Говори и обраќања
ARMgovor1
Обраќање по повод 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија
Сабота, 17 Август 2013

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Почитувани присутни,

Драги сограѓани,

Како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми претставува вистинска чест да ве поздравам денес, во очи на Денот на Армијата на Република Македонија, 18 Август. Ден што е нераскинливо поврзан со еден значаен јубилеј – 70 години од формирањето на првиот баталјон „Мирче Ацев" на Славеј Планина. Баталјон што стана еден од носечките столбови на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба. Баталјон што се вгради во вооружената компонента на АСНОМ-ска Македонија.

Неодамна го прославивме денот на слободата и светлината – Илинден, свесни дека битката за слободна и независна Македонија беше добиена со формирањето на Народноослободителната војска на Македонија. Војска од која подоцна се роди Армијата на Република Македонија, со која денес би се гордееле и славните илинденци и храбрите АСНОМ-ци.

Почитувани присутни,

Горд сум на Армијата на Република Македонија, која по својата професионалност, посветеност и постигнати резултати, постојано ги надминува нашите очекувања и очекувањата на нашите НАТО пријатели, партнери и сојузници.

Нашата Армија е ценет и посакуван партнер на Алијансата. Партнер што упорно, цврсто и истрајно ги брани споделените вредности – мирот, слободата и демократијата.

За тоа сведочи доследното учество и бројните успешни ротации во мировните мисии: ИСАФ, ЕУЛЕКС и УНИФИЛ.

За тоа сведочи вклученоста во воените вежби каде припадниците на Армијата на Република Македонија редовно се меѓу најистакнатите учесници.

За тоа говорат врвните признанија и одликувања за македонските мировници доделени од многу политички и воени лидери во светот.

Верувам дека ќе дојде денот кога кон овие индивидуални признанија ќе се придодаде и колективното признание кое сме го заслужиле – полноправното членство на Република Македонија во НАТО. Стремеж што ги сплотува сите наши граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Ќе продолжиме да ги споделуваме одговорностите со нашите сојузници, и покрај тоа што не ги чувствуваме придобивките од полноправното членство.

armgovor3Ценети присутни,

Тајната на успехот на Армијата е посветеноста кон реформите. Реформи кои ги правиме за интероперабилност со структурите кон кои се стремиме. Реформи, кои пред сè, ги правиме за нас самите, за нашата безбедност и безбедноста на нашите деца.

Како што бевме подготвени да започнеме, така треба да бидеме подготвени и да продолжиме со реформите. Треба да сме свесни дека без континуирано вложување во Армијата, стекнатата реформска кондиција може лесно да се изгуби.

Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние кои нè чуваат нас и нашите деца.

Како врховен командант на вооружените сили, цврсто сум уверен дека институциите во Република Македонија надлежни за обезбедување финансиски средства, треба да преземат одредени мерки за подобрување на животниот стандард на припадниците на нашата Армија. И покрај економските предизвици со кои се соочуваат многу сограѓани, ние треба соодветно да им се оддолжиме на нашите синови и ќерки кои биле и ќе останат гарант на самостојноста и независноста на Република Македонија.

Почитувани присутни,

На крајот, честитајќи ви го 21. роденден, им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија. Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност и лојалност кон татковината.

Македонија е земја на храбрите. Затоа сакам да знаете дека во очите на граѓаните на Република Македонија, на нашите деца, но и на нашите пријатели, партнери и сојузници, вие, припадниците на Армијата сте синоним за македонската храброст.

Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија

ARMgovor2

ilinden
Градете ја Македонија во височина со највисоки вредности, стандарди и критериуми - обраќање на Претседателот на одбележувањето на државниот празник Илинден, Пелинце
Петок, 02 Август 2013

ILINDEN1Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети присутни,
Почитувани потомци на сите наши знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија.


Денес, на ден Илинден, се потсетуваме на Илинденското востание од 1903-та и на првото заседание на АСНОМ од 1944 година. На денешен ден, Илинден, недалеку од тука, во пазувите на манастирот „Св. Прохор Пчињски", беа удрени темелите на македонската држава. Тоа беше првиот плод на Народно-ослободителната борба на македонскиот народ.


Почитувани граѓани на Република Македонија,

Слободата има свој корен, своја почва. Коренот на нашата слобода е тука, во Македонија. Корен што се раѓа од семето, кое е воедно и плод.

Се вели дека ако пченичното зрно, што паднало на земја, не изрти, останува само; а ако изрти, ќе донесе голем плод. Плодот на илинденците стана семето на АСНОМ-ците. Семе кое тие го посеаја, и чии плодови и жетви и денес нè прехрануваат.

Стремежот за слобода и за светлина е семето што го посеаја во поробената македонска почва, почва што ја натопија со сопствената крв. Од тоа семе се родија плодовите на слободата и светлината. Не случајно и нашата химна започнува со зборовите: „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата!" Денес, на ден Илинден, кога ја славиме слободата и светлината.


Драги сограѓани,

Сонцето и Илинден се македонскиот симбол на слободата. Сонцето што се вее на нашето знаме, што е втиснато на нашиот државен грб, што е опеано во нашата химна, тоа сонце е заветот на слободата. Завет на кој се потсетуваме на секој Илинден.

Како што светлината најмногу ја ценат оние што поминале долго време во темнина, така и слободата најискрено ја сакаат оние што биле вековно поробени. По долгата македонска ноќ, што започна со крајот на Самоила, нас најпосле нè огреа сонцето на слободата.

ILINDEN2Денес се сеќаваме на илинденците што пред 110 години ја натопија поробената македонска земја со својата крв. Се сеќаваме на борците во Народноослободителната и антифашистичка борба кои го разгореа пламенот, потврдувајќи ја праведноста на македонската кауза.

Во тие историски мигови, пред нив имаше само две можности: Или Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе. Нашите херои решително го искористија единственото средство што поробувачите не можеа да им го земат, а тоа е борбата. Вооружената борба за слобода, за правда и човечко достоинство. Она што Бог го дава, никој не може да го одземе.

Идеалите за кои некогаш се бореа денес се реалност. За тоа зборуваат и Крушевскиот манифест и основачките документи на АСНОМ. Доволно е да ја погледнеме Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од 2 август 1944 година. Во неа, меѓу другото се вели дека:

„Сите граѓани... се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на)нивната народност, пол, раса и вероисповедание.
На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и чесната иницијатива во стопанскиот живот."

Со оваа декларација се удрени темелите на современата македонска држава, на правата и слободите што денес ги уживаме. Тоа е декларација пишувана од врвни интелектуалци, декларација која зрачи со европски дух.

По долгата македонска ноќ, со АСНОМ добивме светлина. Но, некои од оние што ни ја донесоа светлината и изгореа. Некои во физичка, некои во духовна смисла. Затоа, денес се потсетуваме и ги славиме сите нив. Се сеќаваме на Ченто и Брашнаров, на Чучков и Аголи, на Пирузе и Шатев, но и на бројни знајни и незајни јунаци и херои, предци на некои од вас кои сте денес тука.

Дали постои поголема љубов од таа да се положи сопствениот живот за ближните, за народот, за татковината, за Македонија? Сеќавањата со кои ги овековечуваме и почитта што им ја даваме покажува дека нивните жртви не беа залудни.

Затоа никогаш не смееме да заборавиме колку жртви беа дадени за да можат нашите синови и ќерки, нашите деца и внуци да зачекорат под знамето на слободата.


Драги сограѓани,

Пред точно три години, на ова исто место, реков, дека нашата цел е напредна, економски и демократски развиена држава, целосно интегрирана во НАТО и во Европската унија. Реков дека ние искрено и посветено се стремиме кон овие семејства кон кои природно припаѓаме.

Свесни сме дека на тој наш пат е испречено апсурдно барање. Од нас се бара да се откажеме од тоа што сме биле, што сме и што мора да бидеме. Од нас се бара да се откажеме од сопственото име, од сопствениот идентитет.

Човек може да се откаже само од она што го поседува. Зарем го поседуваме воздухот што го дишеме и водата што ја пиеме, зарем го поседуваме сонцето што нè грее и времето што минува? Исто е и со името и со идентитетот. Името и идентитетот се дел од нас и ние сме дел од нив.
Името и идентитетот се како река што тече со векови, со нас или без нас. Да се откажеме од идентитетот е како да се бара да ја исушиме реката чија вода ја пиеме, чии плодови ги јадеме, река од која живееме и ние, како што живееле и нашите предци пред нас, како што треба да живеат и нашите потомци по нас.


Почитувани граѓани на Република Македонија,

Од нас се бара да се откажеме од историјата, како да станува збор за некоја книга што само ја позајмуваме и враќаме во библиотеката наречена колективна меморија. Но, историјата не е приватна сопственост на само еден народ или една држава. Историјата не е само она што е запишано во книга. Таа е сиот проживеан живот на генерациите пред нас. Историјата е заедничка, таа е дел од нас, дел од она што сме биле, што сме и што ќе бидеме. Како и светлината, така и историјата е збир од спектарот на сето она што им се случило на сите народи. Ние сме дел од тој спектар, независно дали некој тоа го признава или не.

И историјата е како река што тече и не застанува. Некаде е бистра, некаде е матна. Некаде е плитка, некаде е длабока. Некаде е тивка, некаде е брза. Историјата е дел од сите оние поединци и народи, заедници и држави кои споделиле заедничко минато. Европската унија е изградена врз сфаќањето на големата вистина дека независно од претставите, историјата е една и неделива – таа е заедничка и им припаѓа на сите европски народи. Затоа повикувам на европски пристап кон историјата.

Свесни сме дека овие апсурдни барања ни стигнуваат од некои земји-членки на Европската унија. Но, не смееме да заборавиме дека Европската унија сè уште не е Европа, ниту пак Европа е само Европската унија. Со членството на Македонија во Европската унија, Унијата ќе се доближи до Европа.

Иако со непочитувањето на препораката на Бадинтеровата комисија нè разочара, иако за време на Самитот во Лисабон во 1992 година нè повреди, иако со непочитувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата нè навреди, сепак, Европската унија е најсигурниот, најдемократскиот и најхуманиот дел од светот. Европската унија е единственото место на светот каде што има мир и спокојство, напредок и просперитет. Затоа, Европската унија останува наша стратешка цел. Затоа, Република Македонија и понатаму ќе продолжи да се приближува кон Европската унија. Но, очекуваме и Унијата да продолжи да се приближува кон нас, кон Македонија.

Како што границите исчезнуваат од европската карта, така и предрасудите треба да исчезнуваат од срцата и мислите на европските народи.

Затоа, денес, од ова место упатувам повик до Европската унија: Дојди во Македонија за да се приближиш кон обединета Европа. Дојди во Македонија за да се самооствариш. Ние и без Унијата сме дел од Европа. Ние, пред сè, ја градиме Европа за нашите граѓани.
Економската криза не треба да се користи за да се спречи остварувањето на сонот на генерации Македонци. Кризата не смее да биде изговор за неостварување на сонот на големите визионери на Европа.


ILINDEN3Почитувани,

Ќе дојде ден кога војната ќе изгледа апсурдна и невозможна... Ќе дојде ден кога... сите вие, нации на континентот, без да ги изгубите вашите посебни квалитети и вашата славна различност, ќе се сплотите во поголема унија и ќе го сочинувате Европското братство... Ќе дојде ден кога единственото поле за борба ќе бидат пазарите што ќе се отвораат за трговија, и умовите што ќе се отвораат кон идеите."

Ова се зборовите на големиот француски писател и европски визионер Виктор Иго. Зборови изговорени на Меѓународниот мировен конгрес во Париз во 1849 година! Замислете, во Париз, во 1849 година!

Денот за кој зборуваше Иго е на повидок. Но, за да осамне тој голем историски ден треба конечно да зајдат стереотипите на Балканот. Треба конечно да згаснат апетитите за присвојување и потчинување, за негирање и непризнавање. 100 години по трагедијата на Балканските војни, треба најпосле да исчезнат сеништата на балканските предрасуди. Сеништа кои сè уште лутаат и ја попречуваат европската иднина на Република Македонија и на регионот.


Ценети присутни,

Историјата покажа дека за Македонија искушенијата секогаш биле најсилни тогаш кога била најблиску до успехот. И во 1903-та, и во 1944-та и во 1991-та. Трите Илиндени беа тест на издржливост за Македонија. Нè провоцираа, нè искушуваа, нè тестираа. Сакаа да видат дали ќе успееме како држава. Дали ќе одолееме на притисокот. Бог вели да се радуваме кога минуваме низ искушенија, бидејќи каде што има искушенија, таму има и благослов и просперитет.

Издржавме и не потклекнавме. За тоа сме сведоци и сите ние денес собрани на Пелинце, и сите наши сограѓани на Мечкин Камен, и сите наши сонародници од дијаспората што низ светот го прославуваат овој светол празник на слободата и светлината – Илинден.

Како што вели Петре М. Андреевски: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева".

Илинденците од 1903-та го пренесоа факелот на слободата на борците од Народноослободителната и антифашистичка борба од 1944-та. Ние го носиме факелот на слободата од 1991-та. На нас е редот да го предадеме на наредните генерации родени во слобода. Генерации родени во независна, суверена и самостојна Република Македонија.

Тие имаат нешто што ние го немавме. Го имаат правото и привилегијата да бидат родени во слободна и независна Република Македонија. Право што подразбира и обврска да ја цениме и чуваме, да ја сакаме и почитуваме нашата татковина.


Драги сограѓани,

Во Манифестот на АСНОМ од 2 август 1944 година се вели: „Настануваат најславните години во твојата историја, настанува епопеја на светата народна ослободителна борба, во која ти се препороди како народ и се осети ослободен да си ја земеш судбата во сопствените раце".

Денес ние живееме во тие најславни години. Како што за учесниците на АСНОМ ние бевме иднината, така за нас, нашите деца се нашата иднина. Затоа, имаме одговорност да ја чуваме и да ја унапредуваме Република Македонија за идните поколенија. За идните поколенија да знаат што значи да се има сопствена држава. Да се биде свој на своето.

Имаме должност младите да ги оспособиме да се соочат со светот во кој ништо не е лесно, светот во кој до успехот се стигнува преку напорна работа.

Само така ќе го исполниме заветот од оние што се бореа и изборија за да го имаме ова денес.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Ако не се бориш, однапред си изгубил. Чувството на поразеност и обесправеност да го замениме со духот на опстојување и победа. Еден од примерите и патоказот кон победата ни го даваат нашите успешни поединци.

Ако можат нашите уметници да господарат со светските сцени, ако можат нашите спортисти да ги освојуваат светските терени, ако можат нашите студенти, пронаоѓачи и програмери да победуваат на светски натпревари, ако можат наши успешни деловни луѓе да се дел од светската економија тогаш и секој од нас може да го даде најдоброто од себе за Македонија. Може да победува и да биде дел од мозаикот што се нарекува личен и колективен успех.

Ве повикувам: Творете и создавајте, духовни и материјални градби. Градете ја Македонија во височина со највисоки вредности, стандарди и критериуми.

Ве повикувам: Да освојуваме нови врвови. Врвови во бизнисот, науката, културата, спортот. Врвови во секоја област и професија.


Драги сограѓани,

Големиот револуционер и идеолог на македонската самобитност, Гоце Делчев рече дека вистинскиот човек од ништо не треба да се плаши.

Затоа, нашите Илинденци, нашите борци во Народноослободителната борба не се плашеа да се борат против туѓите интереси. Не се плашеа да се спротивстават на посегнувањата по нашиот идентитет и самобитност, по македонскиот јазик, македонската традиција и култура. Не се плашеа да застанат во одбрана на Македонија. Токму затоа, тие дигнаа два Илиндена.

Почитувајќи го нивното дело, ние ја продолжуваме нивната борба. Да бидеме свои на своето. Да бидеме членка на Европската унија и на НАТО. Да имаме добри односи со сите наши соседи.

Почитувајќи го нивниот завет, ние ги чуваме сите придобивки и придонеси кон нашиот заеднички идентитет. Идентитет на сите македонски граѓани. Го чуваме сето она што нè обединува и нè поттикнува на добри дела, а нè обединува Македонија која е мајка на многу различни чеда. Чувајќи ја Македонија, ние ја чуваме сета таа различност. А таа ни возвраќа.

Република Македонија е таа што денес нè штити од туѓи интереси, од асимилација, од уништување.
Република Македонија е таа што денес го штити идентитетот, јазикот и културата.
Република Македонија е таа што денес ја штити нашата безбедност, ги штити животите на нашите деца.
Денес, во Република Македонија сме свои на своето.

Затоа ни треба повеќе свест за нашата должност кон нашата држава. Должност кон Македонија. Можеби имаме различни ставови за многу прашања. Но, кога станува збор за државните интереси, кога станува збор за иднината на Република Македонија, мора да бидеме обединети.
Затоа, денес, на ден Илинден, повторно ве повикувам да бидеме обединети.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми...,
Почитувани Христијани, Муслимани, Евреи...
Почитувани сограѓани,

Да се биде Македонец и граѓанин на Република Македонија значи да се почитува и да се прифаќа културата, верата и обичаите на другиот. Да се негува различноста што сите нас нè прави побогати, обединети и единствени.

Република Македонија ни припаѓа на сите нам, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Ние, пак, си припаѓаме едни на други, како што ѝ припаѓаме на нашата заедничка и единствена татковина Македонија.

Таа денес нè повикува да се натпреваруваме во успехот, во творењето, да се натпреваруваме во меѓусебната добрина. Бидејќи, само така ќе го исполниме заветот што ни беше оставен од предците на ден Илинден. Завет врежан во Крушевскиот манифест и во документите на АСНОМ. Завет да ја градиме Македонија како напредна, демократска и просперитетна држава. Да ги браниме интересите на македонските граѓани, слободата, независноста, мирот и стабилноста за доброто на сите.


За многу години Илинден!
Да ни е вечна слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!

ILINDEN4

pitomci1
Обраќање по повод промоцијата на дипломираните питомци од Воената aкадемија „Михајло Апостолски“
Среда, 31 Јули 2013

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија и на Министерството за одбрана,
Почитувани присутни,

Како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми претставува особена чест да учествувам на оваа промоција на 13. класа на питомци на Воената академија „Михајло Апостолски". Промоција која е воедно и ваше произведување во прв офицерски чин. Ви честитам вам, на вашите професори, на вашите родители, на вашите ближни кои денес се гордеат со вас.


Ценети присутни,

На денешен ден, пред точно еден век, во Букурешт, беше потпишано примирјето меѓу државите-учеснички во Втората балканска војна од 1913 година.
Ден кога македонскиот народ сè уште немаше сопствена држава и армија како еден од атрибутите на државноста.
Ден кога нашите предци кои, иако учествуваа во војната за ослободување на Македонија, беа лишени од учество во мирот на рамноправна основа. Тие ги споделија обврските од борбата за ослободување, но беа лишени од уживање на придобивките од слободата, која остана недофатна. Недофатна сè до вториот Илинден од 1944 и третиот Илинден од 1991 година.

Тоа што го немавме тогаш, го имаме денес. Имаме сопствена држава и сопствена Армија. Армија која го гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Армија која е чувар на мирот и безбедноста на сите македонски граѓани. Армија која постојано се надградува, усовршува и надополнува со нова енергија, нови сили, нови војници и нови старешини, како што сте тоа вие денес.

Денес нашата Армија се зацврстува и пополнува со нова генерација офицери-потпоручници.


pitomci2Почитувани идни офицери,

Ви честитам за успешното завршување на студиите на Воената академија „Михајло Апостолски". Вие сте прва генерација која дипломира по повторното возобновување на Воената академија, како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев".

Ви честитам и за произведувањето во чин потпоручник. Тоа е почеток на вашата офицерска кариера во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана.

Вие сте иднината на нашата Армија. Како офицери во Армијата на Република Македонија, имате патриотски долг кон нашата татковина, долг да го негувате заветот што ни го оставија илинденците, борците од Народноослободителната и антифашистичката борба, завет што е оставен од сите синови и ќерки на Македонија кои ги дадоа своите животи за ние и нашите деца да живееме во мир, напредок и благосостојба.

Вам, како и на вашите претходници кои го започнаа и завршија школувањето на нашата Воена академија, во самостојна и суверена Република Македонија, ви припадна привилегијата целосно да бидете образувани според стандардите на НАТО.

Од веќе познати причини, за жал, сè уште формално не сме полноправна членка на НАТО. Но, и покрај сите предизвици, остануваме посветени на остварување на стратешките цели. Цели кои јасно и недвосмислено го отсликуваат националниот консензус – полноправно членство во НАТО и во Европската унија.

Во меѓувреме ќе продолжиме да се однесуваме и да ги споделуваме одговорностите и принципите што владеат во Алијансата, и покрај тоа што ги немаме придобивките од членството.

Во моментот кога нашата татковина Република Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата, токму вие ќе бидете нашите македонски НАТО-офицери. Тоа е голема чест, но и голема обврска, за која сум уверен дека ќе ја исполните со сето достоинство што ѝ прилега на Армијата на Република Македонија.

Како ваш врховен командант, од вас очекувам да внесете нови знаења во структурите на Армијата на Република Македонија. Сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците на Армијата. Очекувам да придонесете во зацврстувањето на борбената готовност и моралот на нашата Армија.

За два дена, на 2 Август, ќе го прославиме нашиот најсветол празник – Илинден. Никогаш не заборавајте дека треба да се водите од три принципи вградени во нашата Армија од вашите претходници: патриотизам, постојаност и професионалност. Само така ќе останете доследни на заветот оставен од илинденците и АСНОМ-ците.


Да живее Република Македонија!

pitomci3

Обраќање по повод почетокот на манифестацијата „Илинденски коњанички марш 2013“
Сабота, 27 Јули 2013

Ценети учесници на „Илинденскиот марш 2013-та“,
Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Навистина сум особено почестен поради можноста да бидам покровител на манифестацијата „Илинденски коњанички марш 2013“ и да бидам денес меѓу вас. Честа е уште поголема и поради фактот што годинава се одбележуваат 35 години од првиот марш во 1978 година. Сево ова во годината кога одбележуваме 110 години од славното Илинденско востание и првата Република на Балканот – Крушевската.  Благодарение токму на оваа манифестација на специфичен и оригинален начин, преку коњаничкиот марш од Лисиче до славното Крушево, се  одржува жив споменот на илинденските востаници и на нивната борба за слободна и независна Република Македонија. Она што го трасираа илинденците во 1903, а го продолжија Асномците со вториот Илинден во 1944,  беше заверено со референдумот  во 1991. Повеќе од две децении, ние, сегашните генерации Македонци сме благословени да живееме во слободна и независна македонска држава.

Почитувани,

Македонските патриоти со срце и душа ги празнуваат своите празници и секогаш наоѓаат начин да им оддадат признание на најсветлите ликови во нашата историја. Учеството на „Илинденскиот коњанички марш“ е предизвик, но и привилегија и чест. Секоја година има сè повеќе и повеќе пријавени кандидати за учесници и сè повеќе и повеќе пријатели и поддржувачи на манифестацијата. „Илинденскиот коњанички марш“ е култен настан кој секоја година се подготвува и се реализира со душа и срце.

Но, ова не е марш и манифестација само за спомен на минатото, тоа е и влог во сегашноста и залог за иднината. Македонските граѓани, овде во Лисиче, во Крушево, и во секое друго македонско село или град, никогаш нема да ја заборават жртвата на илинденците и нема да дозволат никој да ја доведе во прашање македонската државност.

Дозволете ми, на крајот на ова обраќање, да им оддадам признание и да им се заблагодарам на сите кои се вклучени во маршот. Оние кои го организираат, оние кои финансиски го помагаат, сите вие кои сте денес собрани во црквата „Свети Петар и Павле“ и кои непосредно ја изразувате вашата поддршка кон коњаниците. На коњаниците им посакувам среќен пат и безбедно пристигнување во Крушево.

Ја прогласувам манифестацијата Илинденски коњанички марш 2013 за отворена.
Да ни е вечен споменот на Илинден, да ни е вечна Република Македонија!

Благодарам.

Обраќање по повод доделувањето признанија и одликувања на 9 македонски организации од дијаспората и 13 поединци – припадници на македонската дијаспора
Петок, 26 Јули 2013

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Токму на денот кога со повеќе настани ја одбележуваме 50-годишнината  од катастрофалниот скопски земјотрес и кога се сеќаваме на настраданите, но и на солидарноста, пријателството и хуманоста, имам чест да доделам повелби на Република Македонија и медали за заслуги за Република Македонија. Високите признанија се доделуваат на поединци и македонски иселенички организации од Европа, Канада, САД и Австралија, кои со својот ангажман остварија траен придонес во промовирањето и заштитата на нашиот национален и културен идентитет и придонесоа за промоција на Република Македонија во земјите во кои живеат и работат. Овој настан се случува во годината кога одбележуваме 110 години од Илинденското востание и 100 години од погубниот Букурешки договор. Токму овие летни денови во нашава земја се одвива и 4. Глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора, како и 4. средба на иселеничките организации при што токму со вечерашново доделување на повелбите и ордените се завршува овој собир. Како резултат на сево ова имаме чест во нашата земја да присуствуваат голем број наши иселеници од сите краишта на светот. Гледајќи ве собрани во својата матица, верувам дека по 22 години независност дојде моментот кога треба посплотени и пообединети да работиме на економскиот прогрес и развој на Република Македонија. Тоа е мисија која бара многу напори и макотрпна работа. Во оваа мисија, неизбежно е и особено е потребно ангажирањето на нашите сонародници кои живеат надвор од Република Македонија, со сиот нивен интелектуален, образовен, економски потенцијал. Мора да градиме цврсти и искрени врски помеѓу татковината и иселениците. Често во минатото овие односи беа обременети со поделби, недоверба, сомнеж. Во последниве години се работи на суштинско поврзување. Убеден сум   дека, меѓу другото и можноста, Македонците кои живеат надвор од границите да гласаат на изборите е една од придобивките која, секако, е јасен сигнал за нивната значајна улога и неотуѓиво право за да учествуваат во општествениот, политичкиот и економскиот живот на Република Македонија.

Почитувани,

Политичките, социјалните, идеолошките и економските мотиви направија илјадници и илјадници наши сонародници да ги напуштат своите родни огништа и среќата да си ја побараат далеку од своите домови. Во време на глобализиран свет, на нови отворени можности, на рушење на бариерите и границите, Македонците го доживуваат своето духовно обединување. Македонските родољуби без разлика каде и да се наоѓаат со срцето и мислата се со својата матица, со Република Македонија и со голема инспирација и ентузијазам постојано се залагаат за унапредување на Република Македонија, на политички, социјален и економски план.

Дами и господа,
Браќа и сестри кои живеете надвор од границите на Република Македонија,

Со вашата искрена поддршка за Македонија, со негување на македонското име и идентитет, на нашите традиции и обичаи, на нашата култура, вие давате пример кој треба да го следи оваа и наредните генерации Македонци од дијаспората.

Вие посветено работите на поддршка на развојот и напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и на нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со земјите во кои живеете и работите.

Со вашите дела покажавте колку е важно активно да учествувате во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во земјите каде што живеете и со тоа  да го зголемите влијанието на македонската дијаспора, промовирајќи ги македонските вредности.

Со сета ваша помош, поддршка и неуморен ангажман, вие заслужено се најдовте на листата за докажани и заслужни поединци и организации. Затоа, во знак на нашата длабока почит и благодарност кон сите вас, денес во името на сите граѓани на Република Македонија, ви доделуваме повелби за Македонија и медали за заслуги на Република Македонија.

Благодарам.

brdo
Учество на состанокот на лидерите од Брдо процесот, Република Словенија – да се забрза интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ
Четврток, 25 Јули 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Нашите денешни домаќини, претседателот Пахор и претседателот Јосиповиќ понудија модел втемелен врз солидарност и партнерство во европските интеграции на земјите од регионот. Ви благодарам што ни овозможивте на највисоко ниво да дискутираме за најсуштинското прашање за нашиот регион – проширувањето. Особено, што претседателот Оланд ќе ја има можноста да ги слушнe нашите потреби, предизвици и аргументи.

Утре одбележуваме 50 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Во неодамнешното минато, Југоисточна Европа претрпе катастрофа од друг вид -изолации, поделби и конфликти. Како што на разрушеното Скопје му беше неопходна светската солидарност за да биде обновено, така и на нашиот регион му е потребна европската солидарност за да се интегрира онаму каде географски и вредносно припаѓа –  во Европската унија.

Екселенции,

Во случајот со Македонија, Европската унија се соочува со еден парадокс. Камен-темелникот на Европската унија е воедно и нејзин камен на сопнување. Унијата се темели на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и еднакви принципи кон сите. Овие темелни вредности се погазени во случајот на Македонија.

Република Македонија е земја-кандидат за членство во Унијата од 2005 година. Од 2009 година во континуитет имаме позитивни препораки за почеток на пристапните преговори. Сепак, на последниот Европски совет во јуни воопшто и не се разговараше за Македонија, за што во најмала рака може да се каже дека е некоректно и непринципиелно. Сакам многу отворено и искрено пред сите вас да зборувам со факти и аргументи.

Прво, веќе четири години, членките на Унијата се солидаризираат со членка која од нас го бара незамисливото – погазување на човековите права, правото на самоидентификација, на човечко достоинство. Од нас се бара да дојдеме до заемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето околу името.

Прашањето е како да се реши ова прашање кога нема со кого да разговараме. Грција ги одбива нашите иницијативи за директни средби. Го одбија и последниот предлог од премиерот Груевски. Предлог за насочување на сите напори кон конечно решавање на билатералното прашање, преку директна комуникација меѓу премиерите и нивните тимови. Одговорот од Атина е дека нема потреба од средба бидејќи Грција не е таа што ја блокира Македонија, туку Унијата. Денес на оваа маса имаме претставници на три земји-членки. Очекувам да слушнам дали е вистина тоа дека Унијата нè блокира или, пак, е тоа Грција?

Второ, веќе година и половина, членките на Унијата ја игнорираат пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011. Пресуда која јасно стави до знаење дека во нашиот случај се крши принципот на владеење на правото, се кршат меѓународните обврски што Грција доброволно ги презела.
Трето, во нашиот регион има позитивни примери кои дадоа резултати. Онаму каде што има волја, има и начин. Преку својот ангажман, Унијата помогна Хрватска да влезе во европското семејство. Но, во случајот со Македонија, принципот на паралелно движење во интеграциите и надминувањето на билатералните прашања не важи.

Четврто, сведоци сме на уште еден позитивен пример - дијалогот меѓу Белград и Приштина кој се водеше под покровителство на баронесата Ештон. Процес кој даде резултати. Во нашиот случај, пак, од 2009 па до сега, Унијата не вложува енергија за да нè седне на заедничка маса за да најдеме решение. За волја на вистината, комесарот Филе се обиде да ги седне министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија на заедничка маса со него, но Грција го одби и овој предлог.

Петто, Грција во континуитет се крие зад принципот на солидарност во НАТО и во Унијата. Тоа значи непочитување на рамката во која се водат разговорите, а тоа се резолуциите на Советот на безбедноста 817 и 845, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Веќе четири години барам од многу лидери да побараат од Грција да се придржува до рамката. Рамка која е создадена од петте постојани членки на Советот на безбедноста. Моите напори до сега не вродија со плод.

Ценети екселенции,

Неодамна со претседателот Пахор разговаравме за тоа како да се деблокира процесот. Тој е во право кога вели дека е потребна иницијатива од македонска страна. Дека е потребен прагматичен и уверлив чекор што нема да го остави Европскиот совет рамнодушен.

Ви понудив пет аргументи со кои може да се побара од Грција да се однесува европски кон земја-кандидат и сосед, кон регионот и кон колективниот интерес на Унијата. Сега ќе ги чуете компромисите што мојата земја до сега ги направи во напорите да се реши ова прашање.

Прво, во 1992 година, под притисок на Грција го променивме Уставот, потврдувајќи ја мирољубивата политика на мојата земја. Потврдивме дека немаме територијални претензии и дека немаме намера да се мешаме во суверените права и во внатрешните работи на други држави.

Второ, во 1993 година Република Македонија прифати да биде примена во Обединетите нации под привремен начин на обраќање.

Трето, мојата земја прифати да разговара за разликите околу името. Иако природно право е на секоја држава сама да одлучува за своето име, Република Македонија направи уште еден компромис.

Четврто, во 1995 склучивме Времена спогодба со Грција, која само ние ја ратификувавме, и која само ние ја почитуваме. Со тоа Македонија донесе мошне тешка одлука која е незамислива за речиси сите други земји – промена на најважниот национален симбол – државното знаме.

Петто, непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Предлог, за кој, доколку беше прифатен од Грција, ќе се произнесеа и македонските граѓани на референдум. Но, бевме блокирани.

Ве прашувам, сите вие присутни денес, дали би биле подготвени да направите компромиси какви што направи Република Македонија? Зар може некој да каже дека Македонија е бескомпромисна?

Дами и господа,

Старогрчкиот драматург Менандер вели дека „ништо не е покорисно од молкот“. Дали е ова слоганот од кој се води современата грчка дипломатија во однос на името? Ако е така, тогаш, каде е изворот на грчкиот молк? Дали тишината во Брисел е причина за молкот во Атина?

Во време кога Унијата закрепнува од кредитната криза, се соочува со губење на кредибилитетот на политиката на проширување. Етимолошкиот корен на поимот кредибилитет е во латинскиот credo – да се верува. Македонските граѓани веруваат во моќта на Унијата да донесе мир, благосостојба и напредок. Со неодлучноста на европското лидерство се доведува во прашање довербата. Верувајте, најмалку што сакаме да видиме е банкрот на европската идеја.

Ние немаме план Б. Единствено што не знам е дали Европската унија има план Б. Но, имале или не, на нас е ние самите да ја создаваме Европската унија во Македонија, да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја создаваме европската агенда, самите да го правиме скринингот. Кога датумот ќе дојде, ние ќе бидеме подготвени. Ние ќе продолжиме со реформите за доброто на нашите граѓани. Продолжуваме активно да работиме на сите полиња бидејќи овој процес не може да биде за нас, без нас.

Ценети екселенции,

Датумот и почетокот на преговорите имаат двојна моќ. Ако се овозможат, тогаш тие стануваат дел од решението на предизвиците со кои се соочува и земјата и регионот, бидејќи создаваат поволен реформски амбиент. Ако не се овозможат, тие стануваат извор на нови проблеми.

Идејата за членство во НАТО и во Европската унија е обединувачки фактор за нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиозно општество. Ако Грција сака да игра на оваа карта, ако Грција сака да ја тестира нашата способност да опстанеме како држава, веднаш ќе ви кажам дека игра многу опасна игра. Опасна за регионот и за Унијата.

Дали денес ќе имавме ваква унија ако постарите земји-членки се однесуваа онака како што Грција се однесува кон нас? Ако Унијата дозволува една нејзина членка да не почитува меѓународно преземени обврски, резолуции на Советот на безбедноста, пресуди на Меѓународниот суд на правдата, тогаш постои опасност ова да стане правило наместо исклучок. Тогаш, ќе се соочиме со поголема анархија и непредвидливост во меѓународните односи.

Ценети присутни,

Во годината кога славиме 125 години од раѓањето на големиот Европеец, Жан Моне, се сеќаваме и на неговото предупредување: „Ветото е длабока причина, а истовремено и симбол на немоќта да се надминат националните егоизми. Најчесто е израз на најдлабоки и безусловни блокади“. Да не дозволиме ветото да ја обезвредни Европа како мировен проект. Да не дозволиме камен-темелникот  на Унијата да стане камен на сопнување на европската идеја.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 38 од 64