Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Чест ми е да се обратам пред Атлантскиот клуб на Бугарија, пред луѓе кои се посветени на големиот европски и евроатлантски проект.
Кога во 1955 година, пред 60 години, лидерите на комунистичките режими на седумте централно и источноевропски држави предводени од Советскиот Сојуз го потпишале Варшавскиот пакт, не ни сонувале дека по само 35 години нивниот пакт ќе се распадне. Не ни сонувале дека еден ден, нивните држави ќе бидат полноправни членки на НАТО, и дека НАТО ќе одржи свој самит токму во градот во кој тие го потпишале Варшавскиот пакт.
Колку што ми е познато, дебатата за распуштањето на Варшавскиот пакт во Бугарија ја започнал мојот денешен домаќин, д-р Соломон Паси. За него прв пат чув додека, како млад интелектуалец, ги живеев последните денови на Југославија. Во тоа време со голем ентузијазам и со љубопитност ги следев и ги проучував процесите на демократизација и либерализација во државите од Централна и Источна Европа. Особено беа интересни позитивните искуства од Тркалезната маса во Бугарија. Маса на која учествуваше и власта, но и целата бугарска опозиција, а посебно нам познатиот Жељу Желев кој беше не само предвесник, туку и двигател на демократските процеси што ја зафатија Република Бугарија.
Токму на таа историска Тркалезна маса учествувал тогаш младиот Соломон Паси кој истата година поднел предлог за членство на Бугарија во НАТО и во Европската унија. Да потсетам дека во тоа време, Македонија и Бугарија сè уште ги делеше Железната завеса.
Но, уште тогаш Европската идеја ја покажуваше својата моќ да привлекува. Многумина од нас верувавме во Европа како мировен проект, она што јас го нарекувам Pax Europeana. Денес, најголема потврда дека Европската унија ја заслужи Нобеловата награда за мир се мигрантите и бегалците. За нив Европа е простор на мир, безбедност, стабилност и добро владеење, симбол за добар и просперитетен живот.
Во тој турбулентен период Република Македонија сè уште беше дел од една федерација на држави која формално не припаѓаше ниту на Истокот ниту на Западот. Но, од првиот ден на нашата независност, ние многу добро знаевме каде природно припаѓаме – во големото европско и евроатлантско семејство. Сите парламентарни партии во првото демократско собрание се залагаа за демократизација и за европска и евроатлантска интеграција на државата.
Од тој период датира и нашето познанство со Соломон Паси. Кога во 1993 година се планираше основање на Атлантски совет на Македонија, му организирав средба со македонскиот министер за одбрана. Судбината сакала нашето пријателство да започне и да се заокружи со Атлантски совет. Во тоа време д-р Паси и јас бевме ентузијасти со големи идеи, а сега сме оптимисти со многу искуство.
Формално, на 23 декември 1993 година македонското собрание донесе одлука за стапување на Република Македонија во НАТО. Зад таа историска одлука стоеја не само политичките партии, туку и целото македонско општество, независно од етничката, верската или која било друга припадност.
Таа сплотеност, што ја одржавме до денес, ни помогна успешно да го изодиме најтешкиот дел од европскиот и евроатлантскиот пат што беше и сè уште е исполнет со блокади.
Република Македонија беше една од првите држави која ја поддржа иницијативата „Партнерство за мир" чиј член станавме на 15 ноември 1995 година. Во рамките на ова Партнерство постигнавме три нешта. Прво, започнавме да се реформираме и да се прилагодуваме кон критериумите на НАТО. Второ, ги зацврстивме безбедносните врски со Алијансата. Трето, изградивме добра воена соработка со земјите во регионот, пред сè, со соседите.
Во 1996 година бевме примени во Северноатлантскиот совет за соработка што подоцна се трансформира во Евроатлантски партнерски совет – ЕАПС.
За време на конфликтите во Југославија кога присуството на НАТО беше неопходно за смирување на регионот, ние тесно соработувавме со нашите партнери од НАТО. Ги ставивме на располагање нашите ресурси, нашите копнени и воздушни коридори, нашите полигони. Во време на косовската криза покажавме солидарност и им дадовме прибежиште на над 350.000 бегалци од Косово.
Во 1999 година станавме кандидат за членство во НАТО и бевме вклучени во Акциониот план за членство. Од тогаш до денес завршивме 16 акциони плана за членство.
Спроведовме макотрпни и темелни реформи во безбедносниот сектор. Веќе шест години сум врховен командант на вооружените сили и со гордост можам да кажам дека изградивме професионална, технички современа армија. Нашата армија е подготвена да ја брани Македонија, но и активно да придонесува за заштитата и за изградбата на слободни и демократски општества надвор од Македонија.
Армијата на Република Македонија е признавана и одликувана и од странските државници и командантите на партнерските армии со над 2800 медали. А има и зошто.
490 македонски мировници минаа низ 9 ротации во мисијата „Слобода за Ирак". Над 2400 мировници минаа низ 27-те ротации на ИСАФ во Авганистан, вклучувајќи ја и сложената мисија ФЕНИКС. Имавме 4 ротации во ЕУФОР и 15 ротации во рамките на АЛТЕА во Босна и Херцеговина. Денес, освен во АЛТЕА, нашите мировници се дел од мисиите „Одлучна поддршка" во Авганистан и УНИФИЛ во Либан.
Македонскиот придонес не е симболичен, туку суштински. Едно време бевме трета земја-контрибутор по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет. Имавме повеќе војници во Авганистан, отколку 90% од земјите-членки на НАТО.
Со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети. Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Но, зошто го правиме сето ова? Бидејќи од првиот ден на независноста во Алијансата ја гледавме нашата иднина.
Причини има многу, но ќе издвојам три:
Прво, НАТО е најуспешната алијанса во историјата што го порази Варшавскиот пакт и ја доби Студената војна.
Второ, НАТО има визија за обединета и слободна Европа како простор на мир. Тоа е дел и од нашата визија за Европа како мировен проект.
Трето, НАТО се темели врз универзалните принципи и цели содржани во Повелбата на Обединетите нации, принципи за демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото.
За да ги исполни овие благородни цели, НАТО својата сила, виталност и моќ ги црпи од принципите на неговото функционирање: единство, едногласност и солидарност кога станува збор за одлуки од стратегиско и историско значење.
Драги пријатели,
Сите овие цели и визии, вредности и принципи, за жал, паднаа во вода на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008-та. Во случајот со интеграцијата на Република Македонија, НАТО покажа неодлучност, неединство, разногласие и неспособност да донесе стратегиски одлуки.
Од тогаш, па наваму, другите центри на моќ во светот го тестираат НАТО преку случајот на Македонија. Во нашиот случај на виделина излегоа повеќето слаби точки на НАТО.
Македонија е школски пример како НАТО не треба да се однесува со земја-кандидат. Но, што може да се научи од случајот со евроатлантските интеграции на Македонија? Има неколку лекции.
Прво. НАТО стана заложник на партикуларни интереси на свои земји-членки, наместо на европската и евроатлантската безбедност. Идната година нè очекува Самитот на НАТО во Варшава. Варшавскиот пакт се распушти. Студената војна заврши. Железната завеса падна. А сепак, во Европа и натаму остана да стои еден неприроден ѕид, а тоа е блокадата на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој ѕид опстојува поради неодговорното однесување кај нашиот јужен сосед. Елитите кои до неодамна управуваа со Грција како да беа заглавени во времето на Студената војна и несвесни за новата балканска и европска реалност.
Кога веќе беше извесно дека со распадот на Југославија, Република Македонија ќе тргне по својот самостоен пат, наместо да нè поддржат, тие го измислија проблемот со името за да нè блокираат. Нè нарекуваа закана за безбедноста и за стабилноста во Европа, иако од самиот почеток со сите наши средства посветено придонесувавме кон истата таа европска безбедност и стабилност.
Наместо решителност и единство, во Букурешт, НАТО демонстрираше слабост и неединство. Земјите-членки дозволија да бидат заведени од нашиот јужен сосед. Криејќи се зад консензусот, Грција не само што го стави НАТО во една непријатна ситуација да брани неодбранливи позиции, туку и ја доведе во прашање стабилноста и безбедноста на нашиот регион.
Од членките на Алијансата во секое време се очекува да бидат достојни и доследни на целите и принципите на Организацијата, не само реторички, туку и со дела. Тие со своето однесување даваат пример за идните членки. Каков пример даде нашиот јужен сосед? Тој покажа дека НАТО може да ги погази сопствените принципи за да исполни непринципиелни барања.
Втората лекција се двојните стандарди. Со 16 завршени акциони плана за членство, Република Македонија денес држи Гинисов рекорд. Имаме најпроверувана армија во историјата на НАТО, подготвена и за најсложените мисии и операции, а сепак не сме членка. Земјите што во исполнувањето на критериумите беа зад нас влегоа во НАТО пред нас. Значи, критериумите за НАТО одамна ги исполнивме, а заслуженото членство сè уште не го добивме. Акциониот план за членство веќе ги изгуби и позитивните ефекти и стана контрапродуктивен. Продолжувањето со 17-от Акционен план за членство не може да биде замена за целосната интеграција и полноправното членство на Република Македонија во НАТО.
Замислете ја следната ситуација. Веднаш штом сте станале полнолетни сте купиле добар автомобил и со голем ентузијазам сте се пријавиле за возачка дозвола. 16 пати успешно сте ги положиле сите теоретски и практични тестови, а сепак некој, поради лични причини, одбива да ви ја издаде возачката дозвола. И така, вашиот скап автомобил стои паркиран во гаражата. Така е и со Република Македонија.
Третата лекција е непочитувањето на сопствените вредности и принципи. НАТО, како и Европската унија, се темели врз владеењето на правото и меѓународното право, и негова обврска е да се грижи за истото тоа право. Сепак, НАТО не ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година. Меѓународниот суд на правдата, решавајќи во спорот инициран од мојата земја, пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски.
Од објавувањето на пресудата до денес минаа речиси четири години и се одржаа два самита на НАТО во Чикаго и во Кардиф. Грција имаше доволно време да се усогласи со обврските кои произлегуваат од пресудата.
Со години предупредувавме дека во случајот со Република Македонија се крши меѓународното право, но ретко кој нè слушаше. Денес цената што ја плаќа НАТО е повисока. Непочитувањето на врвните правни авторитети го суспендира владеењето на правото и остави простор за анархичност во меѓународните односи. Непочитувањето на пресудата им дава аргументи на на оние кои го оспоруваат фактот дека НАТО е Алијанса што се темели на принципи, а не на гола, брутална сила.
Четвртата лекција е невреднување на демократската волја на граѓаните. Поддршката за НАТО во самите земји-членки опаѓа, што се должи и на самата комоција од членството. Лесно е да го критикуваш НАТО кога те штити чадорот на НАТО. Во Британија е 60%, во Германија 55%, а во Соединетите Американски Држави само 49%. Грција и Турција со години го држат рекордот во ниската јавна поддршка за НАТО. Во некои актуелни земји-кандидати јавното мислење е речиси поделено во однос на членството.
Во случајот со Македонија имаме драматично различна состојба. Над 80% од македонските граѓани недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО. Во последните 15-тина години, поддршката за НАТО не паднала пониско од 71%, а достигнувала и до 94%. Ќе повторам, 94% поддршка за членство! Тоа не е израз на наивност туку на силно чувство за припадност. Ниту една политичка партија во Република Македонија, ниту пак сите партии собрани заедно не можат да добијат онолку гласови колку што во моментов НАТО има свои поддржувачи. Тоа е најголемиот капитал на НАТО во Македонија. Во тоа се состои и моќта на интеграциите – да го сплотува и да го мотивира целото општество за достигнување на највисоки вредности, стандарди и критериуми. Нашите партнери тоа многу добро го знаат.
Тука доаѓаме и до петтата лекција во која се споени сите претходни, а тоа е игнорирање на моќта на просторот. Изгледа дека многумина ги подзаборавиле лекциите по геостратегија. Во 21 век територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани. Се намалува бројот на меѓудржавните конфликти, но, истовремено се зголемува бројот на конфликтите во самите држави. За жал, голем број од овие судири се случуваат во непосредното европско соседство.
Денес, ситуацијата во Украина, пропаднатите држави и разорените општества во Северна Африка и на Блискиот Исток создаваат круг на конфликти околу Европа. Се соочуваме со глобална закана од насилен екстремизам и од странски терористички борци. Во вакви сложени услови, јужното крило на НАТО има клучна улога во чувањето на европската безбедност и сигурност. И токму јужното крило на НАТО е ранливо поради блокирањето на Македонија.
Секој воен стратег го знае принципот на Сун-цу, авторот на „Умешноста на војувањето", кој армијата ја споредува со вода. Водата никогаш не се движи по угорница, туку го претпочита патот на помал отпор. На тоа сега не потсетуваат реките бегалци кои патуваат исклучивно низ коридорот на Македонија.
Досегашното искуство покажа дека проширувањето го правело НАТО посилно, а не послабо. Но, исто така, историјата покажа дека проширувањето е подобро како алатка за превенција на конфликти, отколку како алатка за управување со кризи. Со самото тоа што не ја интегрира Македонија под својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Одлагајќи го проширувањето, НАТО си создава проблем на сопствената територија. Тој проблем е вакуум-просторот. Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот.
Почитувани присутни,
Искуствата од 20 век покажаа дека не може да има стабилна Европа без стабилна Југоисточна Европа, и дека не може да има стабилна Југоисточна Европа без стабилна Македонија. А долгорочната стабилност на Република Македонија ќе се цементира со нејзиното членство во клубот на демократски, просперитетни, европски и евроатлантски нации.
Сепак, се соочуваме со парадокс. Додека Источниот Балкан стана дел од Западот, од НАТО и ЕУ, Западниот Балкан остана во вакуумот меѓу Истокот и Западот. Во случајот со Македонија, изгледа како Западот да не сака да нè запише, а Истокот веќе нè отпиша.
Самитот на НАТО во Варшава е историска можност еднаш засекогаш да се сруши и последниот ѕид што ја дели Европа од самата Европа. Но, како што реков на почетокот, ако порано бевме ентузијасти со големи идеи, сега веќе сме оптимисти со многу искуство. А искуството ни зборува дека, за жал, во Варшава, Македонија најверојатно нема да стане членка на НАТО.
Тоа нема да биде само уште еден пораз за Македонија и уште една дипломатска победа за Грција. Тоа ќе биде пораз за оние кои ја рушеа, а победа за оние кои ја подигнаа Железната завеса. Ќе биде победа за сеништето на Варшавскиот пакт, а пораз за НАТО и за духот на европеизмот и атлантизмот, на слободата и демократијата.
Додека Варшавскиот пакт ја делеше, НАТО ја обединуваше Европа. И наместо идната година во Варшава симболично и суштински да се стави крај на последната сенка од Варшавскиот пакт, тој најверојатно ќе продолжи да живее преку блокадата на Македонија.
Замислете ја тежината на овој парадокс. Европа не може да биде цела без Република Македонија во неа. И, наместо да ја обединува, НАТО во Варшава најверојатно ќе ја дели Европа, онака како што пред 60 години ја делеше Варшавскиот пакт. И тоа, најверојатно, на истата маса.
Освен ако земјите-членки на НАТО не направат нешто за да се возобнови вистинскиот дух на атлантизмот.
Каде е тука улогата на Република Бугарија?
За разлика од односите со нашиот јужен сосед, најновото поглавје во македонско-бугарските односи го отворивме одлично.
Претседателот Желев имаше историска улога во меѓународното признавање на Република Македонија, но и во спречувањето на обидите за Македонија повторно да стане балканско јаболко на раздорот. Во мугрите на нашата независност, тој ја одби непринципиелната покана од Атина да се зборува за Македонија без Македонците. И наместо да влезе во мрачното сценарио на Милошевиќ и Самарас, Бугарија прва ја призна Македонија, со што даде пример и за другите пријателски држави. Ние никогаш нема да го заборавиме тоа. Затоа, во знак на благодарност, на 15 јануари 2010-та го одликував претседателот Желев со Орденот „8 Септември". А во 2012-та е донесена одлука една од улиците во Скопје да го носи неговото име.
Само дваесетина дена претходно, кога стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот претседател Прванов го отворивме граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот каде некогаш минуваше Железната завеса што ја делеше Европа на два дела.
Железната завеса исчезна од границата, но, за жал, не и од главите на некои поединци од двете страни на границата. Таа ментална железна завеса ги оптоварува односите меѓу двете држави и народи кои треба да негуваат најблиски и најпријателски односи и чувства.
Драги пријатели,
Честопати велам дека на Балканот треба конечно да научиме да возиме автомобил. Тие што знаат да возат мораат да гледаат напред, и затоа ветробранското стакло е многу поголемо од ретровизорот кој ни помага да видиме што има назад. На Балканот, пак, ретровизорот со кој гледавме во минатото беше толку голем што не можевме да гледаме пред нас, да ја видиме иднината. Затоа имаше толку инциденти и судири на Балканот.
Но, ако некој знае да вози автомобил на Балканот, тоа секако е д-р Паси. Чув дека неговиот познат Трабант што стана симбол на европската и на евроатлантската интеграција на Република Бугарија сега се наоѓа во музеј. Затоа, денес, кога повторно се случува од навика предолго да се загледаме во ретровизорот, ни требаат повеќе луѓе кои се добри возачи, луѓе визионери, посветени на иднината. Како кај вас во Бугарија, така и кај нас во Македонија.
Време е да отвориме ново поглавје на македонско-бугарските односи што ќе престане да биде оптоварувано од оние на кои Железната завеса сè уште им е во главата. Потребно е ново поглавје за европската иднина на младите Македонци и Бугари, за отворен и просперитетен Балкан.
И македонскиот и бугарскиот проект за 21 век е составен дел од европскиот проект за 21 век. Време е да започнеме да работиме на содржината на овие проекти, наместо повторно да ги чешаме и копаме раните од заедничкото минато.
Лесно е да се најдат причини за кавги ако започнеме дополнително да го заплеткуваме и онака замрсениот јазол на заедничката балканска историја, ако започнеме да ги отвораме старите рани.
Подготвени сме да го потпишеме Договорот за добрососедство втемелен врз Декларацијата за добрососедство од 1999 година. Но, верувам дека е клучна суштината, а не формата. Договорот ќе биде само мртво слово на хартија ако не го промениме односот, ако не сфатиме дека добрососедските односи се двонасочна улица.
Драги пријатели,
Од нашиот прв сосед очекуваме да добиеме поддршка за членството во Европската унија и во НАТО. Тоа го очекуваме бидејќи веруваме во она што пред 15-тина години го кажа Вацлав Хавел. А тоа е дека има нешто што е повисоко од нашите национални интереси, тоа се принципите за кои се залагаме. Принципите нè обединуваат наместо да нè разединуваат. Уште повеќе, тие се аршинот за мерење на легитимноста или нелегитимноста на нашите интереси.
Очекуваме идната година, на Самитот на НАТО во Варшава, Република Бугарија да го заврши она што го започнаа луѓето како Жељу Желев и Соломон Паси. А тоа е да придонесе кон европеизација на Балканот и со тоа да стави крај на балканизацијата на Европа.
Ви благодарам.
