Соопштенија
PRMportret
Укази за поставување на генерали на нови должности и за назначувања на воени претставници на Република Македонија во странство
Понеделник, 28 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, согласно Законот за одбрана и Законот за служба во АРМ, со указ изврши нови поставувања на старешини на формациски места предвидени за генералски чин, како и на командни должности во здружената оперативна команда (ЗОК) и во првата механизирана пешадиска бригада. Исто така, претседателот на Република Македонија со указ назначи висок воен претставник на Република Македонија во командата на НАТО во Брисел, Кралство Белгија и воен претставник во Анкара, Република Турција.

Досегашниот командант на ЗОК, генерал мајор Васко Ѓурчиновски е назначен за висок воен претставник на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел.

На местото командант на ЗОК е поставен бригаден генерал Зоран Милески кој досега ја извршуваше должноста командант на првата механизирана пешадиска бригада.

За нов командант на првата механизирана пешадиска бригада е поставен бригаден генерал Мирче Ѓоргоски кој е актуелен аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили.

Со Указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во чин бригаден генерал e унапреден полковникот Орце Јордев, командант на полкот за специјални операции. Бригадниот генерал Орце Јордев во текот на воената кариера извршува бројни командантски и штабни должности во полкот за специјални операции (пСО), меѓу кои и командант на баталјонот за специјални намени, а должноста командант на пСО ја извршува од 2015 година.

Со Указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, полковникот Жарко Ристевски е назначен за воен претставник на Република Македонија во Анкара, Република Турција.

PRMportret
Честитка по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука
Вторник, 22 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Денеска се одбележува Денот на создавањето на албанската азбука. Овој ден се смета за еден од клучните настани за себеидентификација и за промовирање на албанската национална мисла. Идентитетот на народот тесно се поврзува со континуитетот на традицијата. Унифицирањето и стандардизирањето на азбуката е еден од основните елементи со кои се гради културолошката и колективната свест. Негувајќи го јазичното и културно богатство се остава трајно сведоштво за културната и национална особеност.

Заклучоците од Битолскиот конгрес, на кој се прифатила латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик, говорат дека право и должност на секој народ е да ја негува и да ја унапредува традицијата, поистоветувајќи го јазикот како најголемо духовно богатство. Можностите за образование и за творење на својот мајчин јазик се вредности кои го јакнат и културниот плурализам во земјава.

Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам празникот на азбуката, а на сите граѓани сакам да им порачам дека книжевното наследство и континуитетот на традицијата се должности кои мора да ги исполниме како влог за просперитетна иднина и за соживот меѓу сите граѓани во Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

Iran18112016
Проштална средба со амбасадорот на Исламска Република Иран, Н.Е. г. Саид Садег Мохаммади
Петок, 18 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Исламска Република Иран во Република Македонија, Н.Е. г. Саид Садег Мохаммади.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји, како и за соработката меѓу двете земји од взаемен интерес. Во таа насока, двајцата соговорници се согласија за потребата од зајакнување на политичкиот дијалог и размена на посети на сите нивоа, што треба да придонесе за интензивирање на економската соработка и трговската размена меѓу Република Македонија и Исламска Република Иран.

Амбасадорот Мохаммади изрази задоволство од извршувањето на дипломатската должност во Република Македонија и го изрази уверувањето дека неговата земја ќе продолжи со напорите за унапредување на односите со Република Македонија.

Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Мохаммади и му посака успех во натамошната кариера.

kina
Предавање акредитиви Народна Република Кина, Република Турција и Романија
Петок, 18 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Народна Република Кина, Република Турција и на Романија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија Н.Е. г-ѓа Јин Ликсијан, беше изразено заемно задоволство од пријателските односи меѓу двете земји кои се базираат на духот на пријателството и меѓусебното почитување.

Претседателот Иванов истакна дека севкупните билатерални односи и соработката меѓу двете пријателски земји во континуитет бележат нагорен тренд на развој постигнувајќи многу заеднички успеси преку искрениот дијалог и интензивната размена на посети на сите нивоа. Во тој контекст, претседателот Иванов се осврна на иницијативата на Народна Република Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа како значаен аспект на меѓусебната соработка.

„Оваа иницијатива има за цел, меѓу другото, да ги промовира и да ги продлабочи нашите односи, со акцент на економската и трговската соработка, исто така и да ги реафирмира културните, образовните и социјалните врски меѓу Кина и 16-те земји од Централна и Источна Европа", рече македонскиот претседател кој искажа задоволство што Република Македонија беше првата држава која ги препозна нејзините придобивки потпишувајќи договор за искористување на дел од предвидените средства кои веќе се користат во изградба на двете многу важни нови автопатски делници.

Новоименуваниот амбасадор на Кина, г-ѓа Ликсијан, подвлече дека Народна Република Кина придава големо значење за зацврстување на билатералните односи кои во изминатите години, благодарение на заедничките заложби се унапредени преку заедничката доверба и зголемувањето на практичната соработка во повеќе области.

„Подготвени сме да соработуваме на унапредување на нашето традиционално пријателство и да ја прошириме практичната соработка преку Платформата за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, рече амбасадорот Ликсијан.

turcijaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Тулин Еркал Кара, беа нагласени континуирано пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со отворен дијалог, почитување и поддршка.

Македонскиот претседател истакна дека Република Турција е наш искрен пријател и стратешки партнер кој постојано и дава поддршка на Македонија на билатерален и мултилатерален план.

„Градењето добрососедски односи, максимална регионална соработка со цел просперитетен, безбеден регион, членството во Европската Унија и во НАТО, се надворешнополитички приоритети на Република Македонија. Како и многупати досега, би сакал да повторам дека Република Македонија особено го вреднува фактот што Турција останува конзистентна во безрезервната поддршка што ја дава за нашите стратегиски определби", рече претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Турција, г-ѓа Еркал Кара изрази задоволство од развојот на досегашните заемни односи и соработка помеѓу двете земји. Во насока на патот на Македонија кон евроатлантските институции, амбасадорот Еркал Кара изрази уверување дека Република Турција како значаен стратешки партнер и во иднина ќе го даде својот придонес за остварување на оваа цел.

„Сакам да истакнам дека и во иднина ќе продолжи поддршката на Турција кон процесот на интегрирање на Македонија со евроатлантските институции, пред се за нејзиното членство во НАТО", истакна г-ѓа Еркал Кара.

romanijaОдличната соработка помеѓу Македонија и Романија и нејзиното понатамошно интензивирање во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите на билатерално ниво е заедничка констатација на средбата на претседателот Иванов со новоименуваниот амбасадор на Романија за Република Македонија, Н.Е. Виорел Станила.

„Република Македонија е активен промотор на човековите права и слободи, почитувајќи ги јазичните, културните, етнографските и фолклорните обележја на сите етнички заедници кои живеат во неа, овозможувајќи им оптимални услови за негување на своите традиции и зачувување на својата автентичност," истакна македонскиот претседател.

Новоименуваниот амбасадор на Романија, г-н Станила истакна дека Романија цврсто го поддржува европското и евроатлантското интегрирање на Македонија, како и реализирањето на потребниот прогрес во процесот на реформи во насока на остварувањето на таа цел.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

MANU18112016
Претседателот Иванов во посета на Македонската академија на науки и уметности
Петок, 18 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите каде што оствари средба со претседателот на МАНУ г. Таки Фити и со членовите на Претседателството на Академијата.

На средбата, која се одржа во пресрет на посетата на претседателот Иванов на Бугарската академија на науки, беа разменети мислења и информации во врска со стратешките правци и теми од интерес за Република Македонија, како и за сегашните и идните активности на Македонската академија на науките и уметности.

Претседателот Иванов и членовите на МАНУ разговараа за евроатлантските интеграции на нашата држава, за регионалната соработка и добрососедските односи, како и за соработката на МАНУ со академиите на соседните држави во насока на поттикнување на култура на заемно разбирање и почитување. Тој ги поздрави напорите и активностите на МАНУ за поблиска и поинтензивна научна соработка со академиите од соседството и од регионот, и притоа нагласи дека таквиот начин на комуникација и соработка ќе даде дополнителен импулс на добрососедските односи, негувањето на заедничките вредности и градењето доверба.

Во таа насока, претседателот Иванов ги запозна академиците со ангажманите и активностите кои ги презема во градењето на добрососедските односи, за приоритетите на Република Македонија во регионалната соработка како и за приоритетите на Самитот на „Брдо-Бриони процесот" на којшто следната година домаќин ќе биде претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека како и досега така и во иднина, ќе ја поддржува Академијата во нејзината работа за унапредување и развој на науката, уметноста, културата и образованието, и ќе ги подржува иницијативите насочени за создавање услови за подобра иднина на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на МАНУ г. Таки Фити и членовите на Академијата изразија задоволство од средбата со претседателот Иванов, на која го информираа за идните активности и проекти на Академијата, како и за научната соработка и конкретните иницијативи кои заеднички ги реализираат со академиите на други држави, особено со Бугарската академија на науки.

PRM
Честитка до избраниот Претседател на Република Молдавија, г. Игор Додон
Вторник, 15 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до избраниот Претседател на Република Молдавија, г. Игор Додон, по повод неговата победа на Претседателските избори

Почитуван господине Додон,

Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Молдавија, како и да Ви изразам срдечни желби за успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат, преку заеднички ангажман, ќе дадеме личен придонес во насока на сестрано унапредување на односите меѓу нашите две земји, како на билатерален план, така и во рамките на меѓународните организации. Верувам дека мојата посета на Молдавија, која е планирана за во 2017 година, ќе биде значајна можност за збогатување на севкупната соработка.

Со такво уверување и желба за Ваше добро здравје и успешна работа, Ви ги упатувам, господине Додон, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 40 од 175