Говори и обраќања
UNGA1_rotator
Обраќање на претседателот Иванов на 69. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации
Петок, 26 Септември 2014


UNGA1Почитуван господине Претседател,
Господине генерален секретар,
Екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест да се обратам пред овој исклучителен форум и да ги споделам ставовите на Република Македонија за прашањата што нè засегаат сите нас.

Во нашиот динамичен, хиперповрзан и променлив свет, едно нешто останува непроменето, а тоа е потребата за поголема предвидливост. Предвидливост од која зависи мирот, безбедноста и стабилноста, но и благосостојбата и напредокот на светот.

Човештвото денес е исправено пред многу предизвици, но два предизвика го бараат нашето целосно внимание.

Првиот предизвик ни доаѓа од поредокот на природата, а вториот од меѓународниот поредок. Коренот на првиот предизвик е во човековото занемарување на природните закони. Вториот предизвик произлегува од непочитувањето на меѓународните закони.

Дами и господа,

Водено од идејата дека „човекот е мерка на сите нешта", човештвото направи погрешна пресметка. Влеговме во трка за напредок и нови откритија, која се одвива паралелно со трката за нерамномерна експлоатација на ресурсите. Трка во која единственото правило е дека нема правила. Сè е можно и сè е дозволено, вклучително и загадувањето на воздухот што го дишеме, на водата што ја пиеме и на почвата од која се храниме.

Како човештво, себично се фокусиравме на моменталните желби и потреби. Заборавивме дека природните ресурси ни се дадени на доверба за да ги чуваме за нашите потомци.

Поставувајќи се наспроти природата, човекот ги поткопува темелите на сопствената иднина. Нашите граѓани, нашите држави и економии, веќе почнуваат да ја плаќаат цената. Нè очекува период на екстремни временски услови, кога се почесто градовите ќе се поплавуваат, реките ќе пресушуваат, посевите ќе пропаѓаат, а цената на храната ќе расте. Природните непогоди насекаде во светот се гласен аларм дека климатските промени се новата реалност што ќе ги промени нашите животи и животите на идните поколенија. Неодамна, и нашиот регион на Југоисточна Европа беше погоден и потсетен на оваа реалност.

Република Македонија е првата земја од нашиот регион која го комплетираше Третиот национален извештај според Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени. Ние веќе ги одредивме идните чекори во сите клучни сектори во економијата и во општеството, на национално и на локално ниво за намалување на ризиците од катастрофи и за адаптација кон климатските промени. Тоа го правиме со стратегии и напори за намалување на емисијата на стакленички гасови и со зголемување на енергетската ефикасност.

Ја поздравуваме иницијативата на 69. Претседател на Генералното собрание, неговата екселенција, г. Сам Кутеса, да се преземат решителни и конкретни мерки за да се излечат двете болки на човештвото: зголемувањето на сиромаштијата во светот и намалувањето на пристапот кон основните ресурси – чистата вода, образованието, здравствената заштита и чистата животна средина.

Тука, во Обединетите нации, сите ние сме едно семејство. И како семејство треба да си помагаме во постигнувањето на Милениумските развојни цели. Но, мора да се фокусираме на две нешта: да ја намалиме глобалната сиромаштија и да обезбедиме одржлив развој.

Наредната, 2015 година е година на големи очекувања во целиот свет. Очекувања дека конечно ќе се постигне вистинска синергија за големите предизвици – адаптацијата кон климатските промени, намалувањето на ризиците од катастрофи и одржливиот развој. Очекуваме развојната агенда по 2015 да содржи глобални, холистички, научно-основани, остварливи и правно-обврзувачки цели. За да им оставиме побезбеден свет на нашите потомци.

Сепак, треба да сме свесни дека природниот баланс е нарушен, и многу нешта нема да бидат како порано. Ќе треба да научиме да живееме во променет свет.

Ценети екселенции,

Како што предизвикот од природата е поради човековото занемарување на природните закони, така и предизвикот од меѓународниот поредок произлегува од непочитувањето на меѓународните закони, на меѓународното право.

Реков дека тука сите сме едно семејство на Обединети нации. Во секое семејство има правила на однесување и меѓусебно почитување. Семејствата во кои нема правила на однесување, ги нарекуваме дисфункционални семејства.

Република Македонија е цврсто определена за почитувањето на Повелбата на Обединетите нации. Повелба, која е еден од основните темели и принципи на меѓународното право.

Владеењето на правото е нецелосно и невозможно без почитување на човековите права. Како членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство во светот. Република Македонија има највисоки стандарди на почитување на човековите права и правата на заедниците во светот. Тоа е возможно благодарение на македонскиот модел на соживот, како модел на интеграција без асимилација, која се темели не врз толеранција, туку врз почитување на различноста.

И токму човековите права и правото на човечко достоинство на македонските граѓани се континуирано негирани од страна на една членка на ова семејство, но и на земја-членка на НАТО и на Европската унија.

Идентитетот и јазикот се неразделив дел од човековата личност, од слободата на изразување, од човековите права. Тоа се универзално прифатени принципи со кои никој и никогаш не прави компромис. Почитувањето на човековите права, меѓу кои е и правото на самоидентификација и на човечко достоинство, се врвни вредности на нашите Обединети нации. Врвни вредности кои се воедно и политички критериуми за членство на Република Македонија во Европската унија.

Условувајќи нè да се откажеме од македонскиот идентитет, земјата која нè блокира од нас го бара невозможното – бара да прекршиме еден од основните принципи на Унијата за да ги исполниме условите за членство во Унијата. Бара да го прекршиме правилото и да го изневериме ова наше глобално семејство.

UNGA2Драги пријатели,

Кога во 2008 година, на Самитот на НАТО во Букурешт, одбивме да го промениме идентитетот на македонските граѓани како предуслов за веќе заслуженото членство во НАТО, тоа го направивме врз основа на меѓународното право.

Кога на 17 ноември 2008 година го започнавме процесот против јужниот сосед пред Меѓународниот суд на правдата, тоа го направивме врз основа на меѓународното право.

Кога на 5 декември 2011 година, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека блокадата на интеграцијата на Република Македонија во НАТО е нелегална, дека се прекршени меѓународно преземени обврски, тоа го направи врз основа на меѓународното право.

Кога од година во година ги издржуваме непринципиелните и нелегалните блокади, тоа го правиме поради меѓународното право. Бидејќи веруваме дека меѓународното право е единственото нешто што дава предвидливост и сигурност во овој светски поредок.

Со нашиот пример на дело покажуваме како другите држави треба да го почитуваат меѓународното право. Дури и Меѓународниот суд на правдата речиси едногласно констатира дека правилно сме постапувале.

Но, и покрај тоа, Република Македонија е подготвена за заемно прифатливо решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Прашањето за идентитетот никогаш не било дел од оваа рамка, бидејќи за идентитет не се разговара ниту преговара.

Затоа, барам од Обединетите нации и од надлежните органи максимално да се посветат во изнаоѓањето заемно прифатливо решение во рамката на меѓународното право.

Дами и господа,

Пред две години бев на ова исто место. Добро се сеќавам дека претходеше завршениот состанок на високо ниво за владеењето на правото на национално и на меѓународно ниво. На Генералното собрание дебатиравме за Извештајот на генералниот секретар за владеење на правото.

Оттогаш минаа две години и ние сè уште дебатираме. Сè уште чекаме да се испочитува Пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Нашиот јужен сосед продолжува од ден на ден да го крши меѓународното право. Продолжува со непочитувањето на резолуциите на Обединетите нации од 1993 и Времената спогодба од 1995 година. Продолжува да ја игнорира пресудата на највисокиот правен авторитет во светот.

Пресудата не важи само за државата што нè блокира. Пресудата важи erga omnes, за сите држави-членки на меѓународните организации во кои и натаму сме блокирани.

Со секоја блокада во нашите европски и евроатлантски интеграции, се поткопува меѓународниот правен поредок. Со толерирањето на блокадите се создава опасен преседан. Преседан за меѓусебно блокирање и уценување мотивирано од тесно-државни интереси, на сметка на колективните интереси на Европската унија и НАТО. Од нив создава дисфункционални семејства, во кои не се почитуваат правилата на однесување.

Непочитувањето на врвните правни авторитети укажува на ерозија на културата на почитување на меѓународното право во светот. Ерозијата го суспендира владеењето на правото и остава простор за анархичност.

Со години совесно укажуваме дека, ако некој го загади изворот, тогаш и текот и сливот ќе бидат загадени. Ако некој ги доведе во прашање основните човекови права, правото на човечко достоинство и правото на самоидентификација, тогаш и остатокот од меѓународното право ќе биде доведен во прашање. Додека предупредувавме дека во случајот со Република Македонија се крши меѓународното право, ретко кој нè слушаше. Денес цената е повисока.

Сите се повикуваат на меѓународното право тогаш кога другите треба да го почитуваат, а го игнорираат тогаш кога самите тие треба да го почитуваат.

Ние не сакаме да го следиме примерот на оние што го кршат правото. Бидејќи знаеме кои се последиците.

Кога од еден еко-систем, отстраните една врска, еден фактор или еден учесник, тогаш внесувате нестабилност и непредвидливост во неговото функционирање.

Живееме во свет и век на глобална меѓузависност, на глобален еко-систем. Кога една држава не ги почитува меѓународно преземените обврски, таа ги охрабрува и другите да го прават истото. Денес сме сведоци на последиците од таквото однесување.

Во услови на нарушен меѓународен правен систем, светот забрзано навлегува во темните предели на анархичните меѓународни односи.

Почитувани присутни,

Светскиот поредок е во латентна криза. Процесите на глобална меѓузависност и субнационална фрагментација ги трансформираат сите досегашни наши претстави за светот. За помалку од една деценија доживеавме две големи промени.

Со терористичките напади од 11 септември 2001 година беше разнишан глобалниот политичко-безбедносен поредок.

Со падот на Lehman Brothers на 15 септември 2008 година се разниша и глобалниот економски поредок.

Единственото што остана од светот што го знаевме е меѓународно-правниот поредок. Но и правниот поредок се соочува со предизвик.

Република Македонија својата иднина ја гледа во НАТО и во Европската унија.

Со политиката на проширување, Европската унија долго време беше светилник што го осветлуваше патот на државите од Источна и Југоисточна Европа кон напредното европско семејство. Неодамна бевме известени дека во наредните 5 години, тој светилник привремено нема да работи. А кога не работи светилникот, постои опасност да се случи бродолом. Нашиот регион на Југоисточна Европа е сè уште ранлив, а бурата не е далеку.

Сакам да пратам порака до партнерите во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор. Порано или подоцна, вакуумот се стреми да биде пополнет. Затоа, неопходно ни е час поскоро да ги интегрирате сите земји од Западен Балкан во Европската унија. Нам не ни е толку важна членската карта, но важни ни се критериумите и стандардите неопходни за членство.

Во нашиот случај, светилникот на Европската унија е затемнет поради толерирање на обезвреднувањето на меѓународното право, човековите права и правото на човечко достоинство, кои се горивото од кој се напојува светилникот. Губејќи ја светлината, Европската унија го губи највредното – нејзината моќ да ги мотивира државите да достигнуваат уште повисоки вредности, стандарди и критериуми.

Сакам да пратам јасна порака и до мојот регион. Во вакви услови, сега е моментот кога државите од Балканот треба да демонстрираат максимална солидарност и единство во остварувањето на споделените цели. Соработка во интеграциите, економијата, инфраструктурата, енергетиката, заштитата на животната средина и борбата против тероризмот и организираниот криминал. Мора да издржиме и заедно да се справуваме со споделените предизвици.

Во нашиот свет што забрзано се менува, останува потребата за поголема предвидливост во меѓународните односи. Единствено меѓународното право ја нуди сигурноста и предвидливоста од која зависи мирот во светот и напредокот на нашите држави.

Меѓународното право е единствената брана што нè штити од елементарна непогода во меѓународниот поредок. И токму меѓународното право постојано се гази.

Драги пријатели, ценети колеги,

Тука сме како највисоки претставници на нашите држави на ова наше семејство. Убеден сум дека повеќето од вас се согласуваат со овие констатации. Но, прашањето е колкумина од вас се подготвени да преземат нешто за да се променат нештата. Да не се доведеме во ситуација секоја година да дебатираме и да констатираме. Крајно време е да почнеме да дејствуваме.

Ова е последен повик. Доволно е да се запрашаме која е алтернативата на овој поредок?

Непочитувањето на природните закони придонесе кон забрзување на климатските промени, и до повеќе поплави, земјотреси и пожари.
Непочитувањето на меѓународното право придонесе кон зголемена анархичност во односите и интервенции против оние што денес го поплавуваат, го палат и го рушат поредокот.

Неодамна на 6. Форум на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации се зборуваше за единство во различностите. Но, додека светот зборува за единство во различностите, радикални екстремисти се единствени во намерата да ги уништат различните.

Додека зборуваме, милиони искрени верници низ светот ја чувствуваат болката што им ја нанесуваат поединците и групите со затворени умови задоени со религиски фундаментализам.
Додека зборуваме, се спроведува систематско уништување на поединци и заедници.
Додека зборуваме, стотици илјади се прогонети. Нивните домови се опустошени, нивните светилишта се уништени, нивното минато е избришано, а нивната иднина е доведена во прашање.

Свесни дека тероризмот не може и не смее да биде поистоветен со ниту една религија, нација или цивилизација, најостро ги осудуваме масовните злосторства извршени од кого било, каде било.

Ја поздравуваме дебата на Советот за безбедност на Обединетите нации. Неопходни ни се итни мерки.

Република Македонија веќе ги направи првите чекори. Неодамна, усвоивме измена во Кривичниот закон во однос на странски борци, кои се реален предизвик за целиот регион.

Сè што се случува во кризните жаришта се рефлектира врз Европа, која во Украина сега повторно има свое кризно жариште.

Ценети екселенции,

Тажно е што во 21 век сме сведоци на трагедии на Блискиот Исток и Северна Африка. Тажно е што ова се случува и во Европа, во годината што беше прогласена за меѓународна година на мирот. Очигледно е дека на 100-годишнината од Првата светска војна сè уште не се научени лекциите од минатото.

Најголеми жртви на кризата во Украина се невините граѓани и материјалните загуби. Република Македонија ги поддржува сите обиди, кои можат да донесат мир и стабилност во оваа земја. Убеден сум дека преку дијалог, со политички и дипломатски средства, Украина ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани.

Светот се соочува со сериозни предизвици. И природни, но и политички. И во основата на двата се двојните стандарди.

Двојните стандарди нè ставаат пред равенки со многу непознати, создаваат свет во кој единственото нешто за кое ќе бидеме сигурни е дека нема да можеме да бидеме сигурни за иднината на нашите деца.

Единствено почитувањето на меѓународното право ни дава поголема извесност да ги избегнеме бурите во нашиот динамичен свет.

Токму затоа, Република Македонија го поддржува процесот на реформа на Советот за безбедност, како значаен дел од вкупната реформа на Обединетите нации. Тоа е комплексен и чувствителен процес. Се согласуваме со предлогот за преговори по конкретен текст. Истовремено укажуваме дека е потребно таквиот текст да има најширока можна поддршка од членството. Ја поддржуваме реформата што ќе обезбеди почитување на меѓународното право, почитување на преземените меѓународни обврски и пресуди. Реформа што ќе овозможи поголема предвидливост во светот.

„Ќе немаме ниту мир, ниту развој без почитување на човековите права и владеењето на правото". Тоа се зборови на генералниот секретар на Обединетите нации, господинот Бан Ки-мун, на отворањето на 67. Генерално собрание.

Единствено меѓународното право ни дава можност да ја решиме равенката, да можеме да ја планираме иднината, да имаме мир, безбедност и стабилност.

Драги пријатели,

Токму младите се и ќе бидат најголемите жртви од двојните стандарди, од непочитувањето на природниот и меѓународно-правниот поредок од страна на претходните и сегашните генерации. Тие ќе го дишат загадениот воздух, и ќе ја пијат загадената вода, и ќе јадат храна од загадената почва. Тие ќе бидат жртви на неправедни системи. Освен ако не се направи нешто.

Во 2003 година го иницираме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, што се одржа во Охрид, под водство на поранешниот претседател Трајковски. Дијалогот меѓу цивилизациите и хронолошки, но и суштински ѝ претходеше на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации, што беше формирана во 2005 година на иницијатива на владите на Шпанија и Турција. Имено, само преку дијалог може да се дојде до сојуз, до алијанса на цивилизациите.

Неодамна се одржа Самитот на Брдо-Бриони Процесот со Канцеларот на Германија, Нејзината екселенција г-ѓа Меркел. Цело поглавје од Заедничката декларација е посветено на младите.

Како Претседател на Република Македонија, ќе ми биде чест, заедно со Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, наредната 2015 година да го подготвиме идниот Дијалог на цивилизации. Дијалог што ќе биде целосно посветен на младите.

Во годините кога одбележуваме еден век од Првата светска војна, да се навратиме на позитивните искуства од Шарл Де Гол и Конрад Аденауер во формирањето на Француско-Германскиот офис за соработка од 1963 година. Искуствата на соработката меѓу младите да бидат применети во создавање на Офис за млади Европејци од сите земји од Југоисточна Европа, и со тоа нашиот регион да се трансформира во еден европеизиран Балкан.

Ги повикуваме лидерите да посветуваат што повеќе време и внимание, но и да инвестираат во младите. Ние не можеме да го промениме нашето минато, но можеме, менувајќи ја сегашноста, да го промениме минатото на генерациите кои доаѓаат по нас. За тоа е потребно да ги едуцираме младите за важноста од дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста.

Ви благодарам.

UNGA3

PRM_SB1_rotator
Со нелегалната блокада на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО се врши сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот – обраќање пред Советот за безбедност на ОН
Четврток, 25 Септември 2014


UN_PRMЦенети екселенции,

Дами и господа,

Државите од Југоисточна Европа се соочуваат со сериозна закана. Балканот е првиот регион на Европа што се наоѓа на крвавата мапа на таканаречениот Исламски Калифат.

Со загриженост морам да констатирам дека Балканот веќе станува база за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад. Странските борци од Балканот во ИСИЛ и Џаб хат ал Нусра се групирани во етно-национални одреди, за да ја извезат џихадистичката идеологија во нивните матични држави, и со тоа да послужат за повисоките цели на џихадизмот.

Никој не може со сигурност да го каже точниот број на странски борци од Балканот на боиштата во Ирак и во Сирија. Нивниот број постојано се зголемува, и веќе не можеме да ги броиме.

Меѓу нив има џихадисти подготвени за воени операции за дефанзивен но и за офанзивен џихад. Нивната интеракција со други странски борци создава мултинационална структура што е ризик и опасност. Имаат надворешна мрежа на поддржувачи на Запад, имаат способност да планираат, поддржуваат и спроведуваат напади против Западот или нивните сфери на интерес. Некои се таму веќе три години. Други сега им се придружуваат. Некои ќе останат таму, но некои најверојатно ќе се вратат на Балканот. И кога ќе се вратат, со себе ќе ја донесат својата омраза кон различноста, својата погубна идеологија, со која ќе ги инфицираат нашите ранливи општества и држави.

Ценети екселенции,

За сега, Балканот не е база за операции за меѓународни терористички мрежи. Но, треба да ни биде јасно дека ова не е привремена, туку постојана закана, за која мора да се подготвиме. Не смееме да ги исклучиме како невозможни болните сценарија и вербалните закани од странските борци за создавање на таканаречен Балкански калифат. Ние сме под постојана закана. Нашиот регион и нашите држави не се подготвени за оваа опасност.

Ова е дијагнозата на болеста со која се соочуваме. Но, каде е лекот? Верувам дека лекот се состои во три неопходни чекори.

Прво, со нелегалната блокада на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО се врши сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. На почетокот, бевме блокирани во Обединетите нации поради името на државата. Сега сме блокирани во НАТО и Европската унија, не само поради името, туку и поради идентитетот и јазикот на нејзините граѓани. Блокирањето е резултат на непочитувањето на резолуциите 817 и 845 од 1993 година донесени токму од овој Совет за безбедност на Обединетите нации, прекршувањето на Времената спогодба од 1995 година депонирана во овие Обединети нации, и непочитувањето на Пресудата од 5 декември 2011 година донесена од Меѓународниот суд на правдата, еден од главните органи на Обединетите нации. Тоа се причините поради кои 21 година не можеме да дојдеме до заемно прифатливо решение. Но, истовремено, тоа се причините поради кои во нашиот регион се создава амбиент на несигурност и нестабилност. Затоа, овој Совет може и мора да придонесе кон мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. Апелирам и очекувам Советот за безбедност да опстои на безусловно почитување на неговите резолуции. Очекувам Советот за безбедност да се ангажира и во насока на почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од случајот Македонија.

Второ, забрзана интеграција на Република Македонија и другите балкански држави во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор. Порано или подоцна, вакуумот се стреми да биде пополнет. Европската унија не смее да заборави дека Балканот е дел од Европа, и дека одлагајќи го проширувањето, си создава проблем на сопствената територија. Неопходно е час поскоро да се интегрираат сите земји од Западен Балкан во Европската унија.

Трето, веруваме дека е неопходно формирање на Регионален центар за контратероризам во земјите од Западен Балкан што би работел на:
- Утврдување на заканите и проценка на заканите од тероризам.
- Оперативна координација, при што еден центар оперативно би ги следи заканите од тероризам на таргети по географски принцип.

Центарот би вршел оперативна соработка на разузнавачки информации за терористичките групи, нивни мрежи, локации, капацитети и намери, би обезбедувал рано предупредување, превенција и координација на активностите меѓу полициските и службите за разузнавање.

Дами и господа,

Веќе нема време и изговори за блокирање во европските и евроатлантските интеграции и иницијативи. Нашиот регион е ранлив, исто како и Европа.

Неопходно е да ги зацврстиме институциите на системот во сите држави од Западен Балкан, со финансирање на програми за де-радикализација и контра-радикализација за да обезбедиме навремена превенција и да развиеме против-мерки преку програми и планови за акција.

Сами не можеме да одговориме на оваа закана. Имаме ограничени финансиски капацитети. Затоа ни се потребни партнери, со кои можеме да изградиме капацитет и да се спротивставиме на насилниот екстремизам. Можеме да им го одземеме на терористичките групи оној ресурс што им е најпотребен – нови регрути, преку намалувањето на симпатијата и поддршката за екстремизмот.

Мора да бидеме одговорни. Мора да си помагаме едни на други. Стабилноста и безбедноста на секоја држава е важна врска во целиот регион.

Ви благодарам.
SB2

prm_govor_ustaven
Обраќање на Меѓународната конференција по повод 50-годишнината од уставното судство во Република Македонија
Петок, 19 Септември 2014

Почитувани претседатели и судии на уставните судови,
Ценети министри и пратеници,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Денес славиме 50 години уставно судство на Република Македонија. Години во кои стекнавме богато искуство и традиција на практикување на уставното судство. Искуство кое ни помогна во клучните мигови на уставниот развој на Република Македонија кој се стреми кон обезбедување праведен поредок за граѓаните.

Човекот има длабока потреба за правда и поредок. Аристотел смета дека правдата се состои во тоа секому да му се даде она што му следува. Поредокот, пак, го гарантира организираната држава. Но, како што потсетува Аристотел „траењето на државата зависи и од правдата и од законите". Мотивот на законитоста е општа, а мотивот на незаконитоста е индивидуална полза. Затоа ни се потребни законите.

Различни закони регулираат различни сфери на човековиот живот. Сфери кои меѓусебно се преплетуваат, преклопуваат, а некогаш и судираат. Оттука произлегува потребата законите да бидат усогласени. Усогласени преку Уставот, кој е единица-мерка за прифатливоста на законите.

Ценети присутни,

Уставот е израз на суверената волја на граѓаните и е највисок акт што нè дефинира како нација. Во Уставот е преточена визијата на граѓаните за тоа во каква држава сакаат да живеат, да работат и да напредуваат. Визија за тоа каква држава сакаат да им остават во наследство на своите потомци.

Уставот на Република Македонија ја одразува нашата реалност. Во него се вградени врвните вредности и придобивки од македонскиот модел на соживот и традиција на почитување на различноста. Затоа, денес, во нашиот Устав се гарантирани човековите права и слободи и правото на човечко достоинство.

Како рамка на нашиот поредок, со Уставот се омеѓени правните граници меѓу законодавната, извршната и судската власт. Оттука и прашањето за односот меѓу уставното судство и политиката, кое е старо колку и самото уставно судство. Дали уставното судство треба да се занимава со политички прашања, или треба да го чува просторот на слободното политичко уредување. Простор што е со Устав гарантиран за другите уставни гранки на власта.

Уставното судство е тоа што одлучува за правната рамка за дејствување на политиката. Рамка во која законодавната и извршната власт можат да постапуваат и да ги уредуваат односите.

Како чувар на уставноста, овој суд е фактор во остварувањето и во спроведувањето на Уставот и законите и обезбедува кохерентен и конзистентен уставно-правен систем.

Уставното судство не може и не треба да биде замена за законодавната власт. Но, иако не носи закони, уставното судство е сепак цврсто поврзано со законодавната власт. Можноста за независната проверка од страна на Уставниот суд ја зголемува веројатноста дека законите што се носат ќе ги задоволат потребите на државата во која владее правото. Уставното судство ѝ помага на државата да постигне подобри резултати, да донесе поквалитетни закони, за доброто на граѓаните.

Дами и господа,

Улогата на Уставниот суд, како независна институција, чии надлежности се дефинирани и се утврдени единствено во Уставот на Република Македонија, никогаш не била позначајна отколку денес.

Република Македонија спроведува постојано прилагодување на домашното право кон правото на Европската унија кон која се стремиме.

Со своите одлуки, Уставниот суд ги обезбедува приматот и супермацијата на Уставот над законите, и со тоа гарантира стабилен и функционален демократски поредок.

Се вели дека демократијата е неопходен, но не и доволен предуслов за зачувување на владеењето на правото. Затоа постои уставното судство како заштитен механизам кој ги оценува содржините на клучните области на човековите права и слободи и правото на човечко достоинство.

Уставното судство не ја контролира демократијата, ниту е недемократско. Напротив, како што Уставот претставува израз на волјата на уставотворниот законодавец, така и контролната функција на уставното судство се темели на одлуката на демократскиот законодавец.

Ценети присутни,

Како претседател на Република Македонија, во постојана соработка со граѓаните се трудам да ја издигнам културата на почитување на Уставот и законите.

Тоа е неопходно за доверба меѓу граѓанинот и државата, меѓу институциите на државата. А клучот за таа доверба е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност и секој кој носи одлуки презема одговорност за своите постапки.

Целта на Уставот и на уставното судство е токму тоа – да помогне во создавањето рамнотежа меѓу слободата на политичкиот систем, уставно ограничените гранки на власта и демократското учество на граѓаните.

Затоа, го честитам 50-годишниот јубилеј и посакувам успешна работа и плодна дебата на Конференцијата за современите предизвици на уставното судство.

Ви благодарам.
prm_plaketa

prm_govor_shefild
Обраќање по повод потпишување протокол за доделување стипендии „Борис Трајковски“
Вторник, 16 Септември 2014

Почитувани гости,
Дами и господа,

Знаењето и образованието не познаваат граници. Тие се дел од отворен простор, кој создава луѓе со отворен ум. Луѓе кои во предизвиците гледаат можност, а во соседот гледаат пријател.
Денес потпишуваме уште еден протокол за соработка, со кој ќе отвориме простор за стипендирање на 20 нови студенти од Република Македонија за мастер студиите на престижниот солунски Сити колеџ, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд", Велика Британија. Особено сум горд што овие стипендии го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски, кој беше светлина за Република Македонија и кој на регионот му понуди светоглед на дијалогот како предуслов за градење доверба и заедништво меѓу луѓето, државите и народите.
Како и секоја година така и во академската 2014/2015 очекувам од стипендистите да го надградат своето знаење и да покажат дека, градењето квалитетни, високообразовани кадри секогаш е најисплатлива инвестиција. На Република Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот, финансиите. Не се сомневам дека токму преку овие студии стипендистите ќе се доизградат во врвни претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството кое инвестирало во нив.

Почитувани,

Дозволете во оваа пригода да се заблагодарам на Министерството за образование и наука и на Сити колеџот од Солун, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд," кои како посветени партнери го овозможија доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски". Во изминатите неколку години имавме одлична трилатерална соработка и верувам дека така ќе биде и во иднина. На крајот би сакал да ги охрабрам сите кои ги исполнуваат условите, да се пријават на конкурсот и да се стекнат со шанса за добивање нови знаења и искуства. Можност, да се изградат како луѓе со отворен ум што ќе создаваат отворен простор за идните генерации.

Ви благодарам.
prm_shefild_4

manaki01
Обраќање на отворањето на 35. издание на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
Сабота, 13 Септември 2014

Почитувани вљубеници во филмската уметност,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Секој човек има своја приказна, и секоја приказна има раскажувач. Првата приказна веројатно почнала ноќта кога човекот за прв пат со восхит погледнал кон ѕвезденото небо. Восхит што сè уште трае.

Нашава вечерашна приказна започна пред повеќе од еден век, кога двајца браќа од Македонија, од Битола, купија една филмска камера, и со тоа станаа првите филмски сниматели на Балканот. Благодарение на нивната визија, ние знаеме повеќе за светот и векот во кој живееле нашите предци. Благодарение на нивниот завет, Македонија веќе 35 години е организатор на најстариот меѓународен фестивал на филмската камера што во нивна чест го носи името „Браќа Манаки".

Во изминатите 35 години фестивалот стана дом на филмските ѕвезди од Македонија, Европа и светот. И покрај сите разлики, се покажа дека ѕвездите на филмското платно и ѕвездите на небото имаат едно нешто заедничко – нè поттикнуваат да размислуваме за нашата приказна, за нашиот поглед на светот и за нашето место во него.

Филмот има моќ да ги долови наративите во кои се препознаваме и со кои се поистоветуваме. Ги помниме оние филмски сцени кои од нас ќе украдат насмевка и солза, кои ќе нè зачудат и ќе нè променат. Филмови што ќе направат да посакаме моментот да не престане, приказната да продолжи, за што подолго да бидеме дел од неа.

Како претседател на Република Македонија чест ми е да бидам покровител на фестивал што нуди такви врвни филмски остварувања. Уверен сум дека досегашните успеси ќе нè мотивираат да трасираме пат кон ѕвездите поплочен со креативност, човекољубие и убавина.

Со таа мисла го прогласувам меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки" за отворен!

Ви благодарам.

manaki02

ict01
Обраќање на претседателот Иванов на 18. Конференција за достигнувањата во доменот на базите на податоци и информациони системи - АДБИС и 6. ИТЦ Конференција за иновации
Среда, 10 Септември 2014

Почитувани присутни,
Ценети колеги,
Дами и господа,

Секој крај значи нов почеток. Тоа особено важи денес, кога ја имам честа да се обратам на затворањето на 18. Меѓународна конференција за достигнувањата во доменот на базите на податоци и информациони системи - АДБИС и отворањето на 6. ИТЦ Конференција за иновации.

На 8 Септември, Република Македонија одбележа 23 години од независноста. Години во кои носиме суверени одлуки за нашата сегашност и иднина. Славејќи ја независноста на Македонија, свесни сме за сè поголемата меѓузависност на луѓето, организациите и државите.

Живееме во хиперповрзан свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сведоци сме на невиден технолошки напредок, но и преиспитувања и парадокси.

Социјалните мрежи и сајбер-заедници постојано се продлабочуваат, мултиплицираат.
Луѓето и владите се во потрага по златната средина меѓу сајбер-приватноста и сајбер-безбедноста.
Вештачката интелигенција за едни е светиот грал, а за други пандорината кутија.
Секојдневно се проширува јазот во дебатата околу роботиката и етиката.

Покрај физичките, сè понагласена улога имаат оптичките коридори и информатичките крстосници.

Секоја секунда се прават над 1500 Skype повици и се постираат 7.600 твитови.

Секоја секунда има 23.000 гигабајти интернет-сообраќај, 45.000 пребарувања на Google, 88.000 видеа погледнати на YouTube.
Секоја секунда се праќаат над 2 милиона мејла.
До крајот на овој мој краток говор, на интернет ќе се вклучат 1300 нови корисници ширум светот, кои ќе ги променат сите претходно спомнати статистики.

Почитувани присутни,

Интернетот стана 'рбет и нервен систем на глобализацијата.

И додека науката и технологиите вртоглаво го менуваат светот, ги менуваат нашите животи, потреби, цели и навики, едно нешто останува непроменето – а тоа е потребата за поголема предвидливост. Предвидливост од која зависат личниот и колективниот напредок, инвестициите, производството, профитот и квалитетот на живот. Предвидливоста ни е потребна за да создадеме одржлива и конкурентна економија и општество на благосостојба.

За да ја достигнеме иднината во Република Македонија, се зафативме со сериозни реформи на секој план.

Реформата подразбира форма, а формата подразбира дека сакаме да го менуваме светот околу нас, да ја менуваме Македонија, според конкретна визија, нешто што веќе го имаме замислено. Да имаме конкурентна економија, поволна бизнис-клима, ефикасна јавна администрација, напредно информатичко општество, квалитетно образование... Сè она што е неопходно за Македонија да биде успешна држава, држава во која може да се биде успешен.

Во напорите да ја достигнеме иднината, се водиме од нашите врвни вредности, стандарди и критериуми. Се водиме од идејата дека човечкиот капитал е нашиот најзначаен ресурс и потенцијал, кој треба да се искористи за да донесе богат плод.

Во трка со времето, знаеме дека еден од пократките патишта да ги оствариме овие цели е да се фокусираме на информациско– комуникациските технологии.

Информациската технологија може да биде генератор на економскиот раст во државата и средство за постигнување благосостојба во општеството.

Сите држави кои постигнале значителен раст и успеале да скокнат десетици места напред на светските ранг-листи на држави според богатство имаат едно нешто заедничко. Сите тие се напредни корисници на информациско-комуникациските технологии.

За разлика од другите технологии, кај информациските технологии државата не мора да биде изумител на нови технологии, не мора дури ни да биде произведувач, за да бележи економски раст. Доволно е да биде напреден корисник на информациската технологија.

ict02Ценети присутни,

Иднината се случува додека ние зборуваме. Новите промени во современите технологии ќе дојдат со или без нас. Општествата кои сè повеќе се дигитализираат се во предност и токму тие ќе ги вкусат плодовите од овој процес на развој и примена на информациско-комуникациските технологии. Прашањето е дали ќе чекаме да ни се нудат решенија, или ќе се обидеме и ние да бидеме дел од тие решенија кои му се потребни на светот.

Затоа, неопходно ни е структурно приспособување. Неопходно е повеќе да вложуваме во образование, наука и истражувања. Македонија да ја вклучуваме во регионалните образовни, научни и истражувачки проекти. Потребно ни е лидерство во иновациите и иновативни компании.

Неопходно е да го надминеме јазот меѓу академските институции и бизнис-секторот, меѓу научните истражувања и пазарот.

Ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.

Ги охрабрувам нашите универзитети да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите.

Ја охрабрувам Владата на Република Македонија да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати страни.

Само така ќе успееме да ја постигнеме целта – да имаме дигитално, е-општество во Македонија до 2020 година.

Драги пријатели,

Вакви конференции покажуваат дека во Македонија сериозно се работи во унапредувањето на информациско-комуникациските технологии, дека сме во тек со светските трендови и дека можеме да споделуваме искуства со експерти од целиот свет.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 30 од 64