|
Писмо со сочувство по повод смртта на г. Жељу Желев, поранешен претседател на Република Бугарија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на г. Жељу Желев, поранешен претседател на Република Бугарија, упати писмо со сочувство до г. Росен Плевнелиев, Претседател на Република Бугарија.
Почитуван господине Претседателe,
Дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам длабоко сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Бугарија, Жељу Желев.
Како голем државник и визионер, претседателот Желев покажа вистинско лидерство и храброст во забрзувањетo на процесот на транзиција и демократизација во Република Бугарија, како и во остварувањето на нејзината европска и евроатлантска перспектива. Токму благодарение на неговата посветеност и ангажман, Република Бугарија денес го живее сонот и ги ужива привилегиите од визијата за обединета Европа и од членството во големото евроатлантско семејство.
Претседателот Желев беше голем и докажан пријател на Република Македонија и мој личен пријател. Република Македонија никогаш нема да ја заборави неговата улога во процесот на меѓународното признавање под нејзиното уставно име. Ние остануваме благодарни за неговиот личен придонес во воспоставувањето, развојот и зацврстувањето на односите, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите две држави и народи.
Ќе остане запаметена и неговата улога во трансформирањето на целиот балкански регион, постигнувањето на стабилност и безбедност, како и за неговата евроатланска иднина.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Република Бугарија и до семејството на претседателот Желев.
д-р Ѓорге Иванов
|