|
Средба со г. Арлем Дезир, Државен секретар за европски прашања во МНР на Француската Република
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Арлем Дезир, Државен секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Француската Република.
На средбата беа разменети мислења за севкупните односи меѓу Република Македонија и Француската Република на билатерално и на мултилатерално ниво, при што беше констатирана потребата од интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа и продлабочување на економските односи.
Во однос на европската и евроатланската перспектива, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија очекува отворена поддршка за деблокирање на евроинтегративниот процес, што би резултирало со отворање на пристапните преговори со Европската унија.
„Блокадите делуваат демотивирачки, постојано предупредувам на растечките фрустрации во македонското општество. Затоа апелираме до Европската унија билатералните прашања да не бидат пречка за заедничка поддршка и солидарност. Нашите барања се овие два процеси да течат паралелно, или прашањето за името да се решава како последно 35 поглавје од преговорите", рече претседателот Иванов.
Државниот секретар Дезир истакна дека посетата на Република Македонија е со цел да ја пренесе цврстата определба за помош и поддршка од Франција за Република Македонија и целиот регион во евроатлантските интеграции. „Неопходно е Република Македонија посветено да работи на исполнување на препораките од Европската комисија, за што сум тука да ве охрабрам", рече државниот секретар Дезир.
На средбата беа разменети мислења и за актуелната ситуација со мигрантите. Во таа насока, претседателот Иванов нагласи дека на Република Македонија и е неопходна помош и поддршка за справување со оваа криза, и изрази очекување за соодветен одговор од ЕУ во најскоро време.
Двајцата соговорници ја истакнаа и потребата од натамошна соработка на безбедносните служби и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.
|