Говори и обраќања
Konferencija_GS_01
НАТО на самитот во Варшава да ја потврди посветеноста кон почитувањето на меѓународното право - Конференција на НГШ на земји членки на Јадранската повелба и САД
Четврток, 17 Септември 2015

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е да ве поздравам во Република Македонија на оваа конференција посветена на здружените напори за постигнување на партнерските цели и способностите на силите на НАТО.

Денес сме тука поради заемните ветувања што беа дадени пред 12 години со Јадранската повелба. Повелба во која се истакнува дека „Европа нема да биде вистински слободна сè додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден... Европа не може да биде обединета, сè додека има држави од регионот кои сè уште не се вклучени во евроатлантските институции".

Во изминатите години многу од заложбите беа остварени. Партнерството со Соединетите Американски Држави ги поттикна нашите земји да се посветат на негување добрососедство и регионална соработка. Успешно ги реформиравме и ги модернизиравме нашите армии со кои активно придонесуваме кон мирот и стабилноста во кризните региони.

Албанија и Хрватска станаа членки на НАТО. Црна Гора и Босна и Херцеговина се приклучија кон Јадранската повелба. Словенија и Србија се земји-набљудувачи. Се радуваме на нивниот успех што е успех на целиот регион.

Можеме да кажеме дека Јадранската група придонесе кон градењето мир, демократија, стабилност и просперитет во Југоисточна Европа.

Сепак, во Јадранската повелба, меѓу другото, стои дека „партнерите ја потврдуваат нивната посветеност кон владеењето на правото како основа за трансатлантската заедница на слободни и демократски држави..."

Трансатлантската заедница, НАТО, се темели на меѓународното право и нејзина обврска е да се грижи за почитување на истото тоа право.

Јадранската повелба беше потпишана пред 12 години. Само пет години подоцна, на Самитот на НАТО во Букурешт, Повелбата беше ставена на тест и, за жал, потфрли во случајот со Македонија.

Онаму каде што потфрли НАТО, не потфрли Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски.

Сепак, од објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата до денес минаа речиси четири години и се одржаа два самита на НАТО во Чикаго и во Кардиф. Грција имаше доволно време да се усогласи со обврските кои произлегуваат од пресудата.
НАТО и државите-членки имаа доволно прилики да ги ревидираат своите одлуки во согласност со меѓународното право.

Како врховен командант на вооружените сили, можам да ви кажам дека критериумите и стандардите за членство ги исполнивме, а сепак останавме блокирани. Со 16 акциони плана за членство, 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, Армијата на Република Македонија стана најпроверувана армија во историјата на НАТО. Тоа за нас создава големи обврски без никакви привилегии.

Ги браниме интересите на Алијансата, иако не сме во Алијансата. Време е и Алијансата да ги брани своите интереси со тоа што ќе ни го дадат одамна заслуженото членство.

Konferencija_GS_2Почитувани присутни,

Од 2003-та многу нешта се сменија. Територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани. Иако се намалува бројот на меѓудржавните конфликти, истовремено се зголемува бројот на конфликтите во самите држави. За жал, голем број од овие судири се случуваат во непосредното европско соседство.

Пропаднатите држави во Северна Африка и на Блискиот Исток и ситуацијата во Украина создаваат круг на конфликти околу Европа.

Имаме разорени општества во кои нема услови за владеење на правото и почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Како последица, имаме нова преселба на народите кои бегаат од пропаднатите држави. Бегајќи од конфликтите и хаосот, најголем дел од нив мирот и безбедноста ја бараат во Европа. Мигрантската криза нè потсети дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантската криза ја тестира принципиелноста на Европа.

Сведоци сме дека Европската унија сè уште не е подготвена соодветно да одговори на предизвиците и заканите.

Глобалната закана од насилен екстремизам и странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со менаџирање на заканата. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување.

Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство. Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци. Потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите. Државите од Јадранската група мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската унија со непречен пристап до сите бази на податоци.

Секој воен стратег многу добро го знае принципот на Сун-цу, кој армијата ја споредува со вода. Водата никогаш не се движи по угорница, туку го претпочита патот на помал отпор. Со самото тоа што не ја интегрира Македонија под својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е школски пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот.

Ако до сега прашањето за поканата на Република Македонија во НАТО беше чисто политичко прашање, сега веќе е и безбедносно прашање. Со секое натамошно нелегално блокирање на нашето заслужено членство во НАТО се врши сериозно блокирање на колективните интереси и на темелните принципи на Алијансата.

Пресудата е сè уште тука и чека да биде испочитувана и од Грција и од НАТО. Самитот во Варшава е можност НАТО и државите-членки да ја потврдат посветеноста кон меѓународното право. Но, и можност да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност.

Денес ќе разговарате за здружените напори во остварувањето на партнерските цели на НАТО. Секоја од нашите држави е премногу мала за сама да се соочува со глобалните предизвици и новите и сложени закани. Мора да си помагаме едни на други. Стабилноста и безбедноста на секоја држава е важна врска во целиот регион.

Ви благодарам.
Konferencija_GS3


armRotator
Нова стратегија за одбрана за градење институции за соочување со заканите - Обраќање по повод 18 Август, Денот на АРМ
Вторник, 18 Август 2015

Den_na_ARM_1Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Како Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми претставува вистинска чест да ве поздравам и да ви го честитам Денот на Армијата на Република Македонија.

Пред еден век, на 21 октомври 1915 година, бил отворен Македонскиот фронт. На двете страни од фронтот се судриле речиси еден милион војници од 20 нации групирани во десеттина различни армии. Но, за 200.000 војници на фронтот, единствената разлика била во униформата што принудно ја носеле и знамето под кое принудно се бореле. Тоа биле македонските војници, кои немале своја армија, па биле присилно мобилизирани во туѓи армии да гинат за туѓи интереси.

Историска иронија е што само еден ден пред отворањето на Македонскиот фронт, на 20 октомври 1915-та се родил борецот чие име ќе стане синоним за Македонската Армија. Како внук на војвода, партизанот Мирче Ацев стана врска меѓу Илинден и народноослободителната и антифашистичка борба.

Неговото име ќе го носи и првиот баталјон на народно ослободителната војска на Македонија што се формирал на 18 август 1943-та. Со тоа, историската неправда била исправена, и Македонските војници конечно се стекнаа со своја армија што ќе ги брани интересите на Македонија.

Den_na_ARM_2Почитувани сограѓани,

Од тогаш минаа повеќе од седум децении, во кои се изборивме за слобода, државност, сувереност и независност. Во овој голем потфат, Армијата постојано ги брани стекнатите придобивки и трајните интереси на Република Македонија.

Армијата на Република Македонија стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам.

Суштината на Армијата е во дисциплината. Низ историјата, малите, но дисциплинирани армии успевале да го постигнат она што големите недисциплинирани војски не можеле. Дисциплината на нашата професионална армија се гради кај секој војник, кај секој старешина. Се гради со карактерот и интегритетот, со храброста и честа, со почитувањето и чувството за должност.

А дисциплината се проверува тогаш кога најмалку очекуваме. Од година во година, се бориме и со природни непогоди и од човекот предизвикани катастрофи. Со брза и решителна акција, Армијата секогаш им помага на сите чинители од системите за управување со кризи и заштита и спасување. Тоа го покажаа и при неодамнешните поплави и пожари во повеќе делови од нашата татковина. За тоа сме многу благодарни.

Дисциплината на Армијата се поткрепува и со чувството за одговорност. Одговорност пред граѓаните кои ги брани, но и кон сојузниците со кои се бори во заштита на мирот и безбедноста во светот.

Дисциплината и одговорноста се одлика за вистински патриотизам. Патриотизмот го покажувате со лојалноста кон државата, со грижата за одбраната, за територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија. Со својот состав, го отсликувате и македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. А со самото тоа ја браните оваа наша врвна вредност.

Знаеме дека оној кој е дисциплиниран и одговорен во малите нешта, ќе биде дисциплиниран и одговорен и во големите нешта. А што е поголемо и поважно од тоа на децата да им се обезбеди безгрижно детство, на младите просперитетен живот, а на старите спокојна старост?

Со се што прави, Армијата ја стекна довербата на граѓаните, но и на партнерите. Затоа, како Врховен командант, се гордеам кога слушам од нашите сограѓани колку многу ја ценат Армијата и колку голема почит имаат кон вас. Се гордеам на оваа армија признавана и одликувана и во татковината и надвор од неа. И од граѓаните, и од странските државници и командантите на партнерските армии.

А има и за што да бидете одликувани. Имавме 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, каде, едно време имавме повеќе војници по глава на жител отколку 90% од земјите-членки на НАТО. Нашите мировници се дел од меѓународните мисии „Одлучна поддршка" во Авганистан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и УНИФИЛ во Либан.

Со 16 МАП-а, Армијата на Република Македонија е една од најпроверуваните армии во историјата на НАТО, подготвена и за најсложените мисии и операции.

Ценети присутни,

Во март 2010-та година, како Претседател и како Врховен командант ја донесов досегашната стратегија за одбрана на Република Македонија. Овој основен документ имаше важење од пет години. Во меѓувреме, безбедносното опкружување значително се промени.

Заканите и предизвиците кои имаат негативно влијание за националната и меѓународната безбедност се зголемија.

Кризните жаришта во светот предизвикаа домино-ефект што ја разниша безбедноста и на нашиот регион. Секојдневно слушаме за странски терористички борци кои се борат на боиштата на Блискиот Исток и Северна Африка. Целта им е да ја укинат различноста и да ја наметнат својата мрачна визија. Не бираат средства за постигнување на таа цел. Се служат со ширење на етничка и верска нетрпеливост и насилство, иако насилството во име на која било религија е насилство против истата таа религија.

Она што, за жал, не се промени од 2010-та се двојните стандарди и нелегалната блокада на членството во НАТО. Иако одамна ги исполнивме сите критериуми за членство во НАТО, предолго чекаме за да го заземеме местото кое ни припаѓа.

Македонија е подготвена за членство во НАТО. Дали НАТО е подготвено за членството на Македонија останува да се види на Самитот во Варшава.

Меѓународното право беше прекршено на Самит. Се надевам дека на Самит ќе биде поправена грешката. Ја користам оваа прилика да го повикам нашиот јужен сосед да се усогласи со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ги повикувам нашите партнери да ја потврдат нивната приврзаност кон меѓународното право и договори. Но, исто така, да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност. Македонија треба што поскоро да го добие заслуженото членство во НАТО. До тогаш, мора да бидеме подготвени.

Den_na_ARM_3Почитувани присутни,

Блокадата во НАТО се одразува на ефикасноста со која функционира нашиот систем на одбрана.

Се соочуваме со закани за што е потребна поинаква комуникација и соработка меѓу службите, поголема транспарентност во работата и ревизија на системот на контрола во Собранието и институциите. Затоа, како претседател и како врховен командант вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и одбраната.

Новата стратегија за одбрана ќе пропише обврски за градење на институциите за соочување со заканите. Одговорот на институциите мора да биде единствен и координиран. Одговорот мора да биде навремен и превентивен.

Сакам да потсетам дека Армијата е само дел од институционалните капацитети на националната моќ на државите која треба да се соочи и да одговори на заканите. Армијата мора да има проектиран зголемен буџет и постојано да се надградува и модернизира.

Примарна мисија на Армијата е одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет, унитарниот карактер на државата и заштита на населението од надворешни закани. Процените за заканите ќе го дадат правецот како Армијата ќе се транформира за да одговори во изведувањето на операциите за одбрана и заштита на државата. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување.

Очекувам Министерството за одбрана ден поскоро да ја започне постапката за изработка на овој основен документ што ќе ни даде нова визија во развојот и функционирањето на системот за одбрана.

Ова се неопходни идни чекори за зачувување на трајниот интерес на државата.

На овие реформи во системот за одбрана ќе им пристапиме решително и самоуверено. Ако во минатото немавме армија на која ќе се потпреме, денес, имаме Армија со која се гордееме. Армија која е достојна за почит.

А за почитта, треба да им сме благодарни на заслужните.

Денес, на Денот на Армијата, му благодарам на досегашниот Началник на Генералштабот Генерал потполковник Горанчо Котески за сиот негов досегашен ангажман со кој целосно ја оправда дадената доверба. Одржувајќи ја реформската кондиција на Армијата, тој даде пример што треба да се следи и во иднина. Со своето досегашно искуство и знаење, тој продолжува да биде советник за воени прашања на Претседателот на Република Македонија.

Им благодарам и на сите пензионирани генерали кои во текот на својот работен век се вложија во градењето на оваа Армија со која се гордееме.

На крајот, честитајќи ви го 23-от роденден, им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата.

Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и дисциплина во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност кон граѓаните и лојалност кон татковината.

Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!
Den_na_ARM_4

krushevo_rotator
Нишката што ги поврзува сите наши Илиндени е повикот за Единство - Обраќање по повод Илинден, Крушево
Недела, 02 Август 2015


Ilinden_Krusevo_2015Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Денес, на ден Илинден, од херојско Крушево, ви го честитам најголемиот македонски празник. Празник на светлината, празник на слободата.

На Илинден покажавме дека сме народ достоен за слобода. Павел Шатев рече дека „вооруженото востание што се крена на ден Илинден, е најсветол датум и настан, бидејќи во востанието беше изразено единството на македонскиот народ".

На 2 август 1918 година, тука, во Крушево, д-р Христо Татарчев, истакна дека: „Крушево беше првата придобивка – прогласен за слободен град на слободна Македонија... Илинденското востание ја постави основата на слободна Македонија".

25 години подоцна, повторно на 2 август, на Преспанското советување, Кузман Јосифовски-Питу истакна дека „споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да свети пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја, да створат сè од себе за остварување на еден нов, последен и победоносен Илинден...".

Почитувани сограѓани,

Во нашата ослободителна борба сме се соочувале и со помоќни армии, и со побројни противници. Но, најголемиот наш предизвик било нашето единство.

Кога некој сакал да ја поткопа македонската ослободителна борба, со пропаганди сеел семе на кавги, поделби и предавства. Низ целата наша историја, разединетоста била најкревката нишка на Македонија. Сепак, во неколку историски мигa, народот на Македонија успеал да ги отфрли поделбите и да биде во слога. Тие светли мигови се трите наши Илиндени. А, на тие Илиндени им претходеле и им следувале нашите манифести.

Секогаш кога сме се наоѓале на крстопат ние сме се соочувале со изборот меѓу животот и смртта, меѓу занданата за робови и слободната татковина на слободните луѓе, меѓу нетрпеливоста и соживотот. И при секоја голема пресвртница сме имале манифест како патоказ што ќе ни помогне да го избегнеме лажниот, а да го избереме вистинскиот пат.

Првиот македонски манифест е израз на последен повик, последно ѕвоно што треба да ја пробуди секоја заспана македонска душа.

„Овој момент е клучен за Македонија. Ова е прашање на живот или смрт", се повикува во
Манифестот на Привремената влада „Единство" од 23 март 1881 година. Манифест што е издаден во време кога се верувало дека постои опасност Македонија да биде распарчена, а народот да биде збришан. Уште тогаш на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Евреите им било јасно дека само со ЕДИНСТВО можеле да ја извојуваат слободата.

Вториот македонски манифест е израз на желбата за слободна Македонија во која сите нејзини жители, без разлика на народност и вера, ќе можат да живеат како браќа и соседи. Крушевскиот манифест од 1903 е манифест на соживот, заемно помагање и ЕДИНСТВО во време на неволја.

А неволји имавме многу. И во ропство и во слобода, и во војна и во мир, многумина се обидувале да шират омраза меѓу чедата на Македонија, кои го слават Бога во различни храмови и зборуваат на различни јазици. И сè уште се обидуваат, а на тоа неодамна не потсети и Куманово.

Третиот македонски манифест е манифест на помирување.

Со Балканските војни и Првата светска војна конечно се распрснаа илузиите на македонските дејци дека слободата може да биде измолена, а не изборена. Дека слободна Македонија може да биде подарена, а не освоена.

Затоа, на 15 мај 1924 во Виена, гледајќи дека само сплотени можат да се изборат за Македонија, дотогашните противници си подадоа рака на помирување и повикаа на формирање на ЕДИНСТВЕН македонски револуционерен фронт.

Мајскиот манифест е манифест на помирување и на сплотување на идеолошките противници, на левичарите и десничарите, на комунистите и конзервативците, на социјалистите и анархистите, кои имале различни идеологии, но само една ЕДИНСТВЕНА партија, а тоа е слободна Македонија.

Четвртиот македонски манифест беше прокламиран на државотворниот АСНОМ.

Со Втората светска војна, кога по четврти пат во 30 години, Македонија беше окупирана и поделена, настапија најтешките години на македонскиот народ, кој беше експлоатиран, затворан, мачен, негиран, асимилиран...

Но, од таа тешка стварност повторно оживеа револуционерната традиција на Илинден. Народот се вдаде во немилосрдна борба против фашизмот која истовремено беше и праведна борба за слобода.

Затоа, на 2 август 1944 година Манифестот на АСНОМ прокламира дека: „од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА".

АСНОМ беше блесок на државотворната волја на народот на Македонија. Но, целосната сувереност беше одложена сè до 8 септември 1991 година кога го имавме нашиот трет Илинден, и кога конечно станавме свои на своето.

Почитувани сограѓани,

Само десет години по третиот Илинден, повторно се најдовме на крстопат. И кога решивме да свртиме нова страница на соживот и почитување, повторно излеговме со манифест.

Тој Македонски манифест беше дело на човекот кој умееше најдобро да го долови македонскиот дух. Многу добро се сеќавам на денот кога Петре М. Андреевски се нафати да го напише новиот манифест на новата генерација. Тоа е Манифестот на опстојувањето.

Во него, тој нè потсети дека сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Дека сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи духовни видици.

Нè потсети, но и нè предупреди да ги зарамниме веќе еднаш длабоките бразди на делби и омраза, бидејќи во омразата никој нема ни иднина, ни надеж... и дека само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни.

Ilinden_Krushevo_3Драги сограѓани,

Нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени е повикот за ЕДИНСТВО за остварување на повисока цел.

За илинденците, таа повисока цел била слободата.
За АСНОМЦИТЕ, тоа била државноста.
За нас, тоа беше независноста и сувереноста.
А за нашите деца, за младите, тоа е напредокот и благосостојбата на европска Република Македонија.

Но, денес се однесуваме како да ја заборавивме лекцијата што толку скапо нè чинеше. Како да заборавивме дека, сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети.

Денес Македонија одново се наоѓа пред голема пресвртница.

Иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите.
Иако независна и суверена, Македонија решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа.
Иако обединета во етничката и во верската различност, Македонија сè уште е политички длабоко поделена.

Почитувани сограѓани,

Знаеме дека разединетоста е последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции. Долгогодишната блокада доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. И со секоја криза, сè повеќе се доведуваше во прашање остварувањето на повисоките цели.

Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската унија. Над 80% од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно тие значат мир.

Македонските граѓани од своите избрани претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија.

Сепак, поради предолгото отсуство на политички дијалог постоеше сериозна опасност да ја испуштиме од рака европската перспектива. Благодарни сме за ангажманот на нашите пријатели од Европската унија и САД. Нивните препораки мора да се сфатат сериозно. Го поздравувам постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии, и повикувам истиот да се испочитува. Но, тажно е тоа што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас.

Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста.

Политичката криза нè потсети на нашите стратегиски цели. Но, не потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно.

Оваа криза е истовремено и можност, и за нас, и за Европската унија и за НАТО. Се покажа дека блокадите не ја разрешуваат, туку само ја влошуваат политичката и безбедносната состојба во Македонија. Крајно време е Унијата да ни даде датум за почеток на преговори за членство, а прашањето за името да го остави како 35. поглавје во преговорите. Крајно време е НАТО да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ни ја врачи одамна заслужената покана за членство.

Сакам да упатам порака и до нашите соседи. Пред секој самит на Европската унија и НАТО, нашиот јужен сосед прави сè за да нè блокира.

Пред секој Илинден соседна Бугарија бара заедничко славење на минатото. Се радуваме на успесите на нашите соседи, бидејќи тоа се и успеси на регионот. Со нетрпение го чекам денот кога заедно со бугарскиот претседател ќе прославиме врвен успех на заеднички проект на нашите научници, уметници, стопанственици...

Лесно е да се најдат причини за кавги ако започнеме дополнително да го заплеткуваме и онака замрсениот јазол на заедничката балканска историја, ако започнеме да ги отвораме старите рани. Но, тоа е најлошата можна политика на сеење страв, заблуди и предрасуди.

Крајно време е ние како претседатели да бидеме мост на поврзување на најкреативните и најиновативните умови од нашите две земји. Само така ќе работиме за подобра иднина на нашите држави и на нашите народи.

Земјите од нашиот регион не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината на граѓаните.

Ilinden_Krushevo_2Почитувани присутни,

Да се вратам на последиците од блокадите. Македонските граѓани сакаат да работат и да заработуваат пристојна плата. Затоа, како држава вложивме многу време и енергија за привлекување странски инвеститори кои ќе отвораат фабрики и нови работни места за граѓаните.

Сепак, поради нарушениот углед на државата, постоеше опасност инвестициите да запрат, и економскиот раст да опадне. Политичката битка меѓу партиите не смее да ѝ наштети на економијата, бидејќи од неа зависат платите, пензиите, субвенциите, стипендиите...

Но, политичката криза се прелеа и во доменот на безбедноста. Блокирањето на институциите и непризнавањето на демократската волја на граѓаните го намалија и безбедносниот имунитет на Република Македонија.

На 9 Mај, на Денот на Европа, вооружена група составена од криминалци и екстремисти, со намера да извршат терористички акти, се обиде да ја загрози безбедноста на државата. Се обидоа да ја доведат во прашање европската иднина на Македонија. Се обидоа да го разорат најскапопценото што го имаме, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста. За среќа, не успеаја во својата зла намера.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи ја одбранија безбедноста, а граѓаните го одбранија соживотот. Со тоа, заветот од Крушево го исполнивме и во Куманово!

Но, Куманово нè потсети дека кога сме разединети и раскарани, непријателот полесно може да се провлече меѓу нас. Таа лекција е платена со човечки животи и не смееме да ја заборавиме.

Почитувани сограѓани,

Безбедносниот земјотрес не успеа да го разниша соживотот. Но, затоа, политичкиот земјотрес го разниша темелот на Македонија, а тоа е довербата.

Во 1925 година, Крсте Петков Мисирков напиша дека: „Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина...".

Но, денес, 90 години подоцна, тука, од Крушево, велам дека веќе нема околности што би ја намалиле одговорноста на македонските интелектуалци, политичари, медиуми, невладини организации...

Секој сноси дел од одговорноста за неодговорното однесување во сопствената сфера на дејствување.

Учеството во јавниот простор подразбира јавна пристојност и јавна одговорност за јавно изговорениот збор.

А со какви зборови го исполнивме јавниот простор? Во изминатиов период, и ние, и нашите деца се изнаслушавме горчливи, вулгарни и брутални зборови кои создаваат недоверба меѓу луѓето.

Иако зборуваме на истиот јазик, престанавме да се разбираме.
Иако заедно сме минале и низ добро и низ лошо, сме се радувале на победите и сме тагувале за поразите, се однесуваме како да сме туѓинци.
Престанавме да си веруваме на дадениот збор.
Не сме биле толку раскарани уште од времето на пропагандите.

Дијалогот го сведовме на монолог, во кој никој никого не слуша. Отсуството на опозицијата од институциите предолго го оневозможуваше механизмот на контрола. Недозволиво е нашиот политички систем да зависи од карактерот на лидерите на политичките партии.

Македонските граѓани очекуваат од сите учесници во политичките процеси да се однесуваат разумно и одговорно и да покажат политичка зрелост. Граѓаните очекуваат власта да биде креатор, а опозицијата коректор на политичките и законските решенија. Но, очекуваат тој процес да се одвива таму каде што му е местото – во институциите на државата. Институциите мора да функционираат. Бидејќи, без луѓе, ништо не се случува, но без институции, ништо не трае.

Неопходно е да се врати довербата во институциите во кои има пропусти. И во образованието, и во судството, па и во одбраната и безбедноста.

Оваа држава ја граделе даскали и учители како Гоце Делчев и Ѓорче Петров, Даме Груев и Димо Хаџи Димов, Мисирков и Чуповски... Затоа, новиот закон за високо образование што предизвика внимание кај јавноста треба да ја добие поддршката и од универзитетите, и од професорите, и од студентите.

Судството треба конечно да стане вистински чувар на правдата.

Драги сограѓани,

Како народ многупати сме го доживеале прогонството. Речиси да нема семејство во Македонија без историја на лично искусено прогоноство во минатото. Затоа како држава им излеговме во пресрет на бегалците од Косово во 1999. Денес низ Македонија минува река од мигранти од Блискиот Исток, од Северна Африка, од Азија...
Бев на нашата јужна граница и многу добро ја знам состојбата со која се соочуваат и мигрантите, но и нашите сограѓани.
Ги поздравувам сите хумани поединци и организации кои им помагаат на мигрантите. Но, да не заборавиме дека Република Македонија е само транзитна држава. Мигрантите пристигнуваат од земја-членка на Европската унија и се упатуваат кон други членки на Унијата.

Како што Куманово не потсети дека мора да го чуваме соживотот, така, мигрантите нè потсетија дека живееме на коридор. А коридорот мора да го чуваме. Затоа, како претседател и како врховен командант вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и одбраната. Неопходна е и дополнителна соработка меѓу овие важни институции, како и поголема транспарентност и цивилна контрола низ Собранието. Бидејќи, сувереноста на државата се чува на границата.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми,
Почитувани христијани, муслимани, Евреи,
Почитувани сограѓани,

Крајно време е да го исполниме последниот македонски манифест. Време е стиснатата тупаница да ја замениме со раширени раце, неодговорното однесување да го замениме со неопходната одговорност, а меѓусебните обвинувања да ги замениме со враќање на довербата.

Довербата е потреба на поединецот и врзивно ткиво на општството. Поединецот без доверба се изолира, а општество составено од изолирани поединци се распаѓа.

Како Претседател на Република Македонија, секогаш сум правел сè што е во рамките на моите надлежности да обезбедам услови за дијалог, за градење доверба.

Нашата цел мора да биде држава и општество втемелени врз заемна доверба. Доверба меѓу граѓанинот и државата, и меѓу институциите на државата. Клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност и секој кој носи одлуки ќе преземе одговорност за своите чекори. Така се градат државата и иднината. Одговорни граѓани во одговорна држава.

Реков и, пак, ќе речам: Сега е време на отрезнување и освестување.

Затоа, како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики. Бидејќи, има едно нешто што ги надминува и ги порамнува сите разлики, а тоа е Македонија. Тоа е нашата одговорност кон заветите на нашите предци и кон иднината на нашите потомци. Бидејќи интересите ни се исти, а иднината ни е заедничка.

За многу години Илинден!
Да ни се вечни слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!

Ilinden_Krushevo_4

ck01
Обраќање по повод доделувањето Повелба на Република Македонија на Црвениот крст на Република Македонија
Петок, 24 Јули 2015

Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Две работи најдлабоко допираат до човековото срце: убавината и страдањето. Но, во овој свет оптоварен со толку многу страдање, нема ништо поубаво и поохрабрувачко од тоа да се види како луѓето несебично им помагаат на оние кои страдаат, на болните и изнемоштените, на ранетите и ранливите, на сиромашните и бездомните...

Денес сме тука за да се заблагодариме на Црвениот крст на Република Македонија што веќе 70 години им служи на луѓето во неволја, и во Македонија, и надвор од неа.

70 години пред основањето на Црвениот крст на Република Македонија се роди човекот што можеби најдобро ја долови мисијата на оваа благородна глобална организација: „Црвениот крст е светлина што го покажува вистинскиот пат низ темнината. Наша должност е да се погрижиме тоа светло да не згасне", рече големиот хуманист и нобеловец Алберт Швајцер.

Тоа е особено важно денес, кога живееме во време на предизвици – и човечки и природни. Време на воени конфликти и климатски промени. Време на прогонети и изгонети, на емигранти и бегалци, кои, додека зборуваме, го искусуваат чувството на загуба на сопствениот дом, на сопствената историја и татковина.

Ако некогаш се правеле пропусти поради незнаење, денес, кога вестите за потреба на луѓето до нас стигнуваат со брзината на интернетот, пропустите најчесто се прават поради одбивањето да се знае. Во таа смисла, незнаењето не е ништо друго освен елегантно име за рамнодушноста кон незаштитените. И додека светот сè повеќе станува виновен поради гревот на рамнодушноста, чувството за одговорност е во опаѓање, а себичните изговори за пасивно набљудување се во пораст.

Токму во оваа темнина, Црвениот крст ни дава зрак светлина. Оваа организација, која е секаде и секому достапна, е изразена низ основните принципи на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единство и универзалност.

Благодарение на таа светлина, Република Македонија препородена излезе од урнатините на Втората светска војна и од стихиите на природата.

Благодарение на хуманоста, Црвениот крст ни помага да ги избегнеме стапиците на исклучивоста и на ксенофобијата, и да ги зачуваме и да ги унапредиме придобивките на соживотот, почитувањето и прифаќањето на различноста.

Генерации волонтери на Црвениот крст на Република Македонија веќе седум децении ни даваат пример за тоа како да се однесуваме кон најголемата вредност од сите – човечкиот живот.

Црвениот крст е секогаш подготвен да помогне реактивно, но и да соработува со другите општествени и институционални чинители кои треба да се подготвени да дејствуваат превентивно.

Положувајќи го тестот на хуманоста и пожртвуваноста, Црвениот крст на Република Македонија се стекна со довербата на македонските граѓани, и стана нивна продолжена рака на солидарност.

Драги пријатели,

Воопшто нема да претераме ако кажеме дека со секој хуман гест, со секоја подарена капка крв, со секој споделен оброк, со секој спасен човечки живот, Црвениот крст ја прави Република Македонија подобро и подостоинствено место за живеење.

Затоа, ми претставува чест, како Претседател на Република Македонија, во името на сите македонски граѓани, со оваа Повелба на Република Македонија да му се заблагодарам на Црвениот крст затоа што, со сè што прави, ни ја враќа надежта во човечноста.

Ви благодарам.

ck02

povelba01
Обраќање по повод доделувањето Повелба на Република Македонија на здруженија од дијаспората
Вторник, 21 Јули 2015

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Браќа и сестри,

Чест ми е да ве поздравам во нашата заедничка татковина, Република Македонија.

Македонската дијаспора секогаш давала големи луѓе. Еден од нив е и македонскиот револуционер, новинар и публицист, Ангел Динев. Во 1935 година, пред точно 80 години, Динев започнал да го издава неделникот „Македонски вести", кој одиграл многу значајна улога во ширењето на идеите за слободна и самостојна Македонија.

Меѓу бројните текстови, еден е целосно посветен на улогата на македонската дијаспора.

Во оваа своевидна декларација за дијаспората, Динев вели дека дијаспората треба да ги култивира кај своите сонародници македонската самосвест и македонското национално самочувство, во чии души треба да поддржува љубов спрема татковината... Дијаспората треба да го развива чувството на заемна љубов и самопомош меѓу своите сонародници. Да ги чува македонските обичаи, песни и умотворби... Да ги велича и да ги цени високиот идеализам и подвизите на своите татковци и дедовци... И, со сè што прави, да создава пријатели на Македонија.

povelba02Драги пријатели,

Денес сме тука за да им се заблагодариме на пет организации кои го исполнуваат заветот на Динев.

Ансамблот „Македонка" го прошири македонското оро во Канада и пошироко. Многу добро се сеќавам на прекрасните ора што ги игравте пред две години, во црквата „Св. Климент Охридски" во Торонто кога бев во посета на пријателска Канада. Со вашата игра вие целосно го доловивте македонскиот дух на непокор.

Тука се и членовите на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј, кој со автентични македонски драми секогаш успева да адресира важни општествени теми и да пренесе значајни пораки и за Македонија и за Австралија.

Охридското социјално друштво од Мелбурн останува доследно на заветот на големиот лекар на душата и на телото – Св. Наум Охридски. Со вашите инвестиции во здравството, вие секогаш им помагате на сонародниците од Македонија.

Со нас се и претставници на Македонско-француската асоцијација, која веќе цела деценија го негува делото на големиот Блаже Конески и го утврдува македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина.

Културното и спортско друштво „Преспа-Бирлик" од Шведска само по себе е сведоштво за мултиетничноста на македонската дијаспора, за придобивките на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста.

Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Вие сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, добротворството и спортот.

Секој ваш успех е и успех за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија.

Затоа, како претседател на Република Македонија во името на македонските граѓани, но и во мое, лично, име сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија. А Македонија памети, препознава и вреднува.

Затоа, со Повелбата на Република Македонија ви се заблагодаруваме и, воедно, ве покануваме и вас и целата дијаспора да соработуваме и да се сплотуваме. Да бидеме пример за оваа и за идните генерации.

Дами и господа,

Започнав со Динев и со него сакам да завршам. На едно место во декларацијата за дијаспората, тој предупредува дека „со распокинати сили, во натегната атмосфера, при заемна недоверба... самите си нанесуваме штета едни на други..."

Овој опис, за жал, премногу потсетува на атмосферата во која денес сè уште се наоѓа Република Македонија.

И македонската дијаспора е загрижена за оваа состојба, бидејќи, сè што се прави во татковината неминовно се рефлектира и на дијаспората. Не смее да се заборави дека Република Македонија не е само држава на македонските граѓани што живеат во неа, туку и татковина на нејзината дијаспора што живее надвор од неа.

Сакам да знаете дека, како што сме одговорни и пред граѓаните, така сме одговорни и пред дијаспората, која и во најтешките мигови за Македонија била тука, и секогаш ќе биде тука за нас. Верувам дека ќе ја искористите секоја можност за да помогнете и во овој период на предизвици. И дека сплотени ќе продолжиме да ја остваруваме заедничката визија – со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење.

Ви благодарам.

povelba03

prm1izjava
Oбраќање на претседателот Иванов по повод постигнатиот договор на лидерите на политичките партии
Среда, 15 Јули 2015

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Го поздравувам постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии и повторното воспоставување на политичкиот дијалог во рамки на институциите на Република Македонија.

Очекувам во најкраток можен рок, да се нормализира политичката клима и да се врати целосната посветеност на евроинтеграциите на Република Македонија. Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и меѓусебна соработка. Затоа, европската агенда мора повторно да биде прв приоритет на дневниот ред во Република Македонија.

Доаѓа време на отрезнување и освестување. Следува период кога сите институции треба да го покажеме својот капацитет и подготвеност да се справуваме со сето она што го попречува нашиот евроатлански пат.

Партиите, да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и да ги анализираат последиците од сите нивни активности и неактивности. Сите треба да извлечеме поука од оваа криза.

Сакам да искажам благодарност на претставниците од Европската комисија и Европскиот парламент, како и на амбасадорите на ЕУ и САД, што вложија многу напор, и благодарност што во вакви моменти имаме пријатели кои мислат за иднината на Република Македонија.

Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Барам, Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност на политичките лидери и во најбрзо време да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, како важен предуслов за продолжување на македонската европска интеграција и демократизација, но и како брана за превенција од вакви и слични кризи во иднина.

Многу пати досега, повикував на дијалог и институционално решавање на сите несогласувања, посочувајќи дека враќањето на довербата на граѓаните во државните институции е клучно за демократијата во Македонија.

Отсуството на дијалогот и непочитувањето на институциите, се во основата на секоја криза што сме ја имале досега. Затоа, повикувајќи се на овој позитивен исчекор сметам дека сум должен повторно да повикам дека јас, како Претседател останувам отворен за сите добронамерни иницијативи во интерес на граѓаните и државата. Вратата на претседателскиот кабинет останува отворена.

На крајот, се надевам дека одредбите од постигнатиот договор нема да бидат мотив за гола борба за власт, туку натпревар на идеи и програми со кои ќе се добива довербата на граѓаните на Република Македонија. Суштината на политичката борба не се личните суети и кариери, туку битка за просперитетна и европска Македонија.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 24 од 64