Соопштенија
PRMportret
Честитка по повод изборот на нов Претседател на Република Бугарија
Понеделник, 14 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Румен Радев по повод изборот за нов Претседател на Република Бугарија.

Почитуван господине Радев,

Дозволете ми во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија да Ви упатам искрени честитки за победата на претседателските избори. Ви посакувам многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Република Македонија и Република Бугарија споделуваат многу нешта од минатото, но уште позначајно, имаме идентична визија за сегашноста и иднината, како и идентични предизвици. Стабилноста, безбедноста, економскиот просперитет на нашите држави и на регионот е визијата која ја споделуваме. Таа визија ќе биде реалност само преку искрена посветеност во градењето добрососедски односи, максимална соработка на билатерален и на регионален план, забрзана интеграција на целиот регион во евроатлантските структури. Со таков пристап ќе можеме и посоодветно да се соочуваме со предизвиците. Република Бугарија има значајна улога на тој план. Сакам да Ве уверам дека целосно сум подготвен да работам со Вас на остварување на оваа визија. Верувам дека можеме со заеднички ангажман да дадеме личен придонес и очекувам и се надевам на тесна соработка и искрен дијалог.

Во очекување на наша скорешна средба, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

zbogar
Средба со амбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија
Среда, 09 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

На средбата, амбасадорот Жбогар на претседателот Иванов му го врачи Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2016 година и го информираше за клучните оценки содржани во извештајот, подготвен од Европската комисија.

Македонскиот претседател на средбата посочи на неопходноста за промена на статус кво состојбата, во контекст на отворањето на пристапните преговори за членство со Европската унија.

„Постојаните политички кризи во кои се наоѓа Република Македонија во голема мера, се должат на предолгата статус кво состојба во интеграциите.‎ Сметам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат можност за излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат евро-интеграциите. Секое натамошно пролонгирање на овој процес сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и компромиси. Верувам дека Унијата ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија", порача претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател и амбасадорот Жбогар разменија мислења и за претстојните избори во Република Македонија, за кои се согласија дека е важно предизборниот и изборниот процес да минат во фер, демократска и конструктивна атмосфера.

Kasarna_Ilinden_1
Претседателот Иванов ја посети касарната „Илинден“ во Скопје
Среда, 09 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги посети командите и единиците на Армијата на Република Македонија во касарната „Илинден" во Скопје.

Претседателот Иванов ги посети Баталјонот за почести, Баталјонот за врски, Инженерискиот баталјон, Баталјонот на Воена полиција, Баталјонот за специјални намени и Ренџерскиот баталјон од Полкот за специјални операции, при што беше информиран за тековната состојба на овие единици на Армијата. Македонскиот претседател изврши увид во обуката кај различни единици на АРМ, со повеќе специјалности и ги посети дел од просториите за живот и работа на активниот воен персонал, каде го согледа нивото на условите за работа и функционирањето на касарната „Илинден".

Претседателот Иванов оцени дека Армијата на Република Македонија презентира висок степен на обученост и посветеност во стручно-специјалистичката обука и покрај предизвиците со кои се соочува на финансиски план. Македонскиот претседател истакна дека во услови на засилен ангажман на јужната граница во поддршка на Граничната полиција, припадниците на АРМ успешно ги извршуваат наменските задачи.

„Во моментов една од приоритетните задачи на АРМ е ангажирањето на јужната граница во поддршка на Граничната полиција, но денеска овде се уверив дека и другите задачи не се запоставени. Покрај нејзината основна задача, а тоа е заштита на териоторијалниот интегритет и суверенитетот на Република Македонија, Армијата пред три месеци во поплавените подрачја покажа дека е институција со најголем капацитет, кога се во прашање реакција и помош на граѓаните во услови на елементарни непогоди", подвлече македонскиот претседател.

За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со командантите на баталјоните лоцирани во касарната „Илинден", на која беше запознаен со актуелните состојби и предизвици со кои се соочува пониското ниво на командување во Армијата, со цел унапредување на квалитетот на обуката и стандардот на припадниците на АРМ.

Во наредниот период, претседателот Иванов ќе ги посети и другите гарнизони на Армијата на Република Македонија, за непосредно согледување на состојбите во Армијата.

PRM_PORTRET
Честитка по повод изборот на Претседател на САД
Среда, 09 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Доналд Трамп, по повод изборот за Претседател на Соединетите Американски Држави.

Почитуван господине Трамп,

Дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Соединетите Американски Држави, како и да Ви посакам успех во извршувањето на одговорната функција.

Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со Соединетите Американски Држави, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани.

Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД.

Длабоко сум уверен дека Соединетите Американски Држави под Ваше лидерство, ќе ни помогнат во исполнување на овие највисоки стратешки цели. Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност.

Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

COP22
Координативна средба за Парискиот климатски договор
Четврток, 27 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа координативна средба со Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, г. Владимир Пешевски, на која учествуваа и Националните координатори за климатски промени и за одржлив развој на Република Македонија и претставници од Министерството за надворешни работи.

На средбата беа разменети мислења за значењето што Парискиот договор за климатски промени го има за Република Македонија и влијанието што неговата имплементација ќе ја има врз економијата, енергетскиот сектор, транспортот и индустријата во земјата. Република Македонија беше една од 195-те држави кои во ноември 2015 го усвои овој прв универзален и правно-обврзувачки договор што треба да стапи на сила во 2020 година. На 22 април 2016 година, Амбасадорот на Република Македонија при Обединетите нации го потпиша Договорот од Париз во име на Владата на Република Македонија.

На средбата беше оценето дека со потпишувањето на Парискиот договор во Њујорк, Република Македонија ја покажа својата заложба за приклучување кон светските напори за намалување на климатските промени. На средбата претседателот Иванов ја истакна потребата од ратификација на договорот за климатски промени, по конституирањето на новиот состав на Собранието на Република Македонија.

„По усвојувањето на историскиот климатски договор од Париз минатата година и свеченото пристапување кон договорот во Њујорк, неопходни се одлучни чекори и мерки за исполнување на неговите одредби", рече претседателот Иванов на средбата.

Соговорниците разменија мислења за можностите за искористување на средства од фондовите за прилагодување и имплементација на обврските што произлегуваат од договорот за климатски промени.

Координативната средба е во пресрет на учеството на претседателот Иванов на Самитот за климатски промени COP22, што во ноември ќе се одржи во Маракеш, Кралството Мароко.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Октомври - Денот на Mакедонската револуционерна борба
Недела, 23 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври - Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Денеска, на 23 Октомври го прославуваме денот кога во далечната 1893 година шестмина Македонци сплотени ја создадоа првата семакедонска организација која ги даде основните насоки за создавање слободна, независна и суверена македонска држава. Нивната мисија го обедини народот на Македонија, независно од етничката, верската или јазичната припадност во заедничката борба за слобода, државност и независност.

Годините кои следеа носеа жртви и искушенија. Имавме многу изгубени битки и погубени воини. Но, борбата за слобода не запре. Патот до слободата што го започнаа шестемина родољуби, го продолжија нашите комити и партизани, нашите илинденци и борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Пред 25 години, на 8 Септември 1991-та, на нашиот трет Илинден конечно се оствари вековниот стремеж за слободна, самостојна и независна Република Македонија како демократска држава во која сите се рамноправни и еднакви.

Славејќи го денот на шестемина основоположници на идејата за слободна, суверена и демократска Македонија, ние се потсетуваме на суштината на овој светол празник. А тоа е дека само кога сме сплотени – победуваме, а кога сме поделени – назадуваме.

Денес Република Македонија е поделена повеќе од кога и да било порано во изминатиот четврт век. Внатрешните поделби се одразуваат на државните интереси, на европската иднина на Македонија.

Во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да смогнеме сили, да се помириме и да се сплотиме. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. И, пред сè, да се почитуваме, и покрај нашите најдлабоки политички и идеолошки разлики. Само така ќе успееме кон победите од минатото, да додадеме победи и во иднината. Само сплотени ќе успееме да истраеме на нашиот пат за просперитетна, посреќна и побогата Република Македонија.

Нека ни е за многу години Денот на Македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 41 од 175