Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Чест ми е да ве поздравам во Република Македонија на оваа конференција посветена на здружените напори за постигнување на партнерските цели и способностите на силите на НАТО.
Денес сме тука поради заемните ветувања што беа дадени пред 12 години со Јадранската повелба. Повелба во која се истакнува дека „Европа нема да биде вистински слободна сè додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден... Европа не може да биде обединета, сè додека има држави од регионот кои сè уште не се вклучени во евроатлантските институции".
Во изминатите години многу од заложбите беа остварени. Партнерството со Соединетите Американски Држави ги поттикна нашите земји да се посветат на негување добрососедство и регионална соработка. Успешно ги реформиравме и ги модернизиравме нашите армии со кои активно придонесуваме кон мирот и стабилноста во кризните региони.
Албанија и Хрватска станаа членки на НАТО. Црна Гора и Босна и Херцеговина се приклучија кон Јадранската повелба. Словенија и Србија се земји-набљудувачи. Се радуваме на нивниот успех што е успех на целиот регион.
Можеме да кажеме дека Јадранската група придонесе кон градењето мир, демократија, стабилност и просперитет во Југоисточна Европа.
Сепак, во Јадранската повелба, меѓу другото, стои дека „партнерите ја потврдуваат нивната посветеност кон владеењето на правото како основа за трансатлантската заедница на слободни и демократски држави..."
Трансатлантската заедница, НАТО, се темели на меѓународното право и нејзина обврска е да се грижи за почитување на истото тоа право.
Јадранската повелба беше потпишана пред 12 години. Само пет години подоцна, на Самитот на НАТО во Букурешт, Повелбата беше ставена на тест и, за жал, потфрли во случајот со Македонија.
Онаму каде што потфрли НАТО, не потфрли Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски.
Сепак, од објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата до денес минаа речиси четири години и се одржаа два самита на НАТО во Чикаго и во Кардиф. Грција имаше доволно време да се усогласи со обврските кои произлегуваат од пресудата. НАТО и државите-членки имаа доволно прилики да ги ревидираат своите одлуки во согласност со меѓународното право.
Како врховен командант на вооружените сили, можам да ви кажам дека критериумите и стандардите за членство ги исполнивме, а сепак останавме блокирани. Со 16 акциони плана за членство, 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, Армијата на Република Македонија стана најпроверувана армија во историјата на НАТО. Тоа за нас создава големи обврски без никакви привилегии.
Ги браниме интересите на Алијансата, иако не сме во Алијансата. Време е и Алијансата да ги брани своите интереси со тоа што ќе ни го дадат одамна заслуженото членство.
Почитувани присутни,
Од 2003-та многу нешта се сменија. Територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани. Иако се намалува бројот на меѓудржавните конфликти, истовремено се зголемува бројот на конфликтите во самите држави. За жал, голем број од овие судири се случуваат во непосредното европско соседство.
Пропаднатите држави во Северна Африка и на Блискиот Исток и ситуацијата во Украина создаваат круг на конфликти околу Европа.
Имаме разорени општества во кои нема услови за владеење на правото и почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Како последица, имаме нова преселба на народите кои бегаат од пропаднатите држави. Бегајќи од конфликтите и хаосот, најголем дел од нив мирот и безбедноста ја бараат во Европа. Мигрантската криза нè потсети дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантската криза ја тестира принципиелноста на Европа.
Сведоци сме дека Европската унија сè уште не е подготвена соодветно да одговори на предизвиците и заканите.
Глобалната закана од насилен екстремизам и странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со менаџирање на заканата. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување.
Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство. Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци. Потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите. Државите од Јадранската група мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската унија со непречен пристап до сите бази на податоци.
Секој воен стратег многу добро го знае принципот на Сун-цу, кој армијата ја споредува со вода. Водата никогаш не се движи по угорница, туку го претпочита патот на помал отпор. Со самото тоа што не ја интегрира Македонија под својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е школски пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот.
Ако до сега прашањето за поканата на Република Македонија во НАТО беше чисто политичко прашање, сега веќе е и безбедносно прашање. Со секое натамошно нелегално блокирање на нашето заслужено членство во НАТО се врши сериозно блокирање на колективните интереси и на темелните принципи на Алијансата.
Пресудата е сè уште тука и чека да биде испочитувана и од Грција и од НАТО. Самитот во Варшава е можност НАТО и државите-членки да ја потврдат посветеноста кон меѓународното право. Но, и можност да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност.
Денес ќе разговарате за здружените напори во остварувањето на партнерските цели на НАТО. Секоја од нашите држави е премногу мала за сама да се соочува со глобалните предизвици и новите и сложени закани. Мора да си помагаме едни на други. Стабилноста и безбедноста на секоја држава е важна врска во целиот регион.
Ви благодарам.

|