Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, Почитуван декан на Воената академија, Почитувани професори, Почитувани питомци и студенти на Воената академија, Ценети екселенции, Дами и господа,
Чест ми е како врховен командант на вооружените сили да ве поздравам на овој значаен јубилеј за Република Македонија.
Денес прославуваме 20 години од официјалното постоење на Воената академија. Велам официјално, бидејќи знаењето и вештините за воената наука во Македонија биле учени и пренесувани низ многу генерации.
Живееме на простор кој дал големи воени лидери кои со своите подвизи го менувале текот на македонската, но и на светската историја. Тука минувале многу војски, биле исцртувани многу граници и копани многу ровови. Сме имале бројни востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Од големите премрежија, како народ, секогаш сме излегувале посплотени, посилни и побогати со нови искуства и со знаења за тоа како да се добие наредната битка.
Од востание до востание, од битка до битка, знаењата и вештините на воената методологија биле адаптирани и усовршувани.
Можеме да се гордееме што нашето искуство не е стекнато само преку исправни и испробани воени методи, техники и стратегии, туку е втемелено врз најблагородниот од сите мотиви, а тоа е слободата. Жедта за слобода на Македонија била пренесувана со мајчиното млеко, била мотивирана со сведоштвата за хероите, била потврдувана со заклетвите на востаниците и партизаните, и секогаш била проверувана на бојното поле.
Научивме многу важна лекција: Дека никој нема да ја сака Македонија ако сами не ја сакаме. Никој нема да се бори за Македонија ако прво ние не се бориме за неа. Никој нема да ни ја чува Македонија ако прво сами не ја чуваме.
Благодарение на акумулираните знаења, но и на самопрегорот на македонските борци, пред 70 години Македонија излезе како еден од победниците во Втората светска војна. Со таа наша народноослободителна војска командуваше и патронот на оваа Воена академија – генералот Михајло Апостолски.
Почитувани питомци,
Во многу нешта, вие сте привилегирана генерација.
Знаењето за воените вештини не го стекнувате под јаремот на ропството, ниту во рововите на борбените фронтови. Не носите туѓи униформи и не ве засенуваат нечии туѓи знамиња. Вие одбравте една од најблагородните професии, а тоа е да се грижите за одбраната на слободната татковина. Но, немојте никогаш да заборавате дека сето знаење кое денес го учите на Воената академија е стекнато и преку тешкото искуство на нашите предци. Секој принцип вграден во воените стратегии и тактики е резултат на реални ситуации со кои се соочувале стратезите, офицерите, подофицерите и војниците на бојните полиња во Македонија и низ светот.
Должни сме никогаш да не забораваме за да не минуваме низ она низ што минувале нашите предци. А минувале низ ропства, поделби и окупации, низ крвави борби и низ исцрпувачки походи. Живееле од ден за ден со големи самооткажувања и со лични саможртви за да не мора нивните потомци да минуваат низ истото.
Генерации професори, асистенти и инструктори, теоретичари и практичари, веќе 20 години посветено го пренесуваат ова скапоцено знаење и ја одржуваат свеста кај сите офицери и подофицери кои се образувале на нашата Воена академија.
Затоа, денес, кога Армијата на Република Македонија е препознаена како синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина, тоа е благодарение на исклучително квалитетните офицери и подофицери кои произлегле од Воената академија.
Во ова големо училиште на нашата армија, на нашите безбедносни сили, се калат и се прекалуваат сегашните и идните воени лидери на Македонија. Оваа генерација питомци минуваат низ исклучително тешка програма која е целосно компатибилна со критериумите на Алијансата за едукација на кадри. Тука се обучуваат и студентите кои утре ќе бидат дел од мошне важните системи за управување со кризи и за заштита и спасување.
Со посветеност и со трудољубивост, учејќи од сегашната генерација, го стекнувате правото да бидете офицери и да бидете учители и предводници на наредната генерација. И тоа, не само тука, во Македонија, туку и надвор од неа, на воените академии на нашите стратешки партнери и сојузници.
Заедно со правото ја стекнавте и должноста кон македонското знаме што ја краси вашата униформа, должност кон војниците кои со својот личен пример ќе ги предводите и должност кон граѓаните кои со своите одлуки ќе ги заштитувате.
Грижејќи се за одбраната, за територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија, вие ќе ги обезбедите трите нешта кои се најважни за секој човек, а тие се: безгрижно детство, просперитетен живот и спокојна старост, тука, во нашата татковина.
Безбедноста е неопходна и за демократијата, и за македонскиот модел на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Впрочем, и Армијата и безбедносните структури целосно ја отсликуваат таа наша македонска реалност.
Офицерите што произлегуваат од Воената академија се во првите редови на последната линија на одбрана на овие наши врвни вредности. Денес, кога се соочуваме со нови бројни предизвици и нови сложени закани, вашиот придонес е поважен отколку кога било порано.
Почитувани присутни,
Седум децении по крајот на Втората светска војна повторно сме соочени со закана за мирот и за безбедноста во светот. На почвата на Европа, Азија, Африка, повторно има поделби, ксенофобија, екстремизам, тероризам и вооружени конфликти.
Неодамна и Република Македонија ги почувствува негативните ефекти од една група која се обиде да ја загрози безбедноста на државата и да внесе хаос, неизвесност и страв кај македонските граѓани. Вашите браќа по оружје, од Министерството за внатрешни работи ги спречија во таа намера.
Територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани, како што е сајбер-безбедноста. Природните непогоди и од човекот предизвиканите катастрофи се сè поголем предизвик за системите за управувањето со кризи и за заштита и спасување.
Овие и сличните безбедносни предизвици честопати го надминуваат капацитетот на државите сами да одговорат. Затоа, повеќе од една деценија, цела една генерација офицери, подофицери и војници на Армијата на Република Македонија континуирано придонесува кон мирот, безбедноста и стабилноста во светот.
Имавме 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, вклучувајќи ја и мисијата ФЕНИКС. Нашите мировници се дел од мисиите „Одлучна поддршка" во Авганистан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и УНИФИЛ во Либан. Со 16 МАП-а, Армијата на Република Македонија е една од најпроверуваните армии во историјата на НАТО.
Македонскиот придонес не е симболичен, туку суштински. Едно време бевме трета земја-контрибутор по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет. Имавме повеќе војници во Авганистан, отколку 90% од земјите-членки на НАТО.
А придонесуваме затоа што веруваме.
Иако Република Македонија сè уште не е во НАТО, Армијата на Република Македонија de facto е во НАТО. Затоа, Република Македонија не скршнува од зацртаниот евроатлантски пат.
Очекуваме нашите партнери и сојузници да донесат храбра одлука и конечно да го деблокираат нашето залужено членство во НАТО. Затоа што заедно сме посилни.
Ценети присутни,
Може уште многу да се зборува за придонесот на Воената академија и на Армијата на Република Македонија. Но, колку Република Македонија придонесува за својата армија?
Како врховен командант знам дека македонскиот војник е скромен, благодарен и дека се задоволува и со малку. Но, токму во тоа е неговата големина и токму со тоа нè обврзува да се грижиме уште повеќе, бидејќи грижејќи се за армијата се грижиме за Македонија.
Затоа, како Претседател на Република Македонија постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата, за да биде подготвена за предизвиците, бидејќи цврсто верувам дека ниту една армија не е подобра од нејзините војници, од нејзините офицери и подофицери. Во Армијата мора да се вложува!
На крај, ќе ве оставам со оваа мисла.
Во завет ни е оставена не само слободна и независна Република Македонија, туку и сето акумулирано знаење за тоа како се брани слободата. Бидејќи слободата не се стекнува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Тоа е повик за секоја нова генерација питомци и студенти на Воената академија.
Да ни е честит овој голем јубилеј на Воената академија! Да живее Република Македонија! Да живее Армијата на Република Македонија!

|