Почитувани присутни,
Ценети ексленеции,
Дами и господа,
Задоволство ми е да бидам со вас на 18. Евроазиски економски форум, тука во Истанбул. Им благодарам на нашите домаќини – Фондацијата „Мармара" за нивната посветеност на важните теми. А верувам дека и не може поинаку, бидејќи се среќаваме во амбиент што нè инспирира и нè поттикнува да размислуваме за важните прашања на Евроазија.
Ценети присутни,
Свесни сме дека Истанбул има исклучително важна историска улога – да биде цивилизациски и економски мост за соработка меѓу Европа и Азија, меѓу Западот и Истокот. Но, не треба да заборавиме дека оваа улога не му ја дадоа луѓето, туку географијата. Географијата е и сценограф и режисер, но и подиум на кој се одвива севкупната човечка историја. Државите растат и опаѓаат, но географијата во нејзината физичка смисла, останува непроменета. Таа влијае на судбината на државите и народите.
Географијата ги одредува условите, темпото и динамиката на комуникацијата, соработката и размената меѓу луѓето.
Кога луѓето, водени од потребата за комуникација, се прилагодуваат на географијата, на планините и долините, на реките и морињата, тогаш настануваат коридорите. Коридорите, пак, доведуваат до отворање на просторот. Отворениот простор, од своја страна, создава луѓе со отворен ум, кои ја почитуваат и ја прифаќаат различноста. Отворениот простор е претпоставка за мир и благосостојба.
Коридорите се коритата низ кои течат капиталот и идеите на глобализацијата.
Првата глобализација на културата и религијата, на економијата и трговијата пристигна по стариот Пат на свилата. Овој историски пат, чија северна гранка ја пробил Александар Велики, завршувал тука, во Истанбул, во минатото познат и како вториот Рим.
Вториот Рим бил поврзан со првиот Рим преку еден друг пат - Виа Егнација што минувал и низ Македонија. Како дел од големиот економски, културен и цивилизациски коридор, Патот на свилата и Виа Егнација со векови биле главната врска меѓу Истокот и Западот.
Економските и културните придобивки од овој коридор се чувствувале од Жолтото Море до Медитеранот, од Кина до Балканот. Уметноста, религијата, филозофијата, технологијата, јазиците, науката, архитектурата и сите други елементи на цивилизацијата се разменети меѓу Европа и Азија токму низ овој коридор.
Коридорот не само што создаде отворен простор, туку истиот го наводнуваше со нови идеи и концепти, со нови знаења и искуства. Благодарение на коридорот, отворениот простор стана расадник на различноста. Коридорот придонесе далечните идеи да станат блиски, а туѓинците да бидат почитувани и прифаќани како соседи.
Затоа и можеме да кажеме дека Истанбул е дете на географијата кое израсна хранејќи се од плодовите на коридорите. А преку Истанбул, економски и културно, просперираа и Балканот и Европа.
Дами и господа,
Честопати велам дека оној кој комуницира, тој се интегрира. Оној кој не комуницира, тој се гетоизира.
Повеќе од 20 века човекот ги развивал и ги разгранувал комуникациските патишта, прилагодувајќи се на географската реалност.
Но, 20 век беше век на човековиот бунт против географијата. Комуникациските и економските коридори беа испресечени со тешко проодни политички граници кои сè повеќе се разгрануваа, делејќи го отворениот простор.
Прекинот на дијалогот и комуникацијата во 20 век имаше две негативни последици.
Прво, многу центри беа сведени на периферии. Природните економски текови градени и развивани со векови беа ненадејно прекинати.
Индустриската и технолошко-информатичката револуција создадоа нова глобална економија и оформија нов светски систем со планетарна акцелерација на капиталот и економски раст.
Но, отсуството на фундаментални морални и етички принципи во дел од најмоќните економски центри ја покажа ранливоста на поредокот. Падот на Leehman Brothers во 2008 година го означи почетокот на светската економска и финансиска криза, по што следеше и европската кредитна и должничка криза. За многу држави и региони во Европа и во светот, овие седум години беа години изедени од скакулци. Знаеме дека речиси секогаш, економската криза била предвесник на конфликтите.
Второ, многу отворени простори станаа поделени и гетоизирани подрачја, опседнати со стравови, предрасуди и ксенофобија, кои и ден-денес не се целосно надминати.
Отсуството на комуникација има свои последици на три континенти.
Во Азија се разбуди сеништето на варварството. Водени од нивната погубна идеологија, странските терористички борци ја уништуваат различноста на Блискиот Исток. Се обидуваат да ја наметнат, со сила и со заплашување, нивната мрачна визија за држава која е средновековна по уредување, а модерна според оружјето што го поседува.
Во Африка сведоци сме на свирепите злосторства што секојдневно ги вршат припадниците на Боко Харам и ним сличните.
Во отсуство на дијалог што подразбира меѓусебна комуникација, Европа се соочува со рецидив на нејзината стара болест – ксенофобијата.
Најмалиот заеднички содржател на радикалниот екстремизам и ксенофобијата е нетрпеливоста кон различноста. Истата онаа различност која цутеше во отворениот простор благодарение на коридорите.
Наместо да ги ужива придобивките од цивилизацијата, науката, технологијата, сведоци сме дека светот прави чекор наназад. Политиката се обвиткува со предрасуди. Стравот стана важен фактор во креирањето политика. А знаеме дека нема полош советник од стравот.
Ценети присутни,
Денес, одново учиме две големи лекции:
Прво, дека човекот е предодреден да комуницира, да соработува и да разменува духовни, интелектуални и материјални вредности.
Второ, капиталот е како вода. А знаеме дека водата никогаш не се движи по нагорница, и го претпочита патот на помал отпор. Ова е особено точно во нашата ера на големи предизвици, време на забрзана глобална трка за конкурентност.
Во време на глобална финансиска и економска криза, не е лесно да се задоволат потребите и очекувањата на граѓаните за економски просперитет. Граѓаните ја мерат успешноста на сопствените влади според бројот на странски инвестиции, бројот на работни места и квалитетот на животот. Затоа, владите во светот ја научија важноста на економијата, на соработката и партнерството со бизнис-заедниците. Државите ја научија важноста од регионалните инфраструктурни и енергетски проекти.
Денес, Патот на свилата повторно заживува. За неговата економска исплатливост најдобро зборуваат најзначајните двигатели на глобализацијата – бизнис-заедниците. Бизнисмените се најповиканите и најгласните амбасадори на глобализираниот свет.
Македонија го прифати предизвикот и се вклучи во оваа глобална трка. Од тогаш, напредуваме во неколку економски, бизнис и инвестициски аспекти.
Преку постојани реформи го израмнуваме патот за проток на капиталот. Ги намаливме и ги израмнивме даноците, ги избалансиравме јавните финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме повеќето правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори. Верувам дека веќе ги знаете високите оценки за македонската економија.
Но, убеден сум дека современиот Пат на свилата нема да доведе само до економски напредок. Овој обновен коридор ќе придонесе за поврзување на државите и економиите, и повторно создавање отворен простор во кој ќе живеат луѓе со отворен ум. Патот на свилата, како и секој друг коридор што поврзува, треба да биде нашиот пат до мирот.
Ви благодарам.
