|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Ивица Дачиќ, прв потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија.
На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, регионалната соработка, евроинтеграциските процеси на двете земји, како и за состојбите во регионот.
Двајцата соговорници оценија дека Република Македонија и Република Србија имаат традиционално пријателски односи, интензивен политички дијалог на највисоко ниво и соработка во повеќе области од заемен интерес, која во наредниот период треба да се продлабочи.
Информирајќи го г.Дачиќ за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека е потребен посветен, одговорен и лидерски пристап кон дијалогот од сите политички партии, со цел враќање на политичката стабилност.
Во однос на предизвиците поврзани со стабилноста и безбедноста на регионот, претседателот Иванов и министерот Дачиќ се согласија дека е потребен засилен ангажман од меѓународната заедница, особено од ЕУ, за изнаоѓање начини за деблокада на европските интеграции и реафирмирањето на европската перспектива на Балканот, со цел стабилност, безбедност и просперитет на регионот.
Особено значајна е поголема солидарност меѓу земјите од регионот во поглед на европските интеграции, беше заемен заклучок на соговорниците.
Министерот Дачиќ истакна дека предизвиците во Република Македонија можат да се решат само со политичка волја и пружање на европски перспективи, и додаде дека сите заедно мора да работиме со цел враќање на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот. Во таа насока, беа разменети мислења и информации за улогата и ангажманот на ОБСЕ за зголемување на нивото на безбедност во регионот, и за еден посеопфатен пристап во соочување со предизвиците од радикализам и екстремизам, со феноменот на странски борци, и активирање на проекти за дерадикализација и контрарадикализација. Г. Дачиќ уште еднаш ја нагласи поддршката на напорите на ОБСЕ и на српското претседателство кон Република Македонија
Двајцата соговорници нагласија дека отворените прашања и разлики во нашиот регион, на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната и регионалната соработка, како и пречка во интегративните процеси.

|