Говори и обраќања
gev01
Цврсто сме решени да ги спроведуваме европските вредности, стандарди и критериуми - обраќање на приемот за членовите на дипломатскиот кор во Република Македонија
Сабота, 18 Јануари 2014

Почитувани претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ве поздравам во Гевгелија, градот чиј дух на гостопримство е вткаен и во неговото име. На прагот на новата 2014 година, ви посакувам вам и на вашите семејства многу здравје, среќа и благосостојба. На вашите народи и земји, со кои Република Македонија одржува и развива блиски и пријателски односи, посакувам многу напредок и просперитет.

„Ниту еден човек не е остров сам по себе", напиша поетот Џон Дон пред 390 години. Денес, во услови на длабока глобална меѓузависност, би можеле да кажеме дека ниту една држава не е сама за себе. Не сме имуни на она што се случува во светот, на глобалните економски и политички процеси, на глобалните предизвици. Но, како што односот со другите луѓе го прави човека човек, така и нашите држави се побогати токму преку односите со другите држави. Односи, за чие градење, унапредување и продлабочување сте најзаслужни вие, дипломатите.

Вие придонесувате за унапредување и развој на односите на Република Македонија со вашите земји. Не само политичките, трговските и економските туку и културните, научните и образовните односи. Но пред сè, меѓучовечките односи втемелени врз споделените вредности и принципи. Вашиот придонес е навистина многу значаен и јас, лично, многу ви благодарам за тоа. Ве охрабрувам да продолжите со вашиот ангажман во што ќе ја имате, како и досега, нашата целосна поддршка.

Почитувани присутни,

Во изминатите пет години македонската надворешна политика доследно се водеше од отвореноста кон сите како свој врвен принцип.

Вложивме многу енергија во создавањето амбиент за поуспешна билатерална, регионална и мултилатерална соработка со земјите од непосредното и поширокото соседство. Притоа, се водевме од принципот дека добрососедските односи се двонасочна улица и дека најмногу зависат од земјите во регионот.

Свесни дека само заедно можеме да го градиме успехот на Југоисточна Европа, се залагавме за инфраструктурно, енергетско, економско поврзување на нашите земји. Ме радува што највисоко на агендата на регионот е поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10. Тоа значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашиот регион.

Ги унапредувавме старите и градевме нови односи и со европските, но и со воневропските центри.

Имавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг.

Како признание за заложбите на Република Македонија за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство, бевме избрани за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на земјите кои ја поддржаа нашата кандидатура.

На парадигмата на конфликтот меѓу цивилизациите ѝ ја спротивставивме парадигмата на дијалогот меѓу религиите и цивилизациите. Вековната македонска традиција на соживот, прифаќање и почитување на различностите, како наша најголема и најскапоцена вредност, ја вложивме во светските конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и во Алијансата на цивилизациите.

Неодамна, во моето годишно обраќање, ја запознав пошироката јавност со сите успеси и достигнувања на Република Македонија на внатрешен и надворешен план за време на мојот мандат. Денес, пак, сакам да споделам со вас како ја гледам Република Македонија и целиот регион во наредниот период.

Оставајќи го зад себе турбулентното време на изолација, поделби и конфликти, регионот навлегува во период кога ќе имаме промени на подобро. Анимозитетите и предрасудите целосно ќе им отстапат место на соработката, довербата и свртувањето кон иднината. Сè уште има предизвици од некои старомодни политичари. Но, едно е јасно. Процесот за европеизација на Балканот започна и не може да се врати. Во основата на тој процес е желбата на граѓаните за подобар живот. Желба чие остварување може да се забрза преку интеграциите, преку соработка и заемна поддршка, каква што немало досега на Балканот. Во ваква реалност нема место за политичари со затворени умови, чии политики се само моментални состојби и не се одраз на интересите на граѓаните и на пошироките интереси.

Ценети екселенции,

На почетокот спомнав дека Гевгелија е град на гостопримството кој ги отвора своите врати за секој добронамерник. На прагот на 2014-та, која е прогласена за година на мирот, одбележуваме еден век од почетокот на Првата светска војна. Недалеку од Гевгелија се протегаше македонскиот фронт, на кој се водеа некои од најжестоките битки кои влијаеја на исходот на Големата војна. Но, лекцијата не беше научена, и историјата се повтори, уште потрагично. Од урнатините и пепелта на Втората светска војна конечно почна да се гради Европа како мировен проект.

Токму затоа, од Гевгелија, од овој пограничен град, сакам да упатам покана до нашиот јужен сосед за соработка и заемна поддршка, онака како што тоа секојдневно го прават нашите граѓани и општества.

Република Македонија целосно се вклопува во визијата за регионот. Како земја со длабоко европско минато, остануваме насочени кон достигнување на нашата европска иднина. Имавме континуирани реформи кои резултираа со визната либерализација, со позитивните извештаи од Европската комисија и со препораките за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

Сакам јасно да истакнам дека status quo состојбата во поглед на евроинтеграциите не нè обесхрабрува. Цврсто сме решени да ги спроведуваме европските вредности, стандарди и критериуми во Република Македонија за доброто на нашите граѓани. На тој наш пат не сме осамени. Како партнер ги имаме Европскиот парламент, Европската комисија, но и сè побројните земји-членки кои ја поддржуваат европската иднина на Македонија. Ним сме им навистина благодарни.

На самиот крај, би сакал да ви се заблагодарам за севкупната досегашна поддршка, што вие и земјите кои ги претставувате, ѝ ја дававте на Република Македонија.

Ви благодарам.

gev03

PRMportret
Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Вторник, 31 Декември 2013

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На прагот сме на новата година. Тоа е можност да се потсетиме на успесите што сме ги постигнале, предизвиците со кои сме се соочиле, но и да бидеме благодарни за нештата со кои сме дарувани. Љубовта на нашите најблиски. Топлината на нашите домови. Мирот, безбедноста и сигурноста на нашата татковина Македонија.

Ова е време на обновена решителност, оптимизам и надеж. Време на солидарност и милосрдност кон помалку среќните и кон изнемоштените. Но, и време на благодарност кон храбрите чувари на нашата безбедност, поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува.

Драги сограѓани,

Како држава славевме победи и се соочувавме со падови. Бевме признавани, но и блокирани. Но, најважно од сè, остануваме доследни на вистинските вредности и упорни во остварувањето на нашите праведни цели и стратегиски определби.

На тој наш пат не смееме да заборавиме дека, каква Македонија ќе градиме, таква ќе ја имаме. Затоа, во сè што правиме, да го вложуваме најдоброто од нас. Како родители и деца, соседи и пријатели, како учители и ученици, работодавачи и вработени, да бидеме полни со љубов, жедни за знаење и посветени на успехот. Да останеме верни на вековната традиција на соживот, преку меѓусебно разбирање, прифаќање и почитување.

И најважно од сè, да се престигнуваме во добрина.

Им посакувам на сите граѓани на Република Македонија во татковината, но и надвор од неа, среќни и радосни новогодишни и божиќни празници.

Среќна и бериќетна Нова 2014 година!

Д-р Ѓорге Иванов

godisno01
Создадени се услови Советот за безбедност да ја ефектуира хашката пресуда - годишно обраќање на претседателот Иванов во Собранието на Р. Македонија
Понеделник, 23 Декември 2013

obrakanjeПочитувани граѓани на Република Македонија,
Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Почитувани претставници на верските заедници на Република Македонија,
Претставници на медиумите,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ова е мое последно годишно обраќање во мандатот. Мандат кој го започнав со траумите од Букурешкиот самит и последиците од светската финансиска криза.

Затоа, во ова мое обраќање, мојот мандат го поврзувам со сето она што се случуваше во изминатите пет години. Развој и раст на Република Македонија на секој план, но и моменти кога надежите стануваа сомневања, па дури и разочарувања.

Наспроти пречките и блокадите, во изминативе години нашата меѓународна позиција зајакнува. Стекнуваме сè повеќе партнери, пријатели и поддржувачи во Европската унија, во НАТО, во светот.

Презедовме смели чекори и видовме дека можеме да успееме.

Како претседател го изразував државното единство и достојно ја претставував Република Македонија на меѓународната политичка сцена. Имав добра и конструктивна соработка со Собранието, со Владата, со сите ресори на извршната, законодавната и судската власт.

Почитувани присутни,

Највисок приоритет во текот на мандатот ми беше одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на државата. Субјектите на системот за национална безбедност дејствуваа единствено и координирано во преземањето на мерките и активностите за заштита на највисоките цели и интереси. Имав добра соработка и редовни контакти со членовите на Советот за безбедност. Како резултат на тоа, за првпат во мандатот на еден претседател на Република Македонија немаше потреба да се свика Советот за безбедност. Тоа јасно зборува дека системот за национална безбедност функционира.

Во мандатот ги дефиниравме стратегиските насоки и планови за развојот и за функционирањето на системот за одбрана. Со тоа овозможуваме Армијата на Република Македонија да продолжи да ги исполнува нашите врвни стратегиски определби. Резултатите зборуваат за тоа.

Нашата армија ги добива највисоките оценки за својата борбена способност. Почитувана е и во државата и во странство. Таа е целосно оператибилна со членките на НАТО и е подготвена за учество во колективната самоодбрана на Алијансата. Со дури 14 успешно завршени акциони планови за членство во НАТО, симболично станавме рекордер, како единствена земја која сè уште чека за прием и троши ресурси за одржување на својата подготвеност.

Од мировни сили од светот во Македонија, денес имаме мировни сили од Македонија во светот. Нашата армија учествува во три меѓународни операции предводени од Oбединетите нации, НАТО и Европската унија.

Македонската посветеност кон слободата, мирот, безбедноста и демократијата во светот е меѓународно ценета. На сите мои бројни средби низ светот, светските лидери и воените команданти истакнуваат дека македонските мировници доследно ги споделуваат одговорностите и ризиците со нашите партнери и сојузници.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

obrakanje1Во 2009 година, во моментот кога ја преземав должноста претседател, на надворешнополитички план, Република Македонија сè уште закрепнуваше од неправдата од Букурешт. Оптимизмот со кој го очекувавме нашето заслужено членство во НАТО се претвори во огромно разочарување.

Но, за неполни пет години работите се сменија, затоа што не потклекнавме и не прифативме непринципиелни ултиматуми.

Имавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд од Хаг.

Целиот мој мандат е проследен со позитивни извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија. Пет години по ред добиваме препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

Со напорни реформи заслужено ја добивме визната либерализација за нашите граѓани.

Имавме успешно претседавање со Советот на Европа и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Останавме посветени на нашата европска политика. Како претседател на европска држава, постојано ги потсетував нашите европски партнери дека Европската унија е мировен проект, и дека нема да биде целосна без Македонија во неа.

Го зацврстивме меѓународниот углед на Република Македонија. Во текот на мандатот, претставувајќи ја Република Македонија на меѓународната политичка сцена, досега остварив преку 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Имав преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Преку 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. За време на мандатот имав повеќе од 400 средби со странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија.

Подеднакво внимание посветував и на европските и на воневропските центри. Тоа, секако, даде резултати.

Со поддршка од дури 177 земји-членки на Обединетите нации, Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание за заложбите на Македонија за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство.

Постојано работев на унапредување на старите и создавање нови пријателства за Македонија. Со сите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Обединетото Кралство и Франција, ги продлабочувавме старите и градевме нови односи.

За време на мојот мандат се зголеми бројот на признавања и на воспоставени дипломатски односи со земјите во светот.

Како држава организиравме светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Станавме препознатливи во светот како микрокосмос на религиски плурализам. Ја потврдивме и ја зацврстивме улогата на Македонија во Алијансата на цивилизациите.

Сето тоа се должи на нашата отвореност. Од денот на инаугурацијата, при првото обраќање во ова Собрание ја промовирав отвореноста кон сите како врвен принцип во надворешната политика. Принцип, благодарение на кој, го отворивме патот на Република Македонија кон новите и растечки евроазиски пазари.

Вложив многу во создавањето амбиент за поуспешна билатерална и мултилатерална соработка со земјите од непосредното и поширокото соседство. Ги започнавме регионалните претседателски самити со претседателите на Албанија, Црна Гора и Косово. Во време кога беше изолирано, се залагавме да го вклучиме Косово во регионалната соработка.

Никогаш не ги заборавав македонските заедници, не само во соседството, туку и пошироко. Каде и да одев, се среќавав со нив. На многу заслужни поединци и организации од дијаспората, кои придонеле за Македонија, симболично им се заблагодарив со државни признанија.

Ценети присутни,

Постојано тврдам дека добрососедските односи се двонасочна улица и дека најмногу зависат од земјите во регионот. Уверен сум дека недоразбирањата пред кои се најдоа билатералните односи со Република Бугарија се состојба што ќе биде надмината. Сакаме да ги градиме и да ги развиваме односите во духот на пријателството и добрососедството.

Направивме сè за успешно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. За жал, старите балкански комплекси и предрасуди повторно заживеаја во пресрет на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот. Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да го откажам Самитот. Не дозволив преку грбот на Македонија да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија.

Во името на државата со државни одликувања им се оддолжив на некои од македонските пријатели кои застанаа зад нас, кои нè признаа и поддржуваа, тогаш кога многумина нè негираа и нè обесхрабруваа.

Преку личен пример, целиот мандат инсистирав на активна, професионална и прагматична дипломатија, но и на проактивна економска и јавна дипломатија.

Целата дипломатија ја ставивме во функција на економскиот развој на државата.

Почитувани,

Пет години светот се наоѓа во глобална финансиска криза. Но, и во такви услови како држава успеавме да го отвориме патот за странски инвестиции во Македонија, но и за македонските производители на странските пазари. Со сето она што беше преземено од страна на Владата, успеавме да отвориме големи економски можности за нашата татковина.

Успеавме да ја внесеме Македонија во планот за гасоводот „Јужен тек". Од енергетски изолирана и зависна, Македонија станува енергетски поврзана и меѓузависна. Со тоа ќе ја обезбедиме енергетската иднина на Македонија.

Ја вклучивме Република Македонија во иницијативата на Народна Република Кина за потесна соработка на економски план со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Како резултат на тоа, Македонија доби поволна можност за развивање на патната инфраструктура.

Издејствувавме највисоко на агендата на регионот да биде поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 и Коридорот 10. Тоа значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашата држава и на нашиот регион.

obrakanje4Дами и господа,

Преземајќи ја должноста, истакнав дека силно ќе се залагам и ќе го поттикнувам развојот на демократијата и ќе ги поддржувам сите иницијативи што ја приближуваат нашата држава до нејзината суштина - интересот на македонскиот граѓанин. Со успешно спроведени предвремени парламентарни и локални избори, Република Македонија покажа дека е функционална демократија. Но, како релативно млада демократија, сè уште не сме целосно имуни на одредени проблеми.

На внатрешнополитички план, годината започна во тензична политичка атмосфера која беше разрешена со договор меѓу политичките партии во којшто како претседател зедов активно учество. Постојано предупредував дека сите недоразбирања треба да се решаваат во институциите.

И во 2011 и во оваа година која изминува загубивме многу време со ваквите институционални блокади. Сепак, разумот надвладеа и локалните избори поминаа во најдобар ред, онака како што ѝ доликува на Република Македонија. Во август 2013 година, Комисијата за 24 декември ја заврши својата работа и даде корисни препораки за надминување на увидените недостатоци. Но, мора веќе еднаш да ја научиме лекцијата. Затоа и во ова, петто по ред, обраќање повторувам: дијалогот да го водиме во институциите. Да не се свикуваат лидерски средби за прашања кои се решаваат во институциите.

Во сите години на мојот мандат, Македонија добиваше позитивни извештаи од Европската комисија за својот напредок. Годинашниот извештај покажува дека македонското законодавство во голема мера е хармонизирано со законодавството на Европската унија. Дека е направен сериозен економски, социјален и демократски напредок. Посветена на реформите, Република Македонија ги спроведува европските вредности, стандарди и критериуми.

Во извештајот има објективни оцени дека во некои области се движиме со побавно темпо. Има оцени за состојбата на парламентаризмот, за меѓуетничките односи и медиумската култура, за правосудството и справувањето со корупцијата. Тие оцени ги прифаќам како совети и укажувања што треба сериозно да се земат предвид.

Како што истакнува извештајот, клучните долгорочни реформи во областа на судството веќе се завршени во согласност со европските критериуми. Успешно се применуваат најзначајните реформски закони.

И покрај реформите има уште работа. Свесен сум за незадоволството што граѓаните го имаат од правосудството. Впрочем, за тоа се и најголемиот број на претставките што доаѓаат до мене. Мораме да бидеме реални. Направени се сериозни реформи кои треба да го дадат својот резултат.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

За време на мандатот ја одбележавме 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор, кој стана дел и од Уставот на Република Македонија. Договор чие остварување беше позитивно оценето. Сепак, институции и процедури произлезени од него треба да ја исполнуваат својата функција. Претходната деценија беше деценија на права. Оваа, втора деценија на Охридскиот рамковен договор е деценија на права, но и заемни обврски за сите нас. Права и обврски што произлегуваат од свеста за тоа какви треба да бидеме како луѓе за да живееме во согласност едни со други.

Загрижуваат појавите на меѓуетничка нетрпеливост кај младите. Секоја генерација е одговорна да го негува и да го пренесува македонскиот модел на соживот. Секоја генерација е должна младите да ги образува со традицијата на македонскиот соживот, традиција од која извира и нашиот демократски систем.

Низ целиот мандат огромно внимание посветив на промовирање на македонскиот демократски модел, кој е граден со векови, како модел на интеграција без асимилација. Македонскиот начин на живот во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот, без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет. Другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување.

Уверен дека дијалогот и заемното почитување меѓу религиите се неопходни за почитување и за разбирање меѓу верниците, имав чести средби со духовните лидери од нашата земја, христијани, муслимани, Евреи.

Водени од нашата традиција на соживот, прифаќање и почитување на различностите, Македонија ја направивме препознатлива како мост на поврзување и преплетување на религиите и цивилизациите.

Почитувани,

Сум настојувал секогаш да бидам со граѓаните. Кабинетот и народните канцеларии секогаш се отворени за разговори и за идеи. Многу добро знам кои се потребите, очекувањата и желбите на македонските граѓани. Преку народните канцеларии секојдневно ги добивам нивните дописи, претставки и предлози во кои ги изразуваат своите проблеми, идеи и ставови.

Граѓаните доаѓаат кај мене, но и јас одам кај нив. Ги посетувам речиси сите општини, се среќавам со нашите сограѓани и свесен сум и за успесите и за проблемите.

Македонија е синоним за мајка на многу чеда, кои иако се различни, сепак се нејзини. Македонија нè обврзува да ја градиме како татковина посветена кон успешните, солидарна кон сиромашните, грижлива кон помалку среќните, благодарна кон заслужните.

Имаме сограѓани и семејства кои се соочуваат со сиромаштија. Раните од транзицијата сè уште не се целосно излечени. Затоа, неопходно е да бидеме солидарни кон сиромашните, и заедно со нив да градиме подобра иднина. Подобра иднина за сите македонски граѓани, независно од нивната припадност.

Постојано истакнувам дека еманципацијата и целосното вклучување на Ромите во македонскиот политички, економски, социјален и културен живот е трајна определба на Македонија.

Солидарноста кон помалку среќните нè обврзува да покажеме континуирана грижа за лицата со посебни потреби, и особено внимание кон децата со аутизам. Нивното вклучување во општествените и социјалните процеси, не е само нивно право, туку и наша институционална и општествено-морална одговорност.

Со доделување на одликувања и признанија ја изразувам благодарноста на Република Македонија на нашите иселеници и спортисти, уметници и научници, на нашите живи, но и паднати херои, на сите оние што се вградиле во колективниот успех на нашата татковина.

Активно ги промовирам македонската наука и образование. Во партнерство со високообразовните институции и со МАНУ имавме значајни научноистражувачки проекти со домашни и странски партнери. Овие ангажмани донесоа и лична сатисфакција. Ми беа доделени четири почесни докторати и членство во европската и во Светската академија на науките и уметностите. Тоа е признание за нашата држава, нашето образование и нашата наука.

Особено внимание во целиот мандат посветувам на младите. Посветен сум на создавање иднина за младите, но и млади за иднината.

Младите се нашата иднина, а сепак старееме како нација. Како и многу други европски земји, се соочуваме со неповолни демографски движења.

Младите се нашата иднина, а сепак многумина од нив ја напуштаат татковината. Како и речиси сите држави од Централна и Источна Европа, и Македонија се соочува со бран на иселување на образовани, квалификувани, талентирани млади луѓе. Не можеме да ја спречиме човековата потрага по среќа, но треба да продолжиме да создадеме услови луѓето таа среќа да ја бараат и да ја наоѓаат тука. Единствен начин да го постигнеме тоа е да посветиме внимание на визиите, желбите и соништата на младите.

Бев на најголемите универзитети во Македонија и најдобрите студенти од универзитите доаѓаа кај мене. Тие најотворено разговараа со мене и ги кажуваа нивните амбиции, успеси и предизвици. Ги охрабрував да продолжат да вложуваат во личниот и колективниот успех. Нивните ставови, очекувања и предлози за унапредување на македонскиот високообразовен систем лично им ги пренесов на ректорите на универзитетите во Република Македонија. Со тоа не запре мојот ангажман како Претседател.

Ги поддржував младите научници, инженери и иноватори. Ги поддржував сите млади кои имаат отворен ум. Во таа насока посебно ме израдува и го поздравувам основањето на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија во кој еден од финансиерите ќе биде и Светската Банка.

Преку Школата за млади лидери создаваме посветени млади луѓе кои ќе водат и ќе предводат во сите сегменти на општествениот живот. Се надевам дека со тоа задржуваме стотини врвни и талентирани млади луѓе да живеат и да работат во Македонија.

obrakanje2Почитувани сограѓани,

Во изминатиот период, на надворешен и на внатрешен план, бележевме и успеси, но и се соочувавме со тешкотии. Имавме напредок, но и блокади. Но, со што и да се соочуваме, низ што и да минуваме, не смееме да ги изгубиме од вид предизвиците за иднината.

Бев избран за претседател на Република Македонија во време кога бранот на глобалната економска, финансиска и кредитна криза веќе се чувствуваше во економиите на европските држави.

Радува фактот што во овие пет години имаме подобрувања поголеми отколку што многумина проценуваа. Подобрувања како што се: економскиот развој, намалување на невработеноста, подобрување на условите за водење бизнис, зголемување на инвестициите.

Предизвици сè уште има. Иако во градовите не е лесно да се најде работа, многу од селата остануваат празни, а селските атари необработени. Неопходно ни е правилно користење на ресурсите со кои располагаме. Не смееме да заборавиме дека Македонија е во прв ред аграрна земја.

Светската економија веќе застанува на нозе. Водечките политичари и аналитичари од Европа најавуваат дека најлошото е поминато и дека состојбата во Европа се подобрува. Се враќа довербата на инвеститорите.

За да ја освоиме довербата и да донесеме што повеќе инвеститори во Македонија, неопходно ни е структурно приспособување. Само 5 отсто од компаниите ни се ориентирани кон извозот. Неопходна ни е извозна ориентација. Европската унија вложува милијарди евра во истражувања и развој. Светот веќе се занимава со новите технологии. Неопходно е повеќе да вложуваме во образование, наука и истражувања. Македонија да ја вклучуваме во регионалните образовни, научни и истражувачки проекти. Потребно ни е лидерство во иновациите и иновативни компании.

Постојано ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот. Ги охрабрувам универзитетите да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите. Ја охрабрувам Владата да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати учесници.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Меѓу бројните предизвици, еден постојано ни се наметнува и ни ја попречува иднината – проблемот што официјална Атина го има со нашето име.

За време на мојот мандат постојано истакнував дека Република Македонија е подготвена за заемно прифатливо решение, решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Прашањето за идентитетот не е дел од рамката. Идентитетот не се регулира со акт запишан на парче хартија. Идентитетот не може да се купи, украде или фалсификува. Постојано истакнувам дека нема да дозволиме промена на кој и да било аспект на нашиот идентитет.

Во минатото многумина посегнувале по нашиот идентитет и нашата самобитност. Постојано се обидувале да ни наметнат нечии туѓи идентитети и туѓи претстави за нас самите. Во време на туѓа власт, нашите предци не потклекнаа на притисоците. Нема да потклекнеме ниту ние, денес, кога имаме сопствена независна, суверена и самостојна држава. Држава која нè штити нас и нашите интереси. Никогаш повторно нема да се случи некој да ни наметнува туѓ идентитет.

Како држава и општество, жестоко реагиравме на сите обиди да се посегне по кој било аспект на македонскиот идентитет. Останав доследен на ставот да примам извештај на Европската комисија само под услов да ја содржи придавката „македонски".

Почитувани сограѓани,

Неодамна се одржа Европскиот совет, каде што повторно се соочивме со блокада на нашиот европски пат. Пет години по ред Европскиот парламент и Европската комисија даваат препорака за неодложно отпочнување на преговорите за членство, за што сме искрено благодарни. Благодарни сме им на земјите-членки на Европскиот совет што нè поддржуваат и чиј број постојано се зголемува.

Но, пет години по ред, Европскиот совет не може да го постигне консензусот поради една земја-членка. Цело време ни се испречува ултиматум од нашиот јужен сосед, не само за името на државата, туку и за идентитетот на македонските граѓани.

Блокирајќи ја нашата интеграција во НАТО и во Европската унија, Атина ни го попречува правото на просперитет.

Пропуштивме многу можности и изгубивме многу енергија обидувајќи се да излеземе од лавиринтот во кој бевме втурнати. Немаме намера на идните генерации во наследство да им оставиме ваков проблем. Проблем во кој се најдовме поради отсуство на волја за добрососедство кај дел од политичкото раководство на Атина.

Веќе 22 години светот ја слуша невистината дека името Република Македонија имплицира територијални претензии кон јужниот сосед. И веќе 22 години Република Македонија на дело ја побива таа невистина. Никој веќе не верува во таа бесмислица. Нашите општества и економии одлично живеат и соработуваат, со што ги демантираат сите обвинувања и квалификации на дел од политичката елита на соседот.

Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив. Македонија секогаш се водела од принципот дека мора да си помагаме, а не да си попречуваме. На излитената и старомодна политика на негирање, уцени и закани од страна на нашиот сосед, ѝ ја спротивставуваме македонската политика на добрососедство, отвореност и подготвеност за дијалог.

Блокадите, уцените и притисоците со кои се соочуваме се аргументи на голата сила. Вистината може да се брани само со силата на аргументот. Затоа на сите мои средби, и во земјава и во странство, упорно се борам со силата на аргументот, укажувајќи на вистината за Македонија.

Оној што не се соочува со реалноста, живее во илузии. Република Македонија е реалност на Балканот, реалност во Европа, реалност во меѓународната заедница.

Бараме и очекуваме од Атина, како земја-членка на Европската унија, со нас да се однесува европски. Бараме и очекуваме кон нас да се применуваат европски критериуми и стандарди за членство. Ни помалку, ни повеќе од тоа. Република Македонија е европска држава и заслужува европски третман.

НАТО функционира благодарение на меѓународните договори. Унијата се темели на почитувањето на владеењето на правото, на меѓународното право, на човековите права. Камен-темелникот на НАТО и на Унијата не може уште долго време да биде и камен на нивно сопнување. Државите и меѓународните организации имаат сè поголема потреба за правно уреден меѓународен поредок.

Бараме и очекуваме Европската унија и НАТО да го повратат својот кредибилитет во случајот со Република Македонија.

Драги сограѓани,

На 5 декември се навршија точно две години од донесувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во духот на добрососедството, на нашиот јужен сосед му оставивме доволен временски простор од цели две години со надеж дека во добра волја ќе ги исполни нашите, но и очекувањата на Судот. Очекувања дека нема да го повтори неодговорното однесување од Букурешт. Однесување што беше оценето како нелегално од страна на највисокиот правен авторитет во светот. Но, Атина не ја искористи можноста и продолжи да го крши меѓународното право. Продолжи непочитувањето на Времената спогодба и пресудата. Продолжија старите блокади, уцени и притисоци, зачинети со нови изговори.

Како сосед ние не посакувавме да ја тужиме Атина во Хаг, но бевме принудени на таков чекор. Како сосед, ние не посакуваме да се обратиме до Советот за безбедност на Обединетите нации, творецот на резолуциите во чии рамки се води процесот, и да бараме спроведување на пресудата и нејзино безусловно почитување. Но, како и по Букурешт и сега немаме друг избор.

Непочитувањето на меѓународно преземените обврски ја доведува во прашање кредибилноста на официјална Атина во спорот што ни го наметна. Имаме и право и основа да се сомневаме во нивната подготвеност да ги почитуваат договорите. Само почитувањето на правните механизми може да ни помогне да ја изградиме довербата.

Пресудата може да ја игнорираат, но не може да ја негираат. Таа е тука, и чека да биде испочитувана. Но, не може да чека до бескрај.

Создадени се услови да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води медијаторот Нимиц. Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Нема да дозволиме да се гази врз достоинството на Македонија, да се негираат човековите права и правото на човечко достоинство.

Почитувани сограѓани,
Почитувани Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи, Турци и Бошњаци, христијани, муслимани и Евреи...

Секогаш, во моментите на предизвици, единствена мотивација ми беа токму македонските граѓани и нивната желба за европска Македонија. Во миговите на разочарувања, единственото охрабрување ми беше сплотеноста на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество околу идејата за Македонија.

И покрај предизвиците и блокадите, истрајавме на нашата политика. И ќе истраеме. Што е наше, ќе си дојде. Дотогаш да продолжиме да ја градиме Македонија во височина, со највисоки вредности, стандарди и критериуми. Да продолжиме да ја градиме Македонија како напредна, економски и демократски развиена држава. Да ја градиме Македонија како дом на сите нејзини чеда, на сите нејзини граѓани. Да ја градиме победнички, низ успехот, онака како што заслужува.

Букурешт го победивме со Хаг.
Економската криза ја пребродивме со мудра економска политика.
Блокадите да ги победиме со отвореност.

И никогаш да не заборавиме дека нашата татковина е нашата најголема историска победа.

Да живее Република Македонија!

Stipendii
Градењето на квалитетни, високообразовани кадри е најисплатлива инвестиција – претседателот Иванов ги додели стипендиите „Борис Трајковски” за академската 2013/2014
Петок, 06 Декември 2013

stipendii3Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, на свечена церемонија ги додели стипендиите „Борис Трајковски" за академската 2013/2014 година. Стипендиите, традиционално, се доделуваат на 20 најдобри студенти за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација - МБА на Сити колеџот во Солун, Факултет за меѓународни студии, при Универзитетот „Шефилд" од Велика Британија. Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14. 890 евра при што 50% обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите педесет Сити колеџот. Претседателот Иванов им честита на стипендистите и притоа порача:


Почитуван министер за Образование и наука, господин
Спиро Ристовски,
Почитувани претставници на Сити колеџот,
Почитувани стипендисти,
Дами и господа,

Ми претставува големо задоволство по четврти пат да бидам домаќин на церемонијата на доделувањето на стипендиите, кои го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски. Со своето дело Борис Трајковски остави траен белег во македонската, но и во европската историја. Да се биде носител на стипендија која го носи неговото име е голема привилегија и чест.
Значењето на денешнава церемонија е и во фактот што покрај доделувањето нови стипендии на избраните дваесет кандидати, најдобри меѓу најдобрите пријавени на годинешниов конкурс, со нас се и стипендистите од претходните генерации. Ова секако е извонредна можност, постарите колеги да ги споделат своите искуства од студирањето на магистерските студии на престижниот Универзитет „Шефилд" со новите стипендисти.

stipendii2Почитувани стипендисти,

Сакам да нагласам дека со стипендиите „Борис Трајковски" ви се дава одлична можност талентот, знаењето и вештините да ги надградите на еден престижен универзитет, на Сити колеџот од Солун при Универзитетот „Шефилд" од Велика Британија. Покрај знаењето што ќе го добиете од врвните професори, ќе имате можност и да се сретнете и да се дружите со вашите колеги кои доаѓаат од различни земји. Искористете ја можноста за запознавање со нови култури, за размена на идеи и мислења, и стекнување нови пријателства. Несомнено, овие контакти и комуникација ќе ви бидат од корист во вашето професионално, но и лично надградување.

Постојано потенцирам дека човековиот ум е наш најзначаен ресурс. Оттука, градењето на квалитетни, високообразовани кадри, секогаш е најисплатлива инвестиција. На Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите. Поради тоа, инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Република Македонија.

Апсолутно сум убеден дека она што ќе го добиете како знаење ќе го искористите за остварување на своите визии и идеи, но и дека вашето знаење и вештини ќе бидат исползувани токму во Република Македонија каде ќе продолжите да ја градите вашата професионална кариера.
Дозволете на крајот да завршам со зборовите на Нелсон Мендела кој денес се пресели во вечноста: „токму во образованието го имате најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот. " На ова само би додал: Користете го доблесно и несебично градејќи поубав и поблагороден свет.
Од сè срце ви посакувам многу успех и среќа.

Благодарам.


stipendii

orbannov
Доделување на Орден „8 Септември“ на претседателот на Владата на Унгарија, г. Виктор Орбан
Четврток, 05 Декември 2013

Почитуван Премиер на Унгарија, господине Орбан,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Постојат две причини поради кои денешниот ден, 5 декември, влегува во историјата на Република Македонија.

Пред точно две години, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Грција ја прекршила својата обврска да не се противи на приемот на Македонија во НАТО. Со тоа, Република Македонија извојува голема правна и морална победа. Правдата, за жал, сè уште не е задоволена. Сè уште трпеливо чекаме да се испочитува пресудата на највисокиот светски правен авторитет.

Поради ова, некои ни замеруваат за неоснована вера во меѓународното право и во владеењето на правото, дури и во меѓународните односи. Сепак, принципиелноста на многу држави во светот ни дава надеж дека силата на меѓународното право и на владеењето на правото ќе надвладее над правото на силата. Држави, кои се наши пријатели, кои нè разбираат, нè охрабруваат и нè поддржуваат. Пријатели кои исправно го разбраа човековото право на самоидентификација и правото на човечко достоинство.

Тука доаѓаме и до втората причина поради која 5 декември ќе биде врежан во поновата македонска историја. Денес, Република Македонија јавно му се заблагодарува на својот голем пријател и поддржувач, премиерот на Унгарија, господинот Виктор Орбан. Му се заблагодарува со симболот на својата независност – Орденот „8 Септември".

Во време кога бевме обесхрабрувани, господинот Орбан недвосмислено изјави дека „местото на Македонија е во Европската унија и земјата заслужува да стане нејзина членка". Нема да ги заборавиме неговите зборови на поддршка во време кога Унгарија претседаваше со Европската унија, велејќи: „Интересите на Европската унија се Македонија час поскоро да стане член на Унијата и затоа сметам дека преговорите треба да започнат час поскоро".

Господинот Орбан кон зборовите придодаде и дела. Благодарни сме му за Меморандумот за Западниот Балкан што, во својство на претседавач со Европската унија, го прати до земјите-членки и на раководството на Унијата. Меморандум во кој недвосмислено бара од Унијата веднаш да ги започне пристапните преговори со Македонија, држејќи ја притоа билатералната разлика одвоена од преговорите за членство.

Континуирано и доследно, премиерот Виктор Орбан останува да биде глас на безгласните и застапник на обесправените. За тоа сме му навистина благодарни.

orban1Ценети присутни,

Поддршката од премиерот Орбан претставува продолжение на долга традиција на заемно почитување меѓу пријателските народи и држави.

Наредната година ќе славиме две децении од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Унгарија. Односи што ја одразуваат богатата историја на меѓусебното пријателство. Од средновековниот унгарски принц и македонски крал Петар Делјан, па сè до македонските преродбеници кои пред два века во Будим ги печатеа првите учебници со кои го просветуваа македонскиот народ. Пријателство зацврстено пред 70 години, кога Унгарија ги отвори вратите за македонските деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција, и им стана втор дом на бездомните и прибежиште на прогонетите.

Дами и господа,

Поддршката, пријателството и солидарноста во односите меѓу Унгарија и Македонија треба да бидат пример за тоа како една земја-членка на Европската унија треба да се однесува кон земја-кандидат. Во очекување на декемврискиот состанок на Европскиот совет, сакаме да веруваме дека петтиот позитивен извештај на Европската комисија за Македонија конечно ќе биде прифатен и дека Унијата ќе го оправда сопствениот кредибилитет. Бараме и очекуваме еднаков третман кон сите земји-кандидати. Бараме и очекуваме билатералните прашања да не го попречуваат интегративниот процес и да се следат позитивните примери.

Независно од исходот на декемврискиот совет, знаеме дека во Унијата имаме пријатели што сакаат да ја видат Македонија во европското семејство. Пријатели како премиерот Орбан, Унгарија и унгарскиот народ. Затоа, на самиот крај, уште еднаш, во името на Република Македонија и македонските граѓани и во мое лично име, Ви благодарам, господине Премиер, за континуираната и сесрдната поддршка што ни ја давате за остварување на сонот за европска и евроатлантска Република Македонија. Ве молам ова признание да го чувствувате како израз на благодарност кон Вас лично, но и кон многуте претходни унгарски државници и кон пријателскиот унгарски народ.

Ви благодарам.

orban2

vienaobrakanje
ЕУ да остане достојна на визијата за обединет и отворен континент - обраќање на 3. Конференција на Центарот за глобален дијалог и соработка, Виена
Среда, 04 Декември 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува вистинско задоволство да учествувам на Третата конференција на Центарот за глобален дијалог и соработка. Центар што се фокусира на изнаоѓањата решенија за актуелните глобални предизвици. Му благодарам на поранешниот претседател на Република Бугарија, господинот Петар Стојанов, за укажаната чест.

Ценети присутни,

Салата во која денес сме собрани е посветена на старогрчкиот митски херој Херкулес. Можеби нашите домаќини со изборот на оваа сала сакаат да ни пратат порака – дека предизвиците со кои денес се соочува светот бараат натчовечки напори за да се решат.

Не знам дали се неопходни натчовечки напори, но знам дека се неопходни здружени напори меѓу поединците, државите, регионите за надминување на глобалната криза. Потребна е синергија.

Дами и господа,

Светската економска, финансиска и кредитна криза создаде големи проблеми и предизвици за сите нас, за сите наши држави. Од 2008 година до денес бројот на невработени во светот се зголеми неколкупати, дури и во високоразвиените земји. Поради отсуство на фискална дисциплина, многу земји се соочија со опасноста од банкрот, вклучително и некои земји-членки на Европската унија. За милиони во Европа и во светот, неоснованиот оптимизам беше заменет со огорчен песимизам, а надежите со безнадежност. Во меѓувреме, часовникот на глобалниот јавен долг постојано и неуморно отчукува.

Глобалната економска криза не функционира изолирано, туку паралелно со други регионални и глобални потреси.

Незадоволството, изолацијата и огорченоста што произлегоа од економската криза создадоа плодна почва за нетолерантноста и за непочитувањето на различноста. Се случи Арапската пролет, конфликтите во Северна Африка и Медитеранот. Бројот на бегалци од воените конфликти на Блискиот Исток се зголемува. Кон нив полека започнува да се придодава уште една загрозена категорија. Пред неколку дена светот беше преплавен со веста за првиот климатски азилант од Кирибати.

Додајте ги кон тоа предизвиците со кои се соочува остварувањето на милениумските развојни цели, добиваме една темна слика на глобалната криза. На прв поглед, навистина изгледа дека се неопходни натчовечки напори за излез од кризата.

Но, што е во основата на кризата? Човекот е изворот на голем дел од проблемите и предизвиците со кои се соочува нашиот свет. Оттука, и одговорот на тие предизвици треба да ги бараме кај човекот. Не ни требаат натчовечки напори, туку здружени напори, освен ако здружувањето не го сметаме за натчовечко. Антагонизмите што владеат во човештвото треба да бидат заменети со синергија. Лекот е во поврзувањето и во меѓузависноста, што подразбира и споделени права и одговорности.

Да ја земеме како пример Европската унија. И покрај првичниот оптимизам, Договорот од Лисабон не ги исполни целосно очекувањата. Европската унија претендираше да биде релевантен фактор и актер во меѓународните односи. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту реално остварливо, без придржување до три нешта.

Прво, враќање на свеста дека Европската унија е пред сè мировен проект чија цел е да ги прошири границите на мирот, стабилноста и напредокот во Европа. Унијата треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Петтиот позитивен извештај на Европската комисија за Република Македонија е шанса за Унијата да го оправда сопствениот кредибилитет и да овозможи започнување на преговори за членство. Доследноста во проширувањето ќе ѝ помогне на Унијата да остане конкурентна на светската сцена. Декемврискиот Европски совет веројатно ќе го има предвид она што се случи со Украина. Европскиот совет ќе има шанса потемелно да се посвети на Балканот. Потребна ни е забрзана интеграција, на сите земји од регионот.

Второ, неопходни се внатрешни реформи на механизмите на Унијата за успешно да се справува со кризи. Правата на земјите-членки подразбираат и заемни одговорности. Доволно е да се сетиме дека отсуството на фискална дисциплина доведе бројни членки до работ на банкрот.

Трето, Унијата посветена на проширувањето и на реформата на механизмите, треба да биде отворена кон она што претставува природен дел од поширокиот и заеднички евроазиски простор. Тоа најдобро ќе се постигне преку јакнење на економската поврзаност. Патот до економскиот успех минува низ економска соработка.

vienaobrakanje2Почитувани присутни,

Го спомнав евроазискиот простор. Една од темите на оваа конференција е токму позиционирањето на Евроазија на глобалната сцена. Ова е многу важна тема, бидејќи ја илустрира важноста на синергијата, и тоа низ призма на инфраструктурата, енергетиката и економијата.

Знам дека понекогаш има редукционистичко сфаќање на Евроазија – истата се сведува на Централна Азија и на Кавказот. Но, потребно е да размислуваме надвор од шаблоните што произлегуваат од евроцентризмот и од азиоцентризмот. Ниту евроцентризмот ниту азиоцентризмот немаат иднина. Евроцентризмот предизвика доминација на западноевропскиот светоглед, што, преку колонијализмот се прошири низ сиот свет, наметнувајќи вредности кои им беа туѓи на повеќето неевропски народи. Азиоцентризмот, пак, предизвика своевидна изолација и затвореност на Азија во самата себе. Затоа, неопходно е збирно, синергетско гледање на нештата.

Тука со нас е д-р Исмаил Серагелдин, директорот на современата Александриска библиотека. Библиотека што претставува современ наследник на античката Александриска библиотека. Од самиот почеток, Александрија била симбол на надминување на центризмот и на прифаќање на светогледот дека секоја култура е вредна на свој начин, и дека секоја цивилизација може да понуди нешто. Александрија и Александриската библиотека биле производ на почитување и на прифаќање на знаењата што доаѓаат од други култури и цивилизации. Тие биле симбол на еден синергетски пристап каков што ни е неопходен денес.

Евроазија е повеќе од простиот збир на континенти и држави. Евроазија е мост помеѓу Европа и Азија, мост меѓу разни региони и земји. Европа и Европската унија не можат без Азија. На Азија, пак, ѝ се неопходни Европа и Европската унија. Неопходно е да гледаме низ призмата на вкупната добивка за сите нас.

Дами и господа,

Евроазија нуди можности за соработка, има потенцијал и треба да се искористи. Можности за соработка на полето на економијата, енергетиката, трговијата, инфраструктурата и комуникациите. Тука неминовно се и безбедносните прашања, како предуслов за иден развој, мир и економски просперитет, што му е повеќе од потребен на светот.

Сè поголем број иницијативи, форуми и конференции се фокусираат на евроазискиот простор од аспект на актуелна и идна соработка. Евроазија сè повеќе е тема на иднината, не на минатото. Тоа е уште еден доказ дека овој поим сè повеќе обединува.

Земјите кои произлегуваат, но и сакаат да бидат на некој начин поврзани со овој простор, сè повеќе препознаваат дека нивниот напредок зависи од меѓусебната соработка и синергија. Дека нивните проекти добиваат поголемо значење ако се стават во контекст на нивниот сосед. Затоа е неопходна меѓусебна поддршка. Потребен ни е домино-ефект, но не на нестабилност, како што вообичаено сме навикнати, туку на меѓусебна поддршка и соработка. Потребен ни е домино-ефект на економски развој.

Дами и господа,

Инклузивноста и поврзувањето се карактеристика на новите геокултурни процеси кои се резултат на глобализацијата. Првата глобализација се појави тука, во Евроазија. Нашите култури се производ на таа прва глобализација. Токму затоа, современата фаза на глобализацијата лесно допира до сите нас и продира низ сè побледите граници меѓу Истокот и Западот.

Глобализацијата е двонасочен процес. Како што таа влијае врз нас, врз нашите општества и држави, така и ние учествуваме во нејзиното моделирање преку градење и развивање на односите во светот.

Дали ни е потребен еден Херкулес за да го постигнеме сево ова? Не верувам. Сметам дека е доволно да се фокусираме на синергијата, што треба да ни послужи во надминувањето на глобалната криза. Синергија што треба да ја бараме кај нас самите, во нашата соработка на полето на економијата, енергетиката, инфраструктурата, трговијата. Синергија, што ја прави нераскинлива врската меѓу културната коегзистенција и економската меѓузависност.

Ви благодарам.vienaobrakanje1

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 34 од 64