Соопштенија
rucek_ambasadori
Работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија
Петок, 09 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија, актуелните состојби во поширокиот регион, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза.

На средбата претседателот Иванов побара промена на досегашниот пристап на Европската унија кон интеграцијата на Република Македонија, кој се покажа како непродуктивен. Досегашниот пристап, оцени македонскиот претседател, не помогна да се изгради повисока политичка култура и култура на компромиси и политички дијалог, како и почитување на институциите. Само со деблокада на македонските евроинтеграции, според претседателот Иванов, земјата ќе излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба.

Македонскиот претседател изрази очекување, веднаш по предвремените парламентарни избори, Европската унија и земјите-членки на конкретен начин да помогнат европската агенда и реализацијата на неопходните реформски процеси да станат приоритет и да помогнат во неопходноста за национално помирување.

Европските амбасадори ги поздравија повиците на претседателот Иванов за национално помирување и се согласија дека помирувањето е најургентниот од сите ургентни реформи во Република Македонија. Исто така беа поздравени напорите што претседателот Иванов ги прави во однос на добрососедските односи. Особено беше поздравен ангажманот на претседателот Иванов во однос на справувањето со мигратската и бегалска криза и безбедносниот аспект од неа.

На средбата беа разменети мислења за заканата од илегална миграција и за заканата од насилен екстремизам. Претседателот Иванов оцени дека земјата има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза и посочи дека и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, кои успешно се справија со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици.

На работната средба беа разменети мислења и за состојбите во поширокиот реон, како и за односите на Република Македонија со соседните земји.

PRM_izjava
Изјава на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Петок, 09 Декември 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На 11 декември, ве повикувам да излезете и да го остварите вашето право на глас и да ја исполните вашата граѓанска должност. Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија.

Ги повикувам сите кои се вклучени во изборниот процес да покажат достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат согласно законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес.

Како држава, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес.

Во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, очекувам на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија.

Ви благодарам.

PRMportret
Честитка по повод изборот на нов Претседател на Република Австрија
Вторник, 06 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до избраниот Претседател на Република Австрија, г. Александер Ван дер Белен, по повод неговата победа на Претседателските избори

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име,  да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Австрија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Австрија. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме соработката што ја имавме со Вашиот ценет претходник. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската унија се пред големи искушенија. Вашиот избор значи и враќање на оптимизмот во регионот на Југоисточна Европа, регион без чија интеграција, Европското обединување нема да биде целосно, и тоа Австрија добро го знае и правилно го разбира. Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат Австрија, која има силни традиционални врски со Балканот, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува и ќе ги забрза нашите заложби за  интегрирање во Европската Унија.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Zbogar
Средба на претседателот Иванов со Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар
Четврток, 01 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

На средбата се разговараше за европските интеграции на Република Македонија, за состојбите со бегалската и мигрантската криза, како и за актуелните политички случувања во Република Македонија.

Претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар ја посочи потребата од нов пристап на ЕУ кон Република Македонија, истакнувајќи дека досегашниот пристап на Унијата се покажа како непродуктивен и резултираше со ретроградни политички процеси во земјата, наместо унапредување на политичката култура и на реформските процеси.

Во однос на бегалската и мигрантската криза, соговорниците разменија мислења за најавите за нов бегалски бран и можностите за зголемување на безбедносните ризици и закани од насилен екстремизам. Потенцирајќи ја важноста на стабилноста и безбедноста на регионот и Европа, македонскиот претседател ја реафирмираше потребата од пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, размена на податоци и зголемена соработка меѓу разузнавачките и другите безбедносни служби.

„И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, проактивен и превентивен пристап во справување со мигрантската криза. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници, ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. На Македонија и е потребна помош за да ви помогне вам", порача претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар.

На средбата претседателот Иванов и амбасадорот Жбогар разменија мислења и за надворешната политика на Република Македонија во однос на соседните земји и активната улога на Македонија во градењето на регионалната соработка.

Sostanok_-_Migracija_1
Работен состанок за заканата од илегална миграција
Среда, 30 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска одржа работна средба со раководителите на субјектите задолжени за превенција и справување со кризната состојба, намалување на ризикот од терористички напади и обезбедување за оддржување на изборите.

На средбата, директорите на агенцијата за разузнавање, управата за безбедност и контраразузнавање, бирото за јавна безбедност, државниот секретар во МВР и претставници на Генералштабот на АРМ го информираа претседателот Иванов за заканите и ризиците со кои се соочува Република Македонија, за степенот на ризик за загрозување на безбедноста на државата, начин на функционирање, предвидени сценарија, плански активности, слабости и капацитетите за одговор.

Заради постојаната закана од илегална миграција која доаѓа од територија на НАТО и ЕУ членки, во Македонија од август 2015 година до јуни 2017 година е прогласена кризна состојба, активиран е кризниот менаџмент со функционален здружен воено-цивилен штаб за заштита на границите и обезбедување на коридорите.

На работната средба беше констатирано дека субјектите во кризниот менаџмент задолжени за превенција и справување, разузнавањето, армијата и полицијата, 15 месеци постапуваат по плански активности и имаат предвидено сценарија и одговор при зголемување на ризиците од закана.

PRMportret
Писмо со сочуство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Куба, г. Фидел Кастро
Вторник, 29 Ноември 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Република Куба, г. Фидел Кастро, испрати писмо со сочуство до г. Раул Кастро Руз, Претседател на Државниот Совет и на Советот на министри на Република Куба.

Ваша Екселенцијо,

Во име на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, со длабоко жалење, Ви ги упатувам изразите на најискрено сочувство по повод смртта на Вашиот брат, поранешниот претседател на Република Куба, господинот Фидел Кастро. Силно и длабоко сочувствуваме со Вашата загуба во овие тешки мигови.

Без оглед на контроверзиите поврзани со името на претседателот Фидел Кастро, едно е сигурно и јасно - неговата улога во поновата светска историја никој не може да ја негира и, уште позначајно, личноста и делото на претседателот Кастро е симбол на кубанската историја и борба за основање на слободна и независна Република Куба. Од тие причини, искрено би сакал да ја изразам нашата солидарност со пријателскиот народ на Република Куба, со кој нашата држава негува традиционални пријателски односи.

Ве молам, примете ги уште еднаш, Ваша Екселенцијо, изразите на моето најдлабоко сочувство, со молба истите да ги пренесете до другите членови на неговото најблиско семејство, како и до граѓаните на Република Куба.

Примете ги, Ваша Екселенцијо, и изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 39 од 175