Соопштенија
Obama1
Честитка до г. Барак Обама, претседател на САД, по повод 4 јули - Денот на независноста
Понеделник, 04 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 јули – Денот на независноста, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама.

Почитуван господине Претседателе,

По повод 4 јули - Денот на независноста, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и срдечни желби за просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот aмерикански народ.

Ја користам оваа пригода, уште еднаш да нагласам дека нашите две држави ги поврзува традиционално пријателство, споделени заеднички вредности, како и стратешко партнерство во повеќе значајни домени. Активното учество на Република Македонија во повеќе мировните мисии, како и силната посветеност кон глобалната коалиција за борба против тероризмот, се важен дел од заедничките активности во регионален и мултилатерален контекст.

Високо го цениме сèвкупниот придонес, како и силната и континуирана поддршка на Вашата држава за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во Регионот, како и за остварување на стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија.

Стапувањето на Република Македонија во одамна заслуженото полноправно членство во НАТО, и натаму останува голем предизвик со кој нашата држава се соочува. Во тој контекст, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во пресрет на Самитот на Алијансата, во јули оваа година во Варшава.

Дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Bartol
Средба со морнаричкиот капетан Горазд Бартол, новоименуван шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија
Петок, 01 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими морнаричкиот капетан Горазд Бартол, новоименуван шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.

Посакувајќи му добредојде во Република Македонија, претседателот Иванов изрази очекување за продолжување на непосредната соработка на Канцеларијата за врски на НАТО со Министерството за одбрана и со Генералштабот на АРМ.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната соработка, како и подготвеност за натамошна потесна соработка и поддршка ‎од канцеларијата за врски на НАТО, во доменот на одбраната и безбедноста.‎

Во однос на македонските аспирации за членство во НАТО, а во пресрет на самитот во Варшава, претседателот Иванов апелираше до партнерите во алијансата да не го игнорираат меѓународното право, да не се игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти и предизвиците во нашиот регион и побара Република Македонија што поскоро да го заземе заслуженото место како земја-членка во НАТО.

Претседателот Иванов на морнаричкиот капетан Бартол му посака успех во извршувањето на одговорната мисија.

heinz-fischer
Писмо од г. Хајнц Фишер, сојузен претседател на Република Австрија
Четврток, 30 Јуни 2016

Ваша Екселенцијо,

По 12 години на функција, мојот втор мандат како Претседател на Република Австрија завршува на 8 јули 2016 година. Со овие неколку реченици, би сакал да се збогувам и да Ви се заблагодарам на соработката во интерес на добрите релации помеѓу нашите две земји.

Отсекогаш сум ја ценел можноста за размена на мислења со вас, на теми од билатерално и меѓународно значење, без оглед дали во рамки на состаноците на процесот Брдо - Бриони или во други пригоди.

Од сите мои обврски како сојузен Претседател, отсекогаш сум сметал дека одржувањето и развивањето на меѓународните контакти е особено значајно. Убеден сум дека меѓународната соработка претставува незаменлив столб за успешна надворешна политика и надворешно-економска политика, и дека Шефовите на држави може да дадат важен придонес во таа насока.

Во свет кој е глобализиран и брзо се менува, соочени сме со големи предизвици и задачи за иднината. Сметам дека со нив може успешно да се управува само со заедничка работа, меѓусебна почит и разбирање, наспроти преземањето еднострани активности.

Следствено на тоа, се надевам дека успешната соработка помеѓу нашите две земји ќе продолжи и во иднина.

erdgon-m
Сочувство од претседателот Иванов до турскиот претседател г. Реџеп Таип Ердоган
Среда, 29 Јуни 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, по повод терористичкиот напад на меѓународниот аеродром во Истанбул.

„Со шок и огорченост ја примив веста за последниот терористички напад извршен на меѓународниот аеродром во Истанбул и искрено жалам за загубените животи од овој ѕверски акт.

Во овие моменти на длабока тага во Република Турција, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да изразам искрено сочувство.

Најостро осудувајќи го овој подмолен и насилен варварски чин, уверен сум дека единствен начин да се спротивставиме на оваа споделена закана е преку тесна соработка на целиот цивилизиран свет. Во отсуство на таквата неопходна соработка, никој и никаде нема да биде безбеден. Затоа, крајно време е светот да се обедини во одбрана на споделените вредности. Ве уверувам дека во овие тешки моменти Република Македонија е солидарна со Република Турција и Ве охрабрувам одлучно да се соочите со заканата од тероризмот во заштита на слободата, безбедноста и вредностите на Вашите граѓани и поредокот на Вашата држава.

Господине Претседателе, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите."

д-р Ѓорге Иванов

02._Ekvador
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Р. Еквадор и И.Р. Пакистан
Петок, 24 Јуни 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Еквадор и Исламска Република Пакистан.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Еквадор за Република Македонија со седиште во Рим, Н.Е. г-н Хуан Холгун Флорес, македонскиот претседател истакна дека и покрај географската оддалеченост, постои заедничка желба и потенцијал за сеопфатно развивање на меѓусебните односи и изрази уверување дека во блиска иднина ќе се интензивира билатералниот политички дијалог и меѓусебната соработка, особено во доменот на економијата, културата и туризмот.

Новоименуваниот амбасадор на Република Еквадор за Република Македонија, г-н Флорес ја искажа својата заложба за унапредување на билатералните односи особено во областа на економијата, како и за актуелни меѓународни прашања и регионални теми од заемен интерес.

akreditivi_pakistan_5Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Пакистан за Република Македонија со седиште во Анкара, Н.Е. г. Сохаил Махмуд, изрази уверување дека со заемен ангажман во претстојниот период ќе се интензивира политичкиот дијалог и соработка меѓу двете земји.

„Длабоко сум уверен дека пред нашите две земји кои ги одликува богата и древна културна традиција, претстојат многу можности за унапредување на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план", истакна претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Пакистан, г-н Махмуд ја изрази подготвеноста за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес, особено во областа на трговската размена, научната и технолошката соработка.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

prostalna_ungarija
Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Унгарија. Н.Е. г. Јозеф Бенце
Среда, 15 Јуни 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Н.Е. г. Јозеф Бенце.

На средбата, претседателот Иванов изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Бенце во развојот и негувањето на билатералните односи, како и во интензивирањето на целокупната соработка меѓу двете земји во сите сфери од заемен интерес.

Двајцата соговорници изразија задоволство од принципиелните односи меѓу двете земји, особено од соработката во справувањето со мигрантската и бегалската криза, притоа истакнувајќи ја улогата на Република Македонија како регионален партнер, кој придонесува во унапредување на односите со сите земји од Вишеградската група.

Македонскиот претседател изрази уверување дека блиските и пријателски односи со Унгарија, како и политичкиот дијалог на сите нивоа, ќе продолжат и во иднина, посочувајќи дека Република Македонија високо ја цени континуираната поддршка и помош од Унгарија.

Амбасадорот Бенце изрази благодарност за поддршката од македонските институции во вршење на неговата дипломатска должност, истакнувајќи дека Унгарија, како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува европските и евроатлантските интеграции и напредокот на Република Македонија.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 47 од 175