Обраќање на претседателот Иванов на Свечената академија посветена на Јосип Јурај Штросмаер
Четврток, 11 Јуни 2015   

ZA_WEB_1Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да ве поздравам на 200 годишнината од раѓањето и 110 годишнината од смртта на хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер. За него знаеме дека е еден од првите свештеници во Католичката Црква кои го ревитализираа делото на солунските браќа Кирил и Методиј. Она што го започна Штросмаер, го заврши Папата Јован Павле II во 1980 година, кога во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи за копокровители и патрони на Европа.

Од семето што го посеаја Светите Кирил и Методиј изникна стројно стебло што раѓа богат плод од кој се хранат многу народи.

Една гранка од тоа стебло е и нашата, македонска. Таа го даде првиот словенски универзитет во Европа, чии учениците станаа учители на словенскиот свет. Ни ги даде бројните манастирски училишта и безбројните препеви на Светото писмо. Ни ги даде Климент и Наум Охридски, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ... Но таа гранка им пречеше на многумина. Едни навалуваа на неа за да ја скршат. Други беспоштедно се обидуваа да ја пресечат. Трети, сакаа да ја прекалемуваат, за да дава туѓи плодови.

Македонскиот народ се наоѓаше под духовно фанариотско ропство и беше подложен на асимилација. Нашиот македонски јазик беше систематски потиснуван и забрануван. Илјадници списи и ракописи беа безмилосно разграбувани и уништувани. Во такви мрачни услови, македонските дејци кон секој пергамент се однесуваа како кон најсвета реликвија, свесни дека на почетокот на се е Словото, животворниот Логос, преку кој се постанало.

И кога постоеше опасност таа гранка да биде скршена, исушена, и фрлена во заборав, се случија два настани кои го променија текот на нашата историја.

Во 1845-та, пред 170 години, во Охрид пристигна познатиот руски славист Виктор Иванович Григорович. Тој присуствувал на часот каде предавал струшкиот даскал Димитар Миладинов, кој лекцијата на учениците, откако им ја предал на грчки јазик, им ја превел и на мајчин - македонски јазик. Тоа оставило силен впечаток кај Григорович кој го охрабрил Димитар да започне да собира народни песни и умотворби.

Најпрво Димитар а потоа и помладиот брат Константин започнале да ги собираат плодовите на нашата гранка, кои се надвиснале по градовите и селата, на пазариштата и панаѓурите, низ маалата и сокаците. Константин напоменува дека „богатството на песните е неисцрпно... Препишувајќи толку песни, човек ќе помисли дека ќе го исцрпи сето богатство, но, кога поминува во друго маало, таму наоѓа многу други песни, како нов извор".

Целта на Миладиновци била творбите да се објават во Зборник и да се споделат со светот. На сите страни праќале писма со молби за поддршка на издавањето на Зборникот. Константин отишол дури до Русија. Жинзифов пишува дека Константин, за време на неговиот престој во Москва, три години ги пазел и им се радувал на собраните народни песни „како што мајката му се радува на својот единствен скап син, останат неповреден по многу несреќи и беди."

Барајќи издавач, Константин нашол само на затворени врати, и разочаран се подготвил да се врати во татковината.

Тука доаѓаме до вториот настан што се случи во Виена во 1860 година. Младиот и болежлив Константин, на пат за дома, се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер. На голема радост на Миладинов, бискупот се согласил да го финансира печатењето на Зборникот.

И така, на 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ во Загреб, излегло првото издание на Зборникот на народни песни. Во предговорот на истиот Константин ќе напише дека „народните песни се показател на степенот на умствениот развој на народот и огледало на неговиот живот."

Ценети присутни,

Ретко кој народ може толку јасно да ги посочи пресвртните моменти во својата историја.

Зборникот на Миладиновци стана меѓник на македонската самобитност. Марко Цепенков Зборникот ќе го нарече „второ евангелие" – втора добра вест што придонела за културна и духовна преродба на Македонија.

Оваа антологија на народната поезија покажа дека народот што не можел да се шири во широчина, градел во височина, и достигнувал највисоки културни и творечки дострели. Димитар и Константин се јавија да ни посведочат за тој творечки дух на нашиот народ. Но, нивното сведошто беше можно благодарение на Јосип Јурај Штросмаер.

Тоа е истиот оној Штросмаер, посветен духовник и ангажиран интелектуалец вклучен во главните општествено-политички дебати во Европа. Хуманист и визионер, кој го иницирал и финансирал основањето на Универзитетот и Академијата во Загреб. Влијателен дипломат почитуван од Гледстон и Бизмарк. Дарежлив мецена кој сесрдно го помагал препородот не само во родната Хрватска, туку и во Словенија, Бугарија, Чешка, Словачка, Полска и Македонија.

Драги пријатели,

Благодарение на Штросмаер, гранката што беше поткршена и речиси исушена, на изненадување на многумина зарасна и потера.

Цепенков, Шапкарев и Зографски ја продолжија собирачката дејност.
Прличев и Жинзифов се вдадоа во борба против елинизацијата на Македонија.
Пулевски ги објави тријазичниот и четиријазичниот речник и првата публикувана граматика на македонскиот јазик.
Македонското научно-литературно другарство ја кодификува реалноста на македонскиот литературен јазик, која подоцна ќе биде потврдена од Кепески и Конески.
Мисирков научно ја образложи и практично ја примени оваа реалност и ни порача дека: „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик зашто тој е наш, исто така, како што е наша татковината".

Чернодрински го оживеа македонскиот збор на театарската сцена.
Рацин ни го подмлади јазикот и ни навести нови, бели мугри.

Воената и повоената генерација поети и писатели станаа новите волшебници на македонскиот јазик.
Еден од нив, Петре М. Андреевски не потсети дека „јазикот е првиот сведок што ја утврдил нашата татковина. И само јазикот никогаш не не оставил сами. И, зашто само тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме." Тој ќе не охрабри „да ги обожуваме своите зборови, зашто тие се лицето на нашата душа. Тие се единствените живи споменици и клучни сведоци на кои им го должиме сето наше сеќавање."

А ние, за жал, лесно забораваме. Токму кога почнавме да го живееме заветот на Миладиновци, и кога со голема благодарност се сеќаваме на делото на Штросмаер, не можеме а да не забележиме дека плодовите од нашата гранка станаа горчливи.

Денес, сакам да поставам прашање до целата македонска јавност:

Што правиме со бесценетото наследство на нашите светители, просветители, учебникари, учители, собирачи?
Што правиме со словото кое ни го открија, со зборовите на кои им дадоа живот?
Во што ја претворивме нашата единствена комплетна татковина?
За што заправо го користиме нашиот македонски јазик?

Зборовите ги обезвреднивме. А, штом ќе ги обезвредните зборовите, тогаш е лесно да се користат тешки зборови на потценување, исмевање, понижување и омраза.

Го изгубивме чувството за јавна пристојност во јавниот простор.

Отровниот цинизам ја замени мудроста, како што тривијалноста ја замени естетиката.

Социјалните медиуми станаа поле за сеење омраза.

И затоа денес, да се запрашаме: зарем за ова светите Кирил и Методиј ни дадоа азбука?
Зарем за ова светите Климент и Наум Охридски не воспитуваа?
Зарем за ова не описменуваа македонските учебникари?
Зарем за ова не просветлуваа македонските просветители?
Зарем ништо не научивме од мудроста на народниот гениј што ни ја пренесоа Миладиновци?
Зарем за ова и поетите и писателите ни го подмладија јазикот?
Конечно, зарем со вакви зборови ќе се исполни опусот на оваа наша генерација што ќе го оставиме на поколенијата по нас?

Се вели дека на почетокот беше Словото, но Словото е творечко, кое темината ја замени со светлина а од хаосот создаде ред. Зборовите кои денес се користат го прават токму спротивното. Ги претворивме во оружје со кое го кинеме ткивото на Македонија.

Македонскиот јазик сеуште е систематски потиснуван, забрануван и преименуван од неговите противници. Но, што се случува кога токму говорителите на јазикот меѓусебно се доживуваат како противници?

Како Претседател на Република Македонија, но и како професор, родител, како човек, велам дека е време сето тоа да престане. Од сите зборови, денес еден е најважен за Македонија: дијалог.

„Да ги зарамнеме еднаш веќе длабоките бразди на делби и омраза. Во омразата никој нема ни иднина, ни надеж", рече Петре М. Андреевски.

И денес, имаме многу различни идеи, погледи и политички партии. Во тоа се состои и богатството на демократијата. Но, имаме само една држава – Република Македонија.

Светите Кирил и Методиј ни дадоа азбука, не описменија, не за да се опогануваме, клеветиме и проколкнуваме, туку за да си помагаме и да се почитуваме.

Тоа е наш долг кон нашите просветители, но и кон сите пријатели на Македонија кои ни помогнале кога ни било најтешко. Пријатели како Јосип Јурај Штросмаер.

Денес, кога Република Хрватска е во Европската унија и НАТО, верувам дека ќе ни помогне да станеме дел од семејствата кон кои природно припаѓаме. Со тоа што ќе ни помогнат, ќе си помогнат и себе, бидејќи ќе го исполнат заветот на Штросмаер.

Ви благодарам.

ZA_WEB_2



 

  Back<<Назад