Соопштенија
nrk15082016
Проштална средба со амбасадорот на Народна Република Кина, Н.Е. г. Вен Џеншун
Понеделник, 15 Август 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Н.Е. г. Вен Џеншун.

На средбата беше заеднички констатирано дека односите меѓу двете земји се на исклучително високо ниво и беше искажано задоволство од континуираните напори за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

На средбата претседателот Иванов оцени дека постои огромен потенцијал за натамошно јакнење на соработката и изрази уверување дека со заеднички ангажмани и со силна посветеност ќе продолжи унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов упати честитки до својот колега, претседателот на НР Кина, г. Си Џинпинг за континуираниот развој и напредок на НР Кина.

Амбасадорот Џеншун упати честитки до претседателот Иванов за неговата лична посветеност и придонес во јакнењето на односите и соработката на Република Македонија и НР Кина, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат како амбасадор и изрази задоволство од соработката со сите македонски институции.

Претседателот Иванов му се заблагодари на амбасадорот Џеншун за неговиот ангажман и добрата соработка и му посака успех во натамошната работа.

emirati
Предавање на акредитиви од страна на новоименуваните амбасадори на Обединетите Арапски Емирати и на НР Бангладеш
Петок, 29 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Обединетите Арапски Емирати и на Народна Република Бангладеш за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Обединетите Арапски Емирати за Република Македонија со седиште во Рим, Н.Е. г. Сагер Насер Алраиси, претседателот Иванов изрази уверување дека во периодот што следува ќе се изнајдат нови форми за содржинско збогатување на билатералната соработка во повеќе области од заеднички интерес.

Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашните договори за соработка кои претставуваат подлога за интензивирање на економската соработка и привлекувањето инвестиции кои ќе бидат од заеднички бенефит и за двете земји. Амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, г. Алраиси изрази подготвеност за унапредување на соработката во повеќе области, особено во областа на трговската размена, научната и технолошката соработка, како и соработката во областа на земјоделството и туризмот.

bangladesМакедонскиот претседател на средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Бангладеш за Република Македонија со седиште во Мадрид, Н.Е. г. Хасан Махмуд Кандкер, изрази очекување за развој и унапредување на меѓусебните односи на двете земји, со посебен интерес за интензивирање на соработката во сферата на економијата. Истакнувајќи ги глобалните предизвици, со акцент на терористичките напади што го потресуваат светот, претседателот Иванов изрази длабоко сочувство кон граѓаните на Бангладеш по повод неодамнешниот терористички напад. „Само со максимална соработка и придонес во борбата против тероризмот можеме да изградиме мир и стабилност", подвлече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PROSHTALNA_SLOVENIJA
Проштална средна со амбасадорот на Република Словенија, Н.Е Бранко Раковец
Четврток, 28 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во вила „Билјана" во Охрид во проштална средба го прими амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Н.Е. Бранко Раковец.

На средбата заемна констатација беше дека односите меѓу двете земји се на исклучително високо ниво и беше искажано задоволство од политичкиот дијалог и континуираните напори за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната поддршка која Република Македонија ја добива од Република Словенија во настојувањата за реализација на стратешките цели, потенцирајќи дека Република Македонија во Република Словенија секогаш гледа искрен пријател и партнер. Во таа насока, претседателот Иванов изрази очекувања дека и во периодот кој следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, во рамки на Брдо Бриони Процесот и останатите регионални иницијативи.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, за безбедносните прашања и потребата од засилена соработка со цел да се обезбеди мирот и сигурноста во регионот.

Амбасадорот Раковец се заблагодари за помошта и поддршката која ја уживал од претседателот Иванов, неговиот кабинет и од институциите на Република Македонија за време на должноста, нагласувајќи дека Република Словенија, како и досега, така и во иднина, ќе ги поддржува стратешките цели на Република Македонија.

PRMportret
Соопштение за настаните во Република Турција
Сабота, 16 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со особено внимание ги следи настаните и развојот на состојбите во пријателска Република Турција.

Македонскиот претседател е во постојан контакт со сите безбедносни институции во Република Македонија, со Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и со Армијата на Република Македонија.

Претседателот на Република Македонија и раководителот на кризниот менаџмент постојано се информирани од субјектите кои се задолжени да се справат и да ги превенираат заканите и ризиците.

Кризниот менаџмент на Република Македонија ги следи состојбите во сите држави од регионот кои се соочуваат со безбедносни закани и мигрантската и бегалска криза.

По добивањето на податоците за намерите на вршење на воен пуч во Република Турција, Армијата на Република Македонија презема низа мерки и активности за заштита на државната граница.

Информираме дека во моментов се одржува состанок на групата за проценка за анализа на безбедносната состојба.

Република Македонија ja поддржува демократски избраната влада на Република Турција.

Република Турција како земја членка на НАТО и како исклучително значајна држава во соочувањето со глобалните предизвици e голем пријател и стратешки партнер на Република Македонија.

Претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турцијa и повикува на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање.

Претседателот Иванов смета дека мирот и стабилноста е од клучно значење за секоја од државите во регионот, и во овие моменти е потребна разумност и смиреност.‎ Македонскиот претседател порачува дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.

PRMportret
Сочувство од претседателот Иванов по повод терористичкиот напад во Ница
Петок, 15 Јули 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Ница, упати сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

Почитуван господине Претседател,

Со шок и огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Ница, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на тага на пријателскиот народ на Француската Република, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување.

Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Француската Република во борбата против тероризмот.

Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки кои генерациите зад нас истрајно ги создавале.

Господине Претседателе, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 46 од 175