Почитувана г-ѓа Ана Дурловски, Ценети присутни, Дами и господа,
Пред речиси четири века, група фирентински уметници собрани во салонот на грофот Џовани де Барди одново откриле една голема вистина. А тоа е дека ниту зборовите, ниту музиката не можат да го постигнат одделно она што можат да го изразат заедно. Како што зборовите имаат моќ да и дадат значење на музиката, така и музиката има моќ да ги надмине зборовите и да ги продлабочи емоциите.
Од тоа откритие се роди парадоксот наречен опера.
Парадоксот на операта произлегува од длабоката тензија меѓу музиката и зборовите, изразена низ едно едноставно, но нималку лесно прашање: што од двете е поважно? Дали музиката е во служба на текстот, или, пак, текстот е во служба на музиката? Во обид да одговорат на оваа дилема, целта на секој композитор и либретист низ епохите била да создаде совршена музичка драма, како идеален спој меѓу музиката, зборовите и глумата.
Втората причина за парадоксалноста на операта произлегува од тоа што се обидува до совршеност да ја претстави несовршената човечка природа.
Секој љубител на операта знае дека успехот на овој голем уметнички потфат најмногу зависи од две нешта. Прво, од умешното свирење со музичкиот инструмент создаден од човекот. И, второ, од правилното користење на човечкиот глас како најсовршениот инстурумент подарен од Бога.
Денес сме тука, во името на македонските граѓани да се за заблагодариме за еден таков дар. Тука сме да и се заблагодариме на миленичката на македонската оперска публика.
Дами и господа,
Денес имаме мал, но многу значаен јубилеј. По петти пат ќе прогласиме Национален уметник на Република Македонија. По Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Есма Реџепова и Борис Трајанов, годинава титулата се доделува на нашата примадона, г-ѓа Ана Дурловски.
Во ова време на социјални медиуми кога се повеќе се отуѓуваме едни од други, но и од самите себе, Ана Дурловски преку прекрасните и длабоки арии не потсетува на она што не прави луѓе – нашите чувства, нашите судири, дилеми, соништа и стремежи.
На репортоарот на г-ѓа Дурловски отскогаш биле улоги со особена музичка но и драмска тежина кои бараат голем напор и беспрекорни гласовни и актерски капацитети.
Како Моргана, таа ни покажа колку е важно љубовта да се сфати сериозно. Како Амина, пак, не потсети на важноста на довербата меѓу луѓето, доверба во дадениот збор. Како Моцартовата Кралица на ноќта, Ана не внесе во борбата меѓу љубовта, моќта и осветата. Таа совршено ја отслика посесивноста на „Лучија ди Ламермур", но и чувството на вина кај Џилда во „Риголето".
Ана Дурловски на публиката и подари многу карактери со многу доблести и мани, многу приказни во кои ја препознаваме нашата несовршеност, но и нашата длабока потрага за трите нешта заеднички за сите луѓе. А тоа е потребата за љубов, правда и мир.
И тоа го постигна во една од најтешките музички и уметнички форми – операта.
Исклучителните музички квалитети што ги поседува Ана Дурловски ја прават еден од најреспектираните и најбарани музички уметници како во Македонија, така и во светот.
Дурловски со својот глас на најпрестижните светски оперски сцени ја претставува Република Македонија во најдобро светло и посведочува за нашата култура, уметност и духовност. Во 2014 година Дурловски стана првата македонска оперска певица ангажирана од престижната Метрополитен опера во Њујорк.
Сето она што досега го има направено и ја донесе и најпрестижната државна награда од културата - титулата Национален уметник на Република Македонија.
Драги пријатели,
Слично како и операта, така и местото на Република Македонија во светот има свои парадокси. Иако сме непринципиелно блокирани во нашите европски и евроатлантски интеграции, ние сме целосно интегрирани во најважните уметнички, културни и духовни простори.
Досегашните добитници на титулата Национален уметник, но и бројни други уметници секојдневно му покажуваат на светот дека Македонија е татковина на извонредни креативци. Тие се нашите амбасадори низ сите меридијани. Нивните дела најдобро зборуваат дека уметноста успева и онаму каде што политиката потфрла. Горди сме што меѓу нашите амбасадори во светот е и Ана Дурловски.
Ви честитам.

|