 Обраќање на претседателот на Република Македонија, Неговата екселенција, д-р Ѓорге Иванов, на затворањето на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
Вистинско задоволство и чест е да ве поздравам вечерва, во Скопје, во Република Македонија, на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.
Денес ги жнееме плодовите на семето посадено пред една деценија. Семе кое беше посадено со Охридската порака за мир и Дијалогот меѓу цивилизации што го иницираше претседателот Борис Трајковски.
Почитувани присутни,
Се вели дека од преполнетото срце зборува устата, а од нашите мисли зависат нашите зборови и дела. Во последната деценија на 20 век, Балканот служеше како аргумент во корист на тезата за судирот меѓу цивилизациите. Поделбите, изолацијата и конфликтите во овој дел од светот, за жал, беа користени како сликовити илустрации за наводната непомирливост меѓу цивилизациите и религиите.
Пред десет години се случи значајна промена во срцата и мислите на луѓето во нашиот многуетнички и многурелигиски регион. Ако во неодамнешното минато се зборуваше за судир, денес сè повеќе зборуваме за дијалог меѓу цивилизациите и религиите.
Успеавме кон зборовите да ги придодадеме и делата. Во изминатите шест години, Република Македонија организирајќи ги трите светски конференции покажа дека може на заедничка маса да ги донесе различните религии. Како што од мислата произлегува делото, така и од овој дијалог очекувам да произлезат конкретни дела за доброто на нашите деца. Но, соработката, исто како и дијалогот, нема да дојде сама од себе. Ни претстои уште многу работа.
Ценети присутни,
Овој свет не може да се развива без темелните етички и морални вредности вткаени во светските религии. Вредности што упатуваат на големата вистина дека луѓето треба да се однесуваат кон другите онака како што сакаат и другите да се однесуваат кон нив самите.
Тоа ни малку не е лесно во свет во кој сè уште доминира парадигмата на сопството и другоста: јас наспроти ти; ние наспроти вие; нашите наспроти вашите. Разделеност што често е извор на отуѓувањето, исклучивоста и поделбата меѓу народите. Разделеност во која се наоѓа причината за стравот, омразата и конфликтот меѓу цивилизациите и религиите.
Познато е дека основната дихотомија во повеќето светски религии е онаа меѓу доброто и злото. Проблемот настанува кога човекот почнува да го поистоветува злото со друг човек, со друг народ, култура и цивилизација.
Св. Августин вели дека „треба да се сака грешникот, а да се мрази гревот“. Кон тоа јас додавам дека треба да се сака, почитува и вреднува човекот, независно од неговото потекло, неговиот етнокултурен и религиски идентитет. Да се почитува човечкото достоинство на секој поединец. На искривената дихотомија во односот кон луѓето треба и мора да ѝ го спротивставиме пристапот на почитување на различноста.
Македонија има многувековна традиција на ова поле. Во основа на тоа е искуството на нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу религиите. Традиција на соживот и религиска толеранција, што создаде цврсти пријателства меѓу луѓе од различни религии. Македонија е една од ретките европски земји каде православни христијани и муслимани го слават Бога под ист покрив. Тоа се места каде религиите не само што се допираат, туку и просторно и временски се преклопуваат.
Потсетувајќи се на ваквата длабока традиција на Македонија, не се чувствувам пријатно што претставници на Исламската верска заедница за прв пат не учествуваат на оваа конференција. Треба да се комуницира. Сум кажал и повторно ќе кажам: оној што комуницира, тој се интегрира.
Ќе ви дадам уште еден пример. Вечерва се наоѓаме во Музејот на македонската борба. Сите официјални религии беа присутни тука, во центарот на Скопје. И православни христијани, и христијани католици, и муслимани, и Евреи. Во овој микрокосмос на религиски плурализам се роди и израсна мајката на 20 век, Мајка Тереза. Таа тука, во Скопје, го учеше и живееше хуманизмот, толеранцијата и дијалогот. Верувам дека ваквото опкружување ја инспирираше за нејзината благородна мисија.
Дами и господа,
Пред 23 века Диоген со фенерот среде бел ден го бараше човекот. Ние не знаеме дали познатиот циник успеа да го најде чесниот човек. Но, знаеме дека три века по Диоген, преку параболата за добриот самарјанин, Исус Христос даде одговор на прашањето за тоа кој е нашиот ближен.
Нашиот ближен не мора да биде ниту од нашата етничка група, ниту да го зборува истиот јазик, ниту да ги има истите традиции како нашите. Тоа е пред сè милосрдниот човек. Човек кој може да ги победи етничките, религиските и културните разлики за да допре до оној кому му е потребна поддршка. Човек кој е способен да ги надмине предрасудите за да му помогне на другиот, поинаквиот, различниот.
Светите книги на повеќе светски религии потенцираат дека сите луѓе и народи имаат заедничко потекло, и дека треба сите заедно да живеат. Современата наука тоа го потврдува. Верувам, дека сево ова е доволно за да се стремиме кон живот во мир, хармонија и меѓусебно разбирање.
Ние денес искрено сме во потрага по ближниот. Затоа сме и собрани на оваа трета по ред Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Она што нè води не е фенерот на Диоген, туку желбата да им оставиме на нашите деца подобар свет. Свет во кој ќе биде почитувано човечкото достоинство. Свет во кој ќе има слобода на религијата, верувањето.
Сето ова што денес го правиме, во основа се сведува на правилото дека треба да го возљубиме нашиот ближен, како себеси.
 Драги пријатели,
Можеби читаме различни книги, и можеби одиме во различни верски објекти. Можеби имаме различни перцепции и сфаќања за природата на Бог. Но сите сакаме дијалог, соживот и толеранција. Сите сакаме нашите деца да живеат во свет ослободен од стравот и неизвесноста.
Нашиот фокус мора да биде на младите, кои се нашата иднина. Токму затоа, на мој предлог, годинава за првпат во рамките на Конференцијата беше организиран и младински форум, посветен на улогата на религиите во создавањето толерантни млади луѓе. Млади за иднината и иднина за младите е моето мото, и воедно главна тема на 11. Форум на дијалогот меѓу цивилизациите. Форум што на 10-годишниот јубилеј од овој вид состаноци ќе се одржи во Струга. Убеден сум дека само така ќе ги подготвиме за живот во нашите плуралистички општества.
Неопходно е заедничко живеење преку почитување на различностите. Независно од етничката, верската или јазичната припадност, потребно е да се грижиме едни за други, за нашите домови, соседства, за нашите села и градови, за државите и регионите од кои доаѓаме. Да се грижиме за соседот бидејќи, ако нему му е добро и ние ќе имаме мир, благосостојба и напредок.
Со тој повик, на самиот крај, ви се заблагодарувам за вашето учество, посветеност и придонес во залагањето за слобода, мир, развој и човечко достоинство.
Ви благодарам.
|