Соопштенија
vucic01
Средба со г. Александар Вучиќ, претседател на Владата на Република Србија
Понеделник, 16 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Александар Вучиќ, претседател на Владата на Република Србија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, по повод одржувањето на втората Заедничка седница на Владите на Република Македонија и на Република Србија.

Претседателот Иванов искажа задоволство од размената на меѓусебни посети, оценувајќи дека тоа претставува индикатор за интензитетот на политичкиот дијалог.

„Контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу нашите две држави. Заедничките седници на двете Влади се ново поглавје во заемната комуникација кое отвора можност за директна и поефикасна соработка во повеќе области од заемен интерес", рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија и Република Србија имаат идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство, за стабилност и просперитет на регионот што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка. Истакнувајќи дека Република Македонија е цврсто определена да гради подеднакво добри односи со сите соседи, претседателот Иванов посочи дека земјата е подготвена за соработка и размена на искуства во ЕУ интеграциите, како и во регионалните иницијативи.

На средбата претседателот Иванов го поздрави унапредувањето на правната рамка и потпишувањето на повеќе договори и документи и посочи на потребата од максимална посветеност на економската соработка, како и на енергетското и инфраструктурното поврзување.

„Заврши времето кога беа доволни само средби, политички декларации. Граѓаните од сите билатерални или регионални средби очекуваат конкретни резултати", нагласи претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов и премиерот Вучиќ разменија мислења за состојбите во регионот. Двајцата соговорници се согласија дека дијалогот е единствениот начин за надминување на отворените прашања и разлики во нашиот регион, и се согласија дека истите на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната, регионалната соработка, како ни пречка во интегративните процеси.

vucic02

kolinda01
Средба со Претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ
Недела, 15 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Загреб оствари средба со новоизбраниот Претседател на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ.

На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошно јакнење на традионално пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и за интензивирање на соработката на билатерален, регионален и на мултилатерален план.

Претседателот Иванов на хрватскиот претседател, г-ѓа Грабар-Китаровиќ, ѝ го честиташе стапувањето на функцијата и ѝ посака успех.

Македонскиот претседател изрази задоволството од досегашниот развој на односите и на соработката меѓу двете земји и подготвеност за нивно натамошно содржинско унапредување, додавајќи дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за регионалната стабилност и просперитет.

Во тој контекст претседателот Иванов ја потенцираше важноста на „Брдо-Бриони Процесот", кој е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска, кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изрази уверување дека Хрватска, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи силно да ги поддржува нашите заложби за интегрирање во ЕУ и во НАТО, и изрази благодарност за конструктивниот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

„Позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед", потенцираше претседателот Иванов.

Хрватскиот претседател, г-ѓа Грабар-Китаровиќ, истакна дека стратешки интерес на Република Хрватска е целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури, дополнувајќи дека ќе продолжат со нивната активна и конструктивна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО.

На средбата беше договорена динамика на размена на посети на највисоко ниво за наредниот период.

Претходно, претседателот Иванов учествуваше на инаугурацијата на новиот Претседател на Република Хрватска. Во делегацијата е и министерот за одбрана на Република Македонија, д-р Зоран Јолевски.

kolinda02

gojkovikj
Средба со г-ѓа Маја Гојковиќ, претседател на Народното Собрание на Република Србија
Петок, 13 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-ѓа Маја Гојковиќ, претседател на Народното Собрание на Република Србија, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Иванов на средбата искажа задоволство од размената на посети меѓу двете земји, оценувајќи дека контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.

Претседателот Иванов и претседателот на српското собрание г-ѓа Гојковиќ оценија дека улогата на парламентарната димензија во севкупната соработка меѓу двете земји е исклучително значајна. Претседателот Иванов ја поздрави досегашната и искажа надеж за натамошна уште попродуктивна соработка.

На средбата беше оценето дека заедничките седници на двете влади се ново поглавје во заемната комуникација, кое отвори можност за директнa и поефикаснa соработка.

„Нашите земји ги поврзува долга историска и културна традиција, имаме идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство и витален интерес за динамизирање на билатералните односи во сите области од взаемен интерес и покрај разликите во ставовите по одредени прашања кои се констатираат, но не претставуваат пречка за успешна соработка", рече претседателот Иванов.

На средбата особено беше нагласена потребата од натамошно интензивирање на економската соработка, како и соработката во енергетиката и инфраструктурата.

Претседателот Иванов и претседателот на српското собрание г-ѓа Гојковиќ разменија мислења и за состојбите во регионот.

2
Прием на делегација од Бундестагот
Петок, 13 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на парламентарната група за соработка меѓу Сојузна Република Германија и Југоисточна Европа, при Бундестагот.

На средбата со германските пратеници беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов изрази задоволство од принципиелната и континуирана поддршка од страна на Сојузна Република Германија за македонските стратешки цели, оценувајќи ги позитивно досегашните севкупни билатерални односи. Во тој контекст македонскиот претседател ја поздрави парламентарната соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Бундестагот, и изрази подготвеност за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес, како и за одржување на континуитет во политичкиот дијалог на сите нивоа.

Во однос на евроатлантски интеграции, македонскиот претседател истакна дека нашата држава останува целосно посветена на спроведување на реформите за членство во ЕУ и во НАТО, дополнувајќи дека поддршката од С.Р. Германија е од исклучително значење.

„Политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата", истакна претседателот Иванов во однос на последните случувања во Република Македонија, и дополни дека во голема мера внатрешните состојби се резултат на предолгата непринципиелна и спротивна на меѓународното право, блокада, во однос македонските ЕУ и НАТО интеграции.

„Република Македонија и земјите од Југоисточна Европа ја имаат поддршката од Бундестагот за евроатланските интеграции. Ние сме ви пријатели и сакаме да ве поддржуваме и придружуваме на вашиот пат кон членството во ЕУ и НАТО", истакна Петер Вајс, претседателот на парламентарната група за соработка со Југоисточна Европа при Бундестагот.
4

akreditivsad
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваниот амбасадор на САД во Република Македонија
Четврток, 12 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г. Џес Бејли.

На свечената церемонија, претседателот Иванов на амбасадорот Бејли му посака успешно извршување на дипломатските должности во земјата, истакнувајќи дека Република Македонија во континуитет придава исклучителна важност на развојот и унапредување на севкупните односи со САД, кои ги поврзува заемната посветеност кон почитувањето на универзалните вредности за мир, слобода, демократија и безбедност во регионални и светски рамки.

Претседателот Иванов, го нагласи значењето на поддршката и ангажманот од Соединетите Американски Држави како стратегиски партнери во реализација на нашите надворешно политички цели и приоритети - интеграцијата во евроатлантските структури, добрососедските односи и регионалната соработка.

„Дозволете ми да упатам изрази на искрена благодарност за континуираната поддршка за зачленувањето на Република Македонија во НАТО и во Европската унија. Непринципиелните блокади, спротивни на меѓународното право, кои се пречка за нашите интеграции, кои создаваат и проблеми во нашето општество, воопшто не нè обесхрабруваат. За нас никогаш не било прашањето дали, туку кога, ќе ги реализираме нашите цели. Членството на Република Македонија во НАТО и интеграцијата во ЕУ има огромна кохезивна моќ во нашето општество. Тоа, убеден сум, не е придобивка само за нас, недвосмислено тоа позитивно ќе влијае и на стабилноста и просперитетот на нашиот регион", рече претседателот Иванов, во поздравното обраќање, потенцирајќи дека на тој план, како и досега, се надеваме и очекуваме поголема поддршка од САД.

Амбасадорот на САД, г. Бејли, истакна дека Македонија и САД имаат многу заеднички нешта, како што се разновидна популација со различни етнички групи, религии и традиции, кои ги зајакнуваат и ги збогатуваат двете земји, додавајќи дека ние сме партнери и сојузници во секој поглед.

„Со нетрпение очекувам да работам со Вас, со Владата и со народот на Македонија, со цел да продолжи оваа традиција на партнерство. Повеќе од 20 години, минувајќи и низ тешки времиња, работевме заедно и постигнавме многу во реализацијата на заедничките цели, особено за изградба на Европа, обединета, слободна во мир, и со Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ. Оваа работа се темели на нашата заедничка посветеност кон придржување на демократијата, индивидуалните слободи и владеење на правото. Како што односите меѓу нашите земји растат и се развиваат, така нашите заеднички вредности потврдуваат дека ние и понатаму ќе останеме блиски", истакна во говорот амбасадорот Бејли.

Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционално пријателските односи меѓу двете држави кои се засноваат на партнерство, доверба, меѓусебно разбирање и поддршка, за што сведочи и Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка. Претседателот Иванов и амбасадорот Бејли истовремено се согласија за содржинско збогатување на билатералната соработка, особено на полето на економијата, јакнење на трговската размена и натамошно зголемување на американските инвестиции во Македонија, како и во сите други домени од заеднички интерес – здравството, културата, образованието, науката и информатичката технологија.
akreditivisad1

prm1_web
Писмена изјава на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 11 Февруари 2015

Ја изразувам мојата целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела.

Повикувам, политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата. Само на тој начин ќе докажат дека нивните програмски определби се во интерес на демократијата во Република Македонија.

Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството. Истите мора да се решаваат по институционален пат.

Улогата на медиумите во демократското општество е да укажат на сето она што ги нарушува демократските процеси и е против интересите на граѓаните и државата. Во остварувањето на оваа улога ја имаат мојата целосна поддршка.

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 69 од 175