Говори и обраќања
OHletootvoranje
Обраќање по повод свеченото отворање на 55. издание на фестивалот „Охридско лето“
Недела, 12 Јули 2015

Почитувани вљубеници во уметноста,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Од мугрите на историјата, уметноста е како огледало што нè потсетува на две големи вистини. Првата е дека сме создадени со потребата и сами да создаваме. Затоа и најсреќни сме во моментите кога ги изразуваме најдлабоките дарби кои нè чинат она што сме, со сета наша различност и неповторливост. Втората вистина е дека, споделувајќи ги плодовите на нашите дарби, ние придонесуваме кон градењето подобар свет за идните поколенија.

Сепак, во периоди кога минува низ големи трансформации, човештвото како да заборава да погледне во огледалото на уметноста. Растргнати сме меѓу безбројните избори и можности што ги нуди технологијата, без да знаеме на што точно да се посветиме. Се чини дека светот никогаш порано не бил толку материјално богат, а истовремено толку духовно сиромашен.

Но, не губиме надеж, бидејќи, како што велат мудрите, убавината е таа што ќе го спаси светот. Човекот повторно ќе се огледа во неа и ќе се потсети на она што го дефинира, а тоа е да создава и да споделува уметност.

Република Македонија е навистина среќна што веќе 55 години фестивалот „Охридско лето" е огледало што нè збогатува духовно. Нè збогатува со оние музички, сценски и ликовни дела кои, премостувајќи ги бариерите на просторот и времето, преку изведбите на врвните македонски, европски и светски уметници допираат и до нас.

Со таа мисла, го прогласувам годинешниот јубилеен фестивал „Охридско лето" за отворен!

005
Обраќање на отворањето на 2. Меѓународен научен собир „Македонско-словачки книжевни, културни и духовни врски“
Четврток, 02 Јули 2015

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е да ви се обратам и да ве поздравам на овој научен собир посветен на Македонско-словачките книжевни, културни и јазични врски.

Се вели дека минатото време никогаш не е толку минато за да не може да ја допира и сегашноста. Тоа, секако, се однесува и на пријателските односи меѓу Република Македонија и Словачката Република чии корени допираат до моравската мисија на сесловенските светители и просветители, светите Кирил и Методиј.

Сите ние го знаеме поводот за моравската мисија. Византиското царство и Моравското кнежество имале заеднички интерес. Моќната Византија сакала да гради сојузи со словенските држави, додека словенска Моравија настојувала да ја зачува и да ја зацврсти својата независност. Затоа, моравскиот кнез Ростислав побарал од византискиот цар Михаил III да му прати мисионери кои ќе го шират христијанството на словенски јазик. Свесен дека патот до заедничка вера, а со тоа и сојузот, води преку јазикот, царот им ја доверил оваа важна мисија на Константин Филозоф-Кирил и неговиот брат Методиј.

Ценети присутни,

Се чини дека двајцата солунски браќа имале своја солунска агенда, која по својата визија ги надминувала интересите на Византија и Моравија.

Врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун, меѓу кои и племињата на Драговитите, Сагудатите и Ринхините, солунските браќа ја составиле првата словенска азбука – глаголицата. Старословенскиот јазик го трансформирале во првиот пишан јазик на словенските земји. А со јазичниот клуч што го исковале, тие го отвориле срцето на народите, за да можат да ја прифатат светлината на знаењето и на верата.

004Она што се случи ја промени историјата на Европа и на светот. Еден по еден почнаа да паѓаат бројните ѕидови што го делеа европскиот простор.

Прво падна образовниот ѕид што ги разделуваше народите со писменост од народите кои до тогаш сè уште беа без писмо. Во Охрид беше основан првиот словенски универзитет во Европа чии ученици станаа учители на словенскиот свет.

Второ, падна духовниот ѕид, што ги делеше христијаните и паганите, и го отвори европскиот простор за ширење на Евангелието на разбирлив, мајчин јазик.

Трето, падна културниот ѕид што ги делеше цивилизираните народи на империите од оние кои до тогаш биле сметани за варвари. Кирил и Методиј им овозможија на словенските народи сами да ја пишуваат својата автентична приказна на страниците од светската историја.

Четврто, падна комуникацискиот ѕид. Со старословенскиот јазик, Кирил и Методиј ни оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави, вклучително и Македонија и Словачка.

И покрај сите предизвици, закани и прогони со кои се соочувале, Кирил и Методиј успеале да ги интегрираат словенските народи од Централна, Источна и Југоисточна Европа во поширокиот духовен, културен и образовен европски простор.

Со нивното дело Кирил и Методиј придонесоа кон втемелувањето на визијата за Европа обединета во различноста. И во сè што правеа, тие ги рушеа ѕидовите и го отвораа просторот.

Солунската агенда на светите Кирил и Методиј беше остварена, иако признанието дојде по повеќе од 1000 години. Во 1980 година во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS, папата Јован Павле II ги прогласи за копокровители и патрони на Европа.

Ценети присутни,

1140 години по солунската агенда на светите Кирил и Методиј, Европската унија излезе со своја солунска агенда. Балканските држави со воодушевување го пречекаа визионерскиот самит во Солун во 2003 година. На самитот беше истакната намерата до 2014, до 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, целиот Балкан да биде дел од Европската унија.

Сепак, реалноста во Европа денес сигурно не е онаква каква што ја замислувале нејзините визионери и лидери, ниту како што ја посакуваат земјите-членки и земјите-кандидати.

Се случи светската економска криза која предизвика домино-ефект што ги разниша клучните европски политики. Последиците од тоа се чувствуваат и на европско, но и на регионално и национално ниво.

Наместо исполнување на заветот на Куденхов Калерги за праведно решение за прашањето на европските граници преку нивно укинување, сведоци сме за обратното. Проблемот со бегалците од Медитеранот и од Блискиот Исток придонесе кон тоа нецели 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, Европа да почне да гради нови ѕидови.


007Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа произлегуваат од менталните ѕидови – предрасудите, ксенофобијата и стравот од различноста. Како Европа да заборава дека демократијата не е само правото да се биде рамноправен, туку и правото да се биде различен.

Затворајќи се сама во себе и претворајќи се во тврдина, Европа како да си ги поткопува сопствените темели. Ниту една држава, па дури ни Република Македонија, не е имуна на овие процеси.

Ветувањето од Солун не само што не е исполнето, туку и политиката на проширување се соочува со стагнација. Цели 10 години, Република Македонија не е на агендата за проширување на Европскиот совет поради блокадата од јужниот сосед. Блокадата доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна од претходната.


Дами и господа,

Иако во Република Македонија нема физички ѕидови, за жал, има ментални ѕидови и ровови во кои секојдневно се води политичката битка. Македонските граѓани со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат. А од високите ѕидови и од длабоките ровови сè потешко е да се види човечкото лице на политичкиот противник.

Одговорноста не е само на Унијата, туку и на секоја земја-членка и на секоја земја-кандидат за членство, вклучително и Македонија.

Како што европското лидерство треба храбро да го отвори просторот и да ја интегрира цела Европа во Европската унија, така и македонските лидери мора да ги срушат менталните ѕидови и да ги затрупаат менталните ровови.

Во вакви сложени услови, лидерите на политичките партии во Република Македонија мора што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза.

Верувам дека треба да се угледаме на храброста и на солидарноста на светите Кирил и Методиј, и да останеме доследни на нивното најголемо постигнување – рушење на ѕидовите, отворање на просторот и поврзување меѓу луѓето и народите, со заемна почит и прифаќање на различноста.

Ви благодарам.
001



seminar01
Обраќање на претседателот Иванов по повод отворањето на 48. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура
Недела, 14 Јуни 2015

Почитувани присутни,
Ценети гости,
Драги пријатели,

Од дамнина останала мудроста дека јазикот е душата на еден народот. Впрочем нашата реалност е создадена така како што е опишана од нашиот јазик. Преку јазикот, ние на автентичен начин им го пренесуваме на идните поколенија она што сме го наследиле од нашите претци. Оттука, борбата за јазикот и писменоста е борба за душата на народот. И македонскиот јазик бил предмет на таква борба.

Надоврзувајќи се на делото на македонските преродбеници од 19 век и кодификацијата направена од Мисирков и Македонското научно-литературно другарство, реалноста на македонскиот литературен јазик беше потврдена пред точно 70 години. Во 1945 година беше официјалното усвојување на македонската азбука и македонскиот правопис. Обврска произлезена од Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава.

Де Бреј, во "Водич за источнословенските јазици" ќе напише: "Како иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик...". Или како што почитуваниот Трајко Стаматовски, пред 40 години ќе каже: ... на еден стар, стар јазик, многу доцна му дојде младоста!

Годинава, исто така, се навршуваат и 90 години од објавувањето во Атина на букварот АБЕЦЕДАР на македонски јазик за македонското малцинство во Грција. Букварот бил подготвен под меѓународен притисок и под покровителство на Друштвото на народите во Женева. Но АБЕЦЕДАР-от никогаш не стигнал во рацете на учителите и учениците за кои бил наменет. Речиси целиот тираж бил запленет и уништен од властите. Денес се зачувани само неколку оригинални примероци.

seminar02Македонскиот јазик и денес сеуште се соочува со бројни оспорувачи кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид на симболична опресија врз македонскиот идентитет.

Сепак, многу нешта се сменија.

За разлика од состојбите од првата половина на минатиот век, денес слободно зборуваме, пишуваме и твориме на македонски јазик, кој има се повеќе свои говорители и меѓу пријателите на Македонија.

По кодификацијата на современиот македонски литературен јазик се основаа низа образовни и научни установи кои го изучуваат македонскиот јазик. Во изминативе 70 години се создаваа сите услови за непречено и објективно развивање на македонистиката како дел од светската лингвистичка наука.

Речиси половина век Охрид е домаќин на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Во оваа пригода сакам да ги поздравам сите учесници, домашни и странски македонисти кои даваат својот личен придонес кон воздигнувањето на вредностите на македонскиот јазик, писмо и култура меѓу народите во светот.

Драги пријатели,

Обврска кон мајчиниот јазик не е само да се знае и да се сака, туку и постојано да се чува како ризница на културата. Цврсто веруваме дека довербата во сопствениот јазик претставува и доверба во себеси. Со тоа што и вие македонистите од целиот свет го учите и проучувате македонскиот јазик, станувате дел од кругот на доверба што со децении го градиме. И за тоа сме ви многу благодарни.

Со таа мисла, ви посакувам успешна работа во летната школа и пријатен престој во Република Македонија.

Ви благодарам.

seminar03

prilep01
Обраќање на претседателот Иванов по повод доделувањето на Повелбата на Република Македонија за Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Петок, 12 Јуни 2015

Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Денес Прилеп и тагува и се радува. Тагува, бидејќи еден од неговите големи синови, Благоја Спиркоски – Џумерко, замина во вечноста. Се радува бидејќи споменот за Џумерко продолжува да живее и преку Прилепскиот народен театар и преку Македонскиот театарски фестивал.

Верувам дека нема посоодветен начин Прилеп и Македонија да се збогуваат од големиот актер отколку со тоа што ќе ѝ посакаат добредојде на неговата голема љубов ‒ театарот.

Почитувани присутни,

И покрај сите искушенија на кои нè наведуваат масовните медиуми и социјалните мрежи, кои како да ни ги скратуваат и времето и трпението, сепак, му останавме верни на театарот. За тоа има барем две причини.

Годинава славиме двоен јубилеј. 140 години од раѓањето на таткото на македонската драматургија – Војдан Чернодрински и 50 години од почетокот на Македонскиот театарски фестивал што го носи неговото име.

Во текот на 50 години и 417 фестивалски деноноќија биле изведени 663 претстави, и класични и современи, и странски и македонски. Како природен простор за македонското драмско творештво, фестивалот го одржува заветот на Чернодрински.

Сето тоа е дело на бројните драматурзи, режисери, продуценти и, секако, актери кои го оживуваат зборот на сцената. За тоа се заслужни и драмските критичари, но и помалку видливите, но никако помалку важни мајстори на својот занает без чија посветеност ниту една претстава нема да допре до срцата на луѓето, а тоа се сценографите, костимографите, шминкерите, мајсторите на светло и звук...

Втората причина поради која половина век му останавме верни на Македонскиот театарски фестивал е бидејќи низ репертоарот секогаш одново успева да адресира важни теми и да испрати значајни пораки.

Во време кога Република Македонија минува низ политичка и општествена драма, една порака е особено важна за сите нас. А тoа е потребата од дијалог на политичката сцена и враќање на меѓусебната доверба во македонското општество.

Театарот има улога на корективно огледало што искрено ги покажува нештата какви што се, но и какви можат да бидат. Низ драмските заплети и расплети, театарот храбро ни укажува на можните причини и последици од нашите одлуки.

Затоа, ми претставува чест како Претседател на Република Македонија со оваа Повелба да ја изразам нашата благодарност кон Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински". Благодарност бидејќи со својата искреност не престанува да биде истовремено и сол на раната и мевлем за душата на македонското општество.

Ви благодарам.

prilep02

VOENA_AKADEMMIJAA001
Обраќање на претседателот Иванов на Свечената академија „20 години Воена академија“
Четврток, 11 Јуни 2015

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитуван декан на Воената академија,
Почитувани професори,
Почитувани питомци и студенти на Воената академија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е како врховен командант на вооружените сили да ве поздравам на овој значаен јубилеј за Република Македонија.

Денес прославуваме 20 години од официјалното постоење на Воената академија. Велам официјално, бидејќи знаењето и вештините за воената наука во Македонија биле учени и пренесувани низ многу генерации.

Живееме на простор кој дал големи воени лидери кои со своите подвизи го менувале текот на македонската, но и на светската историја. Тука минувале многу војски, биле исцртувани многу граници и копани многу ровови. Сме имале бројни востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Од големите премрежија, како народ, секогаш сме излегувале посплотени, посилни и побогати со нови искуства и со знаења за тоа како да се добие наредната битка.

Од востание до востание, од битка до битка, знаењата и вештините на воената методологија биле адаптирани и усовршувани.

Можеме да се гордееме што нашето искуство не е стекнато само преку исправни и испробани воени методи, техники и стратегии, туку е втемелено врз најблагородниот од сите мотиви, а тоа е слободата. Жедта за слобода на Македонија била пренесувана со мајчиното млеко, била мотивирана со сведоштвата за хероите, била потврдувана со заклетвите на востаниците и партизаните, и секогаш била проверувана на бојното поле.

Научивме многу важна лекција: Дека никој нема да ја сака Македонија ако сами не ја сакаме. Никој нема да се бори за Македонија ако прво ние не се бориме за неа. Никој нема да ни ја чува Македонија ако прво сами не ја чуваме.

Благодарение на акумулираните знаења, но и на самопрегорот на македонските борци, пред 70 години Македонија излезе како еден од победниците во Втората светска војна. Со таа наша народноослободителна војска командуваше и патронот на оваа Воена академија – генералот Михајло Апостолски.

Почитувани питомци,

Во многу нешта, вие сте привилегирана генерација.

Знаењето за воените вештини не го стекнувате под јаремот на ропството, ниту во рововите на борбените фронтови. Не носите туѓи униформи и не ве засенуваат нечии туѓи знамиња. Вие одбравте една од најблагородните професии, а тоа е да се грижите за одбраната на слободната татковина.
Но, немојте никогаш да заборавате дека сето знаење кое денес го учите на Воената академија е стекнато и преку тешкото искуство на нашите предци. Секој принцип вграден во воените стратегии и тактики е резултат на реални ситуации со кои се соочувале стратезите, офицерите, подофицерите и војниците на бојните полиња во Македонија и низ светот.

Должни сме никогаш да не забораваме за да не минуваме низ она низ што минувале нашите предци. А минувале низ ропства, поделби и окупации, низ крвави борби и низ исцрпувачки походи. Живееле од ден за ден со големи самооткажувања и со лични саможртви за да не мора нивните потомци да минуваат низ истото.

Генерации професори, асистенти и инструктори, теоретичари и практичари, веќе 20 години посветено го пренесуваат ова скапоцено знаење и ја одржуваат свеста кај сите офицери и подофицери кои се образувале на нашата Воена академија.

Затоа, денес, кога Армијата на Република Македонија е препознаена како синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина, тоа е благодарение на исклучително квалитетните офицери и подофицери кои произлегле од Воената академија.

Во ова големо училиште на нашата армија, на нашите безбедносни сили, се калат и се прекалуваат сегашните и идните воени лидери на Македонија. Оваа генерација питомци минуваат низ исклучително тешка програма која е целосно компатибилна со критериумите на Алијансата за едукација на кадри. Тука се обучуваат и студентите кои утре ќе бидат дел од мошне важните системи за управување со кризи и за заштита и спасување.

Со посветеност и со трудољубивост, учејќи од сегашната генерација, го стекнувате правото да бидете офицери и да бидете учители и предводници на наредната генерација. И тоа, не само тука, во Македонија, туку и надвор од неа, на воените академии на нашите стратешки партнери и сојузници.

Заедно со правото ја стекнавте и должноста кон македонското знаме што ја краси вашата униформа, должност кон војниците кои со својот личен пример ќе ги предводите и должност кон граѓаните кои со своите одлуки ќе ги заштитувате.

Грижејќи се за одбраната, за територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија, вие ќе ги обезбедите трите нешта кои се најважни за секој човек, а тие се: безгрижно детство, просперитетен живот и спокојна старост, тука, во нашата татковина.

Безбедноста е неопходна и за демократијата, и за македонскиот модел на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Впрочем, и Армијата и безбедносните структури целосно ја отсликуваат таа наша македонска реалност.

Офицерите што произлегуваат од Воената академија се во првите редови на последната линија на одбрана на овие наши врвни вредности. Денес, кога се соочуваме со нови бројни предизвици и нови сложени закани, вашиот придонес е поважен отколку кога било порано.

Почитувани присутни,

Седум децении по крајот на Втората светска војна повторно сме соочени со закана за мирот и за безбедноста во светот. На почвата на Европа, Азија, Африка, повторно има поделби, ксенофобија, екстремизам, тероризам и вооружени конфликти.

Неодамна и Република Македонија ги почувствува негативните ефекти од една група која се обиде да ја загрози безбедноста на државата и да внесе хаос, неизвесност и страв кај македонските граѓани. Вашите браќа по оружје, од Министерството за внатрешни работи ги спречија во таа намера.

Територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани, како што е сајбер-безбедноста. Природните непогоди и од човекот предизвиканите катастрофи се сè поголем предизвик за системите за управувањето со кризи и за заштита и спасување.

Овие и сличните безбедносни предизвици честопати го надминуваат капацитетот на државите сами да одговорат. Затоа, повеќе од една деценија, цела една генерација офицери, подофицери и војници на Армијата на Република Македонија континуирано придонесува кон мирот, безбедноста и стабилноста во светот.

Имавме 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, вклучувајќи ја и мисијата ФЕНИКС. Нашите мировници се дел од мисиите „Одлучна поддршка" во Авганистан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и УНИФИЛ во Либан. Со 16 МАП-а, Армијата на Република Македонија е една од најпроверуваните армии во историјата на НАТО.

Македонскиот придонес не е симболичен, туку суштински. Едно време бевме трета земја-контрибутор по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет. Имавме повеќе војници во Авганистан, отколку 90% од земјите-членки на НАТО.

А придонесуваме затоа што веруваме.

Иако Република Македонија сè уште не е во НАТО, Армијата на Република Македонија de facto е во НАТО. Затоа, Република Македонија не скршнува од зацртаниот евроатлантски пат.

Очекуваме нашите партнери и сојузници да донесат храбра одлука и конечно да го деблокираат нашето залужено членство во НАТО. Затоа што заедно сме посилни.

Ценети присутни,

Може уште многу да се зборува за придонесот на Воената академија и на Армијата на Република Македонија.
Но, колку Република Македонија придонесува за својата армија?

Како врховен командант знам дека македонскиот војник е скромен, благодарен и дека се задоволува и со малку. Но, токму во тоа е неговата големина и токму со тоа нè обврзува да се грижиме уште повеќе, бидејќи грижејќи се за армијата се грижиме за Македонија.

Затоа, како Претседател на Република Македонија постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата, за да биде подготвена за предизвиците, бидејќи цврсто верувам дека ниту една армија не е подобра од нејзините војници, од нејзините офицери и подофицери. Во Армијата мора да се вложува!

На крај, ќе ве оставам со оваа мисла.

Во завет ни е оставена не само слободна и независна Република Македонија, туку и сето акумулирано знаење за тоа како се брани слободата. Бидејќи слободата не се стекнува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Тоа е повик за секоја нова генерација питомци и студенти на Воената академија.

Да ни е честит овој голем јубилеј на Воената академија!
Да живее Република Македонија!
Да живее Армијата на Република Македонија!

VA_003

ZA_WEB_1
Обраќање на претседателот Иванов на Свечената академија посветена на Јосип Јурај Штросмаер
Четврток, 11 Јуни 2015

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да ве поздравам на 200 годишнината од раѓањето и 110 годишнината од смртта на хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер. За него знаеме дека е еден од првите свештеници во Католичката Црква кои го ревитализираа делото на солунските браќа Кирил и Методиј. Она што го започна Штросмаер, го заврши Папата Јован Павле II во 1980 година, кога во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи за копокровители и патрони на Европа.

Од семето што го посеаја Светите Кирил и Методиј изникна стројно стебло што раѓа богат плод од кој се хранат многу народи.

Една гранка од тоа стебло е и нашата, македонска. Таа го даде првиот словенски универзитет во Европа, чии учениците станаа учители на словенскиот свет. Ни ги даде бројните манастирски училишта и безбројните препеви на Светото писмо. Ни ги даде Климент и Наум Охридски, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ... Но таа гранка им пречеше на многумина. Едни навалуваа на неа за да ја скршат. Други беспоштедно се обидуваа да ја пресечат. Трети, сакаа да ја прекалемуваат, за да дава туѓи плодови.

Македонскиот народ се наоѓаше под духовно фанариотско ропство и беше подложен на асимилација. Нашиот македонски јазик беше систематски потиснуван и забрануван. Илјадници списи и ракописи беа безмилосно разграбувани и уништувани. Во такви мрачни услови, македонските дејци кон секој пергамент се однесуваа како кон најсвета реликвија, свесни дека на почетокот на се е Словото, животворниот Логос, преку кој се постанало.

И кога постоеше опасност таа гранка да биде скршена, исушена, и фрлена во заборав, се случија два настани кои го променија текот на нашата историја.

Во 1845-та, пред 170 години, во Охрид пристигна познатиот руски славист Виктор Иванович Григорович. Тој присуствувал на часот каде предавал струшкиот даскал Димитар Миладинов, кој лекцијата на учениците, откако им ја предал на грчки јазик, им ја превел и на мајчин - македонски јазик. Тоа оставило силен впечаток кај Григорович кој го охрабрил Димитар да започне да собира народни песни и умотворби.

Најпрво Димитар а потоа и помладиот брат Константин започнале да ги собираат плодовите на нашата гранка, кои се надвиснале по градовите и селата, на пазариштата и панаѓурите, низ маалата и сокаците. Константин напоменува дека „богатството на песните е неисцрпно... Препишувајќи толку песни, човек ќе помисли дека ќе го исцрпи сето богатство, но, кога поминува во друго маало, таму наоѓа многу други песни, како нов извор".

Целта на Миладиновци била творбите да се објават во Зборник и да се споделат со светот. На сите страни праќале писма со молби за поддршка на издавањето на Зборникот. Константин отишол дури до Русија. Жинзифов пишува дека Константин, за време на неговиот престој во Москва, три години ги пазел и им се радувал на собраните народни песни „како што мајката му се радува на својот единствен скап син, останат неповреден по многу несреќи и беди."

Барајќи издавач, Константин нашол само на затворени врати, и разочаран се подготвил да се врати во татковината.

Тука доаѓаме до вториот настан што се случи во Виена во 1860 година. Младиот и болежлив Константин, на пат за дома, се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер. На голема радост на Миладинов, бискупот се согласил да го финансира печатењето на Зборникот.

И така, на 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ во Загреб, излегло првото издание на Зборникот на народни песни. Во предговорот на истиот Константин ќе напише дека „народните песни се показател на степенот на умствениот развој на народот и огледало на неговиот живот."

Ценети присутни,

Ретко кој народ може толку јасно да ги посочи пресвртните моменти во својата историја.

Зборникот на Миладиновци стана меѓник на македонската самобитност. Марко Цепенков Зборникот ќе го нарече „второ евангелие" – втора добра вест што придонела за културна и духовна преродба на Македонија.

Оваа антологија на народната поезија покажа дека народот што не можел да се шири во широчина, градел во височина, и достигнувал највисоки културни и творечки дострели. Димитар и Константин се јавија да ни посведочат за тој творечки дух на нашиот народ. Но, нивното сведошто беше можно благодарение на Јосип Јурај Штросмаер.

Тоа е истиот оној Штросмаер, посветен духовник и ангажиран интелектуалец вклучен во главните општествено-политички дебати во Европа. Хуманист и визионер, кој го иницирал и финансирал основањето на Универзитетот и Академијата во Загреб. Влијателен дипломат почитуван од Гледстон и Бизмарк. Дарежлив мецена кој сесрдно го помагал препородот не само во родната Хрватска, туку и во Словенија, Бугарија, Чешка, Словачка, Полска и Македонија.

Драги пријатели,

Благодарение на Штросмаер, гранката што беше поткршена и речиси исушена, на изненадување на многумина зарасна и потера.

Цепенков, Шапкарев и Зографски ја продолжија собирачката дејност.
Прличев и Жинзифов се вдадоа во борба против елинизацијата на Македонија.
Пулевски ги објави тријазичниот и четиријазичниот речник и првата публикувана граматика на македонскиот јазик.
Македонското научно-литературно другарство ја кодификува реалноста на македонскиот литературен јазик, која подоцна ќе биде потврдена од Кепески и Конески.
Мисирков научно ја образложи и практично ја примени оваа реалност и ни порача дека: „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик зашто тој е наш, исто така, како што е наша татковината".

Чернодрински го оживеа македонскиот збор на театарската сцена.
Рацин ни го подмлади јазикот и ни навести нови, бели мугри.

Воената и повоената генерација поети и писатели станаа новите волшебници на македонскиот јазик.
Еден од нив, Петре М. Андреевски не потсети дека „јазикот е првиот сведок што ја утврдил нашата татковина. И само јазикот никогаш не не оставил сами. И, зашто само тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме." Тој ќе не охрабри „да ги обожуваме своите зборови, зашто тие се лицето на нашата душа. Тие се единствените живи споменици и клучни сведоци на кои им го должиме сето наше сеќавање."

А ние, за жал, лесно забораваме. Токму кога почнавме да го живееме заветот на Миладиновци, и кога со голема благодарност се сеќаваме на делото на Штросмаер, не можеме а да не забележиме дека плодовите од нашата гранка станаа горчливи.

Денес, сакам да поставам прашање до целата македонска јавност:

Што правиме со бесценетото наследство на нашите светители, просветители, учебникари, учители, собирачи?
Што правиме со словото кое ни го открија, со зборовите на кои им дадоа живот?
Во што ја претворивме нашата единствена комплетна татковина?
За што заправо го користиме нашиот македонски јазик?

Зборовите ги обезвреднивме. А, штом ќе ги обезвредните зборовите, тогаш е лесно да се користат тешки зборови на потценување, исмевање, понижување и омраза.

Го изгубивме чувството за јавна пристојност во јавниот простор.

Отровниот цинизам ја замени мудроста, како што тривијалноста ја замени естетиката.

Социјалните медиуми станаа поле за сеење омраза.

И затоа денес, да се запрашаме: зарем за ова светите Кирил и Методиј ни дадоа азбука?
Зарем за ова светите Климент и Наум Охридски не воспитуваа?
Зарем за ова не описменуваа македонските учебникари?
Зарем за ова не просветлуваа македонските просветители?
Зарем ништо не научивме од мудроста на народниот гениј што ни ја пренесоа Миладиновци?
Зарем за ова и поетите и писателите ни го подмладија јазикот?
Конечно, зарем со вакви зборови ќе се исполни опусот на оваа наша генерација што ќе го оставиме на поколенијата по нас?

Се вели дека на почетокот беше Словото, но Словото е творечко, кое темината ја замени со светлина а од хаосот создаде ред. Зборовите кои денес се користат го прават токму спротивното. Ги претворивме во оружје со кое го кинеме ткивото на Македонија.

Македонскиот јазик сеуште е систематски потиснуван, забрануван и преименуван од неговите противници. Но, што се случува кога токму говорителите на јазикот меѓусебно се доживуваат како противници?

Како Претседател на Република Македонија, но и како професор, родител, како човек, велам дека е време сето тоа да престане. Од сите зборови, денес еден е најважен за Македонија: дијалог.

„Да ги зарамнеме еднаш веќе длабоките бразди на делби и омраза. Во омразата никој нема ни иднина, ни надеж", рече Петре М. Андреевски.

И денес, имаме многу различни идеи, погледи и политички партии. Во тоа се состои и богатството на демократијата. Но, имаме само една држава – Република Македонија.

Светите Кирил и Методиј ни дадоа азбука, не описменија, не за да се опогануваме, клеветиме и проколкнуваме, туку за да си помагаме и да се почитуваме.

Тоа е наш долг кон нашите просветители, но и кон сите пријатели на Македонија кои ни помогнале кога ни било најтешко. Пријатели како Јосип Јурај Штросмаер.

Денес, кога Република Хрватска е во Европската унија и НАТО, верувам дека ќе ни помогне да станеме дел од семејствата кон кои природно припаѓаме. Со тоа што ќе ни помогнат, ќе си помогнат и себе, бидејќи ќе го исполнат заветот на Штросмаер.

Ви благодарам.

ZA_WEB_2



 

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 25 од 64