Говори и обраќања
salcburg00
Европската унија вистински да ја обедини Европа - обраќање по повод 25-годишнината на Европската академија на науки и уметности во Салцбург
Сабота, 07 Март 2015

Почитуван претседател на Европската академија, проф. Унгер,
Почитуван претседател Фишер,
Почитуван претседател Николиќ,
Почитувани членови на Европската академија,
Екселенции, Дами и господа,

Големо е задоволството да се биде со вас денес, кога се прославува овој важен јубилеј. Во случајот на Европа, науката и уметноста отсекогаш ги определувале нејзините минати дела, сегашни потенцијали и идни можности. Ѝ честитам на Европската академија за нејзината 25-годишна успешна работа. Истовремено му честитам и на мојот српски колега и пријател, претседателот Николиќ, на неговиот избор за заштитник на Европската академија.

Дами и господа,

Несомнено ќе дојде време кога сите народи во Европа ќе почувствуваат дека мора да ги регулираат прашањата од општ интерес пред да пристапат кон прашањата од национален интерес. Тогаш ќе се намали злото, ќе стивнат неволјите и ќе ги снема војните. Тоа е крајната цел кон која сигурно чекориме!"

Овие визионерски зборови на Сен Симон се напишани во 1814 година, во пресрет на Виенскиот конгрес свикан со цел да се воспостави мир во Европа. Сто години подоцна, попушти крпливиот мир на длабоко поделениот континент.

Беа потребни две светски војни во кои Европа влезе поделена и излезе уништена за семето посеано од страна на мировниците конечно да вроди со плод. Нивната визија постепено успеа да ги премости физичките и менталните јазови, да ги угасне вековните непријателства и да ги зацели длабоките рани.

Денес, поголем дел од Европа ги споделува придобивките од таа реализирана визија – Европската унија. Сепак, не смееме да заборавиме дека овој благороден мировен проект се соочува со сериозни предизвици сврзани со неговата обединетост.

salcburg01Екселенции,

Денес пред вас стојат претседатели на две европски земји, Македонија и Србија, кои се сè уште во чекалницата на ЕУ. Оние кои ни велат дека постои замор од проширувањето, не смеат да заборават дека истовремено постои и замор од чекање. Овде, во културната и интелектуална срцевина на Европа, ја повикуваме Унијата вистински да ја обедини Европа. Затоа што Унијата не може да зборува во име на Европа сè додека не ја обедини цела Европа.

Сепак, единственото нешто кое е полошо од разделената Европа е Европа обединета против нејзината етничка, јазична, религиозна и културна различност.

Кризата на моралните и етичките вредности предизвикува поделба на две меѓузависни европски вредности – слободата на изразување и слободата на вероисповед. Како резултат на ова, сведоци сме на вознемирувачки знаци на ксенофобија низ нашиот континент, како темна сенка над демократскиот пејзаж на Европа.

Ние веруваме во Европа обединета не во униформност, туку во почитување и во прифаќање на различноста. Демократијата не е само правото да се биде рамноправен, туку и правото да се биде различен.

Обединетост во суштинското, слобода во несуштинското, и добра волја во сè", напиша св. Августин. Ваквата обединетост подразбира почитување и прифаќање на другиот. Сведочејќи за негативните ефекти на интеграцијата со асимилација, ние го нудиме позитивниот пример на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

Дами и господа,

Уверен во нејзиниот интелектуален капацитет да бара одговори и да предлага мудри решенија за овие горливи прашања, повикувам да ѝ помогнеме на Академијата во исполнувањето на оваа важна задача. Да изградиме, за оваа и за идните генерации, обединета Европа како континент на слобода, мир и почитување на различностите.

Ви благодарам.

salcburg02

hrc
Идентитетот и јазикот се дел од човековата личност и од слободата на изразување - Oбраќање на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН
Понеделник, 02 Март 2015

01._Obrakjanje_Sovet_za_covekovi_pravaПочитуван висок комесар за човекови права на Обединетите нации,
Почитуван претседател на Советот за човекови права,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува чест, како претседател на Република Македонија да се обратам пред Советот за човекови права на Обединетите нации. Денес стојам пред вас во името на македонските граѓани, благодарение на нашите храбри предци кои никогаш не се откажаа од борбата за човечки слободи и правдини за себе и за своите потомци. Но, свесни сме дека нивната борба е мал дел од една поголема, општочовечка борба.

Човековата историја е една голема приказна за судирот меѓу правдата и моќта. Од едната страна се разумот и совеста, а од спротивната страна се голата сила и себичниот интерес. Првите недвосмислено ни говорат дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Вторите, ги игнорираат и ги прекршуваат вродените и неотуѓивите човечки права и слободи. Додека за првите, човекот сам по себе е цел, за вторите човекот е само средство за исполнување на некои други, себични цели.

И покрај сите предизвици, луѓето истрајуваат во борбата за човековите права. Како што пред 70 години, исполнувањето на оваа благородна мисија беше доверено на Обединетите нации, така, пред 10 години беше создаден и овој Совет за човекови права како централно тело во системот за човекови права на Обединетите нации.

Она што ги водеше луѓето да истраат на овој макотрпен пат беше цврстата увереност дека во светот не постои ништо толку вредно како човекот. Дека најважната особина на човековата природа е слободата сфатена како одговорност и капацитет за носење добри одлуки за себе и за другите, за оваа и за идните генерации.

Човековите права се родија од грижата за луѓето.
Но, целта сè уште не е постигната.

Дами и господа,

Ако некогаш се правеле пропусти поради незнаење, денес, кога вестите за кршењето на човековите права низ светот до нас стигнуваат со брзината на интернетот, пропустите најчесто се прават поради одбивањето да се знае. Во таа смисла, незнаењето за кршењето на човековите права не е ништо друго освен елегантно име за рамнодушноста кон човекот.

Нема ништо поубиствено за човековите права и правото на човечко достоинство од рамнодушноста, завиткана во двојни стандарди.

Предрасудите, нетрпеливоста, омразата, конфликтите, прогонствата, репресиите, злосторствата против човештвото, етничките чистења и геноцидите што оставаат црна дамка на страниците од човековата историја нè упатуваат на следното. Кон 10-те заповеди, да ја додадеме и 11-та заповед: Никогаш немој да бидеш рамнодушен и пасивен набљудувач!
И токму денес, во 21 век, развиениот свет повторно станува виновен заради гревот на рамнодушноста.

Живееме во ерата на човековите права, а сведоци сме на кршење на истите тие права.

Дебатираме за слободата на мислата, совеста и религијата, а поединци и групи со затворени умови посегнуваат по слободата и по животите на луѓето чија единствена вина е поинаквото убедување.

Зборуваме за единство во различностите, а радикалните екстремисти се единствени во намерата да ги уништат различните.

Декларативно се залагаме за неотуѓивото право на човечко достоинство, а дозволуваме да се негира правото на самоидентификација, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство.

Се повикуваме на Меѓународната повелба за човековите права, а дозволуваме да се крши меѓународното право, резолуциите на Обединетите нации, пресудите на Меѓународниот суд на правдата.

Денес, додека мојата земја, Република Македонија, членува во Советот за човекови права, моите сограѓани се соочуваат со негирање на нивното право на идентитет и јазик. Истиот македонски јазик на кој сега ви се обраќам. Овие две индивидуални права се неразделив дел од човековата личност и од слободата на изразување. За овие права никој и никогаш не прави компромис.

Човековите права и слободи се родија од грижата за човекот, но се загрозени од рамнодушноста кон човечноста.

02._Obrakjanje_Sovet_za_covekovi_pravaЦенети екселенции,

Обединетите нации не можат и не смеат да си дозволат да бидат рамнодушни на кршењето на човековите права и правото на човечко достоинство.

Советот за човекови права и високиот комесар за човекови права имаат клучна улога во борбата меѓу правдата и моќта.

Во овој совет е совеста на Обединетите нации. Советот треба да ги отвори вратите за да се чуе гласот на жртвите, на обесправените и прогонетите низ светот. Советот треба да остане форум отворен за организациите на цивилното општество чии сознанија и наоди се најдобар показател за тоа каде треба да се насочуваат приоритетите на членките на Советот, но и на сите други земји. Само така, Советот ќе го одржи кредибилитетот за неговото постоење.

Исто така, неопходно е да дадеме силна поддршка на независноста на работата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации. Секој обид за поткопување на независноста на Високиот комесар и неговата Канцеларија значи обезвреднување на местото и улогата на оваа централна институција за човекови права.

На светот му е потребен Совет и Висок комесар кои ќе можат да дејствуваат превентивно, а не само реактивно и чии ставови ќе имаат сериозни импликации кон сите држави кои не ги почитуваат или недоволно ги почитуваат човековите права. Повикуваме политиката и моќта на државите да ги тргнат рацете од овој Совет за да може да превенира, наместо само post festum да констатира. Таков Висок комесар и таков Совет за човекови права поддржуваме.

Ценети присутни,

Поредокот што беше создаден пред 70 години за да нè заштити од неискажливото страдање на човештвото, денес претрпува темелни промени.

Наспроти оние кои сметаа дека светот сè повеќе се секуларизира, гледаме дека светот сè повеќе се десекуларизира, без притоа да се хомогенизира.

Сè помал е бројот на државите во светот со доминантни религии и светогледи, и речиси сите светски религии и светогледи се присутни во речиси секоја држава. Како што плурализмот има потреба од поголема слобода на мислата, совеста и религијата, така, истата таа слобода го прави плурализмот поверојатен.

Во центарот на оваа голема трансформација е будењето на етнојазичните, културните, религиските и други идентитети. Но, правото на идентитет е пред сè лично право бидејќи идентитетот претставува фундаментална карактеристика на секој поединец. Поединците сега се во центарот на интересот за обезбедување напредок на сите човекови права. Слободите на поединецот и уживањето на сите негови права отвораат простор и за колективно остварување на индивидуалните права.

Оттука, човековите права денес се соочуваат со следниот предизвик: како да се запази нивната универзалност без да се наруши различноста.

Токму различноста е нападната од оние кои сакаат единство преку униформност, односно, интеграција со асимилација. Оваа тенденција е израз на арогантен егоизам и погубна гордост. Ова ја уништува секоја можност за заедништво и за остварување на човековите права, на идентитетските права на поединецот.

Насловните страници се преплавени со вестите за стотици илјади прогонети, свирепо убиени и исчезнати. Слушаме за религиски екстремизам, за индоктринирање, радикализирање и регрутирање на млади луѓе на боиштата на Блискиот Исток и Северна Африка. Но, слушаме и за исмевање на религијата. Како што секуларниот свет беше шокиран од нападите против слободата на говорот, така и несекуларниот свет е шокиран од секуларните напади против слободата на религијата. Медиумите имаат многу важна улога во доменот на човековите права. Но, треба да бидеме свесни дека најголем непријател на слободата е неограничената слобода.

03._Obrakjanje_sovet_za_covekovi_pravaПочитувани присутни,

Се согласуваме дека не постојат идеални состојби со човековите права во ниту една држава. Секоја држава има свои предизвици кои произлегуваат од нејзините специфики. Но, во темелните документи имаме јасен патоказ како да се соочуваме и како да ги надминуваме предизвиците.

Ако досега беше доволна толеранцијата, отсега ни е потребен повозвишен стандард, што ќе овозможи поуспешно соочување со предизвиците од будењето на идентитетите.

На Западот се разви концептот на толеранција. Во Македонија, пак, применуваме нешто што е повеќе и од толерирањето, а тоа е почитувањето и прифаќањето на различноста. Разликата меѓу двата концепта е суштинска бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака. Додека толеранцијата е еднонасочен, почитувањето и прифаќањето се двонасочен процес.

Сведочејќи за негативните ефекти на интеграцијата со асимилација, ние го нудиме позитивниот пример на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

Македонскиот модел на соживот што го наследивме од предците и го развиваме за потомците се темели на принципот на отвореност и дијалог. Бидејќи, оној што комуницира, се интегрира, а оној што не комуницира, се гетоизира. Нашиот модел не е идеален, но дава поголема можност за полесно остварување на индивидуално и колективно остварување на идентитетските права.

Драги пријатели,

Ако светот станува повеќе, а не помалку религиозен, тогаш, лекот против религиозното насилство не може да се бара во помалку, туку во повеќе религија, но и во повеќе дијалог.

Затоа, Република Македонија е целосно посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог.

Во 2003 година го иницираме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите како предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Планираме да го обновиме дијалогот во соработка со УНЕСКО и со Европската унија. Ќе ја организираме и 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Притоа, во сите наши напори се водиме од увереноста дека дијалогот меѓу различните религии и светогледи завршува онаму каде што започнува нивната различност. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста. Токму затоа, силно ја поддржуваме работата на Алијансата на цивилизациите.

Ценети екселенции,

„Златната доба на човештвото не стои зад нас, но пред нас. Тоа лежи во совршенството на општествениот поредок. Нашите предци не го виделе. Еден ден нашите деца ќе го достигнат. А наше е да го расчистиме патот."

Совршениот општествен поредок за кој во 1814 пишувал Сен Симон е само друго име за она што денес го нарекуваме праведно општество, во кое сите треба да имаат еднакви права, кое се потпира врз две вредности: мирот, како грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните, и вистината, како предуслов за правдата.

Без почитување на човековите права, нема човечко достоинство. Без почитување на човечкото достоинство, нема правда. Без почитување на правдата, нема мир меѓу луѓето и народите. Оттука, човековите права и правото на човечко достоинство се неопходни за правда и мир.

Ви благодарам.
04._Obrakjanje_sovet_za_covekovi_prava

krushevo1
Обраќање по повод приемот за дипломатскиот кор во Република Македонија
Петок, 23 Јануари 2015

Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

На почетокот на новата 2015 година, вам и на вашите семејства ви посакувам многу здравје, радост и среќа, а на вашите држави многу успеси и напредок на секој план.

Ми претставува чест да ви посакам добредојде во Крушево, највисокиот град на Балканот. Овој град е колепка на првата демократска република на Балканот што произлезе од вековната македонска борба за слобода. Тоа е слобода да ја градиме нашата сегашност и да ја проектираме нашата иднина. Но, истовремено, слобода да бидеме рамноправен член на меѓународната заедница.

Идеологот на македонската ослободителна борба, Гоце Делчев ги имал на ум токму овие плодови на слободата кога рекол дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите.

Од неговиот завет произлегуваат и принципот на отвореност кон сите во македонската надворешна политика и нашата посветеност кон регионалната соработка и добрососедските односи со сите наши соседи.

Ценети екселенции,

Како што минатата 2014-та одбележавме еден век од почетокот на Првата, оваа 2015-та година славиме 70 години од крајот на Втората светска војна. Овие војни посеале раздор и непријателство меѓу балканските народи и нанеле длабоки крвави рани во речиси секое семејство на овие простори.

Во секоја од овие војни Европа влегувала разединета и излегувала разурната. Овој фатален циклус го прекинаа неколкумина големи Европејци кои понудија визија за Европа обединета во мир, слобода и напредок. Нивната визија постепено успеа да ги премости физичките и менталните ровови, да ги изгасне вековните непријателства, и да ги залечи длабоките рани. Денес, најголем дел на Европа ги споделува придобивките од остварената визија. Но, сеуште не цела Европа.

Оваа 2015-та се навршуваат и 10 години од кандидатскиот статус на Република Македонија за членство во Европската унија исполнети со реформи, работа и цврста увереност во нашата европска иднина, но и со непринципиелни блокади на нашиот пат.

Се покажа дека блокадите предизвикуваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Станавме блокирани и поради последиците од наметнатата блокада.

Затоа, сакам да пратам јасна порака до нашите европски партнери дека македонските граѓани очекуваат Европскиот совет да најде начин Македонија да ги започне преговорите за членство. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа.

Нашата цел не е да бидеме товар, туку да придонесеме кон успехот на европското и евроатлантското семејство во кое ја гледаме нашата иднина. Затоа, продолжуваме да негуваме пријателски односи со вашите држави, да развиваме уште поповолна бизнис-клима и поконкурентна економија заснована врз знаење и одржлив развој. Продолжуваме да градиме нова, динамична и извозно-ориентирана индустрија со производи и услуги конкурентни на европскиот и светскиот пазар.

Ценети присутни,

Токму тука, во Крушево, беше напишан и Манифестот чии идеи и вредности ја надживеаја краткотрајната Крушевска Република. Тоа е манифест на меѓуетнички и меѓурелигиски соживот преку почитување и прифаќање на различноста. Во сржта на оваа традиција, која и ден-денес ја применуваме во Македонија, е увереноста дека треба да се однесуваме кон другите онака како што сакаме и другите да се однесуваат кон нас. И токму овие вредности се загрозени во кризните региони што не се далеку од нас.

Во ова време на неизвесност, Европа и светот треба да останат доследни на принципите на меѓународното право. Право кое ги гарантира демократските вредности и границите на слободата кои се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство.

Како што ја започнуваме втората година на членството во Советот за човекови права на Обединетите нации, ќе продолжиме да ги браниме човековите права и слободи и правото на човечко достоинство насекаде во светот. Ќе продолжиме да го нудиме решението – дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста. Цврсто веруваме дека така ќе успееме да обезбедиме мир за сегашните и посигурна иднина за идните поколенија.

На почетокот го спомнав заветот на Делчев кој подразбира дека културниот натпревар се води со јазикот и творештвото, творбите и книгите. Залудно некои предвидуваа дека дигиталната доба ќе значи крај на книгата, бидејќи книгата преживеа, но не само материјално – на хартија, туку и дигитално – во пиксели. Од неодамна, Република Македонија почна да ги дигитализира своите книги.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, со големо задоволство прифатив да бидам покровител на проектот „Македоника", што има за цел да ја продолжи македонската традиција и преку интернет да го сподели со светот највредното од Македонија.

Драги пријатели,

Како што ја започнуваме новата година со надеж и очекување, сакам на сите вам да ви се заблагодарам за професионализмот и посветеноста во вашата мисија – промовирање на разбирањето и продлабочување на соработката на вашите држави со Република Македонија.

Уште еднаш, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.

Ви благодарам.

krushevo2

PRMnovogodisno
Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 31 Декември 2014

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Празниците се момент за нова надеж и нова верба дека ни претстои подобра и поуспешна година за сите нас. Празниците се момент кога си посакуваме многу здравје, многу радост и многу среќа во годината што доаѓа.

На прагот на новата година благодарни сме на сите граѓани кои нѐ израдуваа, охрабрија и нѐ поттикнаа на добри мисли и добри дела.

Благодарни сме на трудољубивите стопанственици и земјоделци. Благодарни сме на грижливите родители. Благодарни сме на уметниците кои со своите дела, изложби и изведби ги освoјуваа светските сцени.

Благодарни сме на нашите спортисти и талентираните млади научници кои освојуваа признанија за Македонија.

Благодарни сме на храбрите македонски војници кои будно ја чуваа нашата безбедност.

Благодарни сме на сите оние кои ја сакаат, почитуваат и чуваат Македонија.
Сите ние сме различни, но суштински сме еднакви. Секој од нас придонесува кон создавањето на сликата која другите ја имаат за нашата татковина Македонија.

Драги сограѓани,

Претстојните празници се и можност да се потсетиме на вистинските вредности од кои произлегуваат нашите мисли и зборови, нашите дела и навики, но и нашата иднина.
Затоа, да им се радуваме на малите нешта што ја чинат големината на животот.

Да им го посветиме сето наше внимание, нашата љубов и почит на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели.

Да ги споделиме добрите мисли и надежи со болните, со немоќните и со сите оние на кои им е потребна нашата утеха, помош и поддршка.

Да ја негуваме нашата традиција на соживот со почитување и прифаќање на различните од нас.

Да ја градиме Република Македонија според највисоките европски вредности, критериуми и стандарди.

Во сè што правиме, да и го посакуваме на Македонија највозвишеното. Да продолжиме да се престигнуваме во добрина затоа што од нас самите зависи иднината на Македонија.

Заедно со моето семејство Ви посакувам Вам, на сите граѓани на Република Македонија, во татковината, но и надвор од неа, среќни и радосни новогодишни и божиќни празници.

Среќна Нова 2015-та година!

д-р Ѓорге Иванов

mrt_orden
Обраќање по повод одликувањето на Македонската радиотелевизија со „Орден за заслуги за Македонија“
Петок, 26 Декември 2014

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Пред 70 години, на првото заседание на АСНОМ, македонскиот народен јазик стана службен јазик во слободната македонска држава.

Истата таа судбоносна 1944-та, со првите македонски зборови изговорени низ етерот на слободната македонска држава, започна директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ. Со тоа, Македонското радио – Радио Скопје стана врсник на македонската држава и се развиваше заедно со неа.

Во децениите што следеа, радиото беше хроничар на успесите, но и на предизвиците со кои се соочуваше Македонија. Преживеа и поплава и земјотрес, и во тие критични мигови беше единствената комуникациска врска меѓу разурнатиот град и солидарниот свет.

Од таа светска солидарност, во 1964 година се роди и Македонската телевизија, која започна со најтешкиот вид телевизиска програма – со директен пренос, по што следеле нови емисии со нови содржини. Секој што работел во телевизијата знае дека подготовките за секоја емисија се бесконечно долги, а нејзиното емитување – само миг. Задоволството од извршената работа трае само еден здив – до следната емисија.

Драги пријатели,

Освен 70 години од Македонското радио и 50 години од Македонската телевизија, годинава славиме уште еден јубилеј – 35 години од формирањето на 3. програма на македонското радио.

Во далечната 1988 година станав новинар, а подоцна ја имав и честа да бидам уредник во Третата научна програма на Македонското радио, и тоа во клучен период кога во Европа се рушеше железната завеса, а кон Македонија почнаа да дуваат ветриштата на промени.

mrt_orden1Во овој период, Третата програма прерасна во форум во кој за првпат отворавме големи и важни теми, идеи и концепти на нашата доба и со тоа придонесовме кон реформирање на македонскиот политички систем.

Тоа беше возбудливо време кога преку јавната дебата во етерот ја осознававме демократијата, плурализмот и пазарната економија. Неповторливо време на големи промени кога ја градевме свеста за независноста и самобитноста на државата.

Како што Македонското радио имаше историска улога во мугрите на слободна АСНОМ-ска Македонија, така Македонското радио и телевизија имаа клучно место во предвечерјето на независноста на Република Македонија.

Во сиот овој период, Македонската радио-телевизија ни помогна да се градиме како држава и да го формираме нашиот поглед за самите себе, но и за светот околу нас.

Македонската радио-телевизија не беше само средство за јавно информирање, туку и составен дел на секојдневниот живот на граѓаните.

За бројни генерации, радиото и телевизијата беа големо животно училиште. Училиште преку кое ги учеа убавините на македонскиот литературен јазик, ја слушаа милозвучната македонска музика, се информираа за настаните во земјата и во странство, ги градеа своите ставови за актуелните прашања.

Преку радиото и телевизијата, Македонија се поврза со иселениците од сите континенти. Но, истовремено, помогна да се утврдат стандардите и границите на јавната пристојност во јавниот простор.

Почитувани присутни,

Македонската радио-телевизија покажа дека, како што за секој има простор под македонското сонце, така за секого има простор во македонскиот етер. МРТ е најдобар израз на македонскиот модел на соживот.

Во 1967 и 1969 година започнува емитување на емисии на албански и турски јазик, во време кога ниту во Албанија, ниту во Турција сè уште немало редовна национална телевизиска програма. Во 1990 и 1991 година започнуваат емисиите на ромски и на влашки јазик, првите и сè уште единствени во светот. Денес, Македонската радио-телевизија има емисии на дури девет различни јазици и е најневообичаениот радиодифузен сервис во Европа.

Радува што МРТ останува стандард за квалитет, негување на македонскиот збор, добрата музика, информативните емисии, дебати и интервјуа.

Затоа ми претставува чест, како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани да изразам благодарност до сите генерации кои придонесоа Македонската радио-телевизија да биде она што е. Сведок и хроничар на развојот на македонската држава и општество, чувар и промотор на нашето наследство, на сè она што е изговорено пред микрофонот и забележано на видеолента.

Овој Орден за заслуги за Македонија е израз на нашата благодарност, но и на нашите очекувања. Очекувања Македонската радио-телевизија да продолжи да нуди уште поквалитетна програма за сета публика од сите генерации и професии, независно од етничката, јазичната или религиската припадност. Да остане отворена за реалните потреби, желби и барања на слушателите и гледачите. Да понуди нови содржини прилагодени на 21 век, содржини кои вреди да се чујат и да се видат.

Ви честитам и ви благодарам.
mtv_orde2

ez001
Обраќање по повод доделувањето на „Повелба на Република Македонија“ на Еврејската заедница во Република Македонија
Петок, 19 Декември 2014

Почитувани припадници на Еврејската заедница во Република Македонија,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Deshame entrar Yo me hare lugar – Дозволи ми да влезам, јас ќе си најдам место, вели една ладино поговорка.

Раселувани од моќните империи, прогонувани од инквизиторите и потиснувани од погромите, многубројни Евреи токму во Македонија го најдоа својот втор дом.

Со векови, Евреите беа прифаќани и беа почитувани како вистински сонародници, како нераздвоен и неотуѓив дел од Македонија, во духот на македонскиот модел на соживот.

Во таа насока се и зборовите на Мориц Романо кој напиша дека Македонците во Евреите не гледаа туѓинци, туку домородци.
Дека Евреите не живееја покрај христијаните, туку со христијаните.
Дека за Евреите, Македонија не беше туѓа, туку света земја.

Евреите го збогатија секој дел од јавниот и економскиот живот во Македонија. Како трудољубиви занаетчии, еснафи и дуќанџии, тие внесоа нов претприемачки дух во нашата чаршија. Преку уметноста и музиката ја облагородија македонската култура.

И во периодите на мир и соживот, и во времињата на неправди и угнетувања, Евреите ја делеа судбината на македонскиот народ. Но, ја делеа и желбата за слобода. Рафаел Камхи, еден од носителите на идејата за слободна и независна Македонија и учесник во Илинденското востание сметал дека „слободата треба да биде работна задача на сите поробени народи".

Тоа стебло што со векови давало богати плодови за Македонија, за само еден миг било пресечено и однесено.

Почитувани присутни,

На 11 март 1943 година, во согласност со договорот меѓу нацистичка Германија и фашистичка Бугарија, бугарската армија и полиција ги собра речиси сите Евреи од окупирана Македонија.

Евреите кои како заедница во Македонија опстојувале со векови, за неколку денови биле собрани, затворени, натрупани во сточни вагони и испратени во логорот на смртта. Заедница која опстојувала со векови, за само неколку часа во Треблинка била речиси целосно уништена.

На ниту едно друго место за време на холокаустот една популација не била истребена толку целосно и толку брзо.

Во гасните комори и во печките на Треблинка засекогаш исчезна дел од Македонија. Од тие кобни денови, животот во Македонија веќе не е ист. Занемеа еврејските маала, опустеа еврејските куќи. Градовите Скопје, Битола и Штип, останаа со длабоки рани. Затоа, преку страдањата на Евреите во Треблинка страдаше и Македонија.

Оние кои ја преживеаја монструозноста на холокаустот, станаа дел од Народноослободителната и антифашистичка борба во Македонија. Меѓу нив имаше народни херои, првоборци и партизани. Се бореа и се изборија за слобода на Македонија.

Пред 70 години, еден од преживеаните, штипјанецот Исак Сион, беше меѓу основоположниците на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ. Со АСНОМ се роди слободна македонска држава, во која повторно заживеа Еврејската заедница. Со тоа, од пресеченото еврејско стебло израсна нова фиданка.

Драги пријатели,

Ние сме денес тука со чувство на голема благодарност за оваа фиданка што никна од пепелта на холокаустот.

Благодарни сме на Еврејската заедница која се вгради во нашиот модел на соживот и во нашето демократско општество.

Благодарни сме на Еврејската заедница бидејќи стана мост на пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел.

Благодарни сме на Еврејската заедница бидејќи нè потсетува колку е важно да се негува споменот за нашите сонародници. Честопати велам дека Меморијалниот центар не е само музеј, туку е и училиште. Училиште во кое секој посетител ќе научи за какви се монструозни дела човекот е способен кога од себе ја отфрла човечноста дадена од Бога.

Затоа, за нас е важно сеќавањето на уништувањето на македонските Евреи да не згасне, и животот и напредокот на Еврејската заедница во Македонија да продолжи.

Наша должност како граѓани, но пред сè, како луѓе е да ја чуваме и да ја негуваме таа фиданка без која Македонија не може да биде целосна.

Затоа, во деновите на празникот на светлината – Ханука, сакам ова признание што ѝ го доделуваме на Еврејската заедница, да биде зрак светлина.

Како што Ханука е симбол на осветувањето на разурнатиот Божји храм во Ерусалим, така и признанието за овој јубилеј е симбол на обновувањето на Еврејската заедница во Македонија. Обновената Еврејска заедница која нè осветлува до ден-денес и ни дава надеж за подобро утре.

Ви честитам и ви благодарам. Хаг Ханука Самеах.

ez002

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 27 од 64