Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Манчестер, упати сочувство до Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.В. Елизабета Втора.
Ваше Величество,
Со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот напад во Манчестер, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на длабока тага, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување.
Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Обединетото Кралство во борбата против тероризмот.
Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки, кои генерациите зад нас истрајно ги создавале.
Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите.
д-р Ѓорге Иванов