Говори и обраќања
esma
Обраќање на претседателот Иванов по повод прогласувањето на Есма Реџепова-Теодосиевска за Национален уметник на Република Македонија
Петок, 13 Септември 2013

Почитувана госпоѓа Есма Реџепова-Теодосиевска,
Ценети присутни,
Дами и господа,

„Музиката е универзалниот јазик на човештвото". Оние што совршено го владеат тој јазик, допираат до срцата на многу луѓе и народи.

Денес со нас е светската кралица на ромската музика, нашата славна музичка дива, Есма Реџепова-Теодосиевска. Денес, имаме можност да ја поздравиме и да ѝ се заблагодариме за сè што прави за нас, за Република Македонија.

Ценети присутни,

Се вели дека луѓето ќе ги познаеме по нивните плодови. Притоа, неспорно е дека добрите луѓе создаваат и оставаат добри плодови.

Македонија е мајка која отсекогаш давала големи луѓе кои го менувале светот, кои просветлувале, создавале и оставале трајни вредности. Синови и ќерки кои создавале и оставале добри плодови.

Чест ни е што една од тие големи ќерки на Македонија е и нашата Есма. Нејзиното творештво, живот и посветеност кон вистинските вредности се пример за нас и за нашите потомци.

Кога пред три години ја одликував Есма Реџепова-Теодосиевска со Орденот за заслуги за Македонија, реков дека во неа се синтетизирани врвните човечки и уметнички квалитети. Како до тогаш, така и од тогаш, Есма многукратно ја потврди вистинитоста на тие зборови.

Дами и господа,

Од најраната младост, Есма постојано и безрезервно нè дарува сите нас со својата музика, хуманост и љубов.

Со својата прекрасна музика, Есма допира до срцата на многумина и во земјата, но и надвор од неа. Со секоја испеана песна, снимена плоча и одржан концерт, таа ни овозможува одново да уживаме во нејзиниот уникатен глас, но и во хуманата порака што ни ја пренесува.

Каде и да пее, каде и да настапува, Есма одново ја воодушевува публиката и жнее нови успеси. Успеси што постојано и несебично ѝ ги подарува на Македонија.

Музиката на Есма е музика на Македонија, на нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество. Тоа е музика што поврзува наместо да одвојува. Музика што не познава и не признава државни, етнички, јазични или социјални граници. Нејзината музика во многу нешта е универзална и длабоко човечна.

esma2Ценети присутни,

„Љубовта е плод што се раѓа во секое годишно време, плод што секому е на дофат... таа започнува со грижата за најблиските." Ова се зборовите на една друга голема ќерка на Македонија, Мајка Тереза. Со својата хуманост, Есма постојано на дело ни покажува што значи да се живее според принципите на солидарност и љубов кон ближниот. Заедно со нејзиниот сопруг, покојниот Стево Теодосиевски, таа ги смени животите на дури 47 деца. Им даде дом на бездомните, надеж на безнадежните, и иднина на многумина кои тогаш немаа сегашност.

Нејзиното многубројно музичко семејство денес е распространето во Република Македонија, но и насекаде во светот. Некои од нив денес се тука, со нас. Уверен сум дека, каде и да се, сите тие достоинствено со себе ја носат музиката на Есма, посветеноста кон хуманоста и љубовта кон Македонија.

Во својата грижа и солидарност, Есма ги надминува границите на семејството. Ангажирајќи се за подобрување на економската и социјалната состојба на Ромите, Есма стана симбол на целата ромска заедница како нераскинлив дел од македонското општество.

Затоа, денес, ја поздравуваме нашата Есма, и ѝ благодариме за сè што прави како врвен уметник, како мајка на многумина и како ќерка на Македонија. Ѝ благодариме што како културен амбасадор придонесува за афирмација на Република Македонија во странство.

Дами и господа,

Во годината кога го прославува својот 55-годишен јубилеј на професионална музичка кариера, ја имаме честа да ја прогласиме Есма Реџепова-Теодосиевска за национален уметник на Република Македонија. Со тоа, ние денес ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и трајните вредности на музиката. Уметниците биле, се и ќе бидат најзначајните гласници на мирот, почитувањето и разбирањето. Низ уметноста тие ги надминуваат сите граници и недоразбирања и невозможното го прават возможно. Тоа најдобро го покажува Есма.

Затоа, на самиот крај, ве повикувам да го следиме нејзиниот пример. Да се поучиме од нејзините дела. Во сè што правиме да го вложиме најдоброто од нас. И, што е најважно, да знаеме како да го пренесеме најдоброто на нашите потомци. Само така ќе придонесеме за општото добро. Само така ќе обезбедиме просперитетна иднина за Република Македонија.

Ви благодарам.

esma1

forum
Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на Македонско-полскиот бизнис-форум
Вторник, 10 Септември 2013

Почитуван Претседателе Коморовски,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам на овој бизнис-форум. Форум што ни дава можност да ги согледаме предизвиците и можностите за инвестициска и трговска соработка меѓу Република Македонија и Република Полска. Но, и да ги презентираме конкурентските услови што ги нуди Република Македонија, како поволна бизнис-дестинација.

Почитувани присутни,

Република Полска е важен трговски партнер на Република Македонија и во 2012 година беше на листата на 20 земји со кои остваруваме најголем обем на трговска размена. Во првите шест месеци од 2013 година, за жал, Полска веќе не спаѓа во групата на најголеми трговски партнери на Македонија. Затоа сме тука денес. Да дадеме нов елан на соработката, за што постои реална основа.

Во 2013 година има раст на учеството на вкупната размена на Македонија со Полска во структурата на вкупната трговска размена на Македонија со светот. Исто така, има раст и во учеството на увозот од Полска во Македонија во структурата на вкупниот увоз од светот во Македонија.

Ова укажува дека интерес за трговска соработка помеѓу македонските и полските компании постои. Но, треба да се удвојат напорите на институциите и коморите од двете земји, со цел да се овозможат дополнителни услови за унапредување на меѓутрговските односи.

Да нема дилема, како претседател на Република Македонија, а убеден сум дека и мојот колега и пријател, претседателот Коморовски, во рамките на нашите можности ќе ја дадеме нашата сесрдна поддршка и помош. Впрочем не случајно сме денес тука, да ве охрабриме, и да ве поттикнеме да ги продолжите контактите, да го најдете интересот за соработка. Владите на двете држави ќе ви обезбедат поддршка. Ќе ги преземат сите неопходни мерки и активности со цел да се зголеми економската соработка.

Почитувани,

Врвен приоритет на Владата на Република Македонија е создавање на висококонкурентна македонска економија како основа за поволна бизнис- дестинација, привлечна за странски инвестиции. Економија што ги задоволува интересите на потенцијалните инвеститори, но и интересите на извозно ориентираните компании кои се веќе во Македонија.

За реализација на оваа цел, Владата и сите надлежни субјекти, континуирано работат на подобрување на бизнис-климата и условите за работа и водење бизнис, овозможувајќи подеднаков бенефит за странските и за домашните компании.

На макроекономски план, Македонија има стабилна макроекономскa политика со зајакната финансиска регулатива. Девизното работење е либерализирано и подобрена е ефикасноста на банкарската супервизија. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација што во просек изнесува 2% во последните 10 години. Јавните финансии се избалансирани со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг.

Го реформиравме пазарот на труд и воведовме активни мерки за зголемување на вработеноста. Во делот на даночната политика воведовме ниски и рамни даноци од 10%. Ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда. Етапно ги намаливме социјалните придонеси за 1/3. Со Регулаторната гилотина ја поедноставивме бизнис-регулативата, воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација. Ја поедноставивме постапката за градење, ги намаливме комуналиите, воведовме субвенции за тур-операторите, подобрувајќи ја бизнис-климата во Република Македонија.

Ценети присутни,

Уверен сум дека нашите две пријателски земји се посветени на создавањето на поволна бизнис-клима и услови за трговија, со посебен акцент на заштита на заедничките интереси.

Ве охрабрувам да ги зајакнете меѓусебните контакти, како и контактите со надлежните институции од Македонија и Полска. Ве охрабрувам да барате координативна и логистичка поддршка за вашите идни инвестициони и трговски активности. На тој начин, вие и вашите бизниси ќе станете дел од една успешна и заемно корисна деловна приказна.

Уверен сум дека овој бизнис-настан ќе вроди со плод и ќе придонесе за воспоставување на конкретна соработка меѓу голем дел од вас.

Ви благодарам.

forum1

praznik01
„Да ја направиме Македонија победнички тим во секоја област“ - обраќање на претседателот Иванов на Свечената академија по повод 8 Септември - Денот на независноста
Недела, 08 Септември 2013

akademijaПочитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Денес, на 8 Септември, го славиме 22. роденден на независна, самостојна и суверена Република Македонија. Го славиме во нашиот дом, дом изграден на камен, куќа подигната врз три Илиндени.

Првиот Илинден од 1903-та беше борба за слобода од ропство.
Вториот Илинден од 1944-та беше борба за државност.
Третиот Илинден, Илинденот што денес го славиме, беше борба за независност, самостојност и сувереност.

Празникот е потсетник на нашите успеси. Празникот е ден кога ги славиме судбинските одлуки со кои го стекнавме она за што мечтаеја нашите предци – слобода, државност и независност. Празникот е ден на славење, но и на преиспитување. Ден кога констатираме што сме постигнале, а што не сме постигнале, што денес постигнуваме и што ни останува да постигнеме.

Почитувани сограѓани,

Во текот на еден човечки живот, 22 години се период на зреење, кога од безгрижното детство и младост се преминува во доба на зрелост. Тоа е возраст кога се презема одговорност. Тоа е всушност крај на еден циклус и почеток на нов циклус во животот.

Споредено со човечкиот живот, во историјата на една држава 22 години се само миг. Но, тоа е и миг во кој се носат суштински одлуки, кога може да се добива и губи, кога се преживуваат порази и кога се нижат успеси.

Во изминатите 22 години, многумина се сомневаа во нашата зрелост, истрајност и способност да имаме сопствена држава, да бидеме свои на своето, да бидеме одговорни за самите себе.

Многумина нè потценуваа, нè омаловажуваа, а некои дури и нè попречуваа на нашиот пат да станеме и да останеме самостојна, независна и суверена држава.

Доживеавме моменти на еуфорија и славење, но и на порази и разочарување. Се радувавме на независноста. И без разлика на сè, покажавме дека оној што ќе издржи пред искушенијата, ќе ја оствари целта. Ние издржавме на нашиот праведен пат и го исполнуваме сонот на илинденците и АСНОМ-ците.

Патот беше трнлив, но ни помогна да се изградиме себе си. Ја почувствувавме себичноста, алчноста и неправедноста на некои, но и почитувањето, солидарноста и признанието од пријателите. Ним им сме вечно благодарни. Денес, на 8 Септември, на Денот на независноста им оставаме завет на нашите потомци да им бидат благодарни на оние што нè храбреа и поттикнуваа кога ни беше најтешко.

Ценети присутни,

Наскоро ќе ја имаме честа да им се оддолжиме на некои од македонските пријатели, кои нè признаа, тогаш кога многумина нè негираа. Пријатели кои правилно го разбраа човековото право на самоидентификација и правото на човеково достоинство. Пријатели кои не се плашеа да кажат Република Македонија, тогаш кога други се криеја зад убави епитети и метафори, нарекувајќи не „вашата земја" или „вашата убава земја" без притоа да ја спомнат Македонија. Пријатели кои во Република Македонија видоа рамноправна членка на меѓународната заедница, земја со достоинствено име, земја со големо минато и светла иднина.

За два дена ќе одликувам еден од тие македонски пријатели, претседателот на Република Полска, господинот Бронислав Коморовски. Ќе следат и одликувања за највисоките државни претставници на Унгарија и на Чешката Република.

Македонија памети и нè заборава. Никој нема да биде заборавен. И тоа не само меѓу македонските пријатели во Европа и светот. Туку и сите синови и ќерки на нашата заедничка татковина Македонија. Чест ми е што во текот на мојот мандат имав можност симболично да ја изразам мојата и благодарноста на Република Македонија на нашите иселеници и спортисти, уметници и научници, на сите наши заслужни поединци и организации. Оваа благородна практика ќе продолжи и во иднина.

akademija2Драги сограѓани,

Државата е како едно семејство. А за секое семејство, една од најважните нешта се соседите. Секое семејство сака да живее во добро соседство.

Првиот ден на независноста започна во едно турбулентно време на болна трансформација и транзиција на нашиот регион. Во такви сложени услови, Република Македонија се определи да биде добар сосед, да биде фактор на мирот и стабилноста, да помогне во градењето на напреден и просперитетен регион. Тоа, воопшто, не беше лесно. А не е лесно ниту денес. Но, постигнавме многу. Денес регионот е драматично променет на подобро.

Предрасудите кај некои политички елити сеуште создаваат проблеми во односите меѓу државите во регионот. Но, желбите на граѓаните да бидат дел од европското и евроатлантското семејство се многу посилни од предрасудите. Патот на евроинтеграциите, што е воедно и пат на иднината, успешно ги заобиколува и предрасудите, како навидум непремостливи препреки.

Сите ние што сме избрани од граѓаните целосно се водиме од принципот на отвореност кон сите. Ги унапредуваме старите и создаваме нови пријателства за Македонија. Никогаш не сме ширеле стравови и предрасуди, никогаш не сме оспорувале никого. Сме ја почитувале, прифаќале и ценеле различноста. Тоа го правиме и денес.

Отворени сме кон светот, кон сите држави, региони и цивилизации. Не случајно, Македонија го иницираше Дијалогот меѓу цивилизациите. Не случајно, Македонија е препознаена и ценета во рамките на Алијансата на цивилизациите. Отвореноста и почитувањето на различноста е моќта на Македонија.

На тој пат, ние не правиме избор меѓу Западот и Истокот, Северот и Југот. Повеќе од јасно е кои сме, каде сме и каде сакаме да бидеме. Но, сакаме да соработуваме и со сите добронамерници.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во овие 22 години на внатрешнополитички план имавме многу предизвици. Многу од ненаучените лекции од нашиот премин во демократија и денес ги попречуваат успехот, напредокот и иднината на Република Македонија.

Трошиме премногу време во кавги и расправии, докажувања и себедокажувања. Тоа не ни користи. Можеби и настаните од 24 декември не требаше да се случат. Но, тоа треба за нас да биде научена лекција. Затвораме едно поглавје што не треба никогаш да ни се повтори. Тоа го направивме за самите нас, но очекуваме да биде вреднувано и од Европската унија.

Да не заборавиме дека интеграциите се наша цел, а не средство за бесконечно истоштување во политички расправии. Интеграциите се цел за обединување, а не за разединување. Токму затоа се и стратешка цел на Република Македонија.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци...,
Почитувани христијани, муслимани, Евреи...,
Почитувани сограѓани,

Нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество има вредности кои за други општества се сè уште предизвик. Вредности што треба да ги заштитиме и негуваме. Вредности како што се чесноста, почитувањето на разликите, прифаќањето на различноста, меѓусебното разбирање. Вредности што им овозможија на нашите предци да живеат во мир, слога и разбирање, независно од тоа на која етничка, верска или јазична група и припаѓаат. Вредности што им овозможија на нивните деца заедно да играат, растат и напредуваат. Вредности што нè прават различни од другите. Вредности кои не само што треба да ги заштитиме, туку и да им ги пренесуваме на нашите деца.

Затоа, денес, на Денот на независноста, ве повикувам да ја почитуваме Македонија со сите нејзини специфичности. Да ја сакаме Македонија со сета нејзина различност. Да го заштитиме и да го чуваме нашиот начин на живот, нашите вредности.

Драги сограѓани,

Во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ е врежано: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме". Како што било тогаш, така е и денес. Секој поединец, секој од нас е одговорен за тоа каква е и каква ќе биде Македонија.

Македонија е резултат на мислите, зборовите и делата на нашите предци кои се вградија во она што го имаме денес.
Македонија е збир на соништата, желбите и стремежите на сите нејзини чеда.
Македонија е секоја наша одлука, навика и избор што го правиме денес, а што се одразува на иднината на генерациите што доаѓаат по нас.

Со секој наш преземен чекор придонесуваме за тоа каква Македонија градиме денес и каква Македонија ќе им оставиме на нашите потомци. Придонесуваме и како родители и како деца. Како наставници и ученици, како стопанственици, политичари, културни работници. Како војници и старешини. Придонесуваме како граѓани на Република Македонија, независно од нашата припадност.

Нашите одлуки и дела ќе бидат преиспитани и тоа од најважните судии.

Првиот судија е историјата, што им дава признание на оние што придонеле со дело, хероизам и пожртвуваност, а им пресудува на оние кои работеле против интересите на државата, народот, граѓаните.

Вториот судија се самите граѓани, кои во демократијата ја имаат моќта и знаат да ги наградат оние што придонесуваат за општото добро, за Републиката, за Македонија. Македонските граѓани се праведен и мудар судија кој знае да каже дали и колку некој работел за нивните интереси.

Почитувани,

Истоштувајќи се со прашања кои не го заслужуваат вниманието, како да ни бегаат од видот главните предизвици на нашето општество, главните предизвици на времето во кое живееме. Како да ни недостасува натпревар во идеи и решенија за секојдневните предизвици. Како да ни недостасува дебата за реалните проблеми. Дебата која нема да ја преминува границата на јавната пристојност.

Граѓаните очекуваат од сите вклучени во политиката, економијата и цивилното општество, во медиумите, невладиниот сектор и јавната администрација да го најдат своето вистинско место во Република Македонија. Граѓаните очекуваат од сите во здравството и земјоделството, индустријата и образованието, науката и културата да го завземат своето вистинско место во Македонија. Сите сегменти на нашето општество да се борат за да бидат подобри во она што го работат. Државата може и сака да биде партнер на секој оној што сака го прошири хоризонтот, да се труди да биде подобар. Да создава подобри услови и амбиент за живот во Македонија.

Реформите не треба да се сфаќаат како неправедно наметнат товар, туку како добронамерен предизвик наменет да нè направи посилни, поспособни и подобри во она што го работиме. Токму затоа, колку и да се болни, реформите се од заедничка корист за сите нас.

Нашата цел се конкурентноста на економијата, растот на вработеноста, достигнувањето на деловните стандарди и привлекувањето нови инвестиции. Нашата цел е обезбедување на квалитетно образование за нашите граѓани. Квалитетнит услуги кои треба да ги добијат од администрацијата.

Доста ни е од теми кои служат само за сеење страв и недоверба. Тие не го заслужуваат нашето внимание. Патриотизмот не се докажува со збор. Граѓаните многу добро го препознаваат вистинскиот патриотизам. Чин на врвен патриотизам е подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, отворањето нови можности и перспективи за нашите деца и студенти. Достигнување на највисоки стандарди во здравството, земјоделието, индустријата. Овозможување достоинствена старост на пензионерите. Севкупен просперитет и развој на Македонија. Затоа, длабоко ја почитувам посветеноста на Владата на Република Македонија што посветува толку многу време за да ја направи Македонија подобро место за живот. Делата се патриотизам, а не празните зборови.

Почитувани сограѓани,

Гоце Делчев рече дека „ропството Македонецот ќе го прекине тогаш кога тој ќе прекине да биде роб во душата". Така и ние, кога ќе се ослободиме од ропството на предрасудите, на лошите мисли и зборови, ќе можеме целосно и безрезервно да се посветиме на заедничкото добро, на Републиката, на Македонија.

Погледнете ги нашите спортисти. Тие се обединети во државната репрезентација, и и носат успеси на државата, успеси со кои сите ние се гордееме, успеси што нè обединуваат сите нас.

Со нашите спортисти сме и во победите и во поразите. Ги бодриме на трибините и на спортските терени. Ги храбриме и во земјата и во странство. Со нив сме секогаш, бидејќи, знаеме дека вистински пораз е само ако не се обидеш да победиш, ако не се осмелиш да излезеш на теренот. А нашите спортисти се храбри и смели и достоинствено ја претставуваат Македонија каде и да се.

Да учиме од спортистите. Да ја направиме Македонија победнички тим во секоја област на нашето живеење.

Во секој општествен сегмент, во секоја професија потребна ни е посветеност што доликува на државна репрезентација. Репрезентација која ќе постигнува големи успеси и победи и ќе освојува нови врвови и нови рекорди во својот домен. Потребни ни се репрезентации што секогаш ќе нè подигнуваат и ќе нè поставуваат на повисоко ниво.

Сум рекол и повторно ќе речам: Да ја градиме Македонија во височина – со највисоки стандарди, критериуми и принципи.

Во политиката и бизнисот, во образованието и науката, во земјоделството и туризмот, во информатичкиот и телекомуникацискиот сектор, во културата и спортот, во секоја сфера на човековиот живот ни е потребна државна репрезентација. Репрезентација која ќе ги обединува различностите, која ќе ги одразува сите специфичности на нашето општество, и ќе ја претставува државата, Република Македонија.

Потребни ни се репрезентации со идеи. Репрезентации фокусирани на достигнување на целта и освојување на победата. Да не бараме изговори за неуспехот, бидејќи изговорите се последната станица што води до лагата и себезалажувањето.

Сè што е направено и сè што се прави за младите е влог во иднината.

Велат дека минатото не се менува. Но, јас велам дека тоа е само делумно точно. Ако денес ја менуваме сегашноста, таа утре ќе биде минато на нашите потомци, кои ќе нè спомнуваат или заборават зависно од тоа дали сме вложиле во нив или не.

Затоа, ве повикувам, уште денес да го смениме минатото на нашите деца, за тие утре да имаат подобра иднина. Да бидеме активни граѓани. Во сè што правиме да се водиме од принципите на самоодговорност, самопомош и солидарност. Само така ќе ја стекнеме самодовербата и почитта од другите.

Да имаме одговорност кон самите себе, одговорност за нашите мисли, одлуки и постапки, кои се одразуваат на нашиот живот, но и на животите на нашите ближни.

Да се изградуваме како независни поединци посветени кон заедничката цел. Затоа и се вели дека ако сами си помогнеме, тогаш и Бог ќе ни помогне.

Ако можеме самите себе да си помогнеме, тогаш ќе можеме да им помогнеме и на другите, да бидеме солидарни кон оние што се во неволја, кон оние што имаат потреба од утеха, поттик и охрабрување.

Така ќе го вратиме долгот кон нашата татковина Македонија. Ние денес ги градиме основите врз кои ќе градат и надградуваат идните поколенија.

Драги сограѓани,

Сè додека се чува жарот за Македонија, се чува и пламенот. Се додека гори пламенот, ќе имаме светлина, ќе имаме иднина. Таа светлина ја носиме во нашите срца и нашите мисли. Таа светлина е слободата и љубовта кон Македонија.

Ќе завршам со пораката: Добрите мисли водат до добри зборови. А, добрите зборови резултираат со добри дела. За нас, за нашите ближни, за нашите сограѓани, пријатели, за нашата татковина – Македонија.

Среќен роденден татковино!
Да ни е вечна слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!

akademija1

institut0
Обраќање на претседателот Иванов, по повод отворањето на Институтот „Конфуциј“
Вторник, 03 Септември 2013

Почитувани присутни,
Екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува чест што на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје се отвора Институтот „Конфуциј" во соработка со Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду, Народна Република Кина.

Денес, Република Македонија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" се вклучуваат во глобалната мрежа на институтите „Конфуциј". Мрежа што опфаќа повеќе од 320 институти „Конфуциј" присутни во повеќе од 90 земји во светот.

Заедно со амбасадорот на Народна Република Кина, Неговата екселенција, господинот Цуј , го инициравме отворањето на овој значаен институт. Се уште ми е во сеќавање нашата прва средба, каде всушност се роди оваа идеја, која денес станува реалност. Свесен за важноста на овој заеднички потфат, во оваа свечена пригода, сакам да му се заблагодарам на амбасадорот и на сите наши пријатели од Народна Република Кина за сесрдниот ангажман и посветеност.

Почитувани присутни,

Отворањето на Институтот „Кунфуциј" се надоврзува на една моја иницијатива од универзитетските денови. Свесни за значењето на филозофската и политичка мисла на Кина, со моите колеги за прв пат го внесовме Конфуциј во програмата за политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први". Со тоа го коригиравме евроцентричниот пристап на студиите и до студентите ја приближивме политичката мудрост и мисла од далечниот Исток, од Кина.

institut1Ако тоа беше само академско приближување, тогаш отворањето на Институтот „Кунфуциј" целосно ги поврзува нашите студенти, професори, нашите граѓани со сето она што претставува кинески цивилизациски придонес.

Преку Институтот се отвора врата не само за активно изучување на кинескиот јазик, туку и за запознавање со кинеската култура, традиција и филозофија. Во рамките на соработката ќе има заеднички научноистражувачки проекти, размена на визитинг-професори и студенти, коорганизирање научни конференции и работилници, соработка и размена на публикации, универзитетски изданија.

Овој институт е уште еден показател за одличните пријателски односи меѓу двете земји. Република Македонија на развојот на своите односи со Народна Република Кина придава највисоко можно внимание. Постои континуиран политички дијалог на највисоко ниво што придонесува кон уште поголемо унапредување и продлабочување на односите и соработката меѓу двете земји.

Ценети присутни,

Многумина можат да бидат професори, но учител е само оној што народот ќе го прифати како таков. Конфуциј е еден од тие големи учители на народот. Не случајно и ден-денес го нарекуваат врховен учител и мудрец.

Нашите два пријателски народа имаат едно нешто, заедничко, а тоа е способноста да ги препознаат и да ги вреднуваат вистинските народни учители. Во случајот на Народна Република Кина, тоа е Конфуциј и неговите ученици. Во случајот на Македонија, тоа се св. Кирил и Методиј и нивните ученици св. Климент и Наум Охридски.

Паралелата меѓу учителите на двата народа не завршува тука. Како што Конфуциј ја формираше школата која го продолжи неговото дело, така и св. Кирил и Методиј го посеаја семето од кое никна Охридската книжевна школа како прв словенски универзитет во светот.

Учењата на учителите на двата народа го надминаа просторот и го издржаа тестот на времето, ги победија и предрасудите и станаа дел од светската мудрост.

Ќе дадам само еден пример. Прашан дали има еден збор што би претставувал водилка на човекот низ неговиот живот, Конфуциј одговара: „Реципроцитет. Не прави им го она на другите што не сакаш и тие да ти го прават". Сребреното правило на Конфуциј во нашето општество е присутно како Златното правило, кое вели: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив". Правило кое св. Климент Охридски го надгради, советувајќи нè да се престигнуваме во добрина. Нешто слично има и во филозофијата на Конфуциј, според кого добрите дела кон другите потекнуваат од добрите мисли кои потекнуваат од доброто знаење.

Овој институт е исполнување на заветот кон овој голем учител, но и вратата во Македонија кон доброто знаење на Конфуциј.

Почитувани присутни,

На самиот крај им посакувам на нашите професори, на нашите студенти и соработници, во овој свет што постојано се менува, да имаат упориште и во учењето на Конфуциј. Учење кое по својата вредност и универзалност ги надмина границите на Народна Република Кина и стана еден од столбовите на светската мудрост.

Ви благодарам.

institut

01
Обраќање на затворањето на четвртата Школа за млади лидери
Сабота, 31 Август 2013

Добровечер на сите,

Еве стигнавме. Знаете, на почетокот, пред две недели, од оваа говорница кажавме дека школата метафорично ја сметаме за патување. Тоа патување сега не завршува. Патувањето со добивањето на овие сертификати ве носи на ново патување. Патување низ животот и патување, пред се, во потрага по среќа. Кажавме дека среќата ги служи храбрите. Така што немате среќа вие што сте дошле тука, туку сте заслужиле да бидете тука, затоа што за сето она што сте го постигнале досега, награда е оваа школа. Преку школата ве наградуваме за тоа што сте успеале да постигнете такви успеси во вашето образование, во вашето другарување и да бидете дел од ова наше патување.

Многу нешта научивте на оваа школа. Ако го видите бројот на искористени часови, на некои факултети тоа е цел семестар, по бројот на наставници, тоа е цела школска година. По сето она што го доживеавте, некои, да не ги навредувам, за ова даваат диплома, не сертификат. Затоа, сето ова знаење, сето умеење, сето она што го стекнавте како вештини, како искуство од другите, имајте чувство на благодарност за тоа. Тоа чувство да ве следи цел живот. Секој пат да бидете благодарни и да го научите чувството на благодарност. Како што претходно беше споменато, мисијата е дека ние што оддаваме веднаш го забораваме, но вие тоа што го добивате, секој пат да го паметите и да бидете благодарни на убавиот миг, на убавиот настан, на убавиот час, на убавото кафе-пиење, на убавиот ден, да бидете благодарни на сето она што е убаво во животот. И немојте да штедите да кажете благодарам. Бидете благодарни навистина.

Иако благодарноста секој пат на крај доаѓа, јас сакам на почетокот да ја споменам и да им заблагодарам на сите пријатели на школата, да им заблагодарам на оние што ги гледавте и не ги гледавте, за сета логистика и сета поддршка и помош за оваа школа. Нема по име да ги споменувам, но благодарност и до келнерите и до готвачите и до управата на овој хотел. Благодарност до сите припадници на бизнис заедницата, до сите возачи, таксисти, до сите оние што придонесоа вие да се посветите на патувањето. Кога ќе научите да бидете благодарни, ќе видите колку и животот ќе ви биде благодарен. Ќе научите колку тој ви возвраќа. Кога ќе го научите тоа, ќе сфатите колку многу нешта во животот ви се лесни, колку лесно се остваруваат и, за некој, недофатни нешта. Ќе научите многу работи во животот и ќе бидете навистина благодарни за сето тоа.

Меѓутоа, најважно е дека сите убави нешта ќе ви дојдат. Нашите луѓе велат: Што е ваше, ќе дојде. Затоа, немојте да бидете нестрпливи. Пројавете трпение да го доживеете она што е заслуга на вашиот труд и на вашиот ум. Не се брзајте во животот. Се има свој ред. Фатете го редот и се во животот ќе ви се исполни. Научете, секој пат, она што го знаете и умеете да го споделувате. Затоа што од тоа произлегува она што ние го имаме како мисија на школата, што го дефинираме како Network Thinking – да размислувате мрежно, да размислувате со другите, споделувајќи искуства, знаења, бидејќи живееме во таков свет. Затоа една од најголемите компании во светот неслучајно ја зела таа мисла за свој слоган: Споделувајте. Значи, се што имате, споделувајте го. Затоа што сте дел од многу мрежи, дел сте од искуството на сите ваши наставници, на сите ваши искусни менаџери, на сите искусни луѓе кои во овие две недели ги слушавте, разговаравте и споделувавте со нив. Во текот на животот ќе бидете свесни колку тоа ви носи предности, за разлика од другите. Сеуште не сте свесни на таа моќ што сега ја примате. Оти, сето ова знаење е дел од вас, но и вие сте дел од него. Метафорично, кога ќе влезете во Охридско езеро, не знаете чиј дел сте вие. Како што ќе влезете во Охридското езеро, несвенсо вие не знаете дека сте во контакт, преку Дрим со Јадранското море, со Јонското море, со Средоземното море, со океаните. Кога ќе влезете во Охридско езеро, вие сте дел од Светот. Така и, ова знаење, искуство и овие вештини што ги стекнавте ве прават да сте дел од севкупното, знаење, искуство, но и вредности. И затоа, мислам дека тоа ќе ви биде поткрепа во животот.

Настојуваме секоја генерација меѓу себе да се поврзува и да комуницира, да споделува искуства, знаења и вештини. Не бидете себични никогаш. Не бидете алчни. Не бидете грабливи. Тогаш животот ќе ве казни. Бидете секој пат добри и споделувајте се што имате со другите. Оти ако не го споделувате тоа знаење и искуство, ќе го заборавите, ќе исчезне. Обидете се секој пат да бидете и инивативни и креативни. Колку и да е нешто сега неостварливо, не знаете таа ваша идеја кој пат ќе го патува и кому ќе му послужи да успее. Затоа, секој пат бидете позитивни, бидете креативни, бидете иновативни. Навистина, она што го мислите, тоа и го зборувате. Тоа што го зборувате, тоа и го живеете. Секој пат настојувајте да имате добри мисли, од кој ќе произлезат добри идеи. Тие добри идеи ќе дојдат до добир пријателства и добри контакти, кои ќе ви служат во животот. Не знаете колку си имаме потреба едни од други, особено тие што се добри. Оти добрината е ограничена, а лошотијата е неограничена. Како што велат дека мракот е отсуство на светлина, така и лошотијата е отсуство на добрина. Затоа бидете добри и ширете ја таа добрина. И секој пат кога ќе ви се укаже прилика, искористете го тој момент. Оти само еднаш се прави пропуст во животот. Бидете свесни дека тоа што го правите ги ремети досегашните сфаќања. Се вели дека не можете минатото да го промените. Со вашето добро однесување, вие фактички го менувате минатото на оние што доаѓаат по нас. Вашите потомци ќе се сеќаваат на вас по вашите дела. Меѓутоа, едно нешто запомнете – мудростите не служат да се цитираат, туку да се применуваат. Секоја мудрост е оставена од нашите претци, за ние од неа да имаме корист, не цитирајќи ја, туку применувајќи ја. Така и, сето знаење и исуство ви е дадено вам за да го користите и да го пренесувате, и да ја ширите инивативноста, креативноста, но и добрината. Затоа тој етички момент е присутен на школава.

Во животот ќе имате разни нешта, но лошите заборавајте ги, убавите паметете ги. Ќе имате многу пријатели, како што има и школата, но тие се со вас затоа што сакаат да дознаат нешто од вас и да споделат со вас. Но, за навистина да успеете во животот, ви требаат непријатели. Тие се индикатор дека сте успеале. Тие се оние што ви признаваат. Тоа е знак дека она што сте го сакале во животот, сте го постигнале. И како што за периодот додека бевте на школата се откажавте од многу нешта што вашите врсници ги имаа, особено во Охрид, да бидат по цел ден на плажа, цели ноќи да бидат на журки, да се дружат и да безделничат, вие се жртвувавте за да добиете нешто што ќе ви користи во животот. Така што, се во животот има жртвување. Меѓутоа, кога ќе се жртвувате, тогаш и ќе добиете. Ако не жртвувате нешто од себе, нема да имате можност да го уживате тоа што е резултат на вашето откажување, влог во вашата среќа. Среќата е чувство кое го има секој кој успеал и кој сонувал и сонот му станал јаве. Затоа, не се воздржувајте да сонувате. Сонувајте, мечтаете и стремете се секој пат по возвишени нешта. Еве, нашата цел беше да создадеме една ваква школа и секоја година настојуваме таа да е повозвишена. Тоа е и целта на сета филозофија во овие години на независна Македонија - да ја градиме Македонија во височина. Со највисоки стандарди, со највисоки критериуми, со највисоки принципи. Вие сте дел од тоа. Затоа, бидете најдобри, бидете секој пат успешни и ќе бидете среќни. Јас на почетокот ви кажав дека на почетокот јас ќе зборам, а на крајот јас вас ќе ве слушам. Сега, кога доаѓа моментот да ги дадеме сертификатите, јас би сакал секој од вас да го слушнам како го доживеал ова патување, под услов да не се повторувате, да бидете концизни, да бидете креативни, иновативни. Со збор, со гест, со гестикулација, како знаете и умеете да го искажете она што го поминавте за овие напорни 14 дена. Јас ви кажав на почетокот, нема да биде лесно, меѓутоа еве дојде тој момент, кога уште не сте свесни што се добивте и во што се учествувавте. Затоа, додека доаѓа билетот за новото патување, би сакал и вам да ви заблагодарам што сте дел од оваа наша идеја, која само беше моја идеја во изборната програма, која стана реалност. Јас сонував и кажував идеи. И затоа на почетокот ви кажав и со тоа ќе завршам. Кога ќе влезе професор во политика, што да направи, ако не своја школа.

Благодарам.

04

sveceno
Обраќање на претседателот Иванов на свеченото отворање на четвртата Школа за млади лидери
Понеделник, 19 Август 2013

Почитувани професори, учесници, пријатели и поддржувачи на Школата за млади лидери,

Навистина ми е чест и задоволство да ве поздравам денеска во Охрид, место кадешто, како што беше спомнато, со милениуми се пренесува знаењето од една генерација на друга генерација. Охрид, која е наша духовна престолнина и симбол на она што спојува и поврзува. Симболично, тоа стана и Школата денес.

Со оваа четврта генерација само го потврдуваме она што сме го имале во минатото и она што го трасираме за во иднината. Сето ова на почетокот беше идеја, идеја која имаше за цел да создаде млади за иднината, но и иднина за младите, затоа што на Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат и во сегашноста, но и во иднината. Ни требаат лидери не само во политиката, ни требаат лидери во економијата, во културата, во бизнисот, во спортот, секаде. Затоа и составот на учесниците секоја година е различен и вклучува од различни сегменти на нашето општество. Кога во неврзан разговор ме прашуваа од каде потекна идејата да се создаде ваква Школа, јас слободно им реков: Што очекувате од професор кога ќе влезе во политиката, освен да создаде своја Школа. Така што, Школата е резултат на желбата да се продолжи со едукации и пренесување на знаења. Оваа Школа е, на некој начин, признание за сиот индивидуален успех на учесниците што досега го постигнале, бидејќи сето она знаење што сте го стекнале, преку оваа Школа го надградувате и го усовршувате. Ова не е Школа само за знаења, ова е Школа за многу вештини, искуства од нашите пријатели на Школата. Пријатели ги велам затоа што се постојано во контакт со нас и ни укажуваат на она што се очекува од оваа генерација, кои сме на овие позиции, на овие одговорни места во државите. Затоа што, живееме во свет кој многу брзо се менува, свет во кој многу знаења брзо застаруваат, свет кој се соочува со големи предизвици и бара нови решенија. Решенија, кои некој пат излегуваат од рамките на шаблоните кои досега ги знаеме и познаваме, решенија кои мора да ги дадат луѓе кои не се оптеретени од многу трауми од минатото.

Ова е генерација која расте и генерација која се обидуваме да ја насочиме во тој правец, да нуди решенија, да нуди свои визии, да нуди свои погледи на овој толку забрзан свет. Тоа е од помош не само за Македонија, помош е за регионот, од помош е и за целата планета, бидејќи живееме во свет во кој навистина глобалното стана локално. Се што се случува на глобален план го чувствуваме во секојдневниот живот. Со самото тоа што носиме мобилни телефони со кои имаме можност да пристапиме до сето човеково знаење, укажува дека имаме навистина големи потенцијали и големи можности да влијаеме, не само на состојбите во нашите држави, туку и на состојбите во поширокото опкружување.

Оваа прилика ја користам да укажам јавна благодарност до бизнис заедницата на Македонија, која ја препозна оваа идеја и несебично и сесрдно ја поддржува. Оваа година имаме и меѓународни поддржувачи. Навистина им благодарам што сфатија дека ова е од нивна корист, дека на Македонија навистина им требаат луѓе кои ќе можат да воспостават контакти и пријателства со другите луѓе од светот. Школата не живее само овие денови додека сме во Охрид, туку продолжува преку Алумни асоцијацијата во текот на целата година, пречекувајќи ја следната генерација. Како што вас ве пречекаа претходните слушатели на Школата, така и вие ќе ги пречекате следните слушетели на следните генерации. Тоа е еден вид цврсто пријателство кое ќе ве следи во текот на вашиот живот и ќе ви овозможи да комуницирате со другите успешни луѓе кои постигнале многу во својот живот и имаат потреба да се надградуваат и да се оспособуваат. Тоа е капиталот на Македонија. Вие сте тие кои ќе бидете еден ден на овие позиции, вие сте тие кои еден ден ќе создавате, Македонија да биде навистина горда со вас, што оваа инвестиција во вас ќе биде и инвестиција на тие што ќе доаѓаат после вас.

shkola2Навистина, чувствувам некоја неизмерна радост и среќа кога ги гледам сите наши поранешни учесници, кога доаѓаат на листи за награди, за признанија, за стипендии. Ме исполнува со среќа средбата со нашите успешни луѓе, кои ги гледаме по странски универзитети, по странски компании. Тие иако се надвор од Македонија, каде и да одат, со себе ја носат Македонија и работат за Македонија. Голем дел од нив ги среќаваме и како предавачи и како учесници на Школата, што само покажува дека Школата навистина е еден голем брод кој плови. Тоа беше кажано на првата генерација. На минатата генерација им кажав да ја сфатат Школата метафорично како едно патување со автомобил, затоа што кога сте во автомобил мора да гледате напред. Затоа, ветробранското стакло секој пат е големо, а она што е за назад е мало, сосема доволно да знаете кој може да ве претекне и кој може да ви ја загрози вашата безбедност. Ние, за жал, во минатото, на нашиот регион, тоа стакло за назад ни беше толку големо, што правевме навистина некои несреќни работи и инциденти за кои сега сеуште се обидуваме да ги совладаме. Затоа, ви посакувам што повеќе да гледате напред, што повеќе цврсто да го држите воланот и што повеќе да имате сопатници со вас, кој ќе ги пренесете во еден поинаков свет, свет исполнет со радост и среќа.

Принципите на знаењето и искуството, како биле во антиката, така се и денес. Принципите остануваат исти. Затоа од вас очекуваме да бидете вредни, да бидете исполнителни, но и да бидете секој пат етички предодредени. Во секоја ваша одлука да ја гледате последицата од таа одлука и сознанијата што ќе ги стекнете на Школата да ви овозможат да бидете секој пат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите, да бидете свесни за сето она што вам ви е пренесено, што треба да го сочувате и да го пренесете на следните генерации. Затоа толку инсистираме на етиката во нашата Школа, затоа инсистираме на доследноста во прифаќањето и извршувањето на поставените задачи, затоа што во текот на Школата ќе имате и соочување со реални проблеми, на кои морате да најдете решенија. Ќе бидете тренирани да работите во тимови и во тимот што ќе се соочи со криза, да видите кој е лидер, да видите кој знае да предводи и кој знае да носи решенија. Ќе бидете едуцирани сето ова искуство од нашите почитувани гости и пријатели да го надградувате. Ќе бидете едноставно соочени со нешто што во вашите книги го нема, затоа што многу книги додека сте студирале и додека сте се усовршувале веќе застареле. Искуството и сознанијата што ги имаме од нашите гости и пријатели, нивните одлуки што ги носеле во минатото, што им овозможиле да бидат овде денес со нас, се иснпирација и за вас. Се надевам дека ќе имате успешна работа, ќе имате многу идеи, ќе имате многу визии, ќе имате многу желби да придонесете во вашите средини по завршувањето на Школата. Уште еднаш, голема благодарност до пријателите, до поддржувачите, голема благодарност и до медиумите што секој пат ни овозможуваат она што го работиме тука да биде пристапно и до нашата јавност, да знае дека и во Македонија доаѓаат луѓе од светски ранг, доаѓаат луѓе од светски институции, од меѓународни институции, почитувани лидери на земји кои секој пат не ве оставаат рамнодушни и секој пат имаат што да кажат и што да научите од нив. Уште еднаш, ви посакувам успех и на затворањето на Школата јас вас ќе ве слушам.

Ви благодарам.

shkola3

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 37 од 64