Говори и обраќања
trajanov1
Обраќање по повод доделувањето на титулата Национален уметник на Република Македонија на г. Борис Трајанов
Вторник, 09 Септември 2014

Почитуван маестро Борис Трајанов,

Ценети присутни,

Дами и господа,

Вчера, на 8 Септември прославивме 23 години од независноста на Република Македонија. Независноста на татковината се стекнува еднаш, но се чува, негува и промовира постојано, секој ден, секој час. Се брани и дома и надвор, и на просторните граници на татковината, но и во културните и духовните простори ширум светот.

Во големиот историски потфат беа вклучени и нашите творци, нашите уметници кои за Македонија ги освојуваа светските сцени. Тие настапуваат во името на уметноста, но и во името на Македонија. Благодарение на нивните заложби, во очите на сите македонски граѓани, тие станаа национални уметници.

Со особена чест и задоволство, денес, по четврти пат ќе прогласиме Национален уметник на Република Македонија. По Симон Трпчевски, Милчо Манчевски и Есма Реџепова годинава титулата се доделува на маестро Борис Трајанов.

Денес имаме можност да се потсетиме на неговата богата кариера исполнета со маестрални изведби и да му се заблагодариме за големите заслуги во афирмирањето на нашата држава.

Ценети присутни,

Трајанов со својот глас на најпрестижните светски оперски сцени ја претставува Република Македонија во најдобро светло и посведочува за нашата култура, уметност и духовност.

На репортоарот на Маестро Трајанов отсекогаш биле улоги со особена музичка но и драмска тежина кои бараат голем напор и беспрекорни гласовни капацитети. И тоа го постигна во една од најтешките музички и уметнички форми – операта. Затоа сме особено горди што токму Трајанов со своите незаборавни изведби остави траен печат како врвен баритон.

Се вели дека музиката е универзалниот јазик на човештвото. Јазик со кој се промовира мир, добра волја и пријателство меѓу луѓето и народите. Како глас на уметноста, Маестро Трајанов стана и глас на човечноста. За својата несебична хуманитарна активност во 2005 година Борис Трајанов беше прогласен и за „Уметник на мирот на УНЕСКО".

trajanov2Дами и господа,

Уметноста е човекова природа, а природата е Божја уметност. Во таа смисла, сите ние сме должни да се грижиме за тоа најголемо уметничко дело. Но, кој подобро ќе го направи тоа од еден уметник?

Маестро Трајанов имаше визија да ја види Македонија пошумена, а природата околу нас зелена и препородена. И со својот личен пример го мотивираше целото македонско општество, не мотивираше секој еден од нас, на Денот на дрвото, да ги засукаме ракавите и да ја засадиме нашата иднина.

Со своите иницијативи и проактивност Борис Трајанов покажа дека уметниците со своите идеи и креативност можат себеси и својата енергија да ја вложат за доброто на сите.

Музиката е можеби доволна за цел живот, но цел еден човечки живот не е доволен за музиката. Таа се пренесува од генерација на генерација. Како посветен педагог на музичката академија на универзитетот Гоце Делчев во Штип, маестро Трајанов веќе се грижи да и остави на Македонија достојни наследници.

Сето она што досега го има направено маестро Борис Трајанов му ја донесе и најпрестижната државна награда од културата - титулата Национален уметник на Република Македонија.

Со овој чин ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и кон трајните културни вредности. Културата и уметноста се стожерот на секоја нација и оттука треба постојано да го унапредуваме условите за нивен развој.

Досегашните добитници на титулата Национален уметник, но и бројни други уметници, културни дејци секојдневно му покажуваат на светот дека Македонија е расадник на таленти и е татковина на извонредни креативци. Со чиста мисла, добра волја и беспрекорно владеење на универзалниот јазик на уметноста тие се нашите амбасадори низ сите меридијани на земјината топка. Горди сме што еден од нив е Борис Трајанов.

Ви благодарам.
trajanov3

arm01
АРМ продолжува да биде наш влог кон безбедноста, мирот и стабилноста во светот - обраќање по повод 18 Август, Денот на АРМ
Понеделник, 18 Август 2014

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Ми претставува чест, како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, денес, на Денот на Армијата да ве поздравам во градот под Самоиловата тврдина.

Пред 1000 години од оваа тврдина беше симнато знамето на слободата.

Со тоа започна милениум исполнет со непокор и борба за слобода. Векови исполнети со херојски обиди одново да се подигне бајракот и да се достигне слободата. Во секој век минат под туѓи власти, Македонија даде храбри луѓе, ајдути и востаници, комити и партизани, сите до еден, родољуби.

На 18 август 1943 година, недалеку од тука, на падините на Славеј Планина, борците од НОБ ги збија редовите во првиот баталјон „Мирче Ацев", и собраа сила за последната битка за Македонија.
Битка во која народноослободителната војска на Македонија се избори за слободна, независна и суверена македонска држава.

Пред 70 години, на АСНОМ, повторно беше подигнато знамето на слободата.

Почитувани присутни,

Слободата и независноста не ни се подарени. За нив се изборија илинденците и АСНОМ-ците, кои оставија завет, но и достојни продолжувачи на нивното дело – а тоа сте вие, припадниците на Армијата на Република Македонија.

Денес се потсетуваме на заветот што нè поврзува и нè обврзува.
А тоа е дека Армијата постои за да ја чува нашата слобода, територијален интегритет и суверенитет.
Армијата постои за нашите најмили да не се плашат од ужасите на војната.
Армијата постои за нашите деца да имаат безгрижно детство.
Армијата постои за да го чува македонскиот модел на соживот.
Армијата постои за македонското стопанство да се развива и да напредува.
Армијата на Република Македонија бескомпромисно го извршува својот дел од заветот. Затоа, македонските граѓани имаат најголема доверба токму во Армијата. Доверба што се стекнува со патриотизам, посветеност и професионалност.

Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние што нè чуваат нас и нашите деца. Зад нас оставаме многу резултати, но пред нас има уште многу работа.

Продолжуваме со одржување на реформската кондиција. Очекувам да се имплементира новата организациско-формациска структура на Армијата на Република Македонија.

Остануваме посветени на остварување на нашата стратегиска цел – полноправно членство на Република Македонија во НАТО. Членство што одамна го заслуживме.

Партнерството и пријателството се најсилни меѓу рамноправните. Република Македонија е рамноправна со должностите и одговорностите. Но, бараме да ни се овозможи да бидеме рамноправни и според правата и привилегиите, за посилно НАТО, за побезбеден свет.

arm02Ценети присутни,

Денес, благодарение на Армијата, мирот и безбедноста се наше секојдневие. Живееме, работиме, твориме, се надградуваме и напредуваме благодарение на храбрите синови и ќерки во униформа што ни го чуваат мирот и ни ја гарантираат безбедноста. Секојдневие кое сè уште е недофатлив сон за луѓето од многу турбулентни региони во светот, за кои секојдневно слушаме.

Мирот и безбедноста што ги живееме нè обврзуваат да ги споделуваме со другите. Затоа, ќе продолжиме, рамо до рамо со нашите партнери и сојузници да придонесуваме кон побезбеден свет.

Остануваме доследни со ангажманот во мисијата ИСАФ во далечниот Авганистан. Мисија што како држава нè направи меѓународно препознаени и почитувани. Ќе го продолжиме нашето учество и ќе го зголемиме нашиот придонес во мировните мисии предводени од Европската унија и од Обединетите нации.

Армијата на Република Македонија продолжува да биде нашиот влог кон безбедноста, мирот и стабилноста во светот.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Како претседател на Република Македонија и како ваш врховен командант, ви честитам за сè што постигнавте. Сакам да знаете дека навистина се гордеам за секое признание, секое одликување, секоја пофалба што за вас доаѓа од нашите партнери. Тоа ни дава сигурност дека имаме професионална и одговорна армија, која е гаранција за безбедна иднина на нашите деца.

Очекувам и во натамошниот период со иста динамика, посветеност и упорност да ја оправдувате големата доверба што нашите граѓани, но и нашите партнери ја имаат во вас.

И не заборавајте, вие сте чуварите на знамето на нашата слобода. Знаме што се подигна пред 70 години.

Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

arm03

ilinden
Имаме енергија за многу нови потфати, одговорни сме пред хероите што ги дадоа животите за Македонија - обраќање по повод 2 Август - Илинден
Сабота, 02 Август 2014


ilinden01Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Денес, на ден Илинден, пред споменикот на еден од најголемите синови на Македонија, Методија Андонов-Ченто, ви го честитам најголемиот македонски празник.
Денес го славиме остварувањето на сонот за кој живееја, за кој се бореа и за кој ги дадоа своите животи македонските родољуби и револуционери. Сонот што ги правеше силни генерациите Македонци да го издржат секој ден минат под ропство и под туѓа власт. Во долгите ноќи на неслобода илјадници го сонуваа истиот сон. Сонот за слободна, суверена и независна Македонија.

На првиот Илинден 1903-та, пред 111 години, илинденците го дигнаа гласот за слобода.

Славната Крушевска Република беше краткотрајна и крваво задушена. Многу Македонци, Власи, Албанци, Евреи... многу храбри синови и ќерки на Македонија ги дадоа животите за слобода. Со нив умреа многу лични неостварени соништа, но не и сонот за слобода, кој се пренесува од генерација на генерација, од предци на потомци, од татковци на деца.

Сонот за слободата е посилен од еден пораз.

На ден Илинден 1924 година, Димо Хаџи Димов ги објави своите последни зборови, велејќи: „Македонија го има својот прв Илинден проследен со крвави денови на пораз и на тешки страдања во текот на четврт век. Таа ќе го има и својот втор Илинден, но веќе при идната нова и сигурна епоха на блиски победи и ослободување. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа...".

Тој навестен Илинден навистина и дојде.

Во 1941 година, македонскиот народ се дигна на борба за слобода, востана против туѓите власти, му се спротивстави на злото на фашизмот и нацизмот.

ilinden02На вториот Илинден 1944-та, пред 70 години, старите илинденци и младите борци од Народноослободителната и антифашистичка борба конечно го исполнија вековниот сон на македонскиот народ. Сонот да биде слободен народ во слободна држава.

АСНОМ стана симбол на слободата и израз на суверенитетот на македонската држава.

АСНОМ ни ги даде институциите, во кои се носат одлуки, институции преку кои се остварува волјата на граѓаните, во кои се води политички дијалог. АСНОМ и ден-денес нè обврзува дијалогот и соработката да ги водиме во институциите на државата.

АСНОМ ни ја даде и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, во која се вели дека сите граѓани „се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповеданије". Декларација, со која на секој граѓанин му се гарантира „слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението". Декларација која ни е оставена како завет да ги почитуваме правата и слободите кои не ги нарушуваат правата и слободите на другите.

Но, АСНОМ беше краток блесок на суверената и државотворна волја. Блесок што беше засенет од еден режим што проголта многу слободоумни македонски патриоти, луѓе од народот, кои најдобро знаеја што сака народот. Првиот меѓу нив беше Методија Андонов-Ченто.

Како народен трибун и хуманист, како граѓански демократ, Ченто никогаш не прифаќал директиви и секогаш се борел само за интересите на народот. И тоа го правел по цена на слободата и животот. Само храбар и принципиелен човек може да го направи она што го направи Ченто, да го внесе во Уставот на новата југословенска федерација правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Истото она право што го искористија македонските граѓани во 1991 година.

Како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто беше моралната совест на независна Македонија. Но, тој не беше послушан и заветот на Илинден и на АСНОМ беше погазен.

Како предмет на најсурова пропаганда, Ченто економски го уништуваа, општествено го изолираа, политички го прогонуваа. Неговото дело за Македонија го обезвреднуваа, неговите слободарски дејности ги оцрнуваа. Зошто бил виновен? Бил виновен затоа што се водел од интересите на Македонија. Виновен затоа што искрено сакал да бидеме свои на своето. Сами да го толкуваме минатото. Сами да ја градиме сегашноста. Сами да ја планираме иднината.

Драги сограѓани,

Ченто го иницираше свикувањето на АСНОМ.
Ченто стана прв претседател на Президиумот на АСНОМ и ги прифати одлуките на АСНОМ.
Затоа, кога му се судеше на Ченто, му се пресуди на АСНОМ.

Поклонувајќи се пред Ченто, се поклонуваме на сите кои придонеле за државотворниот АСНОМ. Им се поклонуваме и на сите кои беа неправедно осудени. На Брашнаров и Шатев, Полежиновски и Чучков, Шаторов-Шарло и Пирузе – Мајски, Фотев, Аголи, Соколов и многу други знајни и незнајни патриоти. Ним им пресудија заради љубовта кон Македонија. Ним им пресудија бидејќи Македонија им беше пред сè.

Почитувани сограѓани,

Во овие 111 години имаше моменти кога изгледаше дека жарот на македонската слобода ќе згасне. И по крвавото задушување на Илинденското востание во 1903-та, и по потпишувањето на Букурешкиот договор од 1913-та, и по Париската мировна конференција од 1919-та, и по неброените гробови на Голи Оток. Многумина очекуваа, дека тој пламен еднаш засекогаш ќе згасне. Очекуваа и се надеваа дека сонот за Македонија ќе потоне во темнината на балканските пропаганди, тајни договори и поделби. Но, тој пламен никогаш не згасна. Тој тлееше и го чекаше погодниот момент да се разгори.

Тој пламен се разгори и ги изненади оние што сметаа дека Македонија ќе згасне заедно со СФРЈ.

На третиот Илинден, на 8 септември 1991 година, македонските граѓани ја повратија сувереноста и ја потврдија независноста на Република Македонија.

Кога на 8 септември гласавме за суверена и независна Република Македонија, тоа го направивме благодарение и на Ченто.

Драги сограѓани,

Зошто го спомнувам името на Ченто толку пати? Затоа што преку него зборуваат и Гоце Делчев и Кузман Јосифовски-Питу, Пере Тошев и Мирче Ацев, Даме Груев и Орце Николов. И комитата и партизанот.

Сите тие, кои изгинаа, борејќи се за сонот, во наследство ни оставија два завета. А заветот е збор што обврзува. Тоа е сериозна порака до секој што ја сака Македонија.

Првиот завет е да ја чуваме Македонија.

Тоа не е лесно. Сите возрасни граѓани на Македонија знаат дека не е лесно. Слободата не е подарок. Таа е најдлабока почит кон предците, самопрегор пред предизвиците и одговорност кон идните поколенија.

Некои сè уште одбиваат да поверуваат дека Република Македонија е реалност на Балканот и реалност во Европа. Ги негираат нашиот јазик, име, идентитет, нашето право да постоиме и да бидеме она што сме, она што отсекогаш сме биле.

Некои сè уште живеат во илузии и бараат одговор на македонското прашање без Македонија и без Македонците, без македонскиот јазик и без македонскиот идентитет. Поставуваат прашање што веќе е одговорено, несвесни дека секогаш ќе се соочат со истиот недвосмислен одговор. Одговор што го дадовме на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година.

Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода.

Затоа, оној што бара да ни се придружи во славењето на првиот Илинден, треба да знае дека со тоа неминовно го слави и вториот и третиот македонски Илинден. Бидејќи, Илинден не е само Илинденското востание од 1903-та. Илинден е и државотворниот АСНОМ од 1944 и независна и суверена Република Македонија од 1991 година.

Република Македонија е реалност на Балканот и реалност во Европа. Ние сме тука. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти, и сите сме благодарни на сите што ја сонуваа и се бореа за слободата. И среќен сум, како Македонец, како претседател на Република Македонија, дека младите кои живеат и растат денес во Македонија, изразот „да се гине за слобода" го разбираат како работа, одговорност и соживот. И така нека остане.

И како што илинденците се бореа против ропство за слобода, како што АСНОМ-ците борејќи се против фашизмот и нацизмот се изборија за држава, така и ние, борејќи се за правда и за човечко достоинство ќе се избориме за напредна, европска и евроатлантска Република Македонија.

Но, за да го постигнеме тоа, мора да работиме тимски. И, во сè што правиме, Македонија да ни биде пред сè.

Да ја чуваме Македонија како самостојна и суверена држава во која се воспоставува и се гарантира владеењето на правото, во која се гарантираат човековите права и граѓанските слободи.
Да ја чуваме Македонија како земја на мир и соживот, социјална правда, солидарност и напредок на личниот и заедничкиот живот.
Да ја чуваме Македонија во која се негува вековната традиција на соживот и на прифаќање и почитување на различноста.
Да ја чуваме и да ја градиме како безбедна и стабилна, европска и евроатлантска Македонија, отворена кон соседите и кон светот.

Вториот завет е да ја направиме Македонија просперитетна и побогата.

Да ја направиме Македонија економски силна и развиена. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија.

Почитувани сограѓани,

По долги македонски ноќи на страдања, неуспешни обиди и заборавени херојски подвизи, денес живееме во нашата слобода, сувереност и самостојност.

По повеќе од 100 години сон за независност имаме 23 години независност. Ако можеме да кажеме дека сме имале континуитет на сонот за слобода, сега можеме да кажеме дека го имаме континуитетот на слободна, независна Македонија.

Континуитетот е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има бури, но и тие ќе поминат. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Бидејќи македонскиот сон се оствари.

И на крај, на овој свет ден ви порачувам. Имаме енергија за многу нови потфати, ја носиме одговорноста затоа што знаеме за хероите што ги дадоа животите за Македонија и затоа што мислиме на нашите деца, на нашата иднина.

За многу години Илинден!
Да ни е вечна слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!

ilinden03

dijaspora01
Обраќање по повод доделувањето „Медал за заслуги за Македонија“ и „Повелба на Република Македонија“ за македонската дијаспора
Четврток, 24 Јули 2014

Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Ми претставува чест и големо задоволство да ви посакам добредојде во Република Македонија. Ви посакувам добредојде во музејот што нè потсетува дека секоја генерација има своја борба. Нашите славни илинденци и АСНОМ-ци се бореле за слободна, суверена и независна Македонија. Ние, пак, се бориме за почитувана, успешна и просперитетна, европска и евроатлантска Република Македонија.

Нашата борба е на два фронта. Преку напорни реформи дома, Македонија денес ја градиме во височина, со највисоки вредности, критериуми и стандарди. Преку отвореност кон надвор, го унапредуваме угледот на Македонија во светот. Борејќи се на два фронта, неопходна ни е помош од дијаспората.

Драги пријатели,

Постојат три начини како човек може да ја разбере вистината за Македонија. Првиот е да чита за нашата богата историја и култура. Вториот е да ја посети Македонија и лично да се запознае со нашата традиција. Третиот начин е да ја запознае македонската дијаспора. Да се запознае со секој од вас, да ги чуе вашите животни приказни, да дознае за вашите дела и посветеност кон Македонија.

Токму вие, заслужни поединци и организации од целиот свет ја доловувате вистинската претстава за Македонија.

Македонија е земја на хумани луѓе. Македонците отсекогаш давале и помагале и тогаш кога им било најтешко. Така било во минатото, така е и сега. Преку вашите добротворни активности, вие ја негувате таа длабока македонска традиција.

Македонија отсекогаш давала луѓе со отворен ум и со креативен дух. Уметници кои преку музиката и танцот, преку зборот и сликата ги освојувале светските сцени и галерии. Со нивното творештво Македонија е дел од богатиот мозаик на култури и традиции во светот.

Македонија е и земја на правдољубивите, на борци за човекови права и човечко достоинство. Меѓу вас има и историчари, кои неуморно го истражуваат нашето богато минато, претставници на медиуми и активисти, кои го запознаваат светот со вистината за Македонија, но и визионери, иноватори и претприемачи, кои ни помагаат да достигнеме уште посветла иднина.

dijaspora02Почитувани иселеници,

Вечерва, тука, ве има и стари и млади. Потекнувате од различни краишта на нашата заедничка татковина, имате различна етничка и верска припадност, раселени сте по сите меридијани.

Но, и покрај сите разлики, има едно нешто што ве поврзува. Сите вие сте вљубени во Македонија. За тоа зборуваат вашите животи, вашите дела, но и вашите лица вечерва. Дојдовте од сите страни на светот за да бидете тука, во Македонија, меѓу своите роднини, меѓу своите сонародници.

Дојдовте, бидејќи Македонија ве повика. Македонија која памети, која препознава и која вреднува сè што досега сте направиле за неа.

Секој ваш успех е и успех за Македонија. Секој концерт и уметничко дело, секој објавен труд и напишана книга, секој глас подигнат во името на правдата и достоинството е глас и придобивка за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија.

Вие сте наши амбасадори и промотори во државите кои станаа ваши втори татковини. Ни давате мотив и можност да ги развиваме и да ги унапредуваме односите со земјите во кои живеете и творите. Ги вложувате вашите таленти, време и енергија во промовирањето на вистината за Македонија, на македонските инвестициски можности и поволности.

Затоа, како претседател на Република Македонија во името на македонските граѓани, но и во мое, лично, име сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија.

Признанието за вас е воедно и признание за целата македонска дијаспора. Дијаспора која направи многу. Но, вечерва ќе спомнам само едно нешто.

На денешен ден, на 24 јули 1957 година, пред точно 57 години, речиси нечујно згасна животот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.

Уште додека беше жив, неговите заслуги за Македонија беа неправедно оспорувани, а неговото име, тука во неговата родна Македонија, беше забранувано, бришено и заборавано. Но, споменот за Ченто продолжи да живее во сеќавањата на неговите најблиски и на македонската дијаспора.

Како што дијаспората ни врати дел од заборавеното минато, така со дијаспората можеме да ја достигнеме и посакуваната иднина. Да ја оствариме заедничката визија – со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење.

Драги пријатели,

Со Медалот за заслуги за Македонија и со Повелбата на Република Македонија ви се заблагодаруваме и, воедно, ве покануваме и вас и целата дијаспора да соработуваме и да се сплотуваме.

Со ова признание ве повикувам заедно, како тим, да ги поврземе успешните иселеници од целиот свет со институции и со поединци во Македонија. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија.

Ве повикувам уште посилно да се вклучите со сиот ваш духовен, интелектуален и творечки капацитет и, преку вашиот личен успех, да придонесете и кон севкупниот успех на Македонија.

Ви благодарам.

dijaspora03

ohridskoleto1
Обраќање по повод свечено отворање на 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“
Сабота, 12 Јули 2014

Почитувани вљубеници во уметноста,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Секоја промена во светот најпрво започнува во човековиот ум и во човековото срце.

Вечерва сме тука, во нашиот древен Охрид, бидејќи веруваме во моќта на музиката и уметноста, да го промени и да го облагороди човекот, а со тоа и светот и векот во кој живееме.

Како ретко кој човечки феномен, уметноста има способност да ја изрази вистината за човековата душа. Вистина која иако не се изговара, сепак не смее да се премолчи – дека од искона луѓето имале творечки дух кој им овозможува и кога се слаби да бидат силни, и кога се сиромашни да бидат богати, и кога се во пранги да бидат слободни.

Музиката е второто име на слободата. Да се твори значи да се биде слободен, и да се биде слободен, значи да се твори. Пред речиси седум децении, на ден Илинден, се роди слободна АСНОМ-ска Македонија. Пред седум децении се роди и Македонската филхармонија. И како што АСНОМ го проби патот до слободата, Филхармонијата го отвори „Охридско лето" како најзначаен коридор на уметноста.

Нашиот фестивал прерасна во современа уметничка Via Egnatia што одново ги поврза Охрид и Македонија со Европа и со светот. Via Egnatia по која чекорат врвни домашни и странски уметници, кои со моќта на звукот и танцот, зборот и сликата, ги менуваат нашите срца и мисли, а со тоа и нашиот светоглед.

Со таа мисла, го прогласувам годинешниот фестивал „Охридско лето" за отворен!
ohridskoleto3

mihajlopupin
Oбраќање на претседателот Иванов на промоцијата на книгата „Камбана – Дипломатијата на Пупин", по повод одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Михајло Пупин
Понеделник, 16 Јуни 2014

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Живееме во време на голема глобална трансформација, период на темелни промени, пропратени со неизвесност и несигурност. Време кога ни се потребни луѓе со визија за иднината, луѓе кои со своите дела и со своите животи ќе ги инспирираат и мотивираат младите да се стремат да бидат подобри, поуспешни, и пред се, почовечни.

Во годината кога одбележуваме еден век од почетокот на Првата светска војна, на сите нам во Македонија, на Балканот и на Европа потребни ни се брилијантни иноватори кои со својот ум ја менуваат реалноста и светот.
Потребни се дипломати кои со својот морален и професионален авторитет го освојуваат јавниот простор.
Потребни се луѓе со отворен ум, кои поврзуваат наместо да разединуваат.
На светот насушно му се потребни искрени хуманитарци, шампиони на малите народи, борци за човекови права и за човечко достоинство. Луѓе кои се длабоко свесни за минатото, а притоа недвосмислено насочени кон менување на сегашноста и создавање на подобра иднина.

Пред 160 години се роди еден човек во кој беа сплотени сите овие вредности, способности и одлики. Потекнувајќи од влашко семејство кое од Москополе, преку Вевчани во Македонија се насели во Идвор во Србија, Михајло Пупин стана успешен во Америка, од каде започна да го менува светот.

Тоа не треба да не чуди. Балканот отсекогаш давал големи луѓе кои со своите идеи, визии и дела ги надминуваат етничките, политичките и државните граници и го задолжуваат целото човештво. Македонија е среќна што е дел од тој балкански духовен, културен и креативен простор.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, ми претставува чест да се придружам кон одбележувањето на овој значаен јубилеј – 160 години од раѓањето на Михајло Идворски Пупин. Благодарни сме му на господинот Жељко Шајн, кој во книгата „Камбана" расветлува помалку познати, а сепак многу значајни аспекти од животот на овој голем човек.

mihajlopupin1Ценети присутни,

Како врвен научник и иноватор, Пупин го вложи својот брилијантен ум во поврзувањето на светот. Цел еден век луѓето од различните континенти можат телефонски да комуницираат, меѓу другото, благодарение на Пупиновиот калем, еден од неговите многубројни пронајдоци.

Како професор и педагог Пупин го оствари сонот на секој учител – да биде надминат од своите студенти, од кои двајца ја добија Нобеловата награда за хемија.

Како нетипичен дипломат и миротворец, почитуван од американскиот претседател Вудро Вилсон, тој влијаеше на исцртувањето на балканските граници на Париската мировна конференција во 1919 година. И денес, многу балкански држави му се благодарни за неговиот ангажман.

Како човек свесен за своето минато, Пупин беше носталгичен за родниот крај на неговите предци каде сесрдно помагаше. Тоа никогаш нема да го заборавиме.

Како искрен верник, тој покажа дека е возможно и неопходно науката да биде морална, етичка и хумана.

Како добротвор, тој и ден денес воодушевува со неговата отвореност, пристапност и грижа за другите луѓе. Пупин успеа да го победи успехот и остана скромен, приземен, и секогаш подготвен да им помогне на сите оние кои ја барале неговата поддршка.

Сето тоа го постигна благодарение на неговата животна филозофија на усогласување и поврзување меѓу луѓето, народите и државите. Филозофија која ни е насушно потребна денес, повеќе од кога било порано.

Почитувани присутни,

Одлика на сите големи луѓе со отворени умови е тоа што не можат да бидат присвојувани, ограничувани и омеѓувани. Нивните дела не познаваат и не признаваат етнички, државни или други граници. Нивните дела се општочовечки и им припаѓаат на сите луѓе на оваа планета.

Михајло Пупин претставува пример за тоа како да се усогласуваме, како да се поврзуваме и обединуваме во остварувањето на споделените благородни цели. Преку својот живот и своето дело, тој и денес симболично ги поврзува Балканот, Европа и светот во нова надеж. Надеж дека со визионерство, иновативност, креативност и посветена работа можеме да им оставиме подобра иднина на нашите потомци.

Ви благодарам.
mihajlopupin2

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 31 од 64