|
 Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, Почитувани присутни, Драги сограѓани,
Како Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми претставува вистинска чест да ве поздравам и да ви го честитам Денот на Армијата на Република Македонија.
Пред еден век, на 21 октомври 1915 година, бил отворен Македонскиот фронт. На двете страни од фронтот се судриле речиси еден милион војници од 20 нации групирани во десеттина различни армии. Но, за 200.000 војници на фронтот, единствената разлика била во униформата што принудно ја носеле и знамето под кое принудно се бореле. Тоа биле македонските војници, кои немале своја армија, па биле присилно мобилизирани во туѓи армии да гинат за туѓи интереси.
Историска иронија е што само еден ден пред отворањето на Македонскиот фронт, на 20 октомври 1915-та се родил борецот чие име ќе стане синоним за Македонската Армија. Како внук на војвода, партизанот Мирче Ацев стана врска меѓу Илинден и народноослободителната и антифашистичка борба.
Неговото име ќе го носи и првиот баталјон на народно ослободителната војска на Македонија што се формирал на 18 август 1943-та. Со тоа, историската неправда била исправена, и Македонските војници конечно се стекнаа со своја армија што ќе ги брани интересите на Македонија.
Почитувани сограѓани,
Од тогаш минаа повеќе од седум децении, во кои се изборивме за слобода, државност, сувереност и независност. Во овој голем потфат, Армијата постојано ги брани стекнатите придобивки и трајните интереси на Република Македонија.
Армијата на Република Македонија стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам.
Суштината на Армијата е во дисциплината. Низ историјата, малите, но дисциплинирани армии успевале да го постигнат она што големите недисциплинирани војски не можеле. Дисциплината на нашата професионална армија се гради кај секој војник, кај секој старешина. Се гради со карактерот и интегритетот, со храброста и честа, со почитувањето и чувството за должност.
А дисциплината се проверува тогаш кога најмалку очекуваме. Од година во година, се бориме и со природни непогоди и од човекот предизвикани катастрофи. Со брза и решителна акција, Армијата секогаш им помага на сите чинители од системите за управување со кризи и заштита и спасување. Тоа го покажаа и при неодамнешните поплави и пожари во повеќе делови од нашата татковина. За тоа сме многу благодарни.
Дисциплината на Армијата се поткрепува и со чувството за одговорност. Одговорност пред граѓаните кои ги брани, но и кон сојузниците со кои се бори во заштита на мирот и безбедноста во светот.
Дисциплината и одговорноста се одлика за вистински патриотизам. Патриотизмот го покажувате со лојалноста кон државата, со грижата за одбраната, за територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија. Со својот состав, го отсликувате и македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. А со самото тоа ја браните оваа наша врвна вредност.
Знаеме дека оној кој е дисциплиниран и одговорен во малите нешта, ќе биде дисциплиниран и одговорен и во големите нешта. А што е поголемо и поважно од тоа на децата да им се обезбеди безгрижно детство, на младите просперитетен живот, а на старите спокојна старост?
Со се што прави, Армијата ја стекна довербата на граѓаните, но и на партнерите. Затоа, како Врховен командант, се гордеам кога слушам од нашите сограѓани колку многу ја ценат Армијата и колку голема почит имаат кон вас. Се гордеам на оваа армија признавана и одликувана и во татковината и надвор од неа. И од граѓаните, и од странските државници и командантите на партнерските армии.
А има и за што да бидете одликувани. Имавме 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, каде, едно време имавме повеќе војници по глава на жител отколку 90% од земјите-членки на НАТО. Нашите мировници се дел од меѓународните мисии „Одлучна поддршка" во Авганистан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и УНИФИЛ во Либан.
Со 16 МАП-а, Армијата на Република Македонија е една од најпроверуваните армии во историјата на НАТО, подготвена и за најсложените мисии и операции.
Ценети присутни,
Во март 2010-та година, како Претседател и како Врховен командант ја донесов досегашната стратегија за одбрана на Република Македонија. Овој основен документ имаше важење од пет години. Во меѓувреме, безбедносното опкружување значително се промени.
Заканите и предизвиците кои имаат негативно влијание за националната и меѓународната безбедност се зголемија.
Кризните жаришта во светот предизвикаа домино-ефект што ја разниша безбедноста и на нашиот регион. Секојдневно слушаме за странски терористички борци кои се борат на боиштата на Блискиот Исток и Северна Африка. Целта им е да ја укинат различноста и да ја наметнат својата мрачна визија. Не бираат средства за постигнување на таа цел. Се служат со ширење на етничка и верска нетрпеливост и насилство, иако насилството во име на која било религија е насилство против истата таа религија.
Она што, за жал, не се промени од 2010-та се двојните стандарди и нелегалната блокада на членството во НАТО. Иако одамна ги исполнивме сите критериуми за членство во НАТО, предолго чекаме за да го заземеме местото кое ни припаѓа.
Македонија е подготвена за членство во НАТО. Дали НАТО е подготвено за членството на Македонија останува да се види на Самитот во Варшава.
Меѓународното право беше прекршено на Самит. Се надевам дека на Самит ќе биде поправена грешката. Ја користам оваа прилика да го повикам нашиот јужен сосед да се усогласи со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ги повикувам нашите партнери да ја потврдат нивната приврзаност кон меѓународното право и договори. Но, исто така, да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност. Македонија треба што поскоро да го добие заслуженото членство во НАТО. До тогаш, мора да бидеме подготвени.
Почитувани присутни,
Блокадата во НАТО се одразува на ефикасноста со која функционира нашиот систем на одбрана.
Се соочуваме со закани за што е потребна поинаква комуникација и соработка меѓу службите, поголема транспарентност во работата и ревизија на системот на контрола во Собранието и институциите. Затоа, како претседател и како врховен командант вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и одбраната.
Новата стратегија за одбрана ќе пропише обврски за градење на институциите за соочување со заканите. Одговорот на институциите мора да биде единствен и координиран. Одговорот мора да биде навремен и превентивен.
Сакам да потсетам дека Армијата е само дел од институционалните капацитети на националната моќ на државите која треба да се соочи и да одговори на заканите. Армијата мора да има проектиран зголемен буџет и постојано да се надградува и модернизира.
Примарна мисија на Армијата е одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет, унитарниот карактер на државата и заштита на населението од надворешни закани. Процените за заканите ќе го дадат правецот како Армијата ќе се транформира за да одговори во изведувањето на операциите за одбрана и заштита на државата. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување.
Очекувам Министерството за одбрана ден поскоро да ја започне постапката за изработка на овој основен документ што ќе ни даде нова визија во развојот и функционирањето на системот за одбрана.
Ова се неопходни идни чекори за зачувување на трајниот интерес на државата.
На овие реформи во системот за одбрана ќе им пристапиме решително и самоуверено. Ако во минатото немавме армија на која ќе се потпреме, денес, имаме Армија со која се гордееме. Армија која е достојна за почит.
А за почитта, треба да им сме благодарни на заслужните.
Денес, на Денот на Армијата, му благодарам на досегашниот Началник на Генералштабот Генерал потполковник Горанчо Котески за сиот негов досегашен ангажман со кој целосно ја оправда дадената доверба. Одржувајќи ја реформската кондиција на Армијата, тој даде пример што треба да се следи и во иднина. Со своето досегашно искуство и знаење, тој продолжува да биде советник за воени прашања на Претседателот на Република Македонија.
Им благодарам и на сите пензионирани генерали кои во текот на својот работен век се вложија во градењето на оваа Армија со која се гордееме.
На крајот, честитајќи ви го 23-от роденден, им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата.
Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и дисциплина во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност кон граѓаните и лојалност кон татковината.
Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август! Да живее Армијата на Република Македонија! Да живее Република Македонија!

|