Средба со г-ѓа Маја Гојковиќ, претседател на Народното Собрание на Република Србија
Петок, 13 Февруари 2015   

gojkovikjПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-ѓа Маја Гојковиќ, претседател на Народното Собрание на Република Србија, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Иванов на средбата искажа задоволство од размената на посети меѓу двете земји, оценувајќи дека контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.

Претседателот Иванов и претседателот на српското собрание г-ѓа Гојковиќ оценија дека улогата на парламентарната димензија во севкупната соработка меѓу двете земји е исклучително значајна. Претседателот Иванов ја поздрави досегашната и искажа надеж за натамошна уште попродуктивна соработка.

На средбата беше оценето дека заедничките седници на двете влади се ново поглавје во заемната комуникација, кое отвори можност за директнa и поефикаснa соработка.

„Нашите земји ги поврзува долга историска и културна традиција, имаме идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство и витален интерес за динамизирање на билатералните односи во сите области од взаемен интерес и покрај разликите во ставовите по одредени прашања кои се констатираат, но не претставуваат пречка за успешна соработка", рече претседателот Иванов.

На средбата особено беше нагласена потребата од натамошно интензивирање на економската соработка, како и соработката во енергетиката и инфраструктурата.

Претседателот Иванов и претседателот на српското собрание г-ѓа Гојковиќ разменија мислења и за состојбите во регионот.

  Back<<Назад