|
Меѓусебно разбирање и пријателство - средба со г. Андреј Киска, претседател на Словачката Република
|
|
|
Претседателот Иванов, во рамки на учеството на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015", денеска во Братислава оствари средба со г. Андреј Киска, претседател на Словачката Република.
На средбата, беа потврдени исклучително добрите билатерални односи и континуираниот политички дијалог меѓу Македонија и Словачка засновани на долги и традиционални врски на меѓусебно разбирање и пријателство.
Македонскиот претседател го информираше претседателот Киска за реализирањето на нашите стратешки цели - членството во НАТО и во ЕУ, како и за моменталната политичка, безбедносна и економска состојба во Република Македонија.
Постојат позитивни примери на паралелно движење во интеграциите или пак проблемот на името да биде последно 35-то поглавје, како можни начини за деблокада на почетокот на преговорите со ЕУ. Во поглед на НАТО апелирам на почитување на пресудата од Хаг и на Времената спогодба, како начин за заземање на заслуженото место, нагласи претседателот Иванов на денешната средба со претседателот на Словачката Република Андреј Киска, во Братислава.
Членството во ЕУ и во НАТО е наш највисок стратешки приотритет за кој постои апсолутен политички, етнички и социјален консензус, потенцира претседателот Иванов, нагласувајќи ја потребата за посериозен ангажман од ЕУ и земјите членки со цел изнаѓање начин за деблокада на евроатлантските интеграции.
Претседателот Киска потенцираше дека Словачка како и досега ќе продолжи со поддршката за македонските евроатлантски аспирации Двајцата претседатели констатираа дека билатералната соработка меѓу двете земји континуирано се продлабочува, а истовремено постои и неискористен потенцијал за поинтензивна соработка во голем број области од заемен интерес, особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата и туризмот.
Претседателот Иванов ја реафирмираше отворената покана за официјална посета од страна на неговиот колега, претседателот Киска на Република Македонија.

|