Почитувани вљубеници во филмското платно,
„Филмот е убав", гласи мотото на годинешниот фестивал „Браќа Манаки". Во македонската традиција, убавото е синоним за доброто, бидејќи убавото има и естетска, но и морална димензија. Затоа, во Македонија, филмот што е убав е истовремено и добар.
Добриот филм успешно го пресоздава сето она што ние секојдневно го живееме. Дилемите со кои се соочуваме, амбициите на кои им робуваме, жртвите што ги правиме, соништата што ги следиме, лекциите што ги учиме...
Но, филмот прави уште нешто. Во ерата на интернетот и на селфито, кога сè повеќе се фокусираме на самите себе, добриот филм ни дава можност да ги забележиме другите луѓе околу нас, да погледнеме во нивните животи, да се запознаеме со нивните приказни. А тоа е особено важно денес, кога сè повеќе луѓе се без корен и без дом. Дел од филмовите што ќе имаме можност да ги видиме се осврнуваат токму на луѓето за кои патувањето не е само животна метафора, туку и начин на живот.
Филмот, тоа го постигнува преку различните наративи од целиот свет кои на автентичен начин ја отсликуваат вистината. А филмските уметници ни помагаат да ја препознаеме, разбереме и прифатиме како своја.
Република Македонија е среќна што веќе 36 години Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки" ги облагородува нашите животи со животните приказни од филмското платно.
Фестивалот „Браќа Манаки" е интимен според неговата големина, но амбициозен во неговите цели. Можеби е релативно мал, спореден со некои европски и светски фестивали, но праќа голема порака, а тоа е дека македонската публика има високи критериуми и дека Македонија е земја во која се цени добриот, убавиот филм.
Со таа мисла, на самиот крај, го прогласувам фестивалот „Браќа Манаки" за отворен!

|