|
Почитуван заменик-министер за образование и наука, господине Ристовски, Почитуван директор на Сити колеџот, г. Јоанис Верверидис, Почитувани стипендисти, Дами и господа,
Едно од најчестите прашања што ми го поставуваат моите колеги и соговорници е за односите меѓу Република Македонија и Република Грција, меѓу македонското и грчкото општество. Мојот одговор е секогаш ист: има едно прашање што нè разделува, но има многу нешта кои нè поврзуваат. И речиси секогаш како пример за поврзаноста ги наведувам стипендиите што ги доделуваме во соработка со Сити колеџот од Солун. Стипендии кои не случајно го носат името на нашиот голем миротворец, претседателот Борис Трајковски.
Оттука, ова не се обични стипендии и вие не сте обични стипендисти. Вие сте дел од еден поголем процес што е посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебното разбирање и почитување меѓу македонското и грчкото општество.
Почитувани стипендисти,
Избрани сте како најдобри од најдобрите бидејќи сакате да учите и да се надградувате. Искуството покажало дека за секој што сака да учи и да се надградува, две нешта никогаш нема да бидат исцрпени. Прво, можностите за стекнување со вредни знаења и вештини. И, второ, шансите кои ви се нудат за да го употребите наученото. Она што е неопходно за двете нешта е отворен ум за да се прими знаењето и да се препознаат можностите. Само така ќе бидете успешни во новиот глобален натпревар, во новото динамично време.
Верувам дека програмата за магистерски студии по бизнис- администрација на Универзитетот „Шефилд" ќе ви го овозможи токму тоа.
Има една мудрост што ја препишуваат на Елеонор Рузвелт, а тоа е дека: „Големите луѓе се преокупирани со идеи, со стратегии, со визии; просечните луѓе се преокупирани со настани, а малите луѓе со другите луѓе". Затоа бидете големи, бидете преокупирани со идеи. Бидете креативни и иновативни.
Вие сте генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување. Во духот на тоа ваше идно интегрирање во овој глобален свет, ви посакувам многу успех. Посакувам за време на вашите студии да се родат многу нови идеи, тие идеи да станат наша реалност, таа реалност да стане дел од македонското општество. Да бидете вистински лидери во средините од каде што доаѓате, и да ја поттикнете желбата и кај другите безрезервно да придонесуваат за развојот на нашата држава и за нашата иднина.
Ви благодарам.

|