|
Писмо со сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Турција, г. Сулејман Демирел
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Република Турција, г. Сулејман Демирел, упати писмо со сочувство до Претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.
Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот претседател на Република Турција и голем пријател на Република Македонија, господинот Сулејман Демирел. Дозволете ми, господине Претседателе, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да упатам изрази на длабоко сочувство.
Претседателот Демирел беше наш голем и докажан пријател. Во сеќавањата на македонските граѓаните ќе останат врежани спомените за неговата улога во процесот на меѓународното признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име.
Ние остануваме благодарни за неговиот личен придонес во воспоставувањето, развојот и зацврстувањето на односите, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите две држави и народи.
Ќе остане запаметена и почитувана и неговата улога во трансформирањето на целиот балкански регион, постигнувањето на стабилност и безбедност, како и за неговата евроатланска иднина.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Република Турција и до семејството на претседателот Демирел.
д-р Ѓорге Иванов
|