Соопштенија
PRMportret
Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 03 Јуни 2015

Дијалогот е единствениот начин преку кој се надминуваат сите предизвици.

Ја поздравувам покажаната свест и волја од политичките лидери за надминување на отворените прашања. За поздравување е фактот што изминатиот период лидерите на политичките партии меѓусебно разговараат и бараат начини за надминување на актуелната политичка состојба во Република Македонија.

Постои оптимизам за надминување на актуелната политичка криза во Македонија. Ги повикувам сите учесници во политичкиот дијалог во следниот период да се однесуваат разумно и одговорно. Очекувам од нив посветен, одговорен и доследен пристап кон дијалогот за да се врати политичката стабилност во Република Македонија.

Граѓаните на Република Македонија очекуваат политичка зрелост и подготвеност за институционално решавање на сите предизвици, согласно Уставот и законите на Република Македонија. Граѓаните очекуваат резултати и одржливи решенија. Тоа го очекувам и јас.

Сите треба да постапуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државата, Република Македонија.

Вклученоста на Европската унија во овие разговори недвосмислено покажа дека европската и евроатланската агенда на Република Македонија е главен приоритет во државата. Приоритет кој ги обврзува политичките лидери да работат за достигнување на европските критериуми, стандарди и принципи.

Граѓаните на Република Македонија го очекуваат тоа од лидерите на политичките партии. Тоа е нивна исклучителна обврска кон граѓаните.

Duda
Честитка до г. Анджеј Дуда по повод изборот на функцијата Претседател на Република Полска
Среда, 27 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Република Полска, упати честитка до г. Анджеј Дуда, Избран претседател на Република Полска.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Република Полска. Ви посакувам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Ваша Екселенцијо ја користам и оваа пригода да го изразам своето задоволство од фактот дека во изминативе две децении успеавме да изградиме искрени и цврсти пријателски односи меѓу нашите две земји. Убеден сум дека билатералните односи и соработката ќе продолжат успешно да се развиваат, во духот на меѓусебното разбирање и почитување. На тој план сакам да знаете дека Република Македонија и јас лично сме целосно подготвени, и се надевам дека наскоро ќе имаме можност и лично да размениме мислења за продлабочување на односите и на соработката меѓу нашите две држави.

Искрено се надевам дека Република Полска, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува нејзините заложби и напори за интегрирање во Европската унија и во НАТО.

Со најискрени желби за Вашата натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј
Сабота, 23 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Почитувани сограѓани,

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам Денот на сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј.

Мисијата на светите браќа беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и да ја пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација за кои тие се залагаа и денес се основни универзални и европски човечки вредности.

Давајќи ни писменост, светите Кирил и Методиј го ослободија нашиот духовен и творечки потенцијал. Нивното благородно дело во Македонија го продолжија и преродбениците кои одново ни ја вратија довербата во македонскиот јазик, а со тоа и довербата во нас самите.

Наша должност кон светите браќа кои ни дадоа азбука, кон учебникарите кои нè образуваа, кон преродбениците кои нè просветлуваа, кон поетите и писателите кои го подмладуваа нашиот јазик, е одговорно да го користиме јавно изговорениот збор. Бидејќи, нашиот јазик е единствената наша комплетна татковина, која и во време на предизвици сме должни да ја чуваме со зборови на сплотеност и почитување, независно од нашите идеи, погледи и ставови.

Почитувајќи ги јазикот, писмото и културата градиме заедничка мисија за достоинство и чест за секој граѓанин.

Нека е за многу години овој празник.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret2
Честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите
Петок, 22 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите.

Почитувани сограѓани,

Годинава одбележуваме значаен јубилеј – 110 години од признавањето на вистината дека Власите се посебен народ, со свој сопствен јазик, автентична култура и долга традиција. Како нераздeлив и неотуѓив дел од Македонија, Власите ја делеа и судбината, но и желбата и напорите за слобода и независност на заедничката татковина.

Затоа, во духот на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, Република Македонија постојано создава услови за остварување на правото на самоидентификација на Власите, бидејќи, единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име. Почитувајќи го правото на човечко достоинство изградивме односи на заемна доверба и почит, кои се пример за сите македонски граѓани, независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност.

Јубилеите што ги славиме се можност, потсетувајќи се на славното минато да имаме и одговорен однос кон сегашноста за да ја обезбедиме иднината за поколенијата што доаѓаат по нас. Почит кон предците, но и обврска кон потомците е да се зачува влашкиот јазик. Притоа, обврска кон мајчиниот јазик не е само да се знае и да се сака, туку и постојано да се чува како ризница на културата на еден народ затоа што довербата во сопствениот јазик претставува и доверба во себеси.

Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам 23 Мај, потенцирајќи ја потребата од заемно почитување, благосостојба и меѓусебно разбирање.

д-р Ѓорге Иванов

PRM-VEJONIS
Средба со министерот за одбрана на Р. Латвија, г. Рејмондс Вејонис
Вторник, 12 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за одбрана на Република Латвија, г. Рејмондс Вејонис.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите помеѓу Република Македонија и Република Латвија на билатерален и мултилатерален план, особено во областа на одбраната и безбедноста.

Претседателот Иванов го информираше својот соговорник за актуелната состојба во земјава потенцирајќи дека на одржаната седница на Советот за безбедност се изрази најостра осуда за нарушувањето на редот и безбедноста од страна на поединци и групи, чија цел беше дестабилизација на Македонија, а со преземената акција полицијата успеа да ја спречи намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата и да спречи и цивилни жртви.

Македонскиот претседател истакна дека во надминувањето на предизвиците со кои се соочува Република Македонија, потребна е поддршка и од меѓународната заедница бидејќи статус кво ситуацијата во евроатлантските интеграции создава фрустрација во политичкиот и меѓуетничкиот живот правејќи нè ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Министерот Вејонис изрази длабоко сочувство за настаните во Куманово и ја пренесе поддршката на Латвија за Македонија во нејзините напори за пристапување кон НАТО и ЕУ. Воедно ја искажа подготвеноста на Република Латвија за натамошно продлабочување на севкупните билатерални односи и соработка со Република Македонија во сите области од заемен интерес, особено во сферата на одбраната и безбедноста.
PRM-VEJONIS-2

SAD_EU_OBSE
Средба со амбасадорите на САД, ЕУ, ОБСЕ, Р. Турција и претставникот на НАТО во Република Македонија
Понеделник, 11 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими г. Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави, г. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија, г-ѓа Мариане Берец, вршител на должноста шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, капетан Румен Радев, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО и амбасадорот на Република Турција, г. Омур Шолендил, како НАТО контакт амбасадор.

На средбата македонскиот претседател ги информираше соговорниците за вчерашната седница на Советот за безбедност, при што беа разменети информации и мислења за последните случувања во Куманово и безбедносната состојба во Република Македонија. Претседателот Иванов посочи дека се дадени конкретни насоки за соодветно постапување на сите институции на безбедносниот систем, со цел да се спречи евентуално ескалирање на тензиите и дестабилизација на државата.

Во овој контекст, претседателот Иванов уште еднаш ја истакна потребата за поддршка од меѓународната заедница во интерес на стабилноста на Република Македонија, како и стабилноста и безбедноста на целиот регион. Тој побара да се вложат максимални напори со цел деблокада на евроатланските интеграции. Последните политички случувања во државата се резултат, покрај другото и на долготрајната статус кво ситуација во однос на евроатлантските интеграции, која остава простор за најразлични обиди за дестабилизација и за разни видови шпекулации. Затоа е потребно, порача претседателот Иванов, итно да се изнајдат начини и да и се овозможи напредок на Република Македонија, на планот на евроатлантските интеграции, а во интерес на севкупните односи во општеството.

Особено е важно да се врати чувството на сигурност и безбедност кај македонските граѓани, посочи претседателот Иванов и истакна дека покрај обединетост на внатрешен план, потребна е засилена регионална и меѓународна соработка за спротивставување и заштита од тероризам, со цел во иднина да се превенираат вакви и слични дејствија. Во тој контекст, побара засилен ангажман и соработка од страна на сите меѓународните фактори во Република Македонија.

Соговорниците ја поздравија вчерашната седница на Советот за безбедност, како и поканата и присуството на претставници од релевантните политички партии, и посочија дека во моментов е неопходен политичкиот дијалог, со цел да се надминат предизвиците со кои се соочува Република Македонија.
SAD_EU_OBSE_1

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 65 од 175