Соопштенија
Ustaven
Средба со претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, г. Никола Ивановски
Вторник, 31 Јануари 2017
china_us
Честитка до претседателот на НР Кина, г. Си Џинпинг, по повод кинеската Нова година
Сабота, 28 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод кинеската Нова година, упати честитка до претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. г. Си Џинпинг.

Почитуван господине Претседателе,

По повод кинеската традиционална Нова година, ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на пријателскиот кинески народ,  да Ви упатам искрени желби за просперитет, благосостојба, мир и стабилност во Новата 2017 година.

Со задоволство можам да констатирам дека севкупните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина ги одликува искреното пријателство, заемна доверба и разбирање, изразени преку континуиран плоден политички дијалог.

Истовремено, би сакал да го изразам моето искрено убедување дека и во Новата 2017 година, со заеднички заложби ќе продолжиме да го јакнеме нашето традиционално пријателство и ќе ја унапредуваме нашата добра соработка со поголем интензитет во сите полиња од заемен интерес.

Дозволете ми, почитуван господине Претседателе, уште еднаш да го изразам моето длабоко почитување и да Ви упатам искрени желби за добро здравје, лична среќа  и успех во Новата година.

д-р Ѓорге Иванов

PRM
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Петок, 27 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми, во мое и во името на сите граѓани на Република Македонија, да ви го честитам празникот Свети Сава.

Прославата на Денот на првиот српски архиепископ е можност да се присетиме на делото и на учењето на овој просветител и државник, кој има големо значење за развојот на српската, но и за негувањето и за ширењето на христијанската мисла на овие простори.

Република Македонија е пример на овие простори како се почитуваат и како се прифаќаат етничките заедници, вклучително и српската. Српската заедница во Република Македонија и македонската заедница во Република Србија се гарант за добрите односи меѓу двете пријателски држави. Тие се лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи кои придонесуваат за развојот и за квалитетот на односите меѓу двете држави.

Република Македонија и Република Србија имаат долга историска и културна традиција која не може да биде нарушена поради различни ставови по некое прашање.

Изминативе години ни покажаа дека онаму каде што постојат различни ставови и мислења, истите треба да ги решиме по пат на дијалог.

Уште еднаш, честитајќи ви го празникот, сакам да ве уверам дека и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме меѓусебните односи во духот на добрососедството и блиската соработка меѓу двата народа.

На сите граѓани кои го празнуваат Свети Сава како домашна слава им посакувам добро здравје и бериќетна година.

За многу години празникот.

д-р Ѓорге Иванов

UKR25012017
Проштална средба со амбасадорот на Украина, Н.Е. г. Јуриј Гончарук
Среда, 25 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Украина во Република Македонија, Н.Е. г. Јуриј Гончарук.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за можностите за нивно унапредување во сите сфери од взаемен интерес, особено во економската сфера, културата, образованието и науката, здравството.

Во таа насока, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста на Република Македонија за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Украина.

На средбата беа разменети мислења и за актуелните состојби во двете земји, случувањата на регионално и глобално ниво, како и за клучните предизвици со кои земјите се соочуваат во надминувањето на актуелните состојби.

Амбасадорот Гончарук се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од соработката со амбасадорот Гончарук и му посака успех во натамошната кариера.

PRMportret
Честитка до г. Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на САД
Сабота, 21 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до г. Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на Соединетите Американски Држави. 

Почитуван Претседател Трамп,
 

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви го честитам стапувањето на должноста 45-ти Претседател на Соединетите Американски Држави и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција. Воедно, преземањето на должноста Ви го честитам и во името на сите граѓани на Република Македонија.
 

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да искажам надеж дека со заемен ангажман ќе дадеме личен придонес за интензивирање, продлабочување и зацврстување на стратегиското партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Соединентите Американски Држави, за што потврдувам дека постои особен интерес и подготвеност од Република Македонија. Длабоко сум уверен дека со Вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот. Но верувам дека Вашето лидерство e значајно и на глобален план, посебно сега кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од било кога е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно политички цели. Глобалниот поредок има потреба од јакнење на пријателството меѓу државите, без наметнување на интересите и со почитување на правото на избор на нациите во светот. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач.  
 

Почитуван Претседател Трамп, со искрени желби за Ваше добро здравје, лична среќа и многу успеси во извршувањето на значајната и одговорна должност, Вам и на Вашето семејство, Ви упатувам изрази на највисока почит.
 

д-р Ѓорге Иванов

PRM
Честитка до г. Антонио Тајани по повод неговиот избор за претседател на Европскиот парламент
Четврток, 19 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до г. Антонио Тајани по повод неговиот избор за претседател на Европскиот парламент.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Европскиот парламент, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската Унија се потребни повеќе од секогаш. Регионот на Југоисточна Европа исто така се соочува со предизвици и со ретроградни процеси. Токму, поради тоа мотивирачката енергија на Европската Унија е исклучително важна за нашиот регион. Ја користам оваа пригода да ја искажам благодарноста на Република Македонија за досегашната поддршка од Европскиот парламент и да Ве уверам дека ние сме подготвени да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа и на Европската Унија.

Почитуван господине Тајани, членството во Европската Унија за Република Македонија претставува највисока стратегиска цел. Toa e изборот на граѓаните на Република Македонија и тој избор ужива широка политичка, етничка и социјална поддршка, и има силна обединувачка моќ во нашето општество. Токму затоа во време на Вашиот мандат очекувам и се надевам што поскоро да се деблокираат евроинтеграциските процеси. Секое натамошно пролонгирање на овој процес, како и досега, можно е, за жал, сериозно да влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и на компромиси.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 36 од 175