Говори и обраќања
obrakanjejazik
Жестоко реагираме на сите обиди да се избрише терминот македонски јазик – обраќање на претседателот Иванов на свечената академија по повод 60-годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Среда, 20 Ноември 2013

IMJ1Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Вистинска чест е да ве поздравам како покровител на овој значаен јубилеј – 60 години од постоењето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков" при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" од Скопје.

Институтот одбележува шест децении исполнети со проучување, негување и промовирање на македонскиот јазик, кој е нашето најголемо духовно културно богатство. Децении на капитални дела и на богата научноистражувачка работа за корените, растот и за плодовите на македонскиот јазик. Истражувања за мозаикот на македонските дијалекти, за македонската топонимија и за македонската ономастика.

Се вели дека ако сакаш да дознаеш нешто за еден народ, проучувај ја неговата историја; ако сакаш, пак, да го разбереш тој народ, научи го неговиот јазик. Низ децениите, Институтот им помогна на многу македонисти, на многу македонски пријатели од целиот свет да ја разберат Македонија, афирмирајќи ги со тоа македонскиот јазик и македонската литература и култура.

Затоа, како претседател на Република Македонија донесов одлука на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков" од Скопје да му се додели признанието Повелба на Република Македонија. Повелба со која ја искажуваме нашата искрена благодарност на Институтот за шестдецениската научноистражувачка дејност на полето на проучување и негување на македонскиот јазик. Повелба со која ја изразуваме нашата почит кон вработените, кон членовите на научноистражувачкиот кадар што веќе 60 години доследно и посветено ја исполнуваат мисијата и визијата на Крсте Петков-Мисирков.

Ценети присутни,

Човекот има неопходна потреба да комуницира и да се информира. Во основата на тоа е човековата потрага по вистината. Вистината за животот, за смислата на постоењето, за минатото, за светот околу себе и за сопственото место во него. Потрагата по вистината минува низ лавиринт на различни светогледи, професии и идентитети. Но секогаш, таа потрага се врши преку обмислениот, изговорениот и пишаниот збор.

Живееме во време на информации и брзи комуникации. Време кога годишно се издаваат околу 2.200.000 нови книги во светот. Тоа се околу 6000 нови публикации секој ден, односно по 250 книги секој час. До крајот на ова мое кратко обраќање, глобалниот човечки опус ќе биде побогат за 20-на нови наслови. Не знаеме точно колку од тие книги се издаваат на мајчините јазици на авторите. Но, јасно е дека јазикот е неопходен во потрагата по вистината и дека најблизок до човековото јаство е токму мајчиниот јазик.

IMJ2Сево ова нè наведува на прашањето за тоа што за нас претставува нашиот мајчин, македонски јазик. Зошто македонскиот јазик е дел од она што сме? Кои се придобивките и предизвиците за македонскиот јазик?

По некоја случајност, денес се одбележува и Меѓународниот ден на детето. Родителите и децата, предците и потомците се силно поврзани преку јазикот. Македонскиот јазик е најсилниот и најважниот меѓугенерациски комуникациски код. Благодарение на јазикот дознаваме за мислите, визиите и стремежите на нашите предци. Преку јазикот им ги пренесуваме нашите идеи, планови и проекции на нашите деца кои, пак, ги споделуваат своите потреби, желби и мечти со нас. Јазикот ги поврзува минатото, сегашноста и иднината посилно од која било културна врска.

Неколкуте зборој за македонцкиот литературен јазик" што пред 110 години ги запиша патронот на овој значаен Институт се токму една таква визија. Во делото „За македонцките работи" Крсте Мисирков рече:

Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добивме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше сè што гледавме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и прадедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи."

Дами и господа,

За Македонија и за македонскиот јазик многу нешта се променија од турбулентното време во кое живееше Мисирков. Имаме суверена, независна и самостојна држава, Република Македонија. Нашите деца безгрижно го учат и го користат мајчиниот јазик. Бројните книги и публикации напишани на македонски литературен јазик се издаваат без страв дека ќе бидат забранети, запленети или уништени. Веќе 60 години ги уживаме плодовите и на нашиот Институт за македонски јазик.

Па сепак, македонскиот јазик се соочува со предизвици. Некои се стари и локални, а други современи и глобални.

Непризнавањето или погрешното признавање може да нанесе штета, може да биде облик на угнетување кое го затвора човека во еден лажен, искривен облик на бивствување," рече канадскиот филозоф Чарлс Тејлор. Негирајќи го нашиот македонски јазик, некои сè уште ја следат погубната логика на непризнавањето и исклучувањето.

Затоа, како општество, жестоко реагираме на сите обиди да се избрише терминот „македонски јазик" од меѓународните регистри и извештаи. Како држава, решителни сме да ги заштитиме и да ги промовираме македонскиот јазик и македонското творештво, како дел од светското духовно културно наследство. Институтот за македонски јазик има важна улога на овој план.

Вториот предизвик е современ и глобален. Чест ми е што еден брилијантен млад полиглот од Босна и Херцеговина е член на мојот Совет за меѓународни односи, Мухамед Мешиќ. Меѓу 77-те јазици што Мешиќ ги зборува се и 15 акутно загрозени јазици. Тоа нè потсетува на реалноста во која живееме, а тоа е дека на секои 14 дена изумира по еден јазик во светот.

Со самото тоа што денес македонскиот јазик го зборуваат неколку милиони луѓе во Република Македонија и надвор од неа, иднината е обезбедена и сигурна.

Сепак, во нашата дигитална ера треба да се сосредоточиме на дополнително промовирање и осовременување на македонскиот јазик. Да се приспособиме кон современата терминологија на новата аудиовизуелна генерација, без притоа да го заборавиме богатството на старите, изворни македонски зборови.

Институтот за македонски јазик има навистина голема заслуга на тој план. На крајот, посакувам Институтот за македонски јазик и во децениите што се пред нас да продолжи да се грижи за, како што вели Блаже Конески „единствената наша комплетна татковина".

Ви благодарам.

IMJ3

manu01
Лидерите треба да праќаат позитивни пораки за помирување и соживот - обраќање на Националната конференција за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција
Петок, 15 Ноември 2013

Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите,
Почитувани поглавари на верските заедници во Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е да ве поздравам на оваа Национална конференција за политичка и меѓурелигиска толеранција во организација на МАНУ и Мисијата на ОБСЕ во Македонија. Конференција фокусирана на изнаоѓање механизми за борба против говорот на омраза на Интернет. Конференција што се одржува во вистинско време, во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на толеранцијата. Толеранцијата прерасна во универзална, општочовечка вредност. Вредност врз која се потпира мирот, безбедноста и стабилноста на нашите општества.

Волтер вели дека „толеранцијата е последица на човечноста". Човечноста, пак, се одликува со прифаќање на другиот, различниот. Тоа прифаќање би било невозможно без златното правило присутно кај речиси сите религии. Правило што вели дека треба да постапуваме со другите онака како што сакаме и тие да постапуваат со нас.

И токму оваа човечност од која извираат толеранцијата, почитувањето и прифаќањето на различниот денес се соочува со голем предизвик.

Во современата дигитална ера, нетолерантноста се шири со сè поголема брзина. Доколку падне на почва натопена со незадоволство, изолација и огорченост, од тоа семе ќе се изроди говор на омраза. Говорот на омраза во своето ширење, за жал, секогаш се труди да биде во чекор со времето.

Денес, омразата го користи Интернетот, низ кој се шири како вирус. Како што компјутерските вируси ја зафаќаат меморијата на компјутерот, така, говорот на омраза е вирус што го зафаќа човековиот ум. Симптомите ги знаеме: стеснување на човековото видно поле, помрачување на човековиот светоглед, параноична недоверба кон непознатото, измислување непријателства онаму каде што ги нема. Создавање стереотипи и предрасуди. Жртви на овој вирус се другите, различните, поинаквите.

Во неодамнешното минато, оваа состојба најчесто се поврзуваше со регионот на Балканот и се именуваше како Балканизација. Но, денес гледаме дека нетолерантноста е присутна насекаде во светот. Последиците од воените жаришта на Блискиот Исток и Северна Африка се чувствуваат и во развиените земји. Ниту Европа, ниту Република Македонија не се одминати од овој негативен феномен.

Европската стратегија за борба против радикализација и регрутација во тероризам од 2005 година, за жал, сè уште не ги даде посакуваните резултати. Доволно е да ги погледнеме негативните коментари на социјалните мрежи. Се побројни се случаите на млади луѓе од регионот кои биле индоктринирани преку Интернетот. Се почести се екстремистичките пораки што повикуваат на борби, крвопрелевања и насилство. Повици за уривање храмови и за спалување свети книги.

Религискиот екстремизам нема ништо заедничко со искрената вера во Бога, како што и светите војни немаат ништо свето во нив. Токму светоста е првата жртва на таканаречените свети војни. Тоа е сериозна закана за нас, за Балканот, за Европа. Прашањето веќе не е дали ќе реагираме, но како да реагираме на овие негативни појави?

manu02Дами и господа,

Отворениот простор создава луѓе со отворени умови. Но, што кога и отворениот сајбер-простор не е доволен за да создаде луѓе со отворени умови? Дали за тоа можеме да го обвиниме Интернетот? Интернетот е човекова креација и е негово огледало. Како и човекот, Интернетот во себе го содржи потенцијалот и за добро и за лошо. Проблемот не е во Интернетот, туку во целите за кои се користи.

Дали ќе дозволиме радикалните поединци и групи преку социјалните мрежи да ги ловат нашите млади, кои се најранлива категорија? Дали ќе дозволиме Интернетот да се претвори во мрежа за регрутација на верски радикализам?

Одговорноста не треба да ја бараме само кај екстремистите. Тие само го пополнуваат создадениот вакуум. За жал, и многу учени луѓе ја нарушија пристојноста на јавниот простор. Во јавниот простор многу лесно се користат тешки зборови. Ако Интернет-просторот не се пополнува со добри, позитивни, креативни и иновативни содржини, тогаш ќе биде пополнет со негативни и деструктивни содржини. Дали доволно често се праќаат пораки за мир, соживот и толеранција?

Решението е институционално, но и вонинституционално. Одговорот треба да се бара и на колективно, но и на индивидуално ниво.

Неопходно е добро да го подготвиме македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество за успешно да се соочи со предизвиците на современиот свет. Неопходно е создавање механизми за борба против говорот на омраза на Интернет без ограничување на слободата на изразување. Потребно е исправно сфаќање на слободата и на нејзините граници. Границите на слободата на изразување се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство. Тоа се граници исцртани со меѓуетничката и со меѓурелигиската толеранција, почит и прифаќање.

Пред само три дена, Република Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание, привилегија, но и голема обврска. Континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство. Говорот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство. Омразата на дело, пак, води до повредување на основните човекови права. Затоа борбата против говорот на омраза е дел од мисијата за заштита и за промовирање на човековите права.

Тука доаѓаме до второто ниво: Какви треба да бидеме како луѓе за да живееме во согласност едни со други? Неопходно е да се вратиме кон корените на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

Ценети присутни,

Толеранцијата секогаш се јавува во односот кон другиот. Нема толеранција без другиот. Ниту, пак, идентитетот е целосен без идентитетот на другиот. Човекот припаѓа кон одредена етничка, религиска, јазична и културна матрица. Македонскиот етнички, религиски и јазичен мозаик ги вклучува идентитетите на Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците... На христијаните, муслиманите, Евреите... Секој човек истовремено ѝ припаѓа на сопствената матрица и е дистанциран од матриците на другите. Толеранцијата е можна само кога постои баланс меѓу припаѓањето и дистанцирањето.

Дистанцирањето без припаѓање како и припаѓањето без дистанцирање имаат сличен резултат – интеграција со асимилација. Во првиот случај, негирање на идентитетот на другиот и негова асимилација, а во вториот случај, одрекување од сопствениот идентитет и претопување во нечиј друг идентитет.

Македонскиот модел, кој е граден со векови, е модел на интеграција без асимилација, модел на почитување и прифаќање на различноста. Модел што во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот, без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет. Во срцевината на македонскиот модел е сфаќањето дека другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување.

Дами и господа,

Зборувајќи за одбрана на толеранцијата, свесни сме за парадоксот на толеранцијата. Карл Попер вели дека неограничената толеранција води до исчезнување на толеранцијата. Ако сме неограничено толерантни кон оние кои се нетолерантни, ако не сме подготвени толерантното општество да го одбраниме од нападите на нетолерантните, тогаш толеранцијата е загрозена. Општеството мора да го задржи правото на самооодржување.

Борбата со нетолеранцијата и со говорот на омраза никако не е работа само на безбедносните служби, туку на сите нас. На сите образовни, научни, социјални и религиозни институции, на цивилното општество, на медиумите и на самите граѓани. Ние, како политички, општествени и верски лидери треба да им дадеме пример на граѓаните, на младите, на верниците. Да праќаме позитивни пораки за помирување и за соживот. Пораки за јавна пристојност. Пораки што треба да помогнат во зачувување и промовирање на она што е највредно, што е дел од нашата традиција на заемна доверба и почит.

Ние од секогаш сме негувале нешто што е повеќе и од толеранцијата и од прифаќањето, а тоа е почитувањето кон различноста. Почитување што е израз на човечноста на сите кои живеат на овој простор.

Ви благодарам.

manu03

pan1
Обраќање на приемот за учесниците на меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија
Петок, 01 Ноември 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Годинава прославуваме 20 години од формирањето на Паневропската унија на Македонија и нејзиното зачленување во Меѓународната Паневропска унија. Во турбулентен период кога Македонија беше меѓународно оспорувана, блокирана и потиснувана, меѓународната Паневропска унија стана наш неуморен застапник во Европа. Со почит се сеќаваме на зборовите на големиот Европеец и архитект на проширувањето на Европската унија, д-р Ото фон Хабсбург, кој рече дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа".

Ценети екселенции,

Македонското членство во Меѓународната Паневропска унија не е единствениот јубилеј што го одбележуваме.

На 1 ноември 1993 година, пред точно 20 години, стапи на сила Договорот за Европската унија од Мастрихт. Договор во кој европското лидерство ја потврди својата „приврзаност кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото". Договор втемелен врз желбата „да се продлабочи солидарноста меѓу народите истовремено почитувајќи ја нивната историја, нивната култура и нивните традиции". Овие идеали донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното многуетничко, многурелигиско и многујазично општество.

Вредностите на Европската унија се Паневропски вредности. Корените на Европската унија се напојуваат од Паневропскиот извор. Секогаш кога нештата изгледаат нејасни, неопходно е да се вратиме на изворот, каде водата е најбистра. Грофот Калерги рече: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници".

Зборовите на Грофот Калерги се особено актуелни денес, кога Европа се соочува со предизвици.

Европската унија сеуште закрепнува од економската, финансиска и кредитна криза. Некои од традиционалните европски вредности се доведени во прашање. Нетрпеливоста, радикализмот и екстремизмот повторно се во пораст. Очекувавме дека дел од земјите од регионот на Југоисточна Европа што порано станаа членки на Унијата ќе придонесат за европеизација на Балканот. Наместо тоа, сведоци сме на балканизирање на европските политики кон Република Македонија. Наместо европеизација на Балканот, имаме балканизација на Европската унија. Се почесто се користи ветото како средство за блокирање на европската иднина на два милиони Европејци – македонски граѓани. Тоа се одразува на добрососедството и европската иднина на Република Македонија, но и на целиот регион.

Единствен начин да се надминат современите европски предизвици е доследно почитување на темелните европски вредности. Вредности на слободата, демократијата, владеењето на правото, почитување на основните човекови права, правото на самоидентификација и правото на човеково достоинство. Единствено придржувањето до овие паневропски вредности и принципи можат да му помогнат на европското лидерство да ја врати Европа на правиот пат.

pan2Почитувани присутни,

Неодамна го добивме петтиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Петтата препорака за отворање на преговори за членство на Република Македонија во Унијата е шанса за европското лидерство да ги надмине европските предизвици доколку се придржува до паневропските вредности.

Препораката за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија е порака до Унијата да остане доследна на своите ПанЕвропски корени. Од стеблото и гранките се бара да не се возгордеат пред коренот и изворот што го напојува. Коренот го држи стеблото, кое без коренот пресушува и не дава плод. Доследноста на Унијата е неопходна за одржување на нејзиниот интегритет и кредибилитет.

Драги пријатели,

Во време кога се соочува со предизвици, Европската унија може многу да научи од доследноста што Меѓународната Паневропска унија постојано ја покажува кон Македонија.

Во изминатите две децении, Паневропа никогаш не ја остави Македонија на цедило, никогаш не не разочара. Паневропа остана доследна на идеалите за обединет Европски континент. Нашите паневропски пријатели секогаш и секаде ја поддржуваат Македонија. Затоа денес и се заблагодаруваме на г-ѓа Валбурга Хабсбург-Даглас со наградата што се доделува во чест на мојот голем претходник, претседателот Борис Трајковски. Жалам што г-ѓа Хабсбург-Даглас не е во можност и лично да ни се придружи. Наградата во нејзино име ќе ја прими нејзиниот брат Георг Хабсбург-Лотринген од Унгарија, кој е наш голем пријател.

Ценети присутни,

Ќе завршам со зборовите со кои грофот Калерги го започнува предговорот кон манифестот на Пан-Европа: „Многумина сонувале за обединета Европа, но само неколкумина се одлучни да ја создадат. Како предмет на копнеж, сонот останува јалов, но, како предмет на волја, сонот вродува со плод. Единствената сила која може да ја создаде Пан-Европа е волјата на Европејците. Единствената сила која може да го спречи создавањето на Пан-Европа, повторно, е волјата на Европејците."

Ви благодарам.

pan3

zavrsnabonton
Улогата на спортот е да зближува, поврзува и интегрира – oбраќање на претседателот Иванов на завршната манифестација „Спортски бон-тон“
Петок, 01 Ноември 2013

bontonzavrshna1Почитувани присутни,
Почитувани спортисти,
Драги вљубеници во спортот,

Ми претставува вистинско задоволство да ве поздравам денес, на оваа славење на спортот и позитивниот спортски дух. Денес ја завршуваме првата фаза од проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот". Проект што го нарековме спортски Бон-тон.

Живееме во време кога трката за сопствен успех премногу често се претвора во борба против успехот на другите. Време кога спортскиот терен од арена на навивање и славење се претвора во борбено поле на меѓусебни навреди и понижувања. Време на натпревари во кои, поради отсуство на фер игра, сите заминуваа поразени, вклучително и спортот.

Увидовме дека единствен начин да му застанеме на патот на ова негативно сфаќање и практикување на спортот е преку личен пример. Преку враќање кон вредностите, принципите и правилата на вистинскиот спорт, на спортскиот Бон-Тон.

Во изминатите месеци, успешно го истрчавме првиот круг посветен на спортскиот бон-тон во Република Македонија. Нашата тркачка стаза мина низ седум многуетнички, многурелигиски и многујазични општини, и индиректно опфати илјадници ученици. Започнавме во Кавадарци. Ги минавме Росоман, Теарце, Дебар, Центар Жупа и Валандово. Денес бевме во Скопје, во општината Аеродром.

bontonzavrshna2Преку овој проект, многу деца разбраа дека улогата на спортот е да зближува, поврзува и интегрира, а не да одвојува и изолира. Многу млади луѓе дознаа дека спортот е пред се игра, забава и рекреација. Дека спортскиот дух значи достоинствен натпревар и меѓусебно почитување. Многу ученици научија дека најдобрата спортска победа е онаа добиена преку фер игра. Дека единствено вредна победа е онаа во која нема поразени.

Спортувајќи заедно, децата разбраа што треба да знаат за другарчињата кои се различни од нив. Дека треба да знаат за нивниот живот, за нивната комуникација и однесување, нивните желби и потреби. Децата преку спортот разбраа што е потребно за вистински да ги запознаат своите врсници, независно од етничката, верската, јазичната припадност.

Преку овој проект ги охрабривме и на дело им помогнавме на спортските работници, на учителите и наставниците да продолжат да ги учат децата на добро спортско однесување. Ги поттикнавме навивачите и клубовите на позитивен начин да ги бодрат спортистите и тимовите.

Ценети присутни,

Пораката на проектот е јасна: Во спортот нема само правила на игра, туку и правила на спортско однесување, како на теренот, така и на трибините. Тие правила важат за сите учесници. Само со почитување и практикување на спортскиот бон-тон, спортот ќе ја исполни својата улога на социјален и меѓуетнички интегратор.

Преку спортскиот бон-тон, му ја враќаме моќта на спортот да поврзува, да промовира ненасилство, почитување и позитивно промовирање на заедничките идеи и вредности.

Трката продолжува понатаму. Ќе ја продолжат илјадниците деца кои беа вклучени во проектот.

Почитувани присутни,

Ако спортскиот терен и трибините се простор за запознавање меѓу децата, тогаш спортскиот бон-тон е јазикот на кој тие можат да се разберат меѓу себе. Затоа, неуморно ќе продолжиме да го промовираме овој начин на градење заедништво и пријателство меѓу луѓето. Тоа им го должиме на нашите деца.

Ви благодарам.

bontonzavrshna3

forumkina1
Македонската економија е отворена кон Кина и кон светот – обраќање на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“
Среда, 23 Октомври 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е, како претседател на Република Македонија, да ве поздравам на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина.

Пред повеќе од 2300 години, Александар Велики на својот поход низ Азија освои нови простори и отвори нови патишта. Како резултат од таа прва историска глобализација, се прошири и се надогради и патот на свилата што им овозможи развој и заеднички просперитет на многу држави и народи низ вековите. Големиот кинески учител Конфуциј вели: „Каде и да одиш, оди со сето срце". Следејќи го наследството на патот на свилата и мудриот совет на Конфуциј, дојдовме во пријателска Кина, во потрага по заеднички просперитет.

Ценети присутни,

Годинава прославуваме 20 години од воспоставените дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Кина е еден од нашите најблиски партнери и нашата соработка постојано се зацврстува и се интензивира на секое поле. Кина е една од 20-те земји со кои остваруваме најголем обем на трговска размена. Позитивното искуство сакаме да се прошири и на другите полиња.

Постојат бројни можности и голем интерес за трговија. Неодамна дознав дека околу 250 милиони кинески граѓани веќе купуваат on-line. Тоа е голема можност за пласман на македонските производи на кинескиот пазар. Сакаме во периодот што следи, соработката меѓу двете економии да го достигне, па дури и да го надмине нивото на политичките релации.

Дами и господа,

Сè има убавина, но не секој ја препознава, вели една кинеска мудрост. Така е и со македонската економија, која нуди одлични можности за инвестирање и бизнис кои само треба да се препознаат и да се искористат.

forumkina2Република Македонија има поволна географска позиција. Низ неа минуваат два пан-европски коридори – Коридорот 8 и 10. Преку Македонија, добивате пристап до 650 милиони потрошувачи во Европа и пошироко. Во услови на глобална економска и финансиска криза, успеавме да одржиме стабилна макроекономскa политика. Македонската економија се одликува со ниска инфлација што во просек изнесува 2% во последните 4 години. Имаме избалансирани јавни финансии, низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Македонската работна сила е млада, образувана, вредна и лојална.

Се вели дека животот е како возење велосипед – ако сакате да останете во баланс, мора постојано да се движите напред. Така е и со македонската економија – неуморно се движиме кон унапредување на бизнис-климата за странските инвеститори. На тој пат направивме суштински реформи. Реформи што на инвеститорите им обезбедуваат повисок профит и зголемена компетитивност во однос на другите компании. Ќе спомнам само неколку од бројните поволности што ги нуди Македонија.

Воведовме ниски и рамни даноци од 10% - меѓу најниските во Европа. Ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда. Имаме ниски даноци за недвижнини од 2-4% Етапно ги намаливме социјалните придонеси за 1/3. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме сите правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори.

Драги пријатели,

Мојата порака до сите вас е едноставна: Македонската економија е отворена кон Кина. Македонската економија е отворена кон светот. За тоа, впрочем зборуваат и глобалните извештаи.

Според глобалното рангирање на Форбс за 2012 година, Македонија се наоѓа на високото 37. место во светот според поволноста за отпочнување бизнис.

Според извештајот на Светската банка "Doing Business", Македонија е петта најповолна дестинација во светот за започнување бизнис.

Три години, Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа.

Две години по ред, Македонија е трет најдобар реформатор во светот.

Дами и господа,

Почнав со првата, и ќе завршам со последната глобализација - глобализацијата на денешнината. Живееме во време кога секоја држава, независно од големината на нејзината територија и бројноста на населението, има можност директно да се вклучи во глобалната трка за профитот. Најуспешни во таа трка се оние држави кои економската зависност ќе ја заменат со економска меѓузависност, кои ќе инвестираат во долгорочен и балансиран раст и развој. Нашите кинески домаќини на дело ја покажуваат посветеноста кон овој пристап. За тоа зборува отвореноста на кинеската економија. Отвореност што се гледа преку „Варшавската иницијатива" за потесна економска соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа. Република Македонија ја препозна и прифати можноста понудена од Кинеската влада за финансирање инфраструктурни проекти.

Ако некогаш патиштата на трговијата и профитот се пробиваа со децении и векови, денес, во дигиталната ера се воспоставуваат за миг. Една мудрост вели: „ако сакаш да патуваш брзо, оди сам; ако сакаш да стигнеш сигурно, патувај со други." Сигурен сум дека компаниите присутни на овој Форум ќе го препознаат мигот и ќе ги искористат извонредните можности на Македонија за профитабилно инвестирање, за одржлив раст и развој. Можност кои ќе ни донесат заеднички просперитет.

Ви благодарам.

forumkina3

VDO1
Обраќање по повод 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и НР Кина
Вторник, 22 Октомври 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам и да се заблагодарам за гостопримството. Честа е дотолку поголема, бидејќи годинава нашите две пријателски држави прославуваат голем и значаен јубилеј – 20 години од воспоставување на дипломатските односи. 20 години пријателство меѓу Република Македонија и Народна Република Кина.
Овој значаен јубилеј ни дава можност да погледнеме наназад и да ги сумираме досегашните резултати. Но, уште поважно, јубилејот ни овозможува да ја проектираме идната соработка меѓу двете пријателски држави.

Почитувани присутни,

Низ годините, нашите билатерални односи се развиваа со различна брзина. Но, како што кажал и познатиот учител Конфуциј „Не е важно колку бавно одиш, важно е да не запреш". Ние не запревме, и, соработката меѓу двете држави денес е на највисоко ниво на развој, како на политички, така и на економски план.

Народна Република Кина е еден од најблиските партнери на Република Македонија. Соработката меѓу нашите две држави бележи тренд на зацврстување и интензивирање, за што зборуваат и се почестите средби на највисоко ниво.

Основата за соработката ја наоѓаме во споделените вредности на двете култури. Денес се наоѓаме во Салата на мирот при Кинеската асоцијација за пријателство со странски држави. Токму мирот и мирољубивата политика се идеја водилка на двете држави. Секоја на свој начин, Република Македонија и Народна Република Кина придонесуваат кон градењето и одржувањето на светскиот мир.

Двете пријателски држави меѓусебно се поддржуваат и на мултилатерален план, во надворешно-политичките активности и кандидатури за меѓународните организации, нивните тела и органи.

VDO2Ценети екселенции,

Како еден од двигателите на глобалната економија, Народна Република Кина денес е инспирација за многу држави во светот. Компетитивноста на кинеската економија, бројните и значајни кинески инвестиции и отвореноста за економска соработка се покажа и со Варшавската иницијатива. Република Македонија ја препозна и ја прифати понудената поддршка од Кинеската влада за развивање на својата инфраструктура.

Можностите за економска соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се неисцрпни. Имаме добри искуства на полето на енергетиката, што треба да се прошири и продлабочи и на другите полиња како што се земјоделието и кинеските директни инвестиции.

Политичката и економската соработка се надополнети со културната соработка. Неодамна имав задоволство да го отворам Институтот „Конфуциј" на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Институт што дополнително ќе ги приближи пријателските народи.

Република Македонија останува да биде сигурен кинески партнер во регионот на Југоисточна Европа. Македонската економија е отворена за кинеските инвестиции. Македонските граѓани остануваат посветени на градењето пријателски врски со кинескиот народ.

Драги пријатели,

Историски гледано се наоѓаме на самиот почеток на билатералните односи меѓу нашите две пријателски држави. Односи кои во иднина само ќе се продлабочуваат и унапредуваат. Посакувам следниот голем јубилеј да го дочекаме со уште поголема соработка и заеднички просперитет за сите нас.

Да живее пријателството меѓу Република Македонија и Народна Република Кина!
Ви благодарам.

VDO3

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 35 од 64