Доделен „Орден за заслуги за Македонија“ на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија
Вторник, 29 Септември 2015   

Orden_iziis_001_Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Кога на 26 јули 1963 година се случи катастрофалниот скопски земјотрес, за само неколку секунди беше уништено она што било создавано со векови. Скопје доживеа немерлива човечка и огромна материјална загуба. Цели квартови беа збришани. Цели семејства исчезнаа. 150.000 луѓе останаа без покрив над главата. Земјотресот зад себе остави свет во урнатини.

Во тие тешки мигови за Скопје и Македонија, светот не остана рамнодушен. Светската солидарност не беше само реактивна, туку и превентивна. Помогна не само во обнова на разрушениот град, туку и ни го даде Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Институт преку кој научивме како да градиме побезбедна иднина за идните поколенија.

Од самиот почеток, Институтот стана синоним за знаење, професионализам и извонредност. Ќе ви дадам само неколку примери.

Првите магистерски студии во Македонија се реализирани во 1965 година токму на овој Институт. Истовремено, тоа се и првите студии по земјотресно инженерство во Европа.

Првиот компјутер во Македонија, и еден од првите компјутери на Балканот, IBM-1130, бил донесен во 1967-та токму од ИЗИИС.

Во 1978-та Институтот го издаде првиот број на меѓународното списание на Европската асоцијација за земјотресно инженерство, кое и денес е на прво место во светот според импакт фактор во својата област.

Во 1981 година Институтот ја инсталираше најголемата и најсовремената сеизмичка платформа во Европа. И денес тоа е една од најсовремените платформи во светот.

Од основањето до сега ИЗИИС има издадено мислење за над 3 милиони метри квадратни станбен и деловен простор во Македонија. Институтот е вистински филтер за сеизмичка безбедност во Македонија.

ИЗИИС постојано дава пример за мудро, ефикасно и ефективно користење на меѓународните фондови и програми. Експертите од Институтот се ангажирани во многу држави ширум светот.

Поради сево ова, како Претседател на Република Македонија чувствував должност да направам нешто за овој Институтот.

Од генералниот директор на УНЕСКО побарав поддршка, по што, во 2013-та ИЗИИС беше прогласен за институт на УНЕСКО. Со тоа, не само што стана прва институција на УНЕСКО во Македонија, туку и единствен институт на УНЕСКО во светот што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големи земјотреси.

Горд сум што ИЗИИС прерасна во најпознатиот стручен, научен и експертски македонски бренд во земјотресното инженерство и сеизмологијата. Денес, Република Македонија ја враќа инвестицијата.

Orden_iziis_002Драги пријатели,

Честопати велам дека, колку и да е голема, државата е премала за глобалните предизвици како што се природните непогоди и катастрофите. Истовремено, државата како да е преголема за да обезбеди безгрижно детство, просперитетен живот и спокојна старост за нејзините граѓани. За да се надмине овој јаз, неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа.

Свесни сме дека науката сè уште не може да ги предвиди земјотресите. Но, она што можеме да направиме е превентивно да дејствуваме.

Сета научна, образовна, издавачка, експертска и иноваторска дејност на Институтот за земјотресно инженерство може да се сумира во едно нешто: а тоа е да ја гарантира сеизмичката безбедност на објектите во кои живееме, во кои работиме и во кои го минуваме нашето слободно време. Со други зборови, целта на Институтот е сеизмички да ја обезбеди најголемата вредност што постои – човечкиот живот.

Со сета својата професионалност и посветеност, Институтот ни дава сигурност и извесност. Извесност дека, што и да се случи, нашите деца нема да останат без покрив над главата. Дека нашите домови, училишта, болници, нашите фабрики и мостови ќе ги издржат можните земјотреси. А таа извесност е појдовната точка за планирање на иднината на нашите семејства, но и за одржлив развој на нашето општество и држава.

Поради сето ова, во името на сите македонски граѓани, со „Орден за заслуги за Македонија" му благодариме на Инситутот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Му благодариме затоа што ни овозможува да градиме сеизмички побезбедна иднина.

Ви благодарам и ви честитам.
Orden_iziis_004


  Back<<Назад