Соопштенија
PRMslika
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден
Сабота, 30 Април 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:

Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден.

На овој голем христијански празник кога ја славиме победата на животот над смртта се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата го зачувуваа  народното битие и македонското духовно наследство. Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјава. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, јакнејќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи.

Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Велигден го празнува животот од кој се раѓаат љубовта и надежта како симболи на победата над смртта. На верниците од православна вероисповед и на верниците на  Евангелско-методистичката црква им посакувам верба во срцата, меѓусебно почитување, разбирање и заемно помагање - вредности кои мора да бидат секојдневно присутни во живеењето на сите граѓани.

Христос воскресна!

Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

PRMPasha
Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Пасха
Петок, 22 Април 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓo Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија да Ви го честитам претстојниот празник Пaсхa, денот кога се прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство.
Еден од најголемите еврејски празници, празникот Пaсхa во себе ја содржи пораката за слобода, правда и достоинство. Гледајќи наназад низ историјата, празникот го слави ослободувањето на Евреите, но и го отсликува поривот за победа, саможртвата и непокорот на еден народ. Македонската историја бележи многу херои и жртви на знајни и незнајни јунаци кои ги поставија темелите на сувереноста на Република Македонија. Сите заедно градиме дом на сплотеност и разбирање. Негувајќи ги меѓусебните односи, културата и традициите, градиме дом на соживот и вредности за идните генерации.
Честитајќи Ви го празникот Пaсха примете ги моите искрени желби за мир, меѓусебна доверба и пријателство.

д-р Ѓорге Иванов

PRMizjava
Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 21 Април 2016

Како што најавив во моето последно обраќање, а во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, во тек се консултации со правни експерти со цел изнаоѓање на можно правно решение.

Од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, ве информирам дека не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката. Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение.

Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и Законите на Република Македонија.

Јас како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и Законите на Република Македонија.

Во врска со протестите изјавувам дека никому не му е ускратено правото да искаже незадоволство или протест за која било одлука на која било државна институција. Но, во остварувањето на тоа право повикувам да не се нарушува јавниот ред и мир и да не се уништува приватниот и државниот имот.

Република Македонија се соочувала со предизвици и кризи, но секогаш изнаоѓала решенија преку дијалог во институциите водејќи се пред сѐ од интересот на граѓаните и државниот интерес.

prm_ambasadori_2
Средба со амбасадорите на ЕУ во Република Македонија
Вторник, 19 Април 2016
CRO-SLO
Трилатерална средба со претседателитe на Република Словенија и на Република Хрватска
Вторник, 12 Април 2016


prm_pahor_i_kolindaПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, и претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар Китаровиќ, кои на покана на претседателот Иванов престојуваат во работна посета на Република Македонија.

На средбата тројцата претседатели разменија мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, за мигрантската криза, како и за македонските европски и евроатлански интеграции и предизвиците со кои се соочува земјата на внатрешен план.

Претседателот Иванов ги информираше за состојбата на македонско - грчката граница и за инцидентот од 10 април, и истакна дека македонските безбедносни сили постапија брзо, професионално и соодветно на ситуацијата и дека Република Македонија и во иднина ќе ги почитува заклучоците на Европскиот совет за целосно затворање на Балканскиот коридор.

Претседателите Пахор и Китаровиќ го осудија инцидентот и се согласија дека мора да се спречат и да престанат обидите за илегална и насилна миграција. За таа цел, претседателот Иванов апелираше ЕУ да и помогне на Грција со цел да се затвори импровизираниот камп кај Идомени.

prm_pahor_i_kolinda_1Македонскиот претседател се заблагодари за поддршката од Република Словенија и Република Хрватска и истакна дека Република Македонија и натаму има потреба од логистичка и техничка помош за справување со кризата.

На средбата беа разменети мислења и околу зголемените безбедносни ризици од мигрантската криза, при што тројцата претседатели се согласуваат дека е потребна засилена соработката меѓу земјите долж Балканскиот коридор на безбедносен план, и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.

На средбата беше разговарано и за политичката криза во земјава и потребата за нејзино што поскоро надминување. Претседателот Иванов ги информираше соговорниците за денешната одлука, мотивите за истата и целите кои верува дека ќе ги постигне.

Посетата на претседателите на Хрватска и Словенија е во согласност со еден од заклучоците од Брдо Бриони Процесот, според кој е потребна што пoбрза реализација на македонските интеграции во ЕУ и НАТО, и надминување на внатрешните предизвици, кои во голема мера се генерираат и се предизвикани од предолгата статус - кво состојба во евроинтеграциите на Република Македонија.

На трилатералната средба беа поздравени одличните политички односи меѓу Македонија, Словенија и Хрватска, и беа реафирмирани заложбите за продлабочување на соработката на билатерален и мултилатерален план, и во справувањето со сите актуелни предизвици.
prm_pahor_i__kolinda_2

PRMromi
Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Ромите
Петок, 08 Април 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

Драги сограѓани,

Би сакал најсрдечно да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Овој значен празник е можност за прослава на различноста, но и за евалуација на степенот на вклученост на ромската заедница во општествените текови.
Во текот на 25-те години независност, Република Македонија напорно работеше за да ја унапреди социоекономската, политичката, и културната позиција на Ромите во општеството. Благодарение на македонскиот инклузивен демократски модел, Ромите имаат сопствена локална самоуправа и претставници во законодавната и во извршната власт. Ромскиот јазик се предава во училиштата и се слуша на брановите на Македонската радио-телевизија, но и на локалните телевизиски станици. Сепак, свесни сме дека ни претстои уште многу работа. Сè уште постојат стереотипи и предрасуди кои фрлаат сенка на македонскиот модел на соживот. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел: еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија.
Ромската заедница е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Вашата традиција и култура, светоглед и филозофија на живеење се вткаени во нашето секојдневие и како такви никој не смее да ги релативизира и минимизира.
Посакувам и понатаму, заедно со другите граѓани на Република Македонија, посветено да продолжите да придонесувате за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина Република Македонија.

Нека ви е честит празникот!

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 49 од 175