Соопштенија
MNR
Средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство
Четврток, 25 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на Амбасадорски совет што се одржува во Министерството за надворешни работи.

Оценувајќи дека Европа и светот се соочуваат со драстични промени, особено во контекст на мигрантската криза, кризата во Еврозоната, терористичките напади и Brexit, претседателот Иванов посочи на неопходноста Република Македонија да се прилагоди на ваквата сложена состојба, со цел зачувување и унапредување на државните интереси.

Претседателот Иванов рече дека мигрантската криза е најголемиот предизвик со кој земјата се соочила во последните 15 години, оценувајќи дека Република Македонија успешно се справи со првиот мигрантски бран и предупреди на втор, помасовен мигрантски бран од Африка.

„Со одговорниот пристап ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои правилно разбраа дека, помагајќи и на Македонија, си помагаат себеси", рече претседателот Иванов.

На средбата претседателот Иванов побара проактивност од шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва, изнаоѓање на нови начини на промоција на Република Македонија, зајакнување на постоечките и создавање на нови пријателства.

Во наредниот период, рече претседателот Иванов клучна задача ќе имаат амбасадорите на нашата држава во непосредното соседство и од нив очекувам удвојување на активностите за соработка.

„Ние во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес. На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа со нови потреби за конкретни проекти во регионалната соработка. Подготвен сум да ги поддржам иницијативите што можат да придонесат кон градењето на добрососедски односи", рече претседателот Иванов. Следната 2017 година, рече претседателот Иванов, Македонија ќе биде домаќин на состанокот во рамки на Процесот Брдо-Бриони.

Осврнувајќи се на највисоките стратешки цели - членство во Европската унија и во НАТО, претседателот Иванов истакна дека „ако во Европската унија и НАТО нема можност и волја да се направи позитивен исчекор за Македонија, што би значело покана во Алијансата, и почеток на пристапните преговори, во такви околности не можеме да чекаме некој од надвор да ни помогне, и тогаш ние самите треба да ги отвориме 34-те поглавја, и ние самите да ги исполниме критериумите за членство во Унијата. Да ги зацврстуваме капацитетите на институциите, да го реформираме судството, образованието, да ја унапредуваме економијата. На тој начин, ќе ги отстраниме или минимизираме последиците од блокадите. Во такви околности очекувам зајакнување на билатералните односи и соработката со земјите членки и зголемен ангажман на нашата дипломатија" .

„Безбедносниот сектор во земјата покажа одговорност, професионалност и капацитет во соочувањето со предизвиците од мигрантската криза. Во наредниот период очекувам и ке се ангажирам во насока на зајакнувањето на капацитетите на нашата дипломатија. Неопходно е дипломатијата да ја дигнеме на едно повисоко ниво со цел соочување со актуелните предизвици, но и во насока на поддршка на реформските процеси и се она што не очекува на внатрешен план", порача претседателот Иванов пред амбасадорите.

Претседателот Иванов повика и на засилен ангажман во однос на подобрување на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји. Истовремено, претседателот Иванов ја истакна и потребата за поголема заложба за обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат.

kotzias
Средба со г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција
Четврток, 25 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција.

Претседателот Иванов ја поздрави и ја истакна важноста на денешната посета на министерот Коѕиас на Република Македонија, како продолжение на дијалогот на министерско ниво од минатата година во Скопје и Атина, и во тој контекст, го повтори интересот на Република Македонија за одржување на политичкиот дијалог меѓу двете земји на високо ниво.

„Изминатиот период имав можност во повеќе наврати да разговарам со премиерот Алексис Ципрас за прашања и предизвици од исклучителна важност за двете земји. Очекувам таа позитивна динамика на контакти и комуникација на сите нивоа да продолжи и да се продлабочи во наредниов период, како билатерално, така и во рамките на регионалната соработка", истакна претседателот Иванов, нагласувајќи го интересот за размена на посети на претседателско ниво во блиска иднина.

Претседателот Иванов ја посочи важноста на започнатиот дијалог меѓу двете земји во однос на мерките за градење на доверба и го истакна интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката во таа насока, со цел да се создаде позитивна клима во односите меѓу двете земји која ќе придонесе за надминување на билатералната разлика околу името.

На средбата претседателот Иванов ја истакна посветеноста на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи со Република Грција, во духот на европските вредности и стандарди.

„Верувам дека заемната доверба може да биде зајакната преку одржување на отворен дијалог и реализација на иницијативите за соработка во сите области од заеднички интерес. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Понекогаш времето носи решенија", истакна претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов и министерот Коѕиас изразија задоволство од континуираниот позитивен развој на односите и подобрувањето на севкупната атмосфера меѓу двете земји.

„Имаме интензивна комуникација. Имаме големи заеднички интереси и за нас од посебно значење е стабилноста и просперитетот на нашиот сосед", рече министерот Коѕиас на средбата.

Претседателот Иванов искажа задоволство што по средбите со премиерот Алексис Ципрас евидентно е подобрувањето на комуникацијата меѓу безбедносните служби.

„Подготвени сме веднаш да учествуваме во заеднички тимови на сите нивоа со цел справување со заканите", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател ги поздрави напорите и фокусираноста на министрите, и апелираше за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба, и внесување на нови содржини во билатералната соработка. Како посебно значајни ги издвои интересот за продлабочување на економската соработка и усогласување на правна рамка, во интерес на бизнис заедниците од двете земји, потребата за натамошно инфраструктурно поврзување меѓу двете земји, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини.

Mattarella
Писмо со сочувство до претседателот на Италијанската Република, г. Серџо Матарела
Среда, 24 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод катастрофалниот земјотрес во централна Италија, испрати писмо со сочувство до претседателот на Италијанската Република, г. Серџо Матарела.


Почитуван господине Претседател,

Со голема тага ја примив веста за катастрофалниот земјотрес во централна Италија и искрено жалам за загубените животи од оваа голема трагедија.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Италијанската Република и за семејствата на настраданите и повредените, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на длабоко и искрено сочувство.

Во овие моменти на тага, кога нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на настраданите, искрено посакувам обновување на разрушените домови и брзо опоравување на погодениот регион.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

UNGARIJA
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Унгарија, на Италијанската Република и на Соединетите Мексикански Држави во Република Македонија
Петок, 19 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Унгарија, на Италијанската Република и на Соединетите Мексикански Држави во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Унгарија во Република Македонија, Н.Е. г. Иштван Ласло Дукс, претседателот Иванов ги истакна одличните односи кои ги карактеризира искрено пријателство и заемна поддршка и почит и изрази надеж дека во наредниот период ќе се продлабочи започнатата активна соработка во повеќе сфери, особено во економската.

„ Верувам дека мерките и активностите што ги преземаат македонската и унгарската влада за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима во своите земји, ќе придонесат за поплодотворна соработка и на ова поле", истакна македонскиот претседател.

Заблагодарувајќи се за сета досегашна конзистентна и отворена поддршка која Унгарија и ја дава на нашата земја во однос на нејзините евроатлански аспирации и во справувањето со последиците од бегалската и мигрантската криза, претседателот Иванов изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

ITALIJA_1На средбата со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е. г. Карло Ромео, македонскиот претседател изрази задоволство од успешниот развој на билатералните односи и на соработката во разни области од заемен интерес меѓу Република Македонија и Италијанската Република и истакна дека има простор за дополнително продлабочување на соработката што ќе придонесе за збогатување на пријателските односи.

Претседателот Иванов упати благодарност за сета досегашна поддршка од Италијанската Република за реализација на европската и евроатланската перспектива на Република Македонија.

„Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во Европската Унија и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Досегашниот пристап и од Унијата и од Алијансата, предолгиот status quo во интеграциите, не само што не вроди со резултат, напротив имаше значаен негативен ефект во вкупните состојби во Република Македонија. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот регион и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние, подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа", порача претседателот Иванов.

Амбасадорот Ромео изрази уверување дека во наредниот период ќе се зацврстат уште повеќе длабоките врски кои ги обединуваат двете земји, особено преку конкретни сугестии и предлози на Самитот на Процесот за земјите од Западен Балкан во 2017 г. кога ќе започне италијанското претседателство, а чии приоритети ја имаат вредноста на инструмент за регионална и европска интеграција и развој.

MEKSIKO„Убеден сум дека и покрај географската оддалеченост меѓу нашите земји, постои заедничка желба и голем потенцијал уште посеопфатно да ги развиваме меѓусебните односи и соработката за доброто на нашите народи", истакна претседателот Иванов на средбата со Н.Е. г. Марко Антонио Гарсија Бланко, новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија, со седиште во Белград.

Македонскиот претседател изрази уверување дека пред двете земји кои имаат исклучително големо културно и историско наследство, претстојат можности за интензивирање и унапредување на соработката преку изнаоѓање нови содржини во повеќе области од заемен интерес.

Во таа насока и новоименуваниот амбасадор г. Бланко ја истакна подготвеноста за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји особено преку јакнење на политичкиот дијалог, инвестициите и стратешките партнерства.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

FR18082016
Проштална средба со амбасадор на Француската Република, Н.Е. г – ѓа Лоранс Оер
Четврток, 18 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба ја прими Н.Е. г – ѓа Лоранс Оер, амбасадор на Француската Република во Република Македонија.

Двајцата соговорници го поздравија успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и заемно констатираа дека постои голем потенцијал за нивно продлабочување во сферата на економијата, културата, образованието и науката.

На средбата беше изразено заемно задоволство од динамизирањето на политичкиот дијалог и контакти на сите нивоа. Претседателот Иванов изрази задоволство што по средбата со претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд, евидентно е зголемена динамиката на политички контакти и изрази надеж дека таквата динамика ќе продолжи и во наредниот период.

Претседателот Иванов се заблагодари за севкупната поддршка што Француската Република ја дава на Република Македонија во реализација на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази задоволство за ангажманот на Франција во Брдо-Бриони процесот и оцени дека со Париската конференција се потврди интересот за Република Македонија и регионот.

Амбасадорката Оер изрази уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази поддршка во реализацијата на стратешките цели на Република Македонија. На крајот од својот ангажман во Република Македонија, се заблагодари за гостопримството и соработката со македонските институции.

Претседателот Иванов на амбасадорката Оер и се заблагодари за севкупниот нејзин ангажман и и посака успех во натамошната кариера.

RO
Проштална средба со амбасадорот на Романија, Н.Е. г. Јустинијан Фокша
Среда, 17 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Романија во Република Македонија, Н.Е. г. Јустинијан Фокша.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на односите меѓу двете држави, и заеднички констатираа дека постои потенцијал за натамошно интензивирање на односите и соработката во сите сфери.

Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што Романија и за дава на Република Македонија за што поскоро приклучување кон НАТО и кон Европската унија.

Амбасадорот Фокша изрази уверување дека Романија ќе продолжи да биде поддржувач и партнер на Република Македонија во постигнувањето на нејзините стратешки цел и се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат како амбасадор и изрази задоволство од соработката со сите македонски институции.

На средбата претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Фокша и му посака успех во натамошната кариера.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 45 од 175