Средба со г. Илир Мета, претседател на Собранието на Република Албанија
Вторник, 20 Јануари 2015   

metaПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Илир Мета, претседател на Собранието на Република Албанија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Иванов и претседателот на албанското собрание Мета разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран и плоден политички дијалог, а се осврнаа и на потребата од продлабочување на економската соработка.

Двајцата соговорници констатираа дека Република Македонија и Република Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на евроатлантските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Претседателот Иванов и претседателот на албанското собрание Мета се согласија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

На средбата беа разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна беше изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.

Македонскиот претседател и претседателот на албанското собрание ја истакнаа потребата од понатамошно унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во областа на трговијата, туризмот и инфраструктурата, констатирајќи дека е од заеднички интерес. На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти кои вклучуваат патна, железничка и енергетска инфраструктура, во рамките на Коридорот 8.

  Back<<Назад