Говори и обраќања
Обраќање на претседателот Иванов на Првата регионална конференција за вмрежување „Биди ментор, промени нечиј живот“
Четврток, 06 Јуни 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува вистинско задоволство да ве поздравам денес на оваа прва регионална конференција за вмрежување на менторските мрежи. Им честитам на организаторите и посакувам уште многу успешни настани и проекти.

Ценети присутни,

Ако генетскиот код се пренесува преку крвното сродство, тогаш професионалниот, вредносниот и етичкиот код се пренесува преку менторството.

Знаењето, искуствата и вештините што сме ги стекнале имаат вистинска смисла само ако ги пренесеме на наредната генерација. Да се биде ментор значи да се служи, да се инвестира дел од себе во генерациите што доаѓаат. Верувам дека токму во тоа се состои вредноста на Македонската мрежа на ментори.

Но, улогата на менторот не е само да го пренесува знаењето, ниту пак само да го објаснува. Менторот треба пред сè да инспирира, мотивира и трансформира.

Ова го знам од лично искуство. Како универзитетски професор, ја имав честа да бидам и ментор на повеќе мои студенти. Знам колку е благородно чувството да се помогне и да се биде сведок на професионалниот, но и на животниот раст и развој на луѓето што ги менторираме.

Можам слободно да кажам дека и како ментор научив неколку работи.

Пред сè, знам дека секогаш е поблагородно да се дава отколку да се прима. Треба да се трудиме да им помагаме на оние на кои им се потребни животни и професионални насоки. Треба секогаш да сме подготвени преку насочување, охрабрување и поттикнување да промениме нечиј живот на подобро.

Плутарх вели дека умот не е сад што треба да се наполни, туку оган што треба да се разгори. Верувам дека луѓето треба да се учат како да размислуваат, а не што да размислуваат. Ако човека го учите што да размислува, тоа води кон бесплодно едноумие. Но, ако човека го научите како да размислува, вие сте создале човек со слободен, отворен ум. Тоа, според мене, е целта на менторот. Да им помага на луѓето да ги отворат своите умови, да размислуваат надвор од кутијата, да наоѓаат нови решенија на проблемите, свесни за претходните искуства.

Верувам дека сите што некогаш имале можност да менторираат ќе се согласат со ставот дека е незаменливо чувството на исполнетост кога ги гледате младите како успеваат. Желбата на секој добар учител е да биде достигнат и надминат од своите ученици.
Речено е дека „успехот не доаѓа како резултат на тоа да се биде 100% подобар од вашата конкуренција, туку од тоа да се биде 1% подобар во сто различни начини". Ако работиме наместо само да сонуваме, ако инспирираме наместо само да поучуваме, ако учествуваме наместо само да припаѓаме, тогаш ќе бидеме пример за идните генерации и ќе понудиме стабилни етички и морални вредности.

Само со посветеност, грижа и трпение ќе ги охрабриме младите луѓе да живеат во согласност со врвните етички вредности. Само така ќе им ги пренесеме животните и професионални принципи, кои подразбираат самодоверба, трудољубивост, почитување на различното мислење, почитување на правилата на играта и развиено чувство на одговорност. Само така ќе изградиме доблесни млади луѓе кои се неопходни во секоја општествена сфера од животот. Во економијата и политиката, образованието и науката, културата и спортот.

За тоа го формирав и Школото за млади лидери, каде што докажани лидери од целиот свет ги споделуваат своите знаења и искуства со најуспешните млади луѓе од секоја генерација. Ангажманот на младите лидери не завршува со школото, туку продолжува во Алумни асоцијацијата – ИСЛАА, која преку својата мисија остава печат.

Дами и господа,

Со менторското вмрежување, земјите од регионот прават уште еден важен чекор за натамошно вклучување и охрабрување на младите жени со претприемачки дух.

Иако станува збор за млада иницијатива, досегашното искуство покажа дека Македонската менторска мрежа гради успешен модел на менторирање. Успехот е секогаш поголем ако се сподели со другите. Тоа е и суштината на ова регионално вмрежување. Ние не треба да се стремиме само кон градење успешни генерации во Република Македонија, туку да инвестираме и да разменуваме искуства со сите земји од регионот.

Драги пријатели,

Иднината е во луѓето кои создаваат физички, материјални и духовни добра. Иднината е во посветените, креативните и иновативните поединци. Но, сегашноста е на одговорните луѓе, ментори. Ве повикувам да им помогнеме и да ги охрабриме, да ги насочиме и да ги инспирираме, да им го олесниме патот до нивното самоостварување. Тоа е најмалку што можеме да направиме.

Со тоа, на самиот крај, посакувам уште многу успешни конференции и вмрежувања, уште многу успешни менторства.

Ви благодарам.

Обраќање на Меѓународната конференција „50 години од скопскиот земјотрес – 50 години европско земјотресно инженерство“
Среда, 29 Мај 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува големо задоволство да ве поздравам во Република Македонија, во Скопје, градот на светската солидарност. Му благодарам на професорот Гаревски и на тимот од ИЗИИС за организирањето на оваа значајна меѓународна конференција и за поканата да бидам покровител.


Ценети присутни,

За неколку недели ќе одбележиме 50 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Само неколку секунди беа доволни да се уништи она што во овој град било создавано со векови. Само неколку секунди беа доволни да збришат цели квартови, да исчезнат цели семејства, да остават зад себе свет во урнатини. Преку ноќ, Скопје, од град на куќи, стана град на шатори.

Но, токму во неволја се познаваат вистинските пријатели. Во екот на Студената војна, скопскиот земјотрес ги сплоти спротивставените страни. 87 држави, многубројни меѓународни организации, пред сè Обединетите нации, и илјадници хуманитарци се вклучија во обновата на разрушениот град. Благодарение на нивната безрезервна помош, Скопје по трет пат во своето постоење се издигна како феникс. Тоа не беше само солидарност со зборови, туку солидарност во акција.


Почитувани присутни,

Скопскиот земјотрес постави еден голем предизвик пред светската јавност. Предизвик што може да се сумира со една, сè уште актуелна дилема: како да се изгради побезбедна иднина за нашите деца.

Вие, експертите од земјотресното инженерство, давате дел од одговорот на дилемата. Разрушеното Скопје стана појдовна точка за земјотресното инженерство во Европа. Од големата трагедија се јави и нова можност.

Затоа, годинава одбележуваме и половина век од европското земјотресно инженерство како израз на човековата решителност. Решителност да се направи сè што е во неговата моќ, да ги спречи или барем да ги намали катастрофалните последици предизвикани од бесот на природата.

Вие сте показател за човековиот стремеж за побезбеден свет. Верувам дека во основата на сето тоа е љубовта. Љубовта кон животот, кон ближните, кон наследеното од предците и наследството за потомството.


Ценети присутни,

Верувам дека вториот дел од одговорот на поставената дилема лежи кај носителите на одлуки.

За три дена во градот на УНЕСКО, Охрид, ќе бидам домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Со тоа ќе заврши едногодишното македонско претседавање со оваа најстара автохтона иницијатива во Југоисточна Европа. И оваа конференција што ја отвораме денес е дел од тој процес.

Со моите колеги, претседателите од регионот, ќе разговараме за тоа што ние, лидерите, можеме да направиме за да изградиме заедници, градови, нации и региони што ќе бидат поотпорни на ризиците од катастрофи.

Што и да одлучиме на Самитот, едно е сосема јасно. Не можеме сами. Неопходна ни е помошта од научната заедница. Неопходна ни е експертизата што вие и вашите колеги ја имате. И тоа за секој ризик на кој е изложен регионот на Југоисточна Европа. И земјотресите, но и пожарите, сушите и поплавите. Во прашање се животите на 140 милиони луѓе. На тоа нè обврзуваат нашите граѓани, нашите деца, кои се нашата иднина.

Цврсто сум убеден дека решението лежи во калењето на функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа. Ќе предложам конкретна соработка на тој план.


Дами и господа,

Само со ваша помош можеме да креираме добри, научно втемелени, применливи и долгорочно одржливи политики. Политики што можат да бидат реално спроведени од надлежните институции на државите.

Позитивен пример за ова се нашите денешни домаќини. ИЗИИС неодамна стана Институт на УНЕСКО од категорија 2, единствен таков Институт на УНЕСКО во светот што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големи земјотреси.

И како што трагедијата на скопскиот земјотрес секогаш нè натажува, така светската солидарност ни дава надеж, нè охрабрува и нè мотивира полесно да ги надминуваме ваквите предизвици.

Денес, на нашиот регион му е потребна солидарност во акција. Но, овој пат, не смееме да чекаме катастрофата да се случи. Мора да дејствуваме превентивно. Едноставно, не можеме да си го дозволиме луксузот на пасивност.

Како покровител на оваа значајна меѓународна конференција, уверен сум ќе придонесе во изнаоѓањето на неопходните практични и применливи решенија на проблемите поврзани со инженерската сеизмологија и земјотресното инженерство. На самиот крај, ви посакувам успешна конференција.

Ви благодарам.

Обраќање на претседателот Иванов на свечената академија по повод патрониот празник на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“
Среда, 22 Мај 2013

Почитувани гости,
Дами и господа,
Ваше преосвештенство,
Ректоре,

Денес сме собрани овде, за повторно да го одбележиме големото дело на двајцата сесловенски апостоли, учители и монаси. Собрани сме за да се потсетиме на историската и епохална мисија на солунските браќа, на св. Кирил и Методиј, големите просветители и копокровители на Европа.

Пред 1150 години, поводот за Моравската мисија на св. Кирил и Методиј било писмото на моравскиот кнез Ростислав до византискиот император Михаило III. Кнезот, настојувајќи да ја осамостои и зацврсти својата држава на која ѝ се заканувала опасност од туѓо свештенство, бил свесен дека на неговиот народ му е потребна богослужба, писменост и култура на народен јазик. Затоа побарал проповедници кои ќе го шират Христовото учење на словенски јазик.

Големиот учен Константин Филозоф или монахот Кирил и братот Методиј ја прифатиле оваа задача од императорот, но искушенијата биле навистина големи. Како тоа да се достигне, кога нема азбука на која би ги превелe најпотребните книги за богослужба? Решија како основа да го земат говорот на Словените од својата околина. Затоа, некаде, 855 година ја создаваат првата словенска азбука, глаголицата која содржи 38 букви. Во глаголицата 24 букви биле по образец на грчката азбука, а другите 14 според гласовниот систем на словенскиот јазик.

Во 863 година, учените браќа пристигнале во Моравија, заедно со своите ученици, меѓу кои и св. Климент Охридски и св. Наум Охридски. Таму отвориле голем број училишта и цркви во кои се ширела просветата на словенски јазик, а биле просветлени и посветени голем број нови учители. Латиногерманското свештенство почнало да ги обвинува за ширење ерес, па затоа Папата ги повикал во неговиот двор во Рим. На пат за Рим, Константин, Методиј и нивните ученици се задржале во Панонија каде ги поставиле темелите на словенската писменост и во оваа земја.

Историјата вели дека пред да пристигнат во Рим, кратко се задржале во Венеција каде Константин, кој бил познат како добар филозоф и оратор, ја оспорил догмата за тријазичниците односно догмата на оние коишто се застапувале за ширење на Христовото учење само на грчки, еврејски и латински јазик.

Освен неколкуте преживеани цитати, не знаеме што сè Константин Филозоф рекол во одбраната на правото на секој народ да зборува на сопствениот јазик. Но, можеме да претпоставиме дека, меѓу другото, се инспирирал и од она што во Делата на апостолите е запишано за одбележувањето на празникот Педесетница во Ерусалим. Како, на Педесетница, секој странец ги слушал апостолите како проповедаат на неговиот сопствен, мајчин јазик. Како придојдените странци во Ерусалим за празникот можеле да ги чујат апостолите како зборуваат за големите дела Божји на нивните јазици.
Не постои појасна и погласна порака од оваа за вредноста на секој еден јазик во очите на Бога. Ова, секако, би ги занемело тријазичниците. Константин успешно ги разбил обвинувањата за ерес, велејќи дека секој народ има право на свој јазик, верувајќи во Христа.

Во Рим во 869 година папата Адријан, го прифатил нивното образложение. Ги осветил словенските книги, што значи дека Римската црква официјално ја признала словенската писменост. Тоа бил историски пресврт во европската култура и цивилизација, бидејќи едновремено се признале и различноста и правото на народите на сопствена култура и идентитет. Набргу по официјалното признание, Кирил се разболел и починал. Базиликата Сан Клементе во Рим, во која се погребани моштите на св. Кирил, и ден-денес е сведоштво за почитта што на светците им ја одаваат словенските народи, европските народи и македонскиот народ.

По смртта на св. Кирил, неговиот брат Методиј ја продолжил започнатата мисија, но бил постојано напаѓан и клеветен од германското свештенство и исцрпен од борбите со нив, од затворите и прогонствата, се упокоил во 885 година.

Па сепак, единаесет века подоцна, едно големо признание за нивното дело дојде на 31 декември 1980 година, кога светиот отец, папата Јован Павле II во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи за копокровители и патрони на Европа.

Не можеме, а да не направиме паралела меѓу Константин Филозоф и еден од стожерите на раната црква – апостолот Павле. Иако меѓу нив се осум века, тие се граѓани на истото царство – Римското односно Ромејското. Двајцата се високо едуцирани. Двајцата се полиглоти. Двајцата се апостоли. Еден на првата црква, а друг на словенството. Но, покрај овие сличности, има уште една суштинска врска што ги поврзува – желбата да им овозможат на народите да го спознаат Христовото учење на нивните сопствени јазици.

Нашиот и сите други народи кои денес ги уживаат придобивките од нивната цивилизаторска мисија, со гордост и почит се сеќаваме на нивното дело. Секоја генерација се надградува на знаењата, чувствата и правата на луѓето, оставени во наследство од претходните генерации. Така и славните ученици св. Климент и св. Наум, стоејќи на рамената на нивните учители – великани, можеа да видат подалеку од другите, и да ни ги пренесат и нам, на Македонците, тие чувства и свест.

Уважени,

Како што велат старите ракописи, јазикот на кој тогаш св. Кирил и Методиј ја превеле Библијата е основата на словенските јазици. Во овој период, периодот на превод на Библијата, се разбира, нивната мисија и исход немаат етнички и национален предзнак. Тие имаат цивилизаторска улога. Затоа не можеме низ денешна етничка односно национална призма да ги анализираме настаните и цивилизаторската мисија од пред 12 века.
Она што го направија светите браќа е еден од првите примери на инкултурација, односно интеркултурно пренесување. Тие пренесоа знаење, не ја наметнуваа својата култура на други народи. Колонијализмот наметнува култура и не води сметка за културата на другите народи. Во денешниот свет на демократијата и човекови права, инкултурацијата е особено актуелна. Идеите за демократија и човекови права се универзални, но нивната реализација е секогаш одредена од културата на секој народ.

Денес, токму од овој собир, сакаме да испратиме една многу важна, цивилизаторска порака. Порака – повик за почитување на човековите права. Повик за почитување на слободата и достоинството на секој народ. Повик за почитување на правото на сопствен идентитет. Почитување на неговиот јазик, писменост и култура. Почитување на името што го означува неговиот идентитет.

Минале векови кога на нашите простори јазиците, во различни империи се почитувале, негувале и развивале, без разлика дали биле пишувани на глаголица, кирилица, латиница или со грчката азбука.

За денешни услови, несфатливо е на просторот од каде е земена основата за сите словенски јазици, да не се дозволува употребата на јазиците кои произлегуваат од таа основа. Да не се дозволува да се учат како мајчини јазици.

Впрочем, на најавторитетен начин тоа го утврдува и извештајот на специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за човекови права, г-ѓата Геј Мек Дугал, објавен во 2009 година. Дозволете ми да цитирам еден извадок:

„Последователни влади имаат опстојувано на политиката на негирање на македонската заедница и на македонскиот јазик... Одговорот на поранешните грчки влади беше да се потисне секаква употреба на македонскиот јазик и на културните активности. Во поново време жестоките тактики имаат престанато, но оние кои се идентификуваат како етнички Македонци сè уште известуваат за дискриминација и заплашување. Тие сметаат дека од круцијална важност за нивното континуирано постоење е да постои почит за нивниот етнички идентитет и различност. Македонскиот јазик не е признаен, не се изучува и на него не се предава во училиштата."

Почитувани присутни,

Ве повикувам уште еднаш да се присетиме на зборовите на големиот учен, Константин Филозоф, еден од великаните – лингвисти, теолози и просветени луѓе на своето време, св. Кирил:

„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или пак е завидлив, па тоа да не го сака?"

Заради тоа што сите луѓе се еднакви пред Бога, јазикот на кој луѓето се молат на Бога му е еднакво мил. И нашиот јазик и нашата света апостолска црква постоела и ќе постои. Ќе постои и ќе се развива без оглед дали одредени тесни кругови, кои имаат светоглед исполнет со омраза и страв од различноста, во некои држави ја признаваат таа реалност или не.

Дами и господа,

И по 1150 години овие зборови предупредуваат и насочуваат. Нè учат и нè инспирираат.

Македонија го чува и го негува делото на светите браќа. Од средновековните фрески, преку храмовите посветени на нив, до името на нашиот најстар универзитет. Македонија ја слави нивната цивилизаторска мисија со слобода, со права и со достоинство и чест за секој свој граѓанин. Таа порака, ве повикувам, да ја понесете со себе, во вашите пријателски земји, блиски и далечни.

Нека е за многу години овој празник.

Ви благодарам.

megureligiskaKonferencija
Очекувам од дијалогот да произлезат конкретни дела - обраќање на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Сабота, 11 Мај 2013

Обраќање на претседателот на Република Македонија, Неговата екселенција, д-р Ѓорге Иванов, на затворањето на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Вистинско задоволство и чест е да ве поздравам вечерва, во Скопје, во Република Македонија, на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Денес ги жнееме плодовите на семето посадено пред една деценија. Семе кое беше посадено со Охридската порака за мир и Дијалогот меѓу цивилизации што го иницираше претседателот Борис Трајковски.

Почитувани присутни,

Се вели дека од преполнетото срце зборува устата, а од нашите мисли зависат нашите зборови и дела. Во последната деценија на 20 век, Балканот служеше како аргумент во корист на тезата за судирот меѓу цивилизациите. Поделбите, изолацијата и конфликтите во овој дел од светот, за жал, беа користени како сликовити илустрации за наводната непомирливост меѓу цивилизациите и религиите.

Пред десет години се случи значајна промена во срцата и мислите на луѓето во нашиот многуетнички и многурелигиски регион. Ако во неодамнешното минато се зборуваше за судир, денес сè повеќе зборуваме за дијалог меѓу цивилизациите и религиите.

Успеавме кон зборовите да ги придодадеме и делата. Во изминатите шест години, Република Македонија организирајќи ги трите светски конференции покажа дека може на заедничка маса да ги донесе различните религии. Како што од мислата произлегува делото, така и од овој дијалог очекувам да произлезат конкретни дела за доброто на нашите деца. Но, соработката, исто како и дијалогот, нема да дојде сама од себе. Ни претстои уште многу работа.

Ценети присутни,

Овој свет не може да се развива без темелните етички и морални вредности вткаени во светските религии. Вредности што упатуваат на големата вистина дека луѓето треба да се однесуваат кон другите онака како што сакаат и другите да се однесуваат кон нив самите.

Тоа ни малку не е лесно во свет во кој сè уште доминира парадигмата на сопството и другоста: јас наспроти ти; ние наспроти вие; нашите наспроти вашите. Разделеност што често е извор на отуѓувањето, исклучивоста и поделбата меѓу народите. Разделеност во која се наоѓа причината за стравот, омразата и конфликтот меѓу цивилизациите и религиите.

Познато е дека основната дихотомија во повеќето светски религии е онаа меѓу доброто и злото. Проблемот настанува кога човекот почнува да го поистоветува злото со друг човек, со друг народ, култура и цивилизација.

Св. Августин вели дека „треба да се сака грешникот, а да се мрази гревот“. Кон тоа јас додавам дека треба да се сака, почитува и вреднува човекот, независно од неговото потекло, неговиот етнокултурен и религиски идентитет. Да се почитува човечкото достоинство на секој поединец. На искривената дихотомија во односот кон луѓето треба и мора да ѝ го спротивставиме пристапот на почитување на различноста.

Македонија има многувековна традиција на ова поле. Во основа на тоа е искуството на нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу религиите. Традиција на соживот и религиска толеранција, што создаде цврсти пријателства меѓу луѓе од различни религии. Македонија е една од ретките европски земји каде православни христијани и муслимани го слават Бога под ист покрив. Тоа се места каде религиите не само што се допираат, туку и просторно и временски се преклопуваат.

Потсетувајќи се на ваквата длабока традиција на Македонија, не се чувствувам пријатно што претставници на Исламската верска заедница за прв пат не учествуваат на оваа конференција. Треба да се комуницира. Сум кажал и повторно ќе кажам: оној што комуницира, тој се интегрира.

Ќе ви дадам уште еден пример. Вечерва се наоѓаме во Музејот на македонската борба. Сите официјални религии беа присутни тука, во центарот на Скопје. И православни христијани, и христијани католици, и муслимани, и Евреи. Во овој микрокосмос на религиски плурализам се роди и израсна мајката на 20 век, Мајка Тереза. Таа тука, во Скопје, го учеше и живееше хуманизмот, толеранцијата и дијалогот. Верувам дека ваквото опкружување ја инспирираше за нејзината благородна мисија.

Дами и господа,

Пред 23 века Диоген со фенерот среде бел ден го бараше човекот. Ние не знаеме дали познатиот циник успеа да го најде чесниот човек. Но, знаеме дека три века по Диоген, преку параболата за добриот самарјанин, Исус Христос даде одговор на прашањето за тоа кој е нашиот ближен.

Нашиот ближен не мора да биде ниту од нашата етничка група, ниту да го зборува истиот јазик, ниту да ги има истите традиции како нашите. Тоа е пред сè милосрдниот човек. Човек кој може да ги победи етничките, религиските и културните разлики за да допре до оној кому му е потребна поддршка. Човек кој е способен да ги надмине предрасудите за да му помогне на другиот, поинаквиот, различниот.

Светите книги на повеќе светски религии потенцираат дека сите луѓе и народи имаат заедничко потекло, и дека треба сите заедно да живеат. Современата наука тоа го потврдува. Верувам, дека сево ова е доволно за да се стремиме кон живот во мир, хармонија и меѓусебно разбирање.

Ние денес искрено сме во потрага по ближниот. Затоа сме и собрани на оваа трета по ред Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Она што нè води не е фенерот на Диоген, туку желбата да им оставиме на нашите деца подобар свет. Свет во кој ќе биде почитувано човечкото достоинство. Свет во кој ќе има слобода на религијата, верувањето.

Сето ова што денес го правиме, во основа се сведува на правилото дека треба да го возљубиме нашиот ближен, како себеси.


Драги пријатели,

Можеби читаме различни книги, и можеби одиме во различни верски објекти. Можеби имаме различни перцепции и сфаќања за природата на Бог. Но сите сакаме дијалог, соживот и толеранција. Сите сакаме нашите деца да живеат во свет ослободен од стравот и неизвесноста.

Нашиот фокус мора да биде на младите, кои се нашата иднина. Токму затоа, на мој предлог, годинава за првпат во рамките на Конференцијата беше организиран и младински форум, посветен на улогата на религиите во создавањето толерантни млади луѓе. Млади за иднината и иднина за младите е моето мото, и воедно главна тема на 11. Форум на дијалогот меѓу цивилизациите. Форум што на 10-годишниот јубилеј од овој вид состаноци ќе се одржи во Струга. Убеден сум дека само така ќе ги подготвиме за живот во нашите плуралистички општества.

Неопходно е заедничко живеење преку почитување на различностите. Независно од етничката, верската или јазичната припадност, потребно е да се грижиме едни за други, за нашите домови, соседства, за нашите села и градови, за државите и регионите од кои доаѓаме. Да се грижиме за соседот бидејќи, ако нему му е добро и ние ќе имаме мир, благосостојба и напредок.

Со тој повик, на самиот крај, ви се заблагодарувам за вашето учество, посветеност и придонес во залагањето за слобода, мир, развој и човечко достоинство.

Ви благодарам.

Постхумно одликување со Медал за храброст за 32 припадници на безбедносните сили на МВР
Вторник, 07 Мај 2013

Почитувани членови на семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи,

Почитувани присутни,

Во годината кога го одбележуваме Денот на македонската полиција, донесов указ за постхумно доделување на Медал за храброст на сите припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кои храбро и пожртвувано ги дадоа своите животи за татковината. Со овој чин го исполнувам ветувањето што го дадов минатата година.

Ова се моменти кога со длабока тага се сеќаваме на нашите херои. Знам дека ние никогаш целосно не можеме да им се оддолжиме на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија. Но, можеме и мораме да им оддадеме почит за нивната голема жртва.

Нивните животи беа насилно и прерано прекинати. Останаа многу големи желби неисполнети, многу важни мигови недочекани, многу години непреживеани. Остана голема болка што сите ние и денес ја чувствуваме.

Но, исполнетоста и целосноста на еден човечки живот не се мери само во годините изминати на овој свет. Се мери и според делата што се направени, обврските што се исполнети, заветот што е оставен во наследство. Делата на нашите херои живеат во нашите спомени и во спомените на блиските и ближните. Сите херои кои ги одликуваме денес ја исполнија врвната обврска кон татковината. Верувам дека тие ги положија своите животи мислејќи на своите семејства, на идните поколенија, мислејќи на Македонија. За тоа сме им вечно благодарни.

Почитувани присутни,

Пред повеќе од една деценија, татковци и мајки останаа без своите чеда. Синови и ќерки останаа без своите татковци, кои храбро ги дадоа своите животи за Македонија.

Премногу боли изгубеното чедо. Премногу боли кога родителот останува без своето дете, сопругата без својот сопруг, а децата без својот родител. Потресно е кога губиме близок, бидејќи губиме дел од себе. Нашите блиски се дел од нас. Без нив, во нас и во нашите животи останува голема празнина. Раните на телото зараснуваат, но раните на душата никогаш не зараснуваат. Тоа се отворени рани кои нè печат додека сме живи.

Колку и да сакаме, колку и да се трудиме, што и да направиме, никој од нас не може целосно да ја оттргне болката од вашите срца. Никој од нас не може да направи вашата тага целосно да исчезне. Но, тука сме за да ви помогнеме, да ве утешиме и да ве увериме дека нивната жртва не беше напразна.

Секој загинат припадник на безбедносните сили е човек со име и презиме. Човек со свој поглед на светот и животот. Секој од нив имал своја приказна, свој сон, свој план за иднината. Сето тоа тие го жртвуваа за татковината, бранејќи ја слободата, независноста и сувереноста на Македонија. Тие загинаа бранејќи го територијалниот интегритет на нашата единствена татковина - Република Македонија.

Затоа денес татковината се сеќава на сите нив. Затоа денес достоинствено им оддаваме почит и признание. Признание за нивната храброст и пожртвуваност. Им доделуваме Медал за храброст.

Почитувани членови на семејствата,

Во овие мигови на молк, кога во мислите навираат сеќавањата како што во очите навираат солзите, сакам да знаете дека вашата болка е и моја болка. Вашата тага е и моја тага. Свесен сум дека нема зборови што ќе го променат тоа. Но, се надевам дека денешниот чин ќе ви даде утеха и гордост.

Вашите ближни не ги дадоа своите животи залудно. Нивната пожртвуваност нè обврзува сите нас да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Република Македонија. Да ги чуваме вредностите за кои се изборија нашите предци. Да ги чуваме слободата, независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина - Република Македонија.

Драги пријатели,

Како претседател на Република Македонија со овие медали за храброст сакам да пратам јасна порака: Македонија никогаш нема да дозволи нејзините херои да бидат запоставени и заборавени! Тие ќе продолжат да живеат во нашиот спомен како храбри синови кои го направија она што татковината во еден турбулентен период го бараше од нив.

Денес, кога македонската полиција достоинствено го одбележува својот ден, со овој чин се потсетуваме на едно трауматично поглавје од поновата македонска историја. Сум кажал и повторно ќе кажам: Сакам и барам овој чин да биде разбран и како симбол на едно ново и поинакво поглавје кое го отворивме и на кое сме целосно посветени. Да ја градиме Македонија како европска држава, со европски вредности, критериуми и стандарди. Македонија како заеднички, мирен и напреден дом за сите, без разлика на етничката, верска или каква било припадност или чувство на припадност. Нивната жртва е најголемиот влог во оваа иднина.

Нека им е вечна слава на нашите паднати херои!

Да живее Република Македонија!

c23
Заедно да ја градиме Македонија - обраќање на гала вечерата во соборната црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто
Недела, 21 Април 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Браќа и сестри Македонци,
 
Огромно е задоволството да се биде денес тука, во пријателска Канада, меѓу своите сонародници и меѓу нашите канадски пријатели. Тука сум да ви пренесам топли поздрави од нашата заедничка татковина Република Македонија.
 
И благодарам на Организацијата Обединети Македонци за ова признание што го носи името на Методија Андонов – Ченто, познат како прв претседател на независна Македонија. Признанието го прифаќам со гордост и чест, не само во мое име, туку и во името на Република Македонија и македонските граѓани, и се она што правиме за заштита, унапредување и промовирање на човековите права.
 
Признанието ми е дотолку помило и позначајно бидејќи е доделено во годината на клучни јубилеи поврзани со човековите права и слободи.
 
Оваа година одбележуваме 65 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, која започнува со констатацијата дека „признaвaњeтo нa врoдeнoтo дoстoинствo, и нa eднaквитe и нeoтуѓиви прaвa нa ситe члeнoви нa чoвeштвoтo сe тeмeлитe нa слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт вo свeтoт.“
 
Пред 60 години на сила стапи Европската конвенција за заштита на човековите права, која служи како инспирација за голем број на механизми за заштита на човековите права низ светот. Пред 15 години беше формиран и Европскиот суд за човекови права во Стразбур - прв меѓународен суд каде европските граѓани можат да бараат заштита на своите права од сопствените држави.
 
Почитувани присутни,
 
Никој и никогаш не смееме да прави компромис кога станува збор за основните човекови права и достоинство. Па така, и ние, Македонците. На тоа не обврзуваат не само меѓународните конвенции и институции, туку и длабоката македонска традиција на соживот. Македонската посветеност кон толеранција и почит на различноста.
 
Вечерва сме собрани во храмот посветен на Св. Климент Охридски, голем народен светител, просветител и преродбеник од 10. век кој преку својата дејност се бореше за правото на народот да зборува, пишува и чита на сопствениот јазик. Може да се каже дека тој, и неговите учители, Кирил и Методиј, се меѓу зачетниците на она што денес го нарекуваме право на образование на сопствен јазик.
 
11 века подоцна, во април 1941 година, кога македонскиот народ сеуште немаше своја држава, и кога се соочуваше со политики на асимилација, токму тоа право на сопствен јазик го бранеше Методија Андонов Ченто со следните зборови: “Не можете ниту Вие, ниту кој било друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде на часовите да зборуваме на својот мајчин македонски јазик, затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца. Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик.“
 
Драги пријатели,
 
Секоја генерација има своја борба. Борбата на св. Климент Охридски беше со неписменоста, незнаењето и духовното и интелектуално слепило. Борбата, пак, на Методија Андонов Ченто беше за слободна, независна демократска македонска држава.
 
Македонците во Република Македонија и надвор од неа денес имаат и знаење и писменост. Имаме и независна македонска држава. Остварено е и духовното обединување на Македонците како дел од една слободна Европа и слободен свет. Навистина се радувам што пријателска Канада е дел од тој слободен свет во кој македонската заедница е почитувана и општествено ценета.
 
Дами и господа,
 
Пред речиси два милениуми, како што се наведува во Библијата, токму преку Македонија Христијанството се прошири во Европа. Денес, одбележуваме златен јубилеј – 50 години од првата македонска црква во Канада. Јубилеј кој е потврда дека вие, припадниците на македонската дијаспора со себе во Канада ги донесовте своите вредности, верувања и традиции, како голем придонес кон оваа прекрасна земја која стана ваша втора татковина.
 
Македонија и Канада споделуваат многу нешта. Споделуваме исти вредности. Двете демократии имаат сличен модел на интеграција без асимилација, модел што подразбира негување на културната, етничката и верската разноликост. Нашите две држави промовираат толеранција и дијалог меѓу граѓаните и меѓу народите во светот.
 
Преку својата посветеност и трудољубивост, вие придонесувате во зацврстувањето на одличните билатерални односи меѓу Македонија и Канада. Сврзувајќи го најдоброто од двете култури, македонската заедница е мостот што ги поврзува двете држави. Ве охрабрувам да продолжите да придонесувате кон добробитта и богатството на канадското општество. Вие сте тие кои во односите меѓу двете земји давате квалитет и содржина. Не заборавајте дека вие сте сликата за Македонија во Канада.
 
Драги пријатели,
 
Како претседател на Република Македонија, среќавајќи се со иселениците каде и да одам, знам дека меѓу државите во светот, Македонија има и пријатели, и партнери и поддржувачи. Но, пред сè, Македонија ја има својата дијаспора, која е нераскинлив дел од неа, исто како што Македонија е дел од животот на дијаспората.
 
Знам дека имаме исти желби и визии за нашата заедничка татковина Македонија. Мојот апел до сите вас е да се обединиме околу мотото: каква Македонија создаваме, таква и ја имаме. А сакаме да имаме побогата, понапредна, европска и евроатлантска Македонија. Од Македонија да создаваме земја отворена за странски инвестиции, напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Ве повикувам заедно да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, критериуми и вредности. На тоа не обврзуваат нашите предци, но, пред се, на тоа на обврзуваат нашите деца, кои се нашата иднина.
 Реков дека вие сте дел од Македонија. Вие живеете со реалноста на Македонија. Правото на глас ви го дозволува тоа.
 
Браќа и сестри,
 
Вратите од нашиот заеднички дом, Македонија, ви се секогаш отворени. Врската меѓу татковината и дијаспората е вредност која треба да се негува. Убеден сум дека таа поврзаност и натаму ќе се одржува и зацврстува.
 
Ви благодарам.

alt

 
Почеток < Пред 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следно > Крај
Страница 40 од 64