претседателот Иванов за заблагодари за досегашната поддршка од Република Словенија при справувањето со мигрантската криза, како и за присуството на словенечката полиција на македонско-грчката граница.

Двајцата соговорници изразија задоволство од соработката во повеќе сегменти на одбраната, размената на искуствата и поддршката во реформите и трансформацијата на одбранбениот сектор согласно барањата од НАТО Алијансата. Исто така, од страна на претседателот Иванов беше искажан интерес за зголемување на учеството на АРМ во операции предводени од ООН преку заедничко учество со Вооружените сили на Република Словенија.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 42 од 175