Говори и обраќања
filharmonija01
Обраќање по повод одликувањето на Македонската филхармонија со „Орден за заслуги за Македонија“
Вторник, 25 Ноември 2014

Почитувана министеркe за култура на Република Македонија, госпоѓo Канческа-Милевска,
Почитувана госпоѓo Маја Чанаќевиќ, директор на Македонската филхармонија,
Ценети уметници и вљубеници во уметноста,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Честопати велиме дека музиката е јазикот на слободата и надежта.
Но, зошто?

Во 1804-та, пред 210 години, Бетовен ја компонираше својата трета симфонија „Ероика", во која на револуционерен начин го изрази идеалот на слободата, која не е подарена, туку освоена од најхрабрите. Со право, Ероика беше разбрана како музички манифест на незапирливиот човеков стремеж кон слобода.

Една година подоцна, во 1805-та, симфонијата ја доживеа својата прва јавна изведба пред запрепастената виенска публика. Ероика ја смени историјата на музиката и стана незаменлив музички симбол на слободата.

Во 1944-та, пред седумдесет години, на ден Илинден, од херојската борба на македонскиот народ за слобода се роди АСНОМ-ска Македонија. Пред седум децении се роди и оркестарот што подоцна ќе прерасне во Македонска филхармонија.

Само една година по формирањето, на 15 декември 1945-та, оркестарот го имал својот прв симфониски концерт. На репертоарот била Бетовеновата „Ероика".

Со ова дело, музичарите го надополнија манифестот на АСНОМ кој вели дека „македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода". Така, за Македонија, музиката стана второ име на слободата.

filharmonija02Дами и господа,

Во децениите што следеа, Македонската филхармонија прерасна во нераздвоен дел од македонската култура.

Со секој фестивал и концерт, со секое изведено дело и секоја отсвирена партитура, Филхармонијата одново ја потхрануваше нашата внатрешна слобода. Како што не можеме да си го замислиме светот без музика, така, денес, не можеме да ја замислиме македонската култура без Mакедонската филхармонија.

Без неа, Македонија немаше да ги има делата на славните музички класици од сите ери и епохи. Немаше да ги доживее премиерите на современите музички интерпретации на врвните странски и домашни солисти и диригенти.

Без неа, македонските композитори немаше да имаат можност да создаваат музика од нас за нас, музика од Македонија за Македонија, но и за светот. Македонската филхармонија стана најискрен, најдобар и најверен оркестарски изведувач на македонската 7/8-ска музика која излегува од рамките на западната музичка традиција.

Филхармонијата ѝ овозможи на целата наша плејада на талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство.

Без неа, не можеме да ги замислиме ниту големите фестивали и манифестации со висок уметнички квалитет како „Охридско лето", „Денови на македонска музика", „Скопско лето", „Скопскиот џез-фестивал" и многу други.

Драги пријатели,

Во овие 70 години, Македонската филхармонија беше израз на нашата слобода, училиште за нашите музичари, корен на нашите музички фестивали, промотор на Македонија и на македонската музика, гордост на нашата музичка публика. И постојано, ги надминува нашите очекувања.

Токму затоа, како претседател на Република Македонија, во името на граѓаните донесов одлука да ја одликувам Македонската филхармонија со Орден за заслуги за Македонија.

Ова е признание за сите генерации музичари, солисти, диригенти, директори, за сите допрени срца и незаборавни изведби и во земјава и во странство. Ова е искрена благодарност за сите прекрасни музички моменти и доживувања, но и обврска за во иднина.

Веруваме дека во годините што доаѓаат и во новиот дом на музиката, Македонската филхармонија ќе продолжи да ја облагородува македонската култура, и како израз на слободата да се стреми кон совршенство.

Ви честитам и ви благодарам.

filharmonija03

stipendii_1
Вашиот иден успех е ваша одговорност и кон општеството кое инвестирало во вас - Претседателот Иванов ги додели стипендиите „Борис Трајковски“
Понеделник, 10 Ноември 2014

Почитуван заменик-министер за образование и наука, господине Ристовски,
Почитувани претставници на Сити колеџот,
Почитувани стипендисти,
Дами и господа,

Денес е Светскиот ден на придонесот на науката за мирот и развојот. Ден кога се потсетуваме дека образованието и науката имаат моќ да го менуваат човековиот поглед на светот, а со тоа да го менуваат и самиот свет. Со стипендиите „Борис Трајковски" ги постигнуваме и двете цели.

Првата цел е мирот меѓу луѓето и народите. Веќе 5 години по ред, стипендиите што го носат името на големиот миротворец, покојниот претседател Трајковски, придонесуваат кон продлабочување на довербата меѓу македонското и грчкото општество.

Ја користам оваа свечена пригода да им се заблагодарам на Министерството за образование и наука на Република Македонија и на солунскиот Сити колеџ, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд" од Велика Британија со кои имаме одлична трилатерална соработка.

Како посветени партнери со благородна цел, заеднички инвестираме во младите кои се иднина на нашиот регион. Верувам дека така ќе биде и во иднина.

Почитувани стипендисти,

Втората цел е развојот на поединците, но и на општествата и државите. Образованието постои заради студентот и негова цел е да им се помогне на студентите да ја достигнат мудроста, а преку мудроста да се развиваат и да се самоостварат.

Како претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, ми претставува чест да ви ги врачам овие 20 стипендии за мастер студиите на солунскиот Сити колеџ.

Сакам да знаете дека вие не сте случајно избрани. Вие сте најдобри од најдобрите пријавени на годинешниот конкурс.

Извонредноста никогаш не е случајна, туку е резултат на решителност, искрен напор, мудри одлуки и добри навики. Одлуките и навиките, а не случајноста, ја одредуваат вашата иднина, а со тоа и иднината на Република Македонија. Денес ви даваме награда за вашата извонредност, која е воедно и ваша обврска.

На Република Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите. Уверен сум дека овие студии ќе ви помогнат да станете врвни претприемачи и менаџери со успешна кариера.

„Образованието на умот без образованието на срцето не е вистинско образование", вели Аристотел. Со таа мисла за која верувам дека би се согласил и покојниот претседател Трајковски, сакам да ви порачам дека вашиот иден успех е ваша одговорност и кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е успех и на Република Македонија.

Ви благодарам.
stipendii2

chemerski01
Обраќање на претседателот Иванов по повод изложбата на академик Глигор Чемерски
Вторник, 04 Ноември 2014

Почитуван академик Глигор Чемерски,
Почитуван министер за култура, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, Ценети присутни,
Дами и господа,

Се вели дека луѓето ќе ги познаеме по нивните дела. Притоа, неспорно е дека добрите луѓе создаваат и оставаат добри дела.

Македонија е мајка која отсекогаш давала големи луѓе кои го менувале светот, кои просветлувале, создавале и оставале трајни вредности.

Горди сме што еден од нив е академскиот сликар, Глигор Чемерски, кој е признат и препознаен во светски рамки.

Затоа, ми претставува несекојдневна чест да бидам домаќин на изложбата на негови дела, кои за неколку дена ќе бидат изложени во Москва во рамките на пристапната изложба во просториите на Руската академија на уметностите – Императорска во Москва.

Самото тоа што академик Чемерски е прогласен за почесен член на Руската уметничка академија – Императорска претставува извонреден успех за овој врвен македонски ликовен уметник, но и за македонската уметност и култура.

chemerski02Драги пријатели,

Во изминативе две децении одново ја откриваме долгата историска, духовна, културна и јазична традиција меѓу Македонија и Русија. Традиција што започнува уште во времето на Самоил.

Колку што Македонија беше значајна за Русија во 11 век, така Русија беше значајна за Македонија во 19 и 20 век. Во Русија се инспирираа и дејствуваа македонските преродбеници Зографски и Миладинов, Жинзифов и Пулевски. Токму таму, работеа и дејствуваа Мисирков и Чупоски, Димов и Константинович.

Со своите дела, тие ја чуваа отворена портата за културна соработка меѓу Македонија и Русија. Низ таа порта денес минува и нашиот ценет академски сликар Глигор Чемерски. Му посакувам уште многу верификации на неговите раскошни дела со што ќе се отвори патот за афирмација на македонската уметност и култура.

Уживајте во изложбата!

chemerski03

23okt
Неопходна ни е сплотеноста за да истраеме во нашата цел - Обраќање на претседателот Иванов по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба
Среда, 22 Октомври 2014


vmro01Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Крајот на стариот и почетокот на новиот век секогаш се доживувал со еуфорија. Оние чиј век бил на залез, чувствувале страв и неизвесност од иднината. Оние, пак, кои дотогаш биле обесправени, со храброст и со оптимизам ја очекувале новата доба.

По многу нешта, крајот на 19 и почетокот на 20 век беше златната доба на западната цивилизација. За Европа, тоа беше период на релативна социјална стабилност, мирни меѓународни односи, политички реформи и економски интеграции, со дотогаш невиден технолошки и културен напредок. Напредокот се пробиваше преку железниците, преку новите откритија, преку телеграфот, телефонот. Електричната енергија што од електричните централи дојде до фабриките и домаќинствата беше во функција на индустријализмот, трговијата и брзиот економски развој. Во 1901-та започна да се доделува и Нобеловата награда за физика, хемија, медицина, литература и мир.

На сево ова што го одбележа крајот на 19 и почетокот на 20 век претходеа револуциите. Револуционерните години од 1830, 1848 и 1871-та го навестија крајот на старите режими и империите на 19 век. Токму таа 1871-ва, што ја донесе Париската комуна, беше година на обединувањето на Италија и Германија. 1871-та најави слични процеси и стремежи во другите делови на Европа.

На Берлинскиот конгрес од 1878 некои народи добија независност. Оние што сè уште не беа независни, трпеливо и со оптимизам гледаа на залезот на старите империи и зората на новите суверени национални држави. Како што болниот од Босфорот ги губеше териториите, а народите во Австро-Унгарија добиваа сè пошироки културни автономии, се рашири очекувањето дека со почетокот на 20 век, ќе дојде нова епоха, епоха на слободата.

Ваков бил еуфоричниот амбиент во кој на 23 октомври во 1893 година, само седум години пред почетокот на новиот и надежен 20 век, шестмина Македонци се собраа на едно место. Се собраа и рекоа: тоа што го имаат другите европски народи ќе го имаме и ние – слободна и независна македонска држава.

На тој ден, 23 октомври, во Солун ја создадоа првата семакедонска организација. Најмладиот меѓу нив е 22-годишниот учител Даме Груев. Најстариот е 32-годишниот книжар Иван Хаџи Николов. Тие, заедно со д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев го трасираа патот на организираната македонска револуционерна борба и ги дадоа нејзините основни насоки.

Цврсто уверен дека слободата може единствено да се освои со сопствени сили, Иван Хаџи Николов, порача: „Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади".
На овој принцип подоцна се надоврза и Гоце Делчев, кој во 1901-та рече: „Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата - тоа е првиот услов за нашиот успех!"

Корифеите на македонската револуционерна борба ја почитуваа и прифаќаа различноста на Македонија и сакаа слобода и еднаквост на сите нејзини чеда. Ги отворија вратите за сите Македонци, Власи, Турци, Албанци кои биле подготвени да се борат за слобода на Македонија.

vmro02Почитувани сограѓани,

Основачите на Македонската револуционерна организација беа учители. Нивното дело го продолжија нивните ученици. Учениците учествуваа во востанијата за ослободување на Македонија. Тие пишуваа апели и декларации до големите сили и влегуваа во отворен конфликт со оние што ја делеа и одново ја поробуваа Македонија. Тие ја водеа борбата за Македонија низ целиот 20 век. Учениците беа интелектуалната елита која, иако не секогаш единствена околу средствата, беше единствена за целта – слобода за Македонија.

За мошне кратко време, во мошне сложени внатрешни и надворешни услови, македонската организација успеа да сплоти цел еден народ, една цела земја, под едно знаме и за една револуционерна цел.

Од семето посеано на 23 октомври 1893 година израсна стебло што дава богат плод. Но, како што вели старата мудрост, плодното дрво се каменува. Се каменува за да се обере плодот. Затоа, бевме изневерени, раскарани и поделени, подложени на терор и на насилна асимилација.

Само 10 години по формирањето на Македонската револуционерна организација, на 2 август 1903 година, на ден Илинден, започна илинденската епопеја. Славната Крушевска Република беше краткотрајна и крваво задушена. Многу Македонци, Власи, Албанци, Евреи ги дадоа животите за нашата слобода. Со нив умреа многу лични неостварени соништа, но не и сонот за слобода.

По Илинденското востание многу револуционери заминаа во европските и во светските метрополи за од слобода да се борат за слобода. И таму беа инспирација за македонскиот непокор, независност и еднаквост со другите европски народи. Но, со тоа Македонија остана без водачи на терен. Тоа им го олесни патот на туѓите пропаганди.

Во 1910 година оваа семакедонска организација го доби дефинитивното име: Внатрешна македонска револуционерна организација или ВМРО. Истата таа година настана раскол. Еден дел од организацијата отиде на лево, другиот дел на десно. Македонското револуционерно движење беше онеспособено, а Македонија и македонскиот народ беа распарчени во Балканските војни во 1912 и 1913-та.

Со почетокот на Првата светска војна македонските интелектуалци во странство го дигаат својот глас. Македонската колонија во Петроград во „Македонски глас" од октомври 1915 година печати апел на македонските патриоти до народните пратеници на Бугарија, Србија и Грција во кој се вели „Македонија треба да биде самостојна, целосна и независна".

Во 1924 година, патот на левото и десното крило повторно се вкрсти во ВМРО (обединета). Во „Мајскиот манифест" на ВМРО со нова политичка програма, меѓу другото стои: „ВМРО во својство на вистинска револуционерна сила се бори за ослободување и обединување на раскараните делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица..." Крајната цел била да ја извојува слободата и независноста на Македонија, да го наложи создавањето на Балканската федерација, и да го осигури мирот на Балканот - за да го потпомогне востановувањето на мирот во цела Европа.

Основните програмски идеи на ВМРО ќе бидат прифатени и од работничкото движење, либералните и народни организации на Македонците, македонските литературни и културни организации. Сите идеолошки правци на Македонија произлегоа од револуционерното движење и од борбата за слобода на Внатрешната македонска револуционерна организација.

Во 1935 година поголема група млади Македонци во Загреб изработија Декларација што ги следи принципите на македонската револуционерна борба. Наредната година, во Охрид, околу 200 студенти, интелектуалци и познати Македонци, ќе го организираат конгресот на Македонскиот народен покрет - МАНАПО.

Конгресот зазема демократска, антифашистичка и македонско-патриотска ориентација. Одлуките ќе бидат ставени на тест на 11 Октомври 1941 година. Ден кога младите борци во Народноослободителната борба го продолжија маршот кон слободата што го беа започнале старите илинденци. Во првите редови е идеологот и организаторот на НОБ, Кузман Јосифовски-Питу.

vmro03Драги сограѓани,

Пред 70 години, Народноослободителната борба нè доведе до вториот, државотворен Илинден. „...Македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода", се вели во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година.

Заседанието го отвори Панко Брашнаров, а го затвори Методија Андонов-Ченто, кој ќе биде избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Ченто и Брашнаров, како и многу други искрени патриоти станаа жртви на илинденските идеали во новата држава. Но, не беа заборавени. Нивниот спомен е тука, во овој Музеј на слободата.

Патот до слободата што го започнаа шестмината родољуби, го изодеа и илинденците и АСНОМ-ците, и комитите и партизаните.
Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година.
Со Декларацијата на независноста што е положена тука, на ова место, се оствари вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет. Стремеж за создавање сопствена самостојна, суверена и демократска држава – Република Македонија.

Овој светол празник, 23 Октомври, ги обединува генерациите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и за слободата на нашите деца.

Обременети со секојдневните предизвици, ние не секогаш ја сфаќаме длабочината и силата на тој стремеж да се биде свој на своето. Слободата ја сметаме како нешто што ни е подарено. И тоа е вистина. Подарена ни е, но не од туѓинци, туку од нашите предци, кои се бореа и кои се изборија за слободата што ние денес ја живееме. Тие се колнеа со заклетвата „слобода или смрт". Многумина од нив одбраа смрт, за ние да имаме слобода. А преку нашата слобода, и тие живеат во нашиот спомен.

Никогаш нема целосно да ја знаеме цената што е платена за нашата слобода. Таа ни е оставена да ја чуваме и да ја развиваме за неродените. Нашиот стремеж е за подобар и за подостоинствен живот, тука, во Македонија, во земјата за која се бореа предците.

Градиме музеи и чествуваме празници за да се сеќаваме и да учиме од минатото. Но, како што градиме за минатото, градиме и во сегашноста за иднината. Со континуирани реформи на секој план, градиме европска иднина за македонските граѓани.

Драги пријатели,

Слично на крајот на 19 век, крајот на 20 век беше дочекан со еуфорија и триумфализам. Во 1989 година, падна Берлинскиот ѕид, а со него и старите режими во Централна и Источна Европа. Со крајот на Студената војна и со победата на либерализмот се роди надежта за помирен, побезбеден и подобар живот, надеж дека она што беше на Запад ќе го има и на Исток. Но, по еуфоријата доаѓа соочување со реалноста. Триумфализмот на слободниот свет спласна по само една деценија.

Во 2000 година, како и еден век претходно, имаше големи очекувања дека новиот милениум ќе започне со век исполнет со мир, безбедност, развој, просперитет и правда за сите. Надежите за мирен 21 век беа побиени само една година подоцна, со терористичките напади од 11 септември 2001-та. Се прошири стравот од другиот и непочитувањето на различноста, се разгореа кризните жаришта на Блискиот Исток, Северна Африка, но и Европа. Очекувањата за економски раст и развој беа разнишани на 15 септември 2008-та со падот на Leehman Brothers и настаните што следеа.

Драги сограѓани,

И покрај разочарувањата, останува надежта, која го движи светот. Но, остварувањето на нашата надеж не зависи од другите, туку од нас самите. Тоа многу добро го знаеја шестемина родољуби кои ја основаа Македонската револуционерна организација.

Нема заедничка мера онаму каде што човекот на различен начин го поима своето место во светот", рече Часлав Милош.

Нашите комити и партизани, илинденци и АСНОМ-ци, имале различни погледи и идеологии. Но, и покрај разликите имале едно нешто што ги обединувало – идејата за слободна и независна македонска држава.

Република Македонија е нашето заедничко место во светот, нашиот заеднички дом. Република Македонија е нашата заедничка мера, она што ни дава заеднички поглед на нашето минато, сегашност и иднина. Од ова место, од Република Македонија, ние мора да имаме заеднички стратегиски цели за нашата европска и евроатлантска иднина.

Нам ни е неопходна сплотеноста меѓу власта и опозицијата, меѓу Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите, за да успееме да истраеме во нашата цел.

Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска и евроатлантска Република Македонија.

Потомци и следбеници на шестемина херои, на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, на сите знајни и незнајни херои.

Нека ни е вечен Денот на македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија!

vmro04

zeneva01
Обраќање на претседателот Иванов на Форумот Кран Монтана
Петок, 17 Октомври 2014

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува чест да се обратам на тема која не засега сите нас подеднакво. Додека зборуваме овде, стотици илјади луѓе во кризните жаришта се прогонети поради нивната религија. Нивните домови се опустошени, нивните светилишта се уништени, нивното минато е избришано, а нивната иднина е доведена во прашање.

Нивната тажна сегашност не потсетува на мачното минато на Балканот. Денешната сесија посветена на Балканот се одржува на симболичен ден, од кој можеме да извлечеме две многу важни лекции за корените на проблемот но и за можните решенија на истиот.

Честопати велам дека тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира и создава непријатели. Меѓурелигиските конфликти се резултат на отсуство на комуникација и дијалог. Од нив произлегуваат предрасудите, исклучивоста, омразата и нетрпеливоста кон различните.
Еднаш посеано, семето на омразата кон различноста расне во коров што брзо се проширува и многу тешко се искоренува. На Балканот тоа многу добро го знаеме.

На денешен ден, 17 октомври, пред 102 години, започна Првата балканска војна. Како што Балканските војни од 1912 и 1913 беа крвава предигра за Првата светска војна, така воените конфликти во поранешна Југославија во 1990-те значеа крваво финале на Студената војна.

Од тогаш државите од регионот се посветија на дијалогот, помирувањето и меѓусебната соработка. Почнавме заедно да чекориме кон членството во Европската унија и НАТО, и да ја градиме заедничката европска иднина за нашите граѓани.

И токму кога раните од меѓуетничките и меѓурелигиските конфликти во нашиот регион почнаа полека да зараснуваат, кога мирот, безбедноста и стабилноста полека почнаа да се прошируваат, државите од Балканот се соочуваат со нова сериозна закана која може да го разниша сето она што до сега беше изградено.

zeneva02Ценети екселенции,

Балканот е европска порта кон Медитеранот. Функцијата на секоја порта е да биде отворена за добронамерниците и затворена за оние кои не мислат добро. Низ оваа европска порта, за жал, се почесто се протнуваат и странски терористички борци кои се упатуваат кон кризните жаришта. Тоа е предизвик за сите балкански држави од кои секојдневно се регрутираат и радикализираат нови странски терористички борци и нивни поддржувачи.

Имаме одговорност кон сопствените граѓани, но и одговорност кон Европа кон која се стремиме. За тоа зборуваат и неодамнешните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите-кандидати. Европската унија очекува од држави во регионот да преземат соодветни мерки за спречување на радикализацијата и справување со феноменот на странските терористички борци.

За да одговориме на оваа закана, неопходни се неколку чекори, за кои неодамна зборував и во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Прво, потребно ни е ширење на зоната на мирот, безбедноста и стабилноста во нашиот регион. За нас, тоа значи забрзано проширување на НАТО.

Второ, неопходно е почитување на меѓународното право што ќе овозможи поголема предвидливост во меѓународните односи. Република Македонија предолго го чека заслуженото членство во Алијансата, и тоа поради непочитувањето на резолуциите на Обединетите нации, непочитување на меѓународно превземени обврски и на Пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Трето, забрзана интеграција на Република Македонија и другите балкански држави во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Европската унија си создава проблем на сопствената територија.

Четврто, се појасна е неопходноста од интензивна соработка и размена на информации меѓу земјите од Западен Балкан со цел утврдување и проценка на безбедносните закани и оперативна координација. Потребна ни е соработка за рано предупредување, превенција и координација на активностите меѓу полициските и службите за разузнавање.

Петто, за глобални предизвици неопходен е глобален одговор.

Глобалните и регионалните механизми треба да се фокусираат на програми за контрарадикализација и дерадикализација. Целта би била да им се затвори портата за сите оние кои сакаат да ги инфицираат нашите општества со погубните идеологии.

Кога зборуваме за идеологија, мислиме на светоглед, сфаќање на светот околу нас и нашето место и улога во него. Во тоа се состои главниот проблем. Сите идеологии што потхрануваат омраза, подразбира свет во кој екстремистите се обединети во намерата да ја искоренат различноста.

Наспроти тоа е светот што ние го градиме, а тоа е свет во кој има дијалог, почитување и прифаќање на различноста.

Дами и господа,

Реков дека денешниот ден е симболичен бидејќи пред 102 години започна Првата балканска војна. Само 2 години претходно, во Скопје, во Македонија, се роди Мајка Тереза. Во радиус од 100-тина метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија.

Таа во Македонија научи да го живее единството во различноста. Македонскиот модел на соживот и почитување на различноста придонесе Мајка Тереза да прерасне во мајката на 20 век која на денешен ден пред 35 години ја доби Нобеловата награда за мир.

Во тоа се состои и решението што го нудиме. Водени од нашата традиција на почитување на различноста, во 2003 година го инициравме Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите. Само две години подоцна, преку дијалог, Шпанија и Турција ја иницираа Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Ние, Република Македонија, работима активно за наредната 2015 година повторно на сцената да го вратиме Дијалогот на цивилизациите што ќе биде целосно посветен на младите.

Сите држави во регионот кои се надвор од ЕУ и НАТО не можеме сами да одговориме на овие предизвици. Имаме ограничени капацитети. Затоа ни се потребни партнери, со кои можеме да изградиме капацитет и да се спротивставиме на насилниот екстремизам и радикализмот.

Можеме и мораме да им го одземеме на екстремистичките групи оној ресурс што им е најпотребен – нови регрути.

Со почитување на различноста да ја надградиме традицијата на толеранција кон различноста. Бидејќи, честопати, се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака.

Од овде, ги повикувам лидерите од сите општествени сфери да се вклучат поактивно во иницијативата каква што е Алијансата на цивилизациите. Верувам, убеден сум дека најдобрата превентива против секој облик на насилен екстремизам и радикализам е токму афирмацијата на филозофијата на почит кон различностите.

Ги повикувам лидерите да инвестираат во младите. Неопходно е да ги едуцираме младите во сите мултиетнички и мултирелигиски општества за важноста од дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста.

Ви благодарам.

zeneva03

11okt
Обраќање на свечена академија по повод 11 Октомври - Денот на народното востание
Петок, 10 Октомври 2014

prm_govor_11_oktomvriПочитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани учесници во народноослободителната борба
Ценети присутни,
Дами и господа,

Утре, на 11 Октомври, Република Македонија прославува 73 години од почетокот на народното востание. Востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Денес, со почит се сеќаваме на сите борци и херои кои учествуваа во големата борба. Борци кои себеси се гледаа како продолжувачи на делото на илинденците за слободна и независна Македонија.

Годинава одбележуваме 111 години од Илинденското востание и 70 години од АСНОМ. Празнувајќи ги, се сеќаваме на моментите со кои се промени тогашната реалност, која сега е наше минато. Минато, од кое учиме за да ја планираме нашата иднина.

Почитувани присутни,

Долго време, Македонија беше несреќното поле на кое странските пропаганди го сееја семето на раздорот и кавгите.
Не отуѓуваа од нашите сонародници и браќа земјаци.
Пропагандите ширеа меѓу нас сомнеж во способноста сами да се ослободиме, да опстанеме и да напредуваме.

Долго време страдавме поради таа ропска несигурност и наметнат раздор.
Долго време како народ бевме орудие за поткусурување на нечии туѓи сметки, влегувавме во туѓи игри за туѓи интереси и апетити.
Дозволивме да бидеме разединети, и да работиме, како што вели Кочо Рацин, за туѓи бели дворови.

Последиците од тоа ги знаеме.
Балканските војни ги дочекаме меѓусебно раскарани.
Првата светска војна ја дочекавме меѓусебно поделени.
Пропуштивме многу можности за слобода и за државност на Македонија.

Но, ја научивме лекцијата, и не дозволивме да ни се повтори минатото.

Уште во 1918 година „Женевското друштво за независна Македонија", раководено од д-р Анастас Коцарев ги повикува „сите Македонци без разлика на верата и народноста да заборават на поранешните омрази и лични расправии и да создадат цврсто јадро за единство и независност на Македонија..."

Се роди свеста дека силата е во сплотеноста. Македонските здруженија во татковината и надвор од неа почнаа да се окрупнуваат, македонските интелектуалци да се собираат, македонските студенти да се поврзуваат и заеднички да настапуваат. Сите македонски друштва во Швајцарија по 1918 година се обединуваат во „Генерален совет на македонските друштва во Женева". Во нивниот апел до цивилизираниот свет од јуни 1919 година се вели:
„Ние Македонците бараме ова неприкосновено право (на самоопределување) да се почитува, кога ќе стане збор за Македонија. Македонскиот народ ги има неопходните и потребните способности за самоуправа, бидејќи тој не е аморфна маса, ниту несвесна заедница..."

Апелот наиде на одѕив меѓу пријателите на Македонија.

Првата светска војна заврши со Париската мировна конференција на која се одлучуваше и за судбината на Македонија. На 33 седница на Комитетот за нови држави одржана на 15 јули 1919 година, владата на Италија го отвори прашањето за автономија на Македонија. Автономија во носењето закони за јазикот, образованието, верата, локалната самоуправа. Автономија која подразбирала власт од народот за народот.

На Конференција, за жал, ни беше ускратена државноста, бидејќи таму се одлучуваше за нас без нас. Сепак, и таму имавме пријатели кои не поддржуваа. Пријатели кои го слушнаа гласот на единството кој бараше благородните принципи на човечкото право да бидат применети и во случајот со Македонија.

Од горкиот пораз во Париз, излеговме со трошка надеж дека поради единството ќе не чујат. Слободата ни беше на дофат, но Македонецот сеуште не беше целосно слободен во душата. Сепак, времето полека но сигурно се наближуваше.

Истата таа, 1919-та година, Ѓорче Петров, во беседата за Гоце Делчев рече:

akademija_11_oktomvri„Гоце беше фанатичен поддржувач на максимата дека ропството се должи, пред се, на самиот роб и се крепи од него повеќе отколку од мачителот и дека кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себеси. Неговите надежи беа да ја види цела Македонија пламната во бунтовнички жар, секоја долинка, секој камен, сите дабови, секоја куќа претворена во борбена заседа. Секој роб поединечно и во групи да влезе во борба со секој враг кој ќе го види пред себе, како белег на ропството."

Во 1941 година, кога злото на фашизмот и нацизмот се надвисна над Европа, Македонија за четврти пат во триесет години беше окупирана, поделена и поробена.

Но, не дозволивме да ни се повтори минатото. Луѓето учеа од сопствените грешки и од грешките на претходните генерации кои ги пропуштија можностите за државност.

За разлика од минатото, кога бевме разединети и раскарани поради туѓите претстави за Македонија, Втората светска војна ја дочекавме обединети во духот и единствени во целта. Не обедини борбата за човечки слободи и правдини на сите чеда на Македонија.
„Ропството Македонецот ќе го прекине тогаш кога тој ќе прекине да биде роб во душата" рече Делчев.
И токму прилепскиот партизански одред што го носеше името на Гоце Делчев, на 11 октомври 1941-та, стави крај на ропството.

На 11 октомври, македонскиот народ се охрабри и востана против надворешниот поробувач, но и против робот во него самиот.
На 11 октомври, стремејќи се кон слобода, македонскиот народ започна решителна борба против окупаторот.
Тоа е славен ден кога Македонецот престана да биде роб во душата. На тој ден Македонија конечно го сруши ропското во својата свест.
Во тоа се состои величественоста на овој ден, од кој учиме како, со верба во себе, да ја освоиме слободата.
Независно кога почнале првите борбени акции, 11 октомври остана како симбол на крајот на ропската свест и симбол за освојување на слободата. Тоа е суштината на 11 Октомври.

Следеа тешки борби, хероизам и самопожртвуваност на борците од народноослободителната и антифашистичка борба. Борба со која оживеаја револуционерните традиции на Илинден. Борба во која се препородивме како народ и се почувствуваме способни да си ја земеме судбината во сопствените раце.

Сенародното вооружено востание, како дел од големата антифашистичка коалиција, не донесе до државотворниот АСНОМ, на кој народот стана творец на својата иднина.

Почитувани сограѓани,

Учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност.

Денес го одликував последниот жив учесник на АСНОМ и еден од татковците на Македонија, првоборецот Петар Иваноски – Тиквар. Тој е последниот од 60-мината кои пред 70 години го создадоа она што денес го имаме.

Народното востание беше можно, пред се, поради единството во храброста на борците во народноослободителната и антифашистичка борба.

АСНОМ беше остварлив, пред се, поради единството во државотворниот дух на основоположниците на Македонија и исполнувањето на заветот на Илинденците. Завет искажан од Димо Хаџи Димов, дека Македонија, која го имала својот прв Илинден, ќе го има и својот втор Илинден.

Поради тоа единство, денес имаме своја држава, во која сме свои на своето, во која сами носиме одлуки за нашата сегашност и нашата иднина.
Поради тоа единство, денес нашите деца слободно и без страв зборуваат, пишуваат и творат на Македонски јазик.
Поради тоа единство, денес ги уживаме основните гарантирани граѓански права и слободи.

Но, иако ветени, тие права не беа целосно дадени. Многумина од оние кои останаа верни на слободарскиот дух на народноослободителната борба и државотворниот дух на АСНОМ подоцна беа потиснати, обесправени, заборавени. Меѓу нив беа Андонов-Ченто, Брашнаров и Шатев, Полежиновски и Чучков, Шаторов-Шарло и Пирузе-Мајски, Фотев, Аголи, Соколов и многу други знајни и незнајни родољуби.

Целосната слобода беше потисната се до 8 Септември 1991 година, меѓу народот прифатен и како наш трет Илинден.

Драги сограѓани,

Годините на независност се години на себеспознавање и саморефлексија. Мора да се соочиме со самите себе. Со сите успеси но и со сите предизвици и слабости.

Имаме сопствена држава со сопствена Армија која ја гарантира нашата безбедност и безбедноста на нашите деца.
Имаме брзо растечка економија и поволна бизнис клима за странски инвестиции.
Препознатливи сме во светот по нашиот македонски модел на соживот и почитување на различноста.
Водиме мирољубива политика и сакаме најдобри можни односи со сите наши соседи.
Имаме бројни пријатели и партнери кои не поддржуваат на нашиот европски и евроатлантски пат.
Имаме јасна цел за тоа каде природно припаѓаме и каде ја гледаме нашата иднина.

Но, мора да бидеме свесни дека сите премрежија од минатото не останаа само во минатото. Наследивме и предизвици со кои сеуште се соочуваме, но и визии и стремежи кои сеуште не се остварени.

Во текот на независноста, се соочивме со многу тешки моменти и одлуки. Со двојни стандарди и неправедни блокади. Но, и покрај се, не се обесхрабривме.

Секојдневно ги чувствуваме последиците од оние кои го негираат македонскиот јазик и идентитет. Но, ние знаеме кои сме, што сме и што сакаме. Проблем немаме ние, туку оние кои не ја прифаќаат и признаваат реалноста.

Сеуште сме блокирани на нашиот европски и евроатлантски пат. Но, и покрај се, не се откажуваме. Остануваме доследни на преземените обврски и задачи, кои со континуирани реформи ќе продолжиме да ги остваруваме, за доброто на македонските граѓани. Но, е обврска не само на државата, туку и на сите сегменти на македонското општество. Само сплотени ќе ги оствариме нашите стратегиски цели за европска и евроатлантска Република Македонија.

prm_govor_11_oktomvri_3Ценети присутни,

Предизвици сме имале и ќе имаме. Но не треба да се обесхрабруваме, бидејќи најтешкото е веќе зад нас. Најтешкиот пат го започнаа нашите храбри борци и херои, кога на 11 октомври собраа сила, се впуштија во борба, ставија крај на ропската свест и извојуваа слобода.
Најтешкиот пат го минаа учесниците на АСНОМ кои ги удрија темелите на нашата Македонска држава.

Овие светли празници не потсетуваат дека кога станува збор за националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени, онака како што беа сложни и единствени борците и учесниците на АСНОМ.

Меѓу нив имаше стари Илинденци и млади борци. Доаѓаа од различни краишта на Македонија. Имаа различна етничка припадност. Припаѓаа на различни социјални слоеви и имаа различни идеолошки сфаќања. Но и покрај сите разлики, едно нешто ги обединуваше, а тоа е стремежот за слобода на Македонија.

И денес, имаме многу различни идеи, погледи и политички партии. Во тоа се состои и богатството на демократијата. Но, имаме само една држава – Република Македонија.

Никој нема да ја чува Македонија ако ние не ја чуваме.
Никој нема да ја гради Македонија ако ние не ја градиме.
Никој нема да ја почитува Македонија ако ние не ја почитуваме.

Затоа, да не дозволиме да не занесува секој ветар на лагите, заблудите и лукавството. Мора да бидеме свесни за вистината. Да ги отфрлиме лажните претстави за Македонија создавани за туѓи потреби и туѓи интереси.

Иако сме различни, сепак во државата треба да сме единствени. Државата сме сите ние – и власта и опозицијата, и младите и старите, и работниците и пензионерите, и студентите и професорите. Државата сме сите ние, и Македонците и Албанците, и Власите и Турците, Србите, Ромите и Бошњаците, Христијаните, Муслиманите, Евреите и атеистите. Сите ние сме државата, која ја наследивме од нашите предци, и која сме должни безбедно да им ја предадеме на нашите потомци.

Драги пријатели,

И денес, за жал, можеме да се увериме со што се се соочуваат народите кои немаат сопствена држава. Во нивната тажна сегашност го препознаваме нашето мачно минато. И, благодарни сме што имаме држава. Благодарни сме им на сите оние кои ги дадоа своите животи за да бидеме свои на своето, за да имаме наша држава. Наша сопствена држава – Република Македонија.

Секое време има свои можности и предизвици. И радосни и тажни моменти. Но, успеваат оние кои се свесни за реалноста и се прилагодуваат кон промените во светот во кој живееме.

Затоа ни се потребни успешни поединци во секое поле. Во образованието и науката, во економијата и претприемништвото, во иновациите и технологиите, во културата и спортот. Во секоја сфера на нашето живеење.
Потребни ни се успешни млади луѓе кои со самодоверба ќе водат нови успешни битки за освојување на нови можности, нови пазари, нови признанија за Македонија. Како претседател секогаш ќе ги поддржувам идеите и делата кои се за добро на Република Македонија. Кои се за ваше добро, за доброто на сите македонски граѓани.

Отсега па натаму е многу полесно бидејќи сме свои на своето. Благодарни на нашите Илинденци и борци, храбро и достоинствено се соочуваме со предизвиците. Со тоа, нашата генерација создава услови за идните генерации да продолжат да ги реализираат сите до сега неостварени стремежи.

Нека ни е вечен Денот на народното востание против фашизмот!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!
akademija_11_oktomvri_2

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 29 од 64